Е-Б-Ф-Б
ПРАВНИ ПОСЛЕДИЦИ ОД БРИШЕЊЕ НА СУБЈЕКТИ ОД ТРГОВСКИОТ РЕГИСТАР ВО СОГЛАСНОСТ СО ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ТРГОВСКИТЕ ДРУШТВА

Николчо Лазаров
Авторот е адвокат

Кога се зборува за Законот за трговските друштва (ЗТД) како еден од основните закони или како што вообичаено се вели „Устав“ на економијата, со сигурност може да се каже дека е еден од законите кој најмногу е менуван и дополнуван од неговиот последен интегрален текст, донесен и објавен во Службен весник на Република Македонија број 28 од 2004 година до денес. Но, измената и дополнувањето на ЗТД направени во 2012 година, а објавени во Службен весник на Република Македонија број 166/12 од 26.12.2012 година (дефинитивно заокружени и уредени со измените и дополнувањето објавено во Службен весник на Република Македонија број 88 од 28.5.2015 година), внесе новитет кој за првпат се појави и кој предизвика една сериозна состојба во правниот промет. Имено, со наведената измена се направи дополнување на Законот со неколку одредби, и тоа: 477-а и 552-а кои сами по себе внесуваат новитет во трговското законодавство и претставуваат одредби непознати за трговското право во земјите кои го спроведуваат германскиот и швајцарскиот систем на уредување на правниот статус на трговските друштва, а кои се земени како модел, односно основните принципи за донесување на актуелниот ЗТД. Со одредбата 477-а се воведува нова категорија на субјекти „статус на неактивни субјекти“, а практично се работи за субјекти кои во однос на нивниот деловен потфат се активни и си преземаат трговски активности и се активни во правниот промет, но нивниот однос спрема обврските кон државните органи кои ја контролираат работата на субјектите е неактивна (недоставување годишна сметка и финансиски извештаи и сл.). Додека, пак, со одредбата од член 552-а се предвидува престанок на правните субјекти учесници во правниот промет на начин нестандарден и непознат во теоријата, а уште помалку во праксата. Стандардни начини на престанок на субјектите се: со отворање стечајна постапка, со постапка за ликвидација и со статусни промени (присоединување, спојување и поделба). Заеднички именител на сите овие начини на престанок на субјектите е тоа што секогаш иницијатор за постапките се самите основачи или доверителите. За разлика од нив, со измените со наведените членови тоа сега го прави државен орган, Централниот регистар на Македонија, и тоа по службена должност (ex officio). Ваквиот начин на престанок на субјекти во трговското право (и воопшто во статусното право) не е познат ниту во теоријата, а уште помалку во праксата. Обидот да се најде компаративно право од каде што би се црпело некое искуство заврши со неуспех затоа што ова е оригинерен начин на престанок вграден во закон само во нашиот правен систем. Уште поголем проблем е непостоењето никаква пракса и неподготвеност како на субјектите, така и на државните органи кои се вклучени во овој процес да можат да постапуваат со изедначена пракса и со доследно спроведување на Законот.
Темата сама по себе е обемна и бара длабока анализа, но фокусот на ова истражување ќе бидат повеќе практичните наспрема теоретските причини за бришење на субјектите од страна на ЦРМ по службена должност, особено правните последици од тој акт како од аспект на трговецот поединец, односно трговските друштва, исто така и од аспект на доверителите кои по кој било основ имаат побарување спрема избришаните субјекти.
Основот за бришење на трговските субјекти ЦРМ го црпи од членот 552-б од ЗТД во кој таксативно се наброени причините за бришење на субјектот, односно потребно е да е исполнета една од наброените причини. Па, во согласност со наведената одредба, како основ за бришење по службена должност се наведуваат:
- не доставило (трговското друштво) годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година;
- не пријавило упис на адреса на електронско сандаче за прием на писмена во согласност со член 21, став 4 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на единствениот Трговски регистар и Регистарот на други правни лица и
- по истекот на една година од објавувањето на уписот на веб-страницата на Централниот регистар на Република Македонија за извршен упис на основање во согласност со членот 175 од овој Закон не се внесе/уплати основачкиот влог.
Веднаш по настапување на еден од наброените услови, ЦРМ објавува дека трговецот поединец или трговското друштво се брише од Централниот регистар. Од аспект на процесното право зачудува фактот во која постапка и каква одлука донесува ЦРМ за да може да биде предмет на бришење и на нејзино запишување и да настапат последици какви што настапуваат во согласност со Законот, а кои директно задираат во имотните односи како на основачите, така и на доверителите. Овде дури се отстапува и од уставното начело на правото на жалба или на друг правен лек со кој се обезбедува двостепеноста кога се одлучува за правата на граѓаните. Но, ова го оставаме за дополнително проучување и анализа. Во секој случај, подоцнежните дејства кои им се дозволени на трговците поединци и на основачите на трговските друштва, па и на доверителите не го покриват загарантираното уставно право на задолжителна правна заштита.
Првото официјално бришење на субјекти на ваков начин е направено во почетокот на 2015 година и тоа беше објавено на веб-страницата на ЦРМ, што претставува релативно краток период за да можат да се воочат сите практични проблеми кои се јавуваат во праксата. Но, и за овој краток период се појавија многу проблеми посебно на страната на доверителите кои веќе биле во деловни односи со тие субјекти и се направени должничко-доверителски односи (ДДО). И така веќе тешкотиите што ги имаа доверителите како во доброволната, така и во судската пракса – наплатата – значително дополнително се отежни. Должниците и да сакаат да го подмират долгот на доверителот повеќе не можат да го направат тоа во редовна постапка затоа што субјектот, односно деловната сметка не постои, а по судски пат тие ја изгубија позицијата на пасивно легитимирана страна во конкретен спор. Кога сме кај судската пракса во ваквите случаи судовите направија еден чуден преседан што се коси со принципите на процесната постапка, па наместо да ги „прекинат“ постапките како последица на престанок на субјектите, во некои судски случаи судот именува привремен застапник што од процесно-правен аспект се две различни процесни дејства кои се применуваат во контра случаи.

НО, НА КРАЈ ОСТАНУВА СЕРИОЗНА ДИЛЕМАТА ЗА СТАБИЛНОСТА И БЕЗБЕДНОСТА НА ПРАВНИОТ ПРОМЕТ ОД АСПЕКТ НА ДОЛЖНИЧКО-ДОВЕРИТЕЛСКИ ОДНОСИ, ОДНОСНО ШТО ДА ПРЕЗЕМАТ ДОВЕРИТЕЛИТЕ ВО ВАКВА ПРАВНА СОСТОЈБА. ОВА Е ПОСЕБНА ТЕМА ЗА КОЈА МИСЛАМ ДЕКА ТРЕБА ДА СЕ ПОСВЕТИ ПОСЕБЕН ОСВРТ И ДА СЕ НАПРАВИ СЕОПФАТНО И ОПСЕЖНО ТОЛКУВАЊЕ НА ПОСТОЈНИТЕ НОРМИ

Законодавецот во член 552-а од ЗТД се обидел да понуди некои решенија како да се постапува во дадените ситуации и се обидел на некој начин да ги заштити и двете страни (трговците поединци, трговските друштва и доверителите). Понудената лепеза на дејства, остварување на правата и наплата на долговите, кои можат да ги преземат засегнатите страни, се многу нелогични, долги, макотрпни и неправични посебно од аспект на доверител. Овде се оди до степен доверител за спорови од мала вредност, за сметка на трговското друштво должник, да поведе постапка за ликвидација, па ако не се исполнети условите за неа да бара стечај за што треба да авансира трошоци, кои и самиот не знае кога и дали воопшто ќе ги наплати.
Наведената одредба по својот карактер е процесно и материјално правна со тоа што во неа се предвидени како постапката, така и материјалните услови за престанок, односно бришење на субјектите по основите наведени во член 552-б. Во овој член се дадени сите активности и мерки кои ги презема ЦРМ и заинтересираните лица за водење на овие постапки, што само по себе номотехнички е збунувачки. Па така, при примената на оваа одредба треба да се внимава кое дејство кој треба и во која форма да го преземе за барем во најосновна мерка да се запази законитоста во постапувањето. Постапката за бришење на субјектите од Трговскиот регистар го прави со две дејства, и тоа: прво го објавува настапувањето на услови за бришење на субјект во согласност со член 552-б, се повикуваат надлежните лица да преземат дејство и второ, ако во наведениот рок не се преземат наведените дејства дефинитивно го брише субјектот и бришењето пак го објавува на веб-страницата, а доколку субјектот има имот (движен и недвижен) да го преземат. Но, овде останува отворено прашањето што со „правата“ (во стварно-правна смисла) на имотот кои го имаат субјектите кои се бришат, дали и тие се сметаат во недвижен имот или пак останува недоречено. Постапката започнува со тоа што ЦРМ е должен во рок од 30 дена од настанување на условите за бришење на неактивен субјект и причините предвидени во член 552-б на својата веб-страница да објави соопштение и да спроведе постапка за тоа. Овде останува дилемата и недореченоста на кој начин, кој го известува (односно дали може само врз основа на известување) или дали ЦРМ добива друг правен акт од надлежен подносител утврден со закон за да направи „објавување на соопштение за бришење на субјект“. Одговорот на ова прашање засега е непознат и ќе им останеме должни на читателите доколку се појават такви законски овластувања за нив веднаш да бидат на соодветен начин известени. Понатаму, со објавата на соопштението се повикуваат сите лица кои се заинтересирани и наброени во Законот, а на свој начин се засегнати од таквото дејство на државен орган, да поведат, односно да започнат постапка за стечај во согласност со Законот за стечај, односно ликвидација во согласност со ЗТД. Но, овде не може, а да не се забележи дека и двете постапки се правно неиздржани и нестандардни како институти во трговското право. Имено, овде прво ЦРМ прави бришење на субјектот, па се отвораат наведените постапки, а овие правни институти се, всушност, основ за престанок на субјективитетот и крајна цел за бришење од Трговскиот регистар со сите последици, што во оваа норма е спротивно и обратно. Како законски рок за преземање на овие дејства е триесет дена од денот на објавувањето на соопштението во Службен весник на Република Македонија, а инаку ова соопштение се објавува и во најмалку еден печатен медиум кој излегува на територијата на целата територија на Република Македонија и на националниот радио и телевизиски јавен сервис.
Доколку, пак, во наведениот рок не добие известување за кое било преземено дејство утврдено во наведената одредба, односно добие решенија за отворање стечајна постапка или постапка за ликвидација, Централниот регистар по третпат го објавува бришењето на субјектот на својата веб-страница и пак ги повикува содружниците, односно акционерите да го распоредат имотот. Но, обидувајќи се да се истолкува членот 552-а, став 4 од ЗТД е дадено конфузно нејасно и некомпатибилно решение за целата правна состојба. Ваквата дикција на одредбата наведува на тоа дека по истекот на претходните рокови за поведување постапки за стечај, односно ликвидација, содружниците, односно акционерите доколку има имот можат да го распоредат, односно да го вратат во сопственост само во судска постапка со поведување парница. Но, кога сме на овој терен од процесно-правен аспект се поставува една сериозна дилема: кој ќе биде пасивно легитимиран, односно спрема кого ќе се води постапката? Во овој момент не може да се даде одговор на оваа дилема, а ниту во судовите досега има пракса како ќе го спроведат тоа.
Што се однесува по третиот основ за бришење на трговско друштво, од членот 552-б, став 1, алинеја 3, односно кога е извршен упис на основање во согласност со членот 175 од ЗТД и не е внесен/уплатен основачкиот влог, од аспект на доверителите тие се заштитени. Имено, Законот содржи одредби за вакви правни ситуации и ако во рокот од една година содружникот не ја уплати главнината, одговара лично неограничено и солидарно со целокупниот свој имот. Во судска пракса судовите да направат спојување на овие норми и со логично толкување да го применат Законот коегзистентно и да донесат одлуки да ги задолжат содружниците да го намират долгот од својот личен имот. Иако ова засега е став на првостепен суд, сепак ќе мора да почекаме апелационите судови да се произнесат по ова прашање за да се дефинира судската пракса.
Но, на крај останува сериозна дилемата за стабилноста и безбедноста на правниот промет од аспект на должничко-доверителски односи, односно што да преземат доверителите во ваква правна состојба. Ова е посебна тема за која мислам дека треба да се посвети посебен осврт и да се направи сеопфатно и опсежно толкување на постојните норми, иако во овој текст се понудени некои преодни решенија.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top