Општество
ЕДЕН ПОЈАС, ЕДЕН ПАТ - ИНИЦИЈАТИВА ЗА СПАС НА ГЛОБАЛИЗАЦИЈАТА

Мирослав Саздовски
@MirkoSlav

Изминатава година два клучни политички настани го изменија фокусот на светската политичка анализа во т.н. „слободен свет“ и во моментов целокупната политичка јавност е насочена кон следење, анализирање и предвидување на последиците од БРЕГЗИТ и изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, особено нивното влијание врз процесите на глобализацијата. Тоа значи дека практично сите останати политички настани, предизвици или движења завршуваат со анализа на импактот, влијанието и последиците кои врз нив ги имаат овие два настана. И додека светот е фокусиран кон политичките поместувања за тоа кој е следниот лидер и заштитник на „слободниот свет“ (free world), на другата страна од Земјината топка економскиот џин, Кина, ја презеде водечката улога во економската глобализација како најголем заштитник и промотор на слободната трговија (free trade).
За оние кои барем делумно ја следат и ја познаваат поновата кинеска историја ова и не претставува некакво изненадување. Кон крајот на 2014 година Кина стана најголема економија во светот според куповната моќ, а во економските анализи веќе одамна Кина претставува носечка движечка сила на светската економија. На овие страници, точно пред една година, правевме осврт кон ликот и делото на еден од најважните кинески лидери, Денг Сјаопинг. Денг е исклучително важен реформатор кој ја оформи, ja предводеше и ѝ го трасираше патот на модерната кинеска држава. Реформските процеси на Денг Сјаопинг не само што ја извадија Кина од длабока беда, сиромаштија и бесперспективност туку и целосно ја подготвија државата за процесите на глобализацијата. Под негово водство Кина, од радикална и конзервативна комунистичка држава на Мао Цетунг, од аспект на економските постулати, прерасна во една од најкапиталистичките држави во светот. Според постигнатите резултати изминативе неколку децении Кина, заедно со уште некои брзорастечки и извозно-ориентирани азиски економии (Сингапур, Тајван, Јужна Кореја итн.) се сметаат за земји со најголеми придобивки од процесите на глобализација и унапредувањето на слободната трговија. Денес, од друга страна, токму основачите и најголемите заштитници на процесот на глобализацијата, САД и Велика Британија, прераснаа во нејзин најголем предизвик кој претставува закана за натамошниот економскиот подем на Кина и на останатите „азиски тигри“.

ЕДЕН ПОЈАС, ЕДЕН ПАТ
Токму на премисите за придобивките од слободната трговија, за кои Кинезите веруваат дека потекнуваат од нивната култура и традиција уште од античкото време на „Патот на свилата“, во 2013 година лидерот на кинеската држава, Си Ѓинпинг, ја најави големата развојна и инфраструктурна меѓународна стратегија именувана „Еден појас, еден пат“ (ЕПЕП). Иако пред само три години, во тоа време глобализацијата сѐ уште беше „фенси“, а популистичките закани за дезинтеграција се сметаа за несериозни и позиционирани на безбедна дистанца на политичката периферија, па ЕПЕП се сметаше за логична последица на политичкиот „Цајтгајст“. Денес овој проект, неговата реализација, успешност и евентуалните придобивки претставуваат најголема и најважна бариера на противниците на глобализацијата и промотор и заштитник на слободната трговија.
Костурот на проектот „Еден појас, еден пат“ (ЕПЕП) го претставува инфраструктурното поврзување на Далечниот Исток со Европа и со Африка. За таа цел проектот предвидува два клучни коридори кои треба да ја претставуваат основната комуникациска структура на чија основа би се создал целосно нов мултилатерален економски и политички интегративен потенцијал. Едниот, наречен „Економски појас на патот на свилата“, предвидува неколку рути на копнено поврзување на Истокот и на Западот со што ќе се создадат услови за подлабоко економско, политичко и културно интегрирање на преку 50 држави кои се наоѓаат околу реонот на античкиот „Пат на свилата“. Покрај економскиот појас, стратегијата предвидува и развој на посебен морски коридор наречен „Морски пат на свилата“ кој предвидува потесна соработка и изградба на инфраструктурни објекти со цел морско поврзување на Кина со Океанија, со Јужна и со Југоисточна Азија, со Африка и на крајот со Јужна и со Југоисточна Европа. Заедно морскиот пат на свилата и земјениот економски појас ја формираат иницијативата „Еден појас, еден пат“. Иако во својата примарна, инвестициска фаза се работи за инфраструктурен проект за поквалитетен, за побрз и за поевтин транспорт, во неговиот поширок опфат се работи за многу поширок економски, цивилизациски и геополитички проект инспириран од Маршаловиот план спроведен во Европа по Втората светска војна, чија цивилизациска придобивка се очекува неколкукратно да ја надмине економската и трговската придобивка. Имајќи предвид дека проектот е отворен, инклузивен и неограничен, неговиот целосен габарит никој не може прецизно да го процени. Сепак, според кинеските проценки, за целосно спроведување на ЕПЕП се очекува до 2030 година да се инвестираат меѓу четири и осум илјади милијарди долари.

КИНЕСКО - ПАКИСТАНСКИ ЕКОНОМСКИ КОРИДОР (КПЕК)
Иако формално повеќе претставува претходница отколку составен дел од ЕПЕП, Кинеско - пакистанскиот економски коридор (КПЕК) е проект кој е навлезен во длабока фаза на реализација, а кој најсликовито може да го отслика импактот што ЕПЕП може да го има врз земјите кои се вклучени во неговата реализација и низ кои треба да поминат коридорите. Со проценета вредност од преку 50 милијарди долари, КПЕК предвидува мрежа од: автопати, железнички пруги, станици и останати придружни инфраструктурни објекти низ целата должина на Пакистан, од границата со Кина до пристаништата во Гвадар и Карачи на Индискиот Океан. Преку оваа, релативно кратка рута (нешто повеќе од илјада километри), Кина практично ги спојува двата коридора на ЕПЕП отворајќи алтернативен и многу пократок пристап до морски пат за своите западни провинции. Но, покрај инвестициите во земјен транспорт, поголемиот дел од средствата наменети за КПЕК се однесува на инвестиции во т.н. специјални економски зони, аеродроми, пристаништа, гасоводи, нафтоводи, термоелектрични централи, фотоволтаични електрични централи, информациски автопати и исполнување на сите останати основни економски предуслови кои треба да обезбедат „замаец“ за брз развој на пакистанската економија. Натаму планот предвидува интервенција директно во бизнис сферата: инвестиции во земјоделие, во образование, соработка во делот на науката и на технологијата, на безбедноста и на сите останати форми на поблиска соработка меѓу Кина и Пакистан. Всушност, Кина во моментов спроведува мини Маршалов план во Пакистан кој треба да ги покаже целисходноста и придобивките за земјите кои ќе се вклучат во ЕПЕП.

ЕВРОПА – ДРУГИОТ КРАЈ НА ЕПЕП
Тргнувајќи на 3 јануари од Источна Кина, поминувајќи преку 12 илјади километри низ Казахстан, Русија, Белорусија, Полска, Германија, Белгија и Франција, на 18 јануари за прв пат еден товарен воз пристигна директно од Кина до Лондон. Иако повеќе како симболичен подвиг, овој настан испрати силна порака за целта на новиот „Пат на свилата“. Исто како и во антиката, ЕПЕП треба да обезбеди поврзување на Истокот и на Западот во секоја смисла на зборот. Најпрво како олеснување на економската размена и поттик за унапредување на слободната трговија, а натаму и како цивилизациско и културолошко поврзување на Истокот и на Западот. Покрај овој симболичен подвиг, Кина веќе сериозно работи на оформување на европскиот дел од ЕПЕП. Најпрво, пред една година, Кина го купи најголемото грчко пристаниште во Пиреја, Атина, а веќе покажува нескриена намера да го купи и второто по големина пристаниште, Солунското. Пред некое време дури и кај нас стана актуелен железничкиот коридор Север – југ што треба да ги поврзе најпрво Букурешт со Белград (договорот за соработка се потпиша пред околу шест месеци), а потоа Белград преку Скопје (и/или алтернативно преку Софија) со Солун. Овие рути претставуваат продолжеток, хаб на новиот морски пат на свилата кој, како крајна цел, треба да обезбеди поврзување на пристаништата во Егејското Море со Источна и со Централна Европа. При остварување на оваа соработка Кина ја спроведува својата економска доктрина пошироко од само изведба на транспортните рути: кинеските компании веќе ги купија најголемите железари на Балканот во Смедерево; кинеските енергетски компании веќе управуваат со најголемите термоелектрани во Унгарија; кинески конзорциуми обезбедија кредити и изведба на најголемите инфраструктурни проекти во Македонија; дел и од нашите железари беа и веројатно сѐ уште се предмет на кинески интерес итн. Всушност, иако сѐ уште неагресивно, трпеливо и внимателно, кинеското присуство во Источна Европа се спроведува веќе подолго време.


Мапа на Теоријата на Срцевијата на Халфорд Макиндер

ГЕОГРАФИЈА, ГЕОПОЛИТИКА
Халфорд Макиндер е истакнат научник - географ чие капитално дело издадено во 1904 година, „Географскиот стожер на историјата“, во кое ја објаснува неговата Теорија за Срцевијата (Heartland Theory), претставува една од основите за прифаќањето на географијата како носечки фактор во анализата, во експликацијата и во предвидувањето на политичките движења или геополитиката. Според Мекиндер, во геополитичка смисла, светот е поделен на неколку региони. Првиот, и според Мекиндер, најголемиот и најважниот регион е наречен „Светските Острови“ во кој спаѓаат трите континенти Европа, Азија и Африка. Натаму е вториот регион наречен „Островите покрај брегот“ каде што спаѓаат географските островите околу, вклучувајќи ги Велика Британија и Јапонија. На крајот е третиот регион наречен „Оддалечени Острови“ каде што спаѓаат Северна и Јужна Америка, Австралија и Океанија итн. Поради разни фактори како што се концентрација на население, расположливост на ресурси, географски граници итн., во својата теорија Мекиндер заклучува дека контролата на „Светските Острови“ (Азија, Африка и Европа) го претставува главниот клуч за контрола врз светот. Натаму, за да се управува со регионот на „Светските Острови“, потребно е да се има контрола врз т.н. средишна земја или центарот на земјата кој тој го нарекува „Срцевија“ (Хартленд). Овој регион, поради разни географски, антрополошки и историски предиспозиции, се наоѓа меѓу реките Волга и Јангце, источно и западно, како и Хималаите и Арктичкиот Океан северно и јужно. Подоцна, во дополнувањето на својата теорија, Макиндер зборува за најтесниот регион на Источна Европа каде што го гледа клучот за контрола на т.н. „Срцевија“, што претставува предлабоко навлегување во неговата теорија за потребите на оваа анализа. За релевантноста на оваа теорија говори фактот што таа долго време беше основа за креирање на геополитичките доктрини во минатиот век, особено оние поврзани со блоковската поделеност и Студената војна. Подоцна, со рушењето на Берлинскиот ѕид, особено со засилувањето на процесот на глобализацијата, оваа теорија практично ја изгуби својата смисла имајќи предвид дека размената, транспортот и поврзаноста ги отфрлија географските бариери и ограничувања кои претставуваа постулати на Теоријата за Срцевијата. Во тоа, секако, најмногу помогна брзиот процес на глобализација кој буквално, барем за кратко, ги сруши сите постоечки светски бариери на комуникација.

ДЕНЕС КИНЕЗИТЕ НАВИСТИНА ГИ ЖИВЕАТ НАЈИНТЕРЕСНИТЕ ВРЕМИЊА ВО СВОИТЕ ИЛЈАДАЛЕТИЈА. И ТОА, НЕ ВО ИРОНИЧНА СМИСЛА КАКО ШТО БЛАГОСЛОВОТ НАЈЧЕСТО СЕ УПОТРЕБУВА, ТУКУ ВО БЛАГОРОДНА И ВО ПОЗИТИВНА СМИСЛА – КАКО ЗАШТИТНИЦИ НА ЕДНА ОД НАЈВАЖНИТЕ СВЕТСКИ ЦИВИЛИЗАЦИСКИ ПРИДОБИВКИ – СЛОБОДНАТА РАЗМЕНА

Сепак, последните настани кои ги спомнавме на почетокот имаат силно влијание и врз обликувањето, значењето и последиците од ЕПЕП. Заканата за раскинување (неспроведување) на Транспацифичкиот договор, запирањето на процесите на глобализација воопшто меѓу Америка и земјите од Далечниот Исток, напуштањето на Велика Британија на ЕУ, заканата од популистичките крила во други европски земји за напуштање на единствениот пазар и валута, ревизијата на интерамериканската соработка меѓу САД, Мексико и Канада итн. претставуваат пресвртни точки од кои ќе зависи и влијанието и моќта на ЕПЕП. Токму контролата на комуникациските рути и ресурсите претставува основа за Теоријата за Срцевијата, па дезинтеграциските процеси кои се длабоко навлезени во западните општества му препуштаат далеку поголемо влијание на ЕПЕП како носител на процесите на глобализација и со тоа влијание на кинеската држава врз светската геополитика. Тоа секако не значи дека во блиска иднина се очекува Кина да завладее со светот, тоа е веќе напуштена политичка логика, но сигурно се очекува преку ЕПЕП и воопшто преку предводење на процесот на глобализација водечка улога на кинеската политика врз светските текови. Во таа смисла, бројни аналитичари во моментов се навраќаат на постулатите на Мекиндер при експликација и предвидување на идните политички текови.
Без разлика дали благословот „да живееш во интересни времиња“ навистина потекнува од кинеските народни мудрости, денес Кинезите навистина ги живеат најинтересните времиња во своите илјадалетија. И тоа, не во иронична смисла како што благословот најчесто се употребува, туку во благородна и во позитивна смисла – како заштитници на една од најважните светски цивилизациски придобивки – слободната размена.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top