Е-Б-Ф-Б
ДОГОВОР ЗА АКАДЕМСКА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ ИНСТИТУТ НА ОВЛАСТЕНИ РЕВИЗОРИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И УНИВЕРЗИТЕТОТ АМЕРИКАН КОЛЕЏ СКОПЈЕ


Институтот на овластени ревизори на Република Македонија и Универзитетот Американ колеџ Скопје потпишаа договор за академска соработка. Договорот има за цел страните да соработуваат за создавање на можност за формирање на испитен центар на “Association of Chartered Certified Accountants” (ACCA) во Македонијa како и соработка на полето на обуката, продлабочување на знаењата и разменување на искуства за истражувањата и развојните процеси од заеднички интерес.

„Меѓусебната размена на информации меѓу Институтот и Универзитетот е од особено значење за двете институции.Ние како Институт сме секогаш подготвени да помогнеме во споделувањето на нашето знаење и искуство поврзано со нашата проблематика и тоа да го пренесеме најдобро што можеме на студентите кои се определиле за оваа насока. Особено ми е драго што почнуваме една нова приказна со УАКС, која верувам ќе биде успешна и трајна.“, изјави г-дин Борислав Атанасовски, претседател на Институтот на овластени ревизори на Република Македонија.

„Нашите студенти го одбрале нашиот Универзитет затоа што сметале дека истиот ќе биде нивниот најдобар избор. Ние тоа сакаме да им го потврдиме. Ваквите соработки за нас и за нашите студенти се особено важни за исполнувањето на врвно образованиекое понатаму ќе придонесе во градењето на професионални кадри. Студентите на УАКС, повторно ќе имаат шанса да учат од најдобрите. Се надевам дека соработката со Институтот во иднина ќе ја прошируваме и надоградуваме. Исто така, би сакале да им се заблагодариме на Светската банка и на Центарот за формa на финансиско известување (Center for Financial Reporting Form) од програмата EU REPARIS  - програма за земјите од Западен Балкан, но пред се на компонентата за Образование и развој на кадри (Education and Capacity Development), чии работилници ни помогнаа и не поттикнаа да ја изготвиме академската програма за насоката сметководство и ревизија“, изјави проф. д-р Марјан Бојаџиев, ректор на Универзитетот Американ колеџ Скопје.

Потпишувањето на договорот се одржа на Универзитетот Американ колеџ Скопје, каде беа присутни г-дин Борислав Атанасовски, претседател на Институтот на овластени ревизори на Република Македонија, проф. д-р Марјан Бојаџиев, ректор на Универзитетот Американ колеџ Скопје, претставници од Институтот и Универзитетот, како и претставници на печатените и електронските медиуми на Р.Македонија.

 

*Универзитетот Американ колеџ Скопје е високообразовна институција, основана во 2005 година како еден од малкуте приватни и независни факултети во Македонија. Согласно со својата мисија, Универзитетот се залага за квалитетно високо образование според највисоките европски и американски стандарди. 

Единиците и студиските програми на Универзитет Американ Колеџ Скопје се акредитирани од Одборот за акредитација и евалуација на високото образование во РМ и Министерството за образование и наука на РМ. Во 2011 година, УАКС доби акредитација од американскиот Совет за акредитација на бизнис-школи и програми (Accreditation Council for Business Schools and Programs – ACBSP).

*Со цел промовирање на високи професионални стандарди и за подобрување на квалитетот на ревизорските услуги, овластените ревизори се здружуваат во Институтот на овластени ревизори на Република Македонија како професионално коморско здружување. Членови на Институтот се  ревизори, овластени ревизори, друштва за ревизија и овластени ревизори – трговци поединци. Институтот има статус на правно лице со овластувања кои се утврдени со Законот за ревизија, Статутот на Институтот и други акти.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top