Интервјуа
ЕВРОПА НЕ Е САМО ГОЛЕМ ПАЗАР, ТАА Е ЦИВИЛИЗАЦИСКИ ПРОЕКТ

Н.Е. Кристијан Тимоние
Амбасадор на Франција во Република Македонија

Франција е голем поддржувач на Република Македонија. Со неговата екселенција, амбасадорот Тимоние, разговараме за долготрајните културни врски меѓу двете земји, за поддршката на Франција за реформите во нашава земја, како и за потенцијалот на економската соработка и интересот на француската бизнис-заедница. Се осврнуваме и на регионот на Западен Балкан и на глобалното лидерство на Франција во битката против климатските промени. Не заборавивме да ги спомнеме и македонските вина...

 

Да го започнеме интервјуто со малата анегдота која ми ја кажавте за советникот што му дал мал нотес на еден француски крал за да прави успешно буџетирање. Тоа е мала, но интересна и важна лекција од историјата. Би било убаво да ја споделите со нашите читатели.

Н.Е. К. Тимоние: Гледам дека анегдотата Ви оставила впечаток, како впрочем и мене кога мојот професор по историја ни зборуваше за почетоците на француската држава. Во времето кога Луј XIV одлучил во 1661 г. да ја преземе власта, неговиот главен министер кој е, исто така, татко на нашата индустрија (Колбер), веднаш му дал еден мал бележник за во него секојдневно да ги запишува расходите и приходите, а особено финансиските донации. Бележниците се чувале триесетина години како сведоштво за почетокот на едно ефикасно управување со државата и на големото владеење. Но, едното оди со другото, како што увидел кралот кога неговите грандиозни проекти стигнале до финансиските граници: сè уште вреди да се размислува за оваа лекција на почетокот од секое владеење!

Франција има нов претседател. Изгледа дека господинот Макрон донесе голем оптимизам во француското општество. Во која насока ќе се движи земјата во годините што доаѓаат?

Н.Е. К. Тимоние: Претседателот Макрон го понесе надежта: за реформите што ќе овозможат да се ослободи државната економија од одредени структурни блокади за да се зголеми недоволниот раст и да се создадат работни места за успешна битка против големата невработеност. Постоеше и желба да се зачува европскиот проект во кој Франција има значајна историска одговорност ориентирајќи ги земјите од Европската Унија кон поголема заштита на граѓаните: треба да им се покаже на популистите, преку предлози и заеднички остварувања, дека постои европски патриотизам и вистинска стратегија со заеднички интереси која треба да се брани во доменот на економијата, но и на политички, како и на безбедносен план. Европа не претставува само голем пазар, туку и цивилизациски проект.

МОРА ДА СЕ НАДМИНАТ НАЦИОНАЛНИОТ ЕГОИЗАМ И КРАТКОТРАЈНИОТ ПОПУЛИЗАМ ЗАШТО ВО СПРОТИВНО ЌЕ БИДЕМЕ ПРОКОЛНАТИ ОД НАШИТЕ ПОТОМЦИ ПОРАДИ КАТАСТРОФАЛНИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ ПРЕДИЗВИКАНИ ПРВЕНСТВЕНО ОД СТРАНА НА ЛУЃЕТО

Франција сѐ повеќе станува светски лидер во поглед на новото глобално движење насочено кон намалување на последиците што нашата планета ги преживува, а се предизвикани од климатските промени. Сите мораме да останеме решителни и посветени на успехот на оваа иницијатива. Како ги оценувате шансите за успех на движењето и напорите на Франција во тој поглед?

Н.Е. К. Тимоние: Франција има апсолутна должност да работи на реализација на заклучоците од Самитот во Париз. Мора да се надминат националниот егоизам и краткотрајниот популизам зашто во спротивно ќе бидеме проколнати од нашите потомци поради катастрофалните последици од глобалното затоплување предизвикани првенствено од страна на луѓето. Тоа е обврска која од морален аспект не смееме да ја занемариме бидејќи со тоа ќе доведеме до политички и социјални последици кои би претставувале закана за опстанокот на нашиот континент. Климатските бегалци можат да ја нарушат рамнотежата во светот. Веднаш по конституирањето на Парламентот презедов активности во насока да се забрза ратификацијата на Договорот потпишан во Париз и добив многу охрабрувачки ветувања. Едногласна ратификација на Договорот би бил убав сигнал од македонска страна. „Make our planet great again“, како што кажа нашиот претседател. Сигурни сме во успехот бидејќи тоа е нова можност за економски развој кој се отвора кон земјите кои ќе знаат да го следат тој чекор. Франција дава поддршка преку технички и научни проекти кои веќе се реализираат во голем број земји.

Да се свртиме кон случувањата во Република Македонија. Вие сте мошне активен и Вашето присуство е мошне видливо во очите на овдешната јавност. Дали тоа укажува на зголемен интерес на Франција за случувањата во нашава земја?

Н.Е. К. Тимоние: Многумина во Франција, како и некои други европски земји, искажаа жалење за изгубеното време во земјата која започна добро на својот пат кон Европа: сега пак преовладува чувството дека таа земја продолжува по истиот пат со амбициозна стриктна реформска агенда. Франција со наклонетост ги следи овие напори и ќе им даде целосна поддршка како во европски рамки, така и на билатерален план со оглед на тоа што консолидацијата и развојот на Македонија претставува услов за стабилност и европска интеграција на регионот. Или како што наведе претседателот Макрон по неговиот избор во писмото упатено до претседателот Иванов: „Убеден сум дека Европа нема да биде комплетна без Западен Балкан“.

Република Македонија има долготрајна традиција во однос на франкофонијата. Исто така отсекогаш постои наклонетост кон францускиот јазик. Како ги цените културните врски меѓу двете земји? Што треба да се направи во иднина?

Н.Е. К. Тимоние: Македонија е полноправна членка на Меѓународната организација на франкофонијата во која влегуваат области кои се во полн економски подем, факт што впрочем го сфатија и Кинезите. Таа има голема важност во светски рамки како што се Обединетите нации. Претседателот Иванов, но и новата Влада, сакаат што подобро да го искористат овој елан. Ние ќе ви помогнеме во тоа. Нормално е да се унапреди изучувањето на францускиот јазик во Македонија. Со новата министерка за образование работиме на тоа низ еден особено прагматичен пристап, врз основа на постојните одлични двојазични паралелки кои функционираат во неколку гимназии низ Македонија. Учениците постигнуваат забележителен успех и на меѓународен план, честопати во соработка со универзитети и француски компании кои го препознаваат квалитетот на нивното образование. Францускиот институт во Скопје, француските алијанси во Тетово и во Битола ефективно учествуваат во напорите на Амбасадата за да се создадат нови можности за младите Македонци, вклучувајќи ги и контактите остварени со наши компании за упатување на практиканти што, исто така, овозможува да се создаваат нови работни места. Од наша страна, оваа година ќе отвориме информативен центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за да им помогнеме на студентите во нивните напори и во потрагата по контакти поддржани од франкофонијата.

 АГЕНДАТА 3-6-9 Е ЈАСЕН ПАТОКАЗ КОЈ, АКО СЕ РЕАЛИЗИРА СПОРЕД ПРЕДВИДЕНИТЕ РОКОВИ, ЌЕ БИДЕ ОД КОРИСТ ЗА ДРЖАВАТА ПРЕКУ СВОИТЕ РЕФОРМСКИ ПРИОРИТЕТИ, ОСОБЕНО ВО ОБЛАСТА НА ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО, НА ПРАВОСУДСТВОТО, НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА, КОИ МОРА ДА БИДАТ ДЕПОЛИТИЗИРАНИ И ДА СЕ СТРЕМАТ КОН ПАРТИСКА НЕУТРАЛНОСТ

Неодамна е потпишан договор меѓу Република Македонија и Бугарија. Ова е сѐ уште чувствително прашање за голем број Македонци. Кои се механизмите за надминување на историските чувствителности и градењето заедничка доверба со соседните земји? Какво е француското искуство во овој поглед?

Н.Е. К. Тимоние: Франција го поздрави овој настан кој е резултат на долги преговори и кој во голема мерка се должи на личниот ангажман на претседателите на владите, Зоран Заев и Бојко Борисов. Се работи за солиден и конкретен придонес за стабилизацијата на регионот, со желба да се погледне кон нејзината европска иднина. Покрај историскиот аспект, тоа е исто така чин од економско значење за инвеститорите, кој придонесува за создавање на еден нов бренд, за „ребрендирање“ на регионот кој сè уште се смета за премногу поделен и заглавен во меѓусебна недоверба. Вистинскиот напредок ќе се констатира овде, како и каде било на друго место, низ заемно почитување, признавање на другата страна со сите нејзини разлики и одрекување од сите соништа за „нешто големо“, соништа кои доведоа само до големи катастрофи за народите. Без да се наметнуваат некои историски искуства кои по дефиниција се единствени, може да се најде инспирација во француско-германската соработка или дури и во француско-белгиските односи низ очигледната блискост од јазичен и историски аспект, но без скриени мотиви од каков било карактер.

На политичката сцена кои се најважните чекори што треба да ги направи нашава земја за иднината, кои се најважните реформи што треба да се направат?

Н.Е. К. Тимоние: Агендата 3-6-9 е јасен патоказ кој, ако се реализира според предвидените рокови, ќе биде од корист за државата преку своите реформски приоритети, особено во областа на владеењето на правото, на правосудството, на администрацијата, кои мора да бидат деполитизирани и да се стремат кон партиска неутралност. Со еден збор, реформите треба да бидат донесени во Собранието, а тоа веќе претставува важен чекор во однос на покажаната кохезија, но исто така и на терени преку конкретни реализации. Останува уште многу да се направи во поглед на политичката култура за да се стави јавниот интерес над личните интереси, но исто така во поглед на борбата против корупцијата и фаворизирањето. Оваа борба сè уште секојдневно треба да се спроведува и во рамките на ЕУ, но важно е земјата да напредува во таа област и да остава впечаток дека се работи за политички и економски функционален систем. Потребно е европските граѓани и нивните влади да го почувствуваат овој напредок и влезот на земјите од Западен Балкан да биде во функција на нивната подготвеност да ги споделуваат вредностите, а не само субвенциите или безбедносните гаранции. Исто така мора да се продолжи со дијалогот за да се обноват стабилни и ефективни односи со сите соседи и, се разбира, да се создаде потребната клима преку трпение и заемна доверба, што пак е неопходно за решавање на прашањето за името.

Франција е активна во поддршката на добри проекти во нашава земја. На пример, неодамна градот Скопје доби многу значајна донација од Франција за проект поврзан со квалитетот на водата. Исто така како го оценувате потенцијалот за економска соработка меѓу двете земји? Постои и интерес кај француската бизнис-заедница за средба со претставници на новата Влада на Република Македонија.

Н.Е. К. Тимоние: Изработката на физибилити студија за изградба на пречистителна станица за вода за градот Скопје е навистина од примарна важност. Очекуваме наесен да се одржи меѓународна донаторска конференција за да се обезбеди финансиската платформа. Франција е особено заинтересирана за можностите што ги нуди одржливиот развој на Македонија, со нејзините перспективи во земјоделството, но исто така и третманот на отпадот, потоа транспортот, работите од јавен карактер и туризмот, како голем неискористен потенцијал кој бара материјални и човечки инвестиции преку почитување на животната средина. По Самитот во Париз за Балканот во 2016 година, Франција го засили своето дејствување во однос на регионалното финансирање: Македонија треба да го искористи овој момент дотолку повеќе што новите власти јасно изразија желба да се продлабочат нашите размени. Здружението на француски компании МЕДЕФ (MEDEF) веднаш по формирањето на Владата на господинот Заев изрази желба да го прими новиот премиер за тој да се запознае со француската бизнис-заедница. Продолжение несомнено ќе има, а веќе неколку големи француски компании покажаа нов интерес за земјата очекувајќи резултати од новиот елан што го најавува македонската Влада. Нејзините ветувања во поглед на транспарентноста и на ефикасноста, како и напредокот во борбата против практиките кои се во спротивност со законот се забележани и високо оценети. Имав можност да зборувам во повеќе наврати со заменик-претседателот на Владата, господинот Анѓушев, кој во Трст се сретна со нашиот министер за економија. Има одличен потенцијал за продлабочување на размените. Наесен приоритет на Амбасадата ќе биде да го следи движењето на нашите компании.

ДОКОЛКУ ВИЕ, КАКО ЗЕМЈИ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН, ОСТАНЕТЕ ПОДЕЛЕНИ, ЌЕ ПРЕТСТАВУВАТЕ ТОВАР. НО ДОКОЛКУ ДЕЈСТВУВАТЕ ЗАЕДНО, ЌЕ БИДЕТЕ АДУТ ЗА ЕВРОПА

Гледајќи кон нашиот регион, како би ги сумирале најважните пораки од неодамнешниот самит за земјите од Западен Балкан што се одржа во Трст, Италија?

Н.Е. К. Тимоние: Доколку вие, како земји од Западен Балкан, останете поделени, ќе претставувате товар. Но доколку дејствувате заедно, ќе бидете адут за Европа.

На крајот од ова интервју и две приватни прашања. Имајќи предвид дека доаѓате од Франција, Вие по дефиниција имате рафиниран вкус за вина. Во тој поглед како ги оценувате македонските вина?

Н.Е. К. Тимоние: Кога сакам да изненадам некои француски пријатели без да знаат им давам да пробаат некое македонско вино... Најчесто ми бараат повторно да се напијат од него. Постигнат е неверојатен напредок тука во последниве години, понекогаш и со помош на француски енолози или македонски енолози обучени во Франција и јас сум горд на тоа! Треба да се истакнат различните сорти грозје на ова поднебје, климата и умешноста на производителите. Да, Македонија има убава иднина во оваа област и веќе освои медали на наши натпреварувања. Не се работи за конкуренција, туку за заедничка култура на виното која нè зближува. А вие ги имате вашите единствени ајвар и пинџур како прилог со него!

Одржавте прекрасен говор на македонски јазик на настанот по повод прославата на Денот на француската независност. Дали ви изгледа тежок јазикот?

Н.Е. К. Тимоние: Најмалку што може од учтивост да се направи тоа е да се зборува јазикот на земјата кога претставувате земја која се бори за јазична разновидност, а особено кога се обраќате пред аудиториум кој го сочинуваат највидните претставници на Македонија. Се обидувам да фатам подобра интонација слушајќи го мојот омилен компакт-диск на Тоше Проески „Божилак“, но имам уште да поработам на тој план... Освен тоа би сакал да научам по малку и албански. Секој нов јазик претставува богатство повеќе.

Ви благодарам за интервјуто.


Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top