Убава Македонија
ТРИТЕ ЦРКВИ ВО КРУШЕВО

Александар Матески

Иако мало и на голема надморска височина, мултиетничко Крушево долг период во историјата ќе биде цел на различните црковни интереси. Сите народи во минатото оставиле белег во овај мал прекрасен град, град со огромно културно наследство. Еден од начините за најдобро запознавање со соживотот и функционирањето на сите народи во Крушево е преку посетата на главните градски цркви.

Првата црква која задолжително треба да ја посетите е црквата „Свети Никола“. Препознатлива е саат-кулата камбанарија обновена во 1904 година, најстара кула од тој тип која има две функции. Одличната лоцираност на црквата и близината на чаршијата – епицентарот на трговијата и на занаетчиството, довела до адаптирање на камбанаријата и како саат-кула. Таа е редок архитектонски примерок. Понови се оние во црквите во Берово и во Гевгелија, но очигледно е дека крушевската се издвојува по својата убавина. Поставеноста на часовникот на највисоката кула овозможува видливост од секоја страна од градот. Тука се и единствените икони кои успеаја да ја преживеат немирната 1903 година. За жал, иконостасот во црквата, последното дело на маестралниот мијачки зограф Петре Филиповски-Гарката е изгорено во целост. Само споредбата со делата на зографот во црквата „Св. Спас“ во Скопје, во „Свети Јован Бигорски“ итн. може да ја долови величината на делото кое засекогаш e изгубено. Црквата извесен период била упориште на крушевските фамилии кои биле на страната на Патријаршијата.

На само стотина метри оддалеченост се наоѓа и следната црква „Свети Јован“, позната како влашка црква. Во нартексот на црква се изложени фрагменти од фрескоживописот од црквата „Св. Атанасиј“ во с. Локвени од 1627 година. А на горниот кат скриена од очите на јавноста ќе ја видите галеријата на икони и целокупниот алат за работа од зографот Константин од Крушево. Оригиналниот прибор од зографскиот занает е вистинска реткост за целиот Балкан. Тука е и зографскиот прирачник со цртежи од 1802 година. Оние кои сакаат можат да се качат и на камбанаријата и да го доживеат единствениот поглед кон градот. Најпознатата икона во галеријата е „Св. Богородица со Христа“ од 1830 година. Неспорна е врската на оваа икона со сликата „Мајка со дете“ од крушевчанецот Никола Мартиноски. Иконостасот е вистинско ремек-дело, работен со огромна љубов цели 4 години, по кажување на домаќините, повисок и од онај во Бигорскиот манастир, маестрално дело на копаничарот Нестор Алексиев Мирчески. Посебно забележете ги претставите на Тајната вечера и Судењето на Христа пред Кајафа.

Во градот е и црквата „Успение на Пресвета Богородица“ изградена во 1867 година. Од далеку ќе ја забележите прекрасната осмоаголна камена камбанарија.  Уште на самиот влез ќе ве воодушеви прекрасната резбарена влезна врата. Во близина се наоѓа, и по своите димензии најимпресивната зграда во Крушево, старото училиште.  Изградено е во истиот период со црквата, кое на почетокот функционирало како општинска зграда. Училиштето ќе стане централниот расадник од каде што ќе произлезе крушевската интелигенција. Иконостасот во црквата е сочуван. Забележете ги датумите и посветите од крушевските еснафи на иконите. Не ги изоставајте и прекрасните часовници сместени во секоја од црквите, сите подароци од видните крушевски фамилии, а голем дел од нив стари и повеќе од еден век.  

Посетата на Крушево искористете ја и за да ги видите градските маалски чешми, а во самиот центар запознајте се и со бочварството, еден од најстарите занаети кои живееат само уште во неколку градови во Македонија. Во градот е и црквата „Св. Троица“, а во близина се наоѓаат и манастирите „Св. Спас“, „Св. Василије“ и „Свето Преображение“.

Посетата на христијанските храмови ќе ви биде уште едно драгоцено искуство преку кое ќе дознаете многу непознати податоци за Крушево и за неговото богатство.  За поздравување се последните иницијативи за организирано посетување на црквите во Крушево, па ако сакате изворно да ги слушнете легендите и приказните за секоја црква тогаш најдобро е да ги искористите организираните разгледувања на градот

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top