За нас

Луѓето во Македонија треба повеќе да читаат!

Воден од оваа едноставна идеја, д-р Тихомир Јовановски, пензионираниот професор од Економскиот факултет при УКИМ во Скопје, ја започна приказната на бизнис магазинот „Економија и бизнис“. Првиот број излезе од печат во јануари 1998 година. Бројните подобрувања низ времето, некои од нив по смртта на основачот, го доведоа магазинот до посакуваната цел – да биде премиум производ.

Бизнис магазинот „Економија и бизнис“ е месечник што суштински се разликува од другите медиуми на домашниот пазар. Постојат бројни медиуми што известуваат за тоа што и каде се случило. Но, тоа веќе не е предизвик во модерното време на брз технолошки развој. Всушност, сите сме преплавени од такви информации. Вистинскиот предизвик е да се разбере што значат настаните за сегашноста и за иднината. Тоа е фокусот на „Економија и бизнис“. Во услови кога менаџерското време е многу скапо, ние нудиме селектирани анализи на домашните и на глобалните настани и трендови, како и предвидувања за иднината.

Уредувачката стратегија на „Економија и бизнис“ е водена од позитивниот пристап, од желбата да придонесеме во градење на подобар економски амбиент во земјава, подобар дизајн на економските политики и подобро општество. Магазинот е ослободен од сензациите на дневната политика, намерно бирајќи го потешкиот пат до високи стандарди.

Интегрален дел на стратегијата на „Економија и бизнис“ е изборот на авторите. Магазинот нема класична редакција. Наместо тоа, текстовите се напишани од врвни домашни и странски експерти кои пишуваат за актуелни теми.

Читателската публика се состои од сопственици на бизниси, менаџери од средно до највисоко ниво, дизајнери на економските политики, меѓународната заедница, академската заедница и др. Тие се креаторите на јавното мислење во земјава и оние кои носат одлуки. Дополнително, читатели на „Економија и бизнис“ се и сите оние кои не се од бизнис секторот, но уживаат во интелектуалната димензија на квалитетните текстови за филм, за книга и други неекономски теми.

Ве покануваме да уживате во 120 страници на „Економија и бизнис“.

Back to Top