Интервјуа
Рената Дескоска: СРЕДСТВАТА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО ЌЕ СЕ ТРОШАТ ПРАВИЛНО И СПОРЕД УТВРДЕНИ ПРИОРИТЕТИ


Образованието е еден од столбовите на долгорочниот развој на една земја. Без квалитетно образование немаме шанси да успееме. Затоа е многу важно да слушнеме од д-р Рената Дескоска, новата министерка за образование, какви се нејзините погледи за некои од клучните прашања во образованието. Очигледно, претстои многу работа...

 

Како министер за образование, кои се Вашите први импресии за Министерството на чие чело застанавте?

Р. Дескоска: Образованието е еден од најзначајните ресори чии политики директно влијаат на иднината на секоја земја. Сите ние сме на некој начин засегнати од она што се случува во образованието. Во овој ресор се ставени премногу надлежности од различен тип, од креирање политики за наставни програми преку акредитации на училишта и факултети до капитални инвестиции. За жал, административната поставеност во Министерството е несоодветна да одговори на сите предизвици кои постојат во образованието. Ситуацијата е полоша одошто очекував, што е дополнителен предизвик за посилен ангажман за надминување на наследените проблеми.

Образованието е еден од клучните столбови за долгорочен одржлив развој на една земја. Но, за да се развива правилно образованието потребна е соодветна финансиска поддршка. Историски гледано колкави се расходите за образование и наука во Република Македонија набљудувани како процент од БДП? Во тој поглед, што покажува споредбата со светот?

Р. Дескоска: Одвојувањата на средства за образование покажуваат надолен тренд во изминативе години. Така, на пример, вo 1990 година 5,9 % од БДП се издвојувало за образование и наука, а во 2016 година тоа изнесува 3,98 %. Во 2013 година, расходите на Република Македонија за образование од 4,1 проценти од БДП беа највисоки во регионот, но тие средства биле нерационално потрошени бидејќи показателите на успешноста во образованието беа под регионалниот просек. Светската банка во своите анализи укажува дека резултатите во образованието можеле да бидат постигнати и со помали средства, што укажува на лошите политики и приоритети во кои се вложувало. Инаку, споредено со поразвиените земји, Исланд за образование издвојува 7,8 % од вкупниот БДП, Шведска 7,3 %, Норвешка 7,3 %, Финска 6,8 % итн. Уште попоразително е што средствата кои се издвојуваат за наука се многу скромни и минатава година изнесувале 0,11 %. Несомнено е дека врската меѓу економијата и образованието и науката е исклучително значајна – колку повеќе една држава вложува во наука и образование, толку повеќе вложува во иднината на своите граѓани. Но, од особено значење е правилно да се искористат тие средства и да се одредат приоритетите во образовните политики.

ДА, ДАВАЊЕТО БЕСПЛАТНИ УЧЕБНИЦИ НА УЧЕНИЦИТЕ ТРЕБА ДА ПРОДОЛЖИ. ВО УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Е УТВРДЕНО ДЕКА ОСНОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ Е ЗАДОЛЖИТЕЛНО И БЕСПЛАТНО. КОГА ВОВЕДУВАТЕ ОБРСКА, ТОГАШ ТРЕБА ДА СОЗДАДЕТЕ И УСЛОВИ ЗА НЕЈЗИНО ОСТВАРУВАЊЕ

Какви се трендовите во поглед на бројот на ученици и наставници во основните и средните училишта? Дали движењата упатуваат на потреба од одредени мерки?

Р. Дескоска: Намалувањето на наталитетот и иселувањето од земјава се рефлектира и на бројот на ученици кој е во опаѓање. Па така, ако во учебната 2011/12 година имало 199 546 ученици во основните училишта, минатата учебна година тој број изнесувал 190 714. Од друга страна, бројот на наставници се зголемува. Ако во учебната 2012/13 во основните училишта биле ангажирани 15 686 наставници, минатата учебна година таа бројка е 16 180. Но, наспроти очекувањата, зголемувањето на бројот на наставниците во однос на бројот на ученици не донесе подобрување на квалитетот поради влијанието на други фактори во образованието.

Врвен приоритет на образовниот процес мора да биде квалитетот. Како да се направи тој толку потребен исчекор каде што главната задача за учениците нема да биде да меморираат туку да ги разберат концептите? Во тој контекст, што планирате да направите со содржината на учебниците? Ќе се менуваат ли наставните програми?

Р. Дескоска: Реформите на наставните програми и содржините на учебниците се едни од клучните приоритети. Искуствата покажуваат преоптоварени ученици кои учат од несоодветни учебници, честопати обременети со непотребни податоци, понекогаш и со грешки и методолошки неприлагодени на возраста и на интересите на учениците. Потребни ни се програми и учебници кои ќе го поттикнат размислувањето на учениците и ќе ги натераат да ја спознаат „големата слика“, да ја видат „шумата“, а не само „дрвјата“, кои ќе ги поттикнат да извлекуваат заклучоци и да стекнуваат применливи знаења. Тоа е вистинскиот предуслов и мерило за квалитетно образование.

Дали постои подготвеност при изработката на наставните програми да се направи суштинско поместување и гласот на бизнис-заедницата да се вгради во образовниот процес во земјава?

Р. Дескоска: Реформите во наставните планови и програми треба да придонесат во создавање млади луѓе кои по завршувањето на средното или високото образование ќе бидат компетитивни на пазарот на трудот. Во Македонија почнати се одредени реформи во средното стручно образование, кои не биле добро координирани меѓу неколкуте институции во областа на образованието. Во рамките на тие реформи се создавани многу стручни профили за кои не постојат соодветни услови за пракса и нагледна настава, а биле преземани обврски за имплементирање на новите програми во кратки рокови. Овогодинешните уписи покажаа дека стручното образование не го привлекува доволно вниманието на учениците. Во постојната законска регулатива постојат можности за учество на бизнис-заедницата во креирање политики во образованието. Значи „вратата е отворена“. Јас очекувам суштинско учество, а не формална претставеност на работодавачите во креирањето политики во образованието.

Една од првите мерки на новата Влада беше укинувањето на екстерното тестирање. Зошто укинување, а не соодветна суштинска промена на системот? Со кој механизам ќе се обезбеди сега објективно и воедначено оценување на учениците во целата земја?

Р. Дескоска: Екстерното тестирање беше механизам кој не претставуваше никакво мерило на знаењата на учениците и квалитетот на образованието. Тоа беше концепт кој се вклопи во тоталитарната матрица на владеењето на претходната власт. И кога тоа беше препознато, кога исплива на површина незадоволството и на учениците и на родителите и на наставниците, се направија обиди за негово менување, но ниедна од тие промени не даде никакво подобрување во очекуваните резултати. И затоа беше нерационално да се менува овој концепт кој од самиот почеток беше погрешно поставен. И затоа се одлучивме за негово укинување, а не за негово менување. Секако дека механизам за евалуација на квалитетот на образованието треба да постои. Но, нашата опција е тоа да биде систем заснован на награди, а не на казни.

ДОДАТНАТА НАСТАВА НАМЕНЕТА ЗА ДОБРИТЕ УЧЕНИЦИ НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ФОРМАЛНОСТ. ЌЕ ГИ ОХРАБРУВАМЕ НАСТАВНИЦИТЕ ДА СЕ ПОСВЕТАТ НА ТАЛЕНТИРАНИТЕ УЧЕНИЦИ, ДА ИМ ПОМОГНАТ ДА ГИ РАЗВИЈАТ СВОИТЕ СПОСОБНОСТИ И ДА ГИ СТИМУЛИРААТ ДА УЧЕСТВУВААТ ВО НАТПРЕВАРИ ПО ЗНАЕЊЕ

Ќе продолжи ли практиката на учениците да им се даваат бесплатни учебници?

Р. Дескоска: Да, давањето бесплатни учебници на учениците треба да продолжи. Во Уставот на Република Македонија е утврдено дека основното образование е задолжително и бесплатно. Кога воведувате обрска, тогаш треба да создадете и услови за нејзино остварување.

Најновото ПИСА-тестирање (PISA) покажа колку лошо сме рангирани во однос на другите земји. Сепак, барем имаме јасна стартна точка за реформа на средното образование. Што се планира на тој план?

Р. Дескоска: Анализата на ПИСА-тестот дава поразителни показатели според кои Македонија е на 68. место од 70 земји. Тоа значи дека две третини од младите во земјава, на возраст од 15 години, имаат потешкотии со читање и разбирање и проблем со математички операции и природни науки. Од таа појдовна точка ќе тргнат и реформите во наставните планови и содржини.

Се планираат ли во Министерството некакви новости во поглед на талентираните ученици?

Р. Дескоска: Планираме да формираме Центар за талентирани ученици во кој ќе се работи со децата кои покажуваат талент во одредени области и ќе се подготвуваат за натпревари. Исто така ќе следуваат и измени на Законот за ученички стандард со кои ќе се отвори можност Министерството да даде финансиска поддршка за учество на талентираните ученици на релевантни меѓународни натпревари и олимпијади. Размислуваме и за стимулирање на наставниците да ги препознаат талентираните ученици и да работат со нив. Додатната настава наменета за добрите ученици не треба да биде формалност. Ќе ги охрабруваме наставниците да се посветат на талентираните ученици, да им помогнат да ги развијат своите способности и да ги стимулираат да учествуваат во натпревари по знаење.

Кај високото образование, како да дојдеме до таму барем еден државен универзитет од Македонија да биде во топ 1 000 на Шангајската листа? Таму се рангирани универзитети од Белград и од Љубљана.

Р. Дескоска: За да добиете добро рангирање на универзитетите треба да создадете можности професорите да ги исполнат критериумите кои придонесуваат за подобро рангирање со тоа што ќе им овозможите пристап до релевантна литература, до релевантни дата бази, можности за учество на конференции, ќе финансирате научни истражувања. Нема наука без вложувања и без создавање материјални можности за истражувања.

Една од клучните теми во високото образование изминативе години беше автономијата на универзитетите. Како ја разбирате Вие таа автономија? На државните универзитети, имајќи предвид дека државата го дава најголемиот дел од парите, треба ли таа да бара од професорите исполнување на одредени барања во форма на објавување академски трудови во научни списанија со т.н. „импакт“ фактор?

Р. Дескоска: Автономијата на универзитетите значи овозможување на слободен простор за творештво и за истражувања, простор на слободна мисла, но и простор за носење одлуки во рамките на таа автономија. Секако дека автономијата не значи исклучување на секаква одговорност на двете страни. Државата треба да овозможи услови за вршење квалитетна образовна и истражувачка функција без притоа да се меша во нивната самостојна работа. А универзитетите треба да обезбедат квалитетно образование и развој на науката. Кога зборуваме за правната рамка за високото образование несомнено е дека одредени барања за научни постигнувања треба да постојат. Но, тие треба да бидат реални и прилагодени на научните области во кои се истражува.

ДОСЕГАШНОТО БУЏЕТСКО ФИНАНСИРАЊЕ Е МИНИМАЛНО И СЕ ДВИЖИ ОКОЛУ 0,2 % ОД БДП – ПЕТНАЕСЕТПАТИ ПОМАЛКУ ОД ПРЕПОРАКИТЕ НА ЕВРОПСКАТА СТРАТЕГИЈА ЕВРОПА 2020. ЦЕЛТА НА НОВАТА ВЛАДА Е НА КРАЈОТ НА МАНДАТОТ МАКЕДОНИЈА ДА ИЗДВОЈУВА МЕЃУ 1 % И 1,5 % ОД БДП ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ И РАЗВОЈ

Ќе се обезбедат ли средства за кадровско „освежување“ на државните универзитети во земјава? Ова е многу важно прашање за квалитетот на студиите.

Р. Дескоска: Претходната Влада водеше политика која не водеше кадровска политика во согласност со потребите на факултетите, туку правеше обид за партизирање и вдомување на партиски подобни кадри. Некои факултети на тоа се спротивставија, некои, за жал, потклекнаа на притисоците. Во таа строго партиска политика дојдовме во ситуација одредени факултети да имаат проблем во одржување кадровски „континуитет“, кога дури и по одење на одредени професори во пензија не беше одобрувано пополнување на тие места. Не можете да очекувате квалитетен и ефикасен образовен процес без кадри. Затоа една од првите мерки на новата Влада беше да отвори процес на одобрување на нови места за прием на кадри на универзитетите. Преку овој процес ќе вратиме и дел од нашите млади научници кои моментално се во странство.

Ќе продолжи ли практиката за стипендирање на студирање во странство на високорангирани универзитети? Што покажуваат досегашните резултати?

Р. Дескоска: Стипендирањето ќе продолжи, но потребни се некои промени во целите на политиката. Во моментов правиме анализа за тоа што покажале резултатите од програмите за стипендирање. Државата вложува многу во стипендирање млади интелектуалци на високорангирани универзитети, но не презема ништо да ги задржи во Македонија.

Министерството не го покрива само образованието, туку и науката. Како стоиме како земја во поглед на системската поддршка на науката, финансирањето на научни проекти итн.

Р. Дескоска: Досегашното буџетско финансирање е минимално и се движи околу 0,2 % од БДП – петнаесетпати помалку од препораките на европската стратегија Европа 2020. Целта на новата Влада е на крајот на мандатот Македонија да издвојува меѓу 1 % и 1,5 % од БДП за истражување и развој. За да има развој мораме да бидеме посветени на зајакнување на научно-истражувачката компонента, да вложуваме во истражувања, да охрабруваме и да поддржуваме вмрежување и соработка на истражувачите од Македонија со истражувачите од другите земји, да им овозможиме учество на нашите научници на научни конференции, да им обезбедиме услови за дијалог со нивните колеги бидејќи научниот дијалог е неопходен за развој на науката.

Ви благодарам за интервјуто.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top