Интервјуа
Зоран Витанов: ИДНИНАТА Е ВО ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО

Зоран Витанов
Претприемач

Ова е прв број на „Економија и бизнис“ во 2017 година. Сакавме да ја започнеме годината со мега интервју посветено на претприемништвото. Зоран Витанов е одличен соговорник на таа тема. Јавноста го запозна преку неговиот политички ангажман, но излезот од политиката е пресвртна точка во неговата професионална кариера. Тој е претприемач, претседател на Асоцијацијата на менаџери на Македонија и мошне инспиративна личност. Држи обуки и мотивациски говори. Каде и да оди зборува пред преполн аудиториум.

 

До пред осум години бевте активно вклучен во политичкиот живот, бевте заменик-министер за економија и пратеник во Парламентот на Република Македонија. Но, одлучивте да излезете од политиката и тоа како да е пресвртна точка во Вашата професионална кариера. Погледнато наназад, со повеќегодишна временска дистанца, беше ли тешко да се напушти политиката, каква поука извлековте од тој потег?

З. Витанов: Да, се согласувам дека тоа беше пресвртна точка во мојата професионална кариера. Од временска дистанца, сега гледам дека тоа ми беше вистинска одлука во вистинско време. Во политиката бев доста активен и посветен. Кога работите со целосна посветеност не е лесно да донесете таква радикална одлука, но од друга страна, кога гледате дека не се остваруваат вашите визии и замисли и имате чувство како да сте со погрешни сопатници на погрешен брод кој плови во непожелна дестинација, тогаш таквата состојба ви олеснува да донесете одлука да ја напуштите таквата политика. Тогаш бев млад и наивен, па верував дека преку политиката можете да ги спроведете своите идеи, верувајќи дека сите околу вас се добронамерници. Сега повеќе не сум наивен, сега сум само млад! (се смее)
Извлеков повеќе поуки:
-Сфатив дека не мора да си во политиката за да бидеш општествено одговорен и корисен. Според резултатите досега, верувам дека сега многу повеќе придонесувам и за економијата, но и за општеството воопшто.
-Исто така не мора да сте во политиката за да креирате јавно мислење.
-Сепак, можеби најважната поука за која не бев многу свесен кога бев партиски определен е фактот дека тогаш размислував со стеги, вкалапено, колективистички, припаднички, да не речам пристрасно и навивачки. Денес, ослободен од тие стеги, автоматски имам поглед на работите од птичја, дури би рекол слободоумно - космополитска перспектива. Денес како поле на дејствување го гледам целиот свет, а тогаш само сопствениот табор, во најдобар случај сопствената држава. Денес критериум на вредност за луѓето ми се нивните компетенции, а тогаш ми беа нивните припадности - партиски, етнички, верски...

ЦЕФЕ Е КРАТЕНКА ОД „КРЕИРАЊЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ПРЕКУ ОФОРМУВАЊЕ ПРЕТПРИЕМАЧИ“. ТОА Е ГЕРМАНСКА МЕТОДОЛОГИЈА ЗА „ПРОИЗВОДСТВО“ НА ПРЕТПРИЕМАЧИ, РАЗВИЕНА ВО ДОЦНИТЕ ОСУМДЕСЕТТИ ГОДИНИ ОД МИНАТИОТ ВЕК ОД СТРАНА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА РАЗВОЈ НА ГЕРМАНИЈА, ВО КОЈА УЧЕСТВУВАЛЕ ЕКСПЕРТИ ОД ОБЛАСТА НА ПСИХОЛОГИЈАТА И НА ЕКОНОМИЈАТА

Би се вратиле ли некогаш повторно назад со некаков нов политички ангажман?


З. Витанов: Иако за сѐ во животот милувам да кажам „никогаш не вели никогаш“, според досега кажаното одговорот се наметнува сам по себе, а тоа е не, особено во ваков политички систем. Пропорционалниот изборен модел наспроти мнозинскиот има две сериозни мани: прво, преферира полтрони во Собранието наместо слободоумни луѓе и второ, преферира погрешен критериум на вредност за пратеници каде што се избираат луѓе по припадност наместо по компетенции. Јас едноставно не се вклопувам во таков систем.

Мислам дека во Македонија политиката е опсесија на преголем број луѓе. Притоа оние што се активно вклучени во политиката генерално тешко се одлучуваат да излезат од неа. Вие сте излегле, јас сум излегол од политиката, но ми се чини дека има релативно малку такви примери кои по свој избор го направиле тоа. Како го објаснувате овој феномен?

З. Витанов: Според мене тоа се должи на слабата економија во државава, која остава првичен впечаток на бесперспективност, па многумина излезот го бараат во политиката каде што црпат средства од Буџетот како сигурен извор на приходи. Oд друга страна, пак, тоа кај мене води кон заклучок дека кај огромното мнозинство на луѓе имаме недостиг на визија и на самодоверба. Затоа тие не се гледаат во претприемничките води, туку попрво би се врзале за Буџетот како „сигурен“ извор на приходи. Ним можам да им порачам дека светската економија е до таа мерка сменета што, всушност, најмногу ризикуваат оние кои бараат сигурна работа.
Сигурноста е новиот ризик!
Светската економија недвосмислено и забрзано сите нѐ турка во претприемништво. Според мене тоа е основната причина зошто во политиката кај нас има недостиг на квалитетни луѓе со визија и со концепт, со чест на ретки исклучоци, се разбира.

Влеговте во претприемничките води и мошне сте активен во неколку области. Да започнеме со ЦЕФЕ. Реализирате обуки со користење на светски позната методологија што се применува во повеќе од 80 земји. Објаснете ни за што поточно станува збор и од каде доаѓа големата популарност на методологијата.

З. Витанов: Јас сум голем должник на ЦЕФЕ како методологија. Мојот живот ја доживеа првата метаморфоза во далечната 1997 година кога присуствував на првата ЦЕФЕ-обука на Балканот. До таа мера сум благодарен на моите ЦЕФЕ-обучувачи, особено на претседателот на ЦЕФЕ Интернационал Еберхард Баренц, што не можам, а да не го споменам. Да не беше ЦЕФЕ, јас немаше да влезам во претприемничките води. ЦЕФЕ е кратенка од „креирање претпријатија преку оформување претприемачи“. Тоа е германска методологија за „производство“ на претприемачи, развиена во доцните осумдесетти години од минатиот век од страна на Министерството за развој на Германија, во која учествувале експерти од областа на психологијата и на економијата. Тогашната Влада на Германија го предвидела распадот на Источниот блок, па со цел да им се помогне на населението, пред сѐ од Источна Германија, почнале со развивање на методологија за обука на претприемачи со цел луѓето поподготвено да влезат во економија базирана на конкурентност каде што претприемничките вештини се од суштинска важност. Денес, по 20 години, ЦЕФЕ Македонија е една од водечките членки во ЦЕФЕ Интернационал. Преку нас се развива ЦЕФЕ на Балканот, наши експерти обучуваат претприемачи, но и нови ЦЕФЕ-обучувачи на сите континенти. Со гордост можам да кажам дека во моментов се при крај преговорите за стратешка соработка со Министерството за образование на Јамајка каде што во наставната програма на „голема“ врата се очекува да влезе и изучувањето на претприемништвото. Главниот курикулум е доверен да го изработи токму ЦЕФЕ Македонија за што веќе во март следува посета на Јамајка. Ништо помалку не е значајна и соработката со Агенцијата за развој на претприемништвото на Чиле! Во август обучивме и нови ЦЕФЕ-обучувачи во Филипини, во Германија... Новиот подмладен тим на ЦЕФЕ Македонија со сигурност ќе постигне резултати со кои сите ние ќе се гордееме!
Популарноста на методата доаѓа оттаму што преку неа се успева да се разбере економијата наместо да се научи. Успеавме економијата да ја објасниме „во круши и јаболка“. Таа веќе не е апстрактна теорија. Ние не произведуваме теоретичари, туку претприемачи со соодветни вештини кои ги правиме поконкурентни на пазарот. Кај нас предавањата се сведени на минимум. Ние немаме ученици, туку учесници. Разликата е во една буква „с“ која суштински ги менува работите. Кога имате учесници тие работат во симулирани ситуации, активни се и учат додека работат. Нашата улога е сменета, па наместо професори и предавачи ние сме само олеснувачи во процесот на учење, а низ искуството учесниците сами доаѓаат до заклучоците. Наместо да ги „тераме“ да научуваат, ние им олеснуваме да разберат.

ПРЕЗЕМЕТЕ ЦЕЛОСНА ОДГОВОРНОСТ ЗА СÈ ШТО ВИ СЕ СЛУЧУВА ВО ЖИВОТОТ. НИКОМУ НЕ МУ СЕ ИЗВИНУВАЈТЕ АКО СТЕ УСПЕШНИ, НО И НИКОМУ НЕМОЈТЕ ДА МУ СЕ ЖАЛИТЕ АКО ПОСТИГНЕТЕ НЕУСПЕХ

Со ЦЕФЕ организирате разни обуки, вклучително и обука за вработување и напредок во кариерата за младите, обуки од отворен тип за бизнис-вештини итн. За кои обуки постои најголем интерес, како се реализираат тие?

З. Витанов: Од досегашното искуство, најголем интерес има кај луѓето со лични амбиции, кај оние кои се стремат кон натпросечен успех во животот, без оглед на нивната возраст, пол, религија и образование. Ние како да сме створени за сите кои бегаат од просечноста, имаат амбиции за личен развој, но не знаат како да го направат тој крупен исчекор во животот. Тие се обично неколкудневни обуки, се реализираат со групи не поголеми од 24 луѓе заради запазување на групната динамика и за да можеме на секој поединечно да му влијаеме за полесно совладување на вештините и на знаењата.

Овие обуки даваат своевидно неформално образование. Во тој контекст, глобализацијата и динамиката на модерното време ја поместија перцепцијата за заемниот однос и за значењето на формалното и на неформалното образование. Како гледате Вие на тоа?

З. Витанов: Јас сум од оние кои веруваат дека формалното образование е така дизајнирано, што го убива претприемачот во нас. Тоа нѐ учи да се претвориме во луѓе со надворешен локус на контрола. Со други зборови, нѐ учи да работиме за друг. Тоа произведува следбеници, а не лидери. Друг ни ги креира предметите и програмата во тие предмети, постојано нѐ оценуваат, што значи ние сме тренирани постојано пред некој авторитет да се докажуваме колку вредиме, со други зборови учителите ни го всадуваат нивното мислење за нас да биде и наше мислење. Потсвесно тоа утре ни ја одредува нашата судбина во животот. Тие нѐ програмираат да размислуваме онака како што размислуваат тие. Овде имам препорака до сите ученици и студенти:
Не дозволувајте нечие туѓо мислење да стане ваша реалност!
Особено не дозволувајте ако е тоа мислење на некој кој на пазарот на трудот не е вреднуван повеќе од просекот. Внимавајте кого слушате! Ако сакате да излезете од просечноста, немојте да слушате некој кој е просечно вреднуван. Затоа јас практикувам неформално образование. Одбирам да учам од оние кои постигнале најдобри резултати во светот во областа во која јас сакам да напредувам и да постигнам врвни резултати. Тоа секогаш функционира и секогаш зависи од мене: јас бирам што сакам да бидам, каков успех да постигнам и од кого да учам. Не дозволувам да ме вкалапи формалниот систем на образование. Ако не работам на сопствените замисли, тогаш со сигурност ќе работам за остварување на нечии туѓи.

Дали формалното образование повеќе е предуслов ако сакате да имате професионална кариера работејќи за некој друг? Мора ли да се има формално образование и колку за да се биде успешен претприемач?

З. Витанов: Ајде да ги видиме фактите: сите најуспешни претприемачи во светот, без исклучок, се без формално образование. Сите до еден си поставиле високи цели и сами си одбрале од кого да учат. Денес никој во приватниот сектор не ви бара диплома, туку вештини кои ќе придонесат за поголем профит. За (не)среќа, само во јавниот сектор се бара диплома, што за мене претставува основна причина зошто не ме привлекува да работам таму. Зошто би останал во средина каде што формата е поважна од суштината? Впрочем, погледнете ги резултатите во јавниот сектор: во Македонија не постои речиси ниедно јавно претпријатие кое не тоне во долгови, дури и кога има монополска позиција на пазарот, а процентот на високообразовани вработени е енормно висок. Во исто време, во тие претпријатија вработените дури и на највисоките раководни позиции речиси и да не знаат што значи поимот неформално образование, со чест на ретки исклучоци. Да скратам: апсолутно не мора да се има формално образование за да се биде успешен претприемач. Кај некои професии секако дека тоа е неизбежно, но во претприемништвото – не. На пример, јас не мора да сум ни лекар, а да не зборувам за примариус, за да отворам приватна болница, но никако нема да си дозволам да не вработам лекари со врвно формално образование. Во ваков случај се согласувам со Вас дека формалното образование е предуслов за градење кариера работејќи за друг. Сепак, овде повторно мене не ми е јасно зошто би работел за друг, а не за себе?

Кога сме веќе кај претприемништвото, каков е Вашиот поглед кон идните светски трендови? Некои зборуваат и за т. н. „револуција на претприемачите“. Дали развојот на претприемништвото е појасот за спасување на македонската економија?

З. Витанов: Сакале ние или не, начинот на кој функционира светската економија нѐ турка во претприемнички води. Светот се менува побргу од кога било порано. Технологијата зема енормен замав, сигурните работни места се намалуваат, а нееднаквоста во приходите сѐ повеќе се зголемува. Сѐ повеќе луѓе работат, повеќе од порано, за помали примања. Вработените имаат сѐ помалку време и сѐ помалку слобода. Ваквата сменета економија неминовно ќе доведе до будење на претприемачот во секој од нас. Еве еден запрепастувачки податок: Во САД, во понеделник наутро меѓу 8:00 и 9:30 часот, бројот на инфаркти се зголемува за 30 %! Луѓето одат на работа која не ја сакаат и работат со луѓе кои не ги сакаат. Поради сѐ поголемата конкуренција на пазарот на трудот, вработените, за да не бидат заменети со некој кој е спремен за пониска плата да одработи со ист квалитет, или дури и подобро, сами доброволно прифаќаат да сработат за помала плата. Големите имиграциски процеси уште повеќе ќе го забрзаат тој процес. Најбрзиот и најефикасен начин да ја работиш работата која ја сакаш со луѓе кои ги сакаш е да станеш претприемач. Наместо да се надеваш дека работите ќе се сменат на подобро, станете вие подобри! И похрабри! Да, како што претприемништвото беше појасот за спасување на Германија по војната, тоа може да биде и за Македонија, особено по штетите што ги претрпевме на тоа поле по распадот на југословенскиот пазар.

Кога зборуваме за ова, колку граѓанинот на Македонија е заробен во менталната матрица дека државата треба да му го бере гајлето? Што и колку може да помогне државата за развој на претприемништвото?

З. Витанов: Според светски познатиот автор Сем Вакнин, Македонија спаѓа во т. н. колективистички општества каде што обичниот граѓанин верува дека семејството, пријателите, соседите и особено државата не само што би требале, туку би морале да му помогнат. Таа помош се сведува најчесто на вработување. Доколку не му помогнат, тој има полно право да им се лути за тоа. Дури и по 26 години од распадот на социјалистичкиот систем, ние сѐ уште не сме разбрале дека улогата на државата е целосно сменета. Кога ние чекаме некој да се сети на нас за да ни помогне, ние се ставаме целосно во состојба да зависиме од добрата волја на екстерен фактор. Зошто сами не би си помогнале? Уште повеќе, зошто ние некому не би му помогнале? Зошто да не се прашам кои вештини ги поседувам кои можат да им бидат од полза на останатите или кои вештини можам да ги подобрам кај себе или дури и да ги стекнам? Разликата во пристапите, всушност, е основната разлика дали ние размислуваме како вработени или како претприемачи. Огромното мнозинство во Македонија сѐ уште размислува колективистички, но исто така според Сем Вакнин, менталитетот во последниот период незапирливо се менува кон индивидуалистички тип на општество. Повторно доаѓаме до истиот заклучок: сакале или не, ќе мораме да бидеме претприемачи, колку порано го сфатиме тоа, толку подобро. Државата нема никаква врска со тоа. Таа не мора да ни помага на претприемачите, само нека не ни одмага. Наместо да нѐ третира како потенцијални криминалци, за промена нека нѐ третира како херои во општеството.

Вие сте и мотивациски говорник, сте зборувале пред голем број слушатели во земјава и во странство. Предизвикувате голем интерес кога држите предавања, сите места во публиката по правило се исполнети. Што е она најсуштинското на кое секој од нас треба да обрне внимание во својот личен развој?

З. Витанов: За ова имам многу да зборувам, но ќе се обидам да бидам краток: не барајте лесен начин, барајте начин како да станете подобри. Натпреварувајте се самите со себе. Не барајте помалку проблеми, стекнете нови вештини. Инвестирајте во себе. Ако не инвестирате време и пари, нема ни да ги имате. За да ви се сменат нештата, вие морате да се смените, не околината. Мои препораки:
-Научете како да се справувате со тешкотии без да се жалите. Големината на луѓето јас ја мерам според големината на проблемот кој ќе ги кутне. Станете посилни, помудри и подобри.
-Научете како да ги препознавате и да ги зграбите шансите во животот. Претприемачите во сѐ гледаат можност, вработените во сѐ гледаат закани.
-Научете како да си ги заштитите плодовите од успехот и тимот кој ве довел до успехот. Сите вредности мора да си ги заштитиме.
-Преземете целосна одговорност за сѐ што ви се случува во животот. Никому не му се извинувајте ако сте успешни, но и никому немојте да му се жалите ако постигнете неуспех.

МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ПОХРАБРО И ПОИНТЕНЗИВНО ДА СЕ СВРТИ КОН ПРОИЗВОДСТВОТО НА ХРАНА И КОН ЕНЕРГЕТИКАТА. ОВДЕ ИМАМЕ МНОГУ ПОГОЛЕМ ПОТЕНЦИЈАЛ ОТКОЛКУ ШТО ДОСЕГА ИМАМЕ НАПРАВЕНО

Во една прилика рековте дека имате зацртано наскоро да станете сопственик на 1 % од акциите на Фудбалскиот клуб Милан од Италија. Што Ви дава верба дека тоа е остварливо?

З. Витанов: Да бидам искрен, тоа не е баш така... Многу подобро е! Веќе не е само Милан, тука се многу познати спортски клубови. Се работи за една неверојатно добра маркетинг-платформа за која ќе треба посебно интервју. Добрата вест е – секој може да се вклучи во ова. Овој тип маркетинг веќе ги смени стандардите и сфаќањата во тој бизнис. Се работи за супер иновативна хибридна комбинација од краудфандинг (crowdfunding) и мрежен маркетинг, двата најголеми позитивни светски бизнис-трендови.

Вие сте и претседател на Асоцијацијата на менаџери. Кажете ни нешто повеќе за нејзините досегашни активности и плановите за во иднина.

З. Витанов: Се собравме група ентузијасти од регионот и од цела Европа кои не бевме задоволни што за економијата одлучуваат оние кои го празнат буџетот наместо оние кои го полнат буџетот. Таа тенденција е негативна на глобално ниво. Политичарите не се покажаа алтруистични и ефикасни. Ние веруваме дека преку асоцијации на менаџери можеме многу да ѝ помогнеме на економијата. Во јуни минатата година го одржавме првиот Конгрес на асоцијациите на менаџерите од Европа. Оваа година во истиот месец во Опатија ќе го организираме и вториот конгрес, овојпат на брод. Ги поканувам сите кои сметаат дека можат да придонесат повеќе за економијата да ни се приклучат. Заедно сме посилни! Македонската асоцијација на менаџери е и соосновач на Асоцијацијата на менаџери на Југоисточна Европа.

На локално ниво, што е она што е добро, а што е она што не е добро кај македонската економија? Што треба да се направи?

З. Витанов: Добро е што полека, но сигурно се подига свесноста кај младите генерации дека иднината е во претприемништвото, а не е добро што претприемачите им оставаат преголем простор на политичарите да носат одлуки за економијата.
Македонија треба похрабро и поинтензивно да се сврти кон производството на храна и кон енергетиката. Овде имаме многу поголем потенцијал отколку што досега имаме направено.

За крај на ова интервју, што би им порачале на нашите читатели?

З. Витанов: Да научат дека сѐ во животот зависи од нив, дека сами си ја креираат својата судбина, дека најголемиот (а можеби и единствен) проект на кој треба да работат се самите тие, дека треба да инвестираат многу повеќе во себе, дека треба да го користат бизнисот за да изградат луѓе, а не да ги користат луѓето за да изградат бизнис и дека среќата е само изговор на неуспешните за резултатот што го постигнуваат успешните.
Секако, да ги следат светските трендови, особено мрежниот маркетинг и краудфандингот!

Ви благодарам за интервјуто.

З. Витанов: Ми беше голема чест.


Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top