Општество
ЕКОТУРИЗМОТ И ЗЕЛЕНАТА ЕКОНОМИЈА

Интервју со м-р Љупчо Јаневски, докторант на Факултетот за туризам во Охрид (Катедра за туризам)

 

Кои се светските искуства и стандарди на полето од екотуризмот?

Екотуризмот е вид туризам кој е интересен за повеќе науки и експерти од различни области како еколози, конзерватори, експерти од областа на угостителството и туризмот, интерпретатори на природно и културно наследство и др. Тој е релативно нов вид туризам, современ, со голема перспектива и претставува важна гранка во туристичката индустрија. Екотуризмот се базира на одговорно искористување на природата и се користи како инструмент за постигнување одржлив развој.
Големиот број активности и содржини кои ги интегрира екотуризмот го прави неговото дефинирање сѐ посложено, но може да се сумираат како секој облик на туризам кој се базира на природата со основна функција набљудување и престој со максимална почит кон природата, традицијата, локалната заедница и културата која преовладува на тој простор.
Задлабочувајќи се во светските искуства на ова поле можеме да издвоиме голем број земји кои преку воведување на екотуризмот како содржина во својата туристичка понуда постигнале големи резултати – Јужна Африка, Танзанија, Боцвана, Зимбабве, Сејшели, Уганда, Кенија, Мадагаскар, Соломонските Острови, Филипини, Фиџи, Непал, Индонезија, Виетнам, Шри Ланка, Коста Рика, Бразил, Белизе, Панама, Боливија, Перу, Мексико, Чиле, Русија, Грција, Германија, Норвешка, Исланд и др.
Посочените земји се карактеризираат со недопрени подрачја, со голем број природни убавини, богат биодиверзитет и културно и историско наследство. Активностите кои ги прават туристите за време на престојот на екотуристичките дестинации се многубројни и варираат во зависност од местото кое го посетуваат и од природните услови.

Каква е состојбата во Македонија, дали веќе постојат структури што би одговарале на дефиницијата за екотуризам?

Република Македонија е земја со одлична географска местоположба и клима погодна за туризам. Историското и културното наследство, многубројните археолошки наоѓалишта и еколошки чистите предели, убавите пејзажи, националната кујна и вино ја прават атрактивна дестинација која нуди добра храна и убава, недопрена природа.
Природното наследство кое е од исклучителна важност за екотуризмот и неговиот развој е препознаено во Македонија од голем број туристи. Македонија претставува ретка композиција во која мошне складно се испреплетуваат голем број високи планини богати со дивеч, пештери, интересни леднички езера, бројни висорамнини, богати и мошне плодни низини, клисури, долини, многубројни атрак¬тивни водотеци богати со риба, како и низата останати помали, но не и помалку атрактивни геоморфолошки облици и форми.
Заштитените подрачја како природно богатство во кои спаѓаат националните паркови, строг природен резерват, предел со посебни природни карактеристики, одделни растителни и животински видови, споменик на природата, повеќенаменско подрачје, претставуваат 8,7 % од вкупната површина на Република Македонија во моментов, а која треба во иднина да биде 11,5 %.

ЕКОТУРИЗМОТ СЕ ГРИЖИ ЗА ВОДЕЊЕ И СМЕСТУВАЊЕ НА МАЛИ ГРУПИ ТУРИСТИ ВО ПРИРОДНИ ОБЛАСТИ СО ИНТЕГРИРАНИ ОБРАЗОВНИ ПРОГРАМИ И ТЕСНА СОРАБОТКА СО ЛОКАЛНОТО НАСЕЛЕНИЕ. ОВОЗМОЖУВА ЗНАЧАЕН ЕКОНОМСКИ БЕНЕФИТ ЗА МНОГУ ЗЕМЈИ, РЕГИОНИ И ЗАЕДНИЦИ, ЈАКНЕЈЌИ ЈА ЕКОНОМИЈАТА НА ЛОКАЛНО НИВО, РАЗВИВАЈЌИ ЈА ЗЕЛЕНАТА ЕКОНОМИЈА, ЗЕЛЕНИТЕ РАБОТНИ МЕСТА И УСПОРУВАЈЌИ ЈА ЗНАЧАЈНО МИГРАЦИЈАТА ВО ГРАДСКИТЕ СРЕДИНИ

Дали постојат на интернационално ниво специфични критериуми за тоа кој туристички објект би одговарал на оваа етикета? Претпоставувам дека заштитата на животната средина би била на висока позиција?

Екотуризмот во својот холистички аспект и поле на дејствување може да се сретне во сите форми на алтернативниот туризам во Македонија. Понудата за екотуризам сѐ уште е скромна кај нас и според мене е стихијно придвижена од побарувачката на туристите. Малиот број сместувачки капацитети во руралните делови на Македонија со еколошки стандарди во овој момент не ги задоволува критериумите за развивање на екотуризмот.
Оваа моментална состојба не треба да ни претставува хендикеп, туку можност и предизвик за создавање долгорочен концепт кој ќе резултира со дополнителна туристичка понуда на екопатеки, екотури, екосместување, хотели со екоѕвездички кои ќе ја нагласуваат грижата и заштитата на природните богаства кои треба да траат и генерации по нас.

Дали се сретнавте со експертите од Франција, кои беа главните заклучоци, кои се пречките за развој на потенцијалот кој, според мене, неоспорно го има Македонија?

Имав можност да остварам состанок со господата Рафаел Трује и Жилберт Мантовани, кои долги години работат на развивање и успешна пракса на полето од екотуризмот. На мое големо задоволство, покрај споделените светски и регионални искуства на полето од екотуризмот, се посочија неколку региони во Македонија кои имаат идеални услови за брзо интегрирање во екотуристичките понуди.
Нивната неколкудневна работна посета на Македонија беше детектирање на можностите и на капацитетите за развивање на екотуризмот кои ги претставија на трибината во Францускиот културен центар пред голем број присутни и нивно активно учество во дебатата. Покрај можностите за екопатеки, набљудување птици, планинарски тури, посета на пештери, националните паркови, здравата храна и традицијата – се заклучи за потребата од активно вклучување на локалното население и нивна обука за еководичи. Со силно интегрирање на сите чинители во туризмот на локално ниво ќе се добијат очекуваните максимални ефекти кои ги нуди екотуризмот во економскиот развој, нови зелени работни места и стопирање на миграцијата.
Тенденцијата за напуштање на концептот од традиционалните одмори кои се стационирани на едно место сѐ помалку се практикува. Динамичноста на работењето наметнува почести и пократки одмори кои најмногу се насочени на посетување непознати дестинации во текот на целата година.
Многу светски истражувања потврдуваат дека најважниот приоритет на туристите претставува зачувувањето на природната околина како „најзначаен елемент во понудата“ при одлучувањето на дестинацијата за патување. Истражувањето покажало дека за дури 97 % од туристите кои зимувале и за 98 % од тие кои летувале природата е најзначајна за нивниот одмор, потоа љубезноста на населението, сигурноста и изгледот на местото.
Оттука за многу брзо време алтернативните форми на туризам на светско ниво ќе генерираат поголем број на патувања и финансиски инпут од масивниот туризам. Потребно е Македонија многу брзо да ги следи случувањата и движењата во туризмот во регионот повлекувајќи конкурентни стратешки потези кои во иднина треба да прераснат во стратегија за развивање на екотуризмот, на одржливоста и позиционирање на Македонија како дестинација за овој тип туризам.

Разговараше Лидија Георгиева


http://ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?id=21755 (прв дел)

http://ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?id=21756  (трет дел)

  

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top