Општество
Софи Жерман - МАТЕМАТИЧАРКАТА ПОД МАШКИ ПСЕВДОНИМ

Нина Дечева
Ученик во НОВА Меѓународни училишта

Како би се чувствувале ако имате пасија да читате книги и да го збогатувате вашето знаење, а вашите родители прават сè што е во нивна моќ за да ве спречат?
Токму ова ѝ се случило на младата парижанка Софи Жерман. Родена во 1776 година, Софи имала само тринаесет години кога Француската револуција започнала во Париз. Приморана да седи дома за да ги избегнува конфликтите, таа почнала да се справува со досадата преку читање книги од библиотеката на татко ѝ. Еден ден случајно наишла на легендата за смртта на познатиот антички математичар Архимед. Според легендата, Сиракуза, родниот град на Архимед, паднал во рацете на Римјаните во време кога тој работел на математички проблеми. Кога еден римски војник му се обратил додека тој цртал геометриски тела во песокот Архимед воопшто не му обратил внимание бидејќи бил многу задлабочен во својата работа и поради тоа бил избоден до смрт од страна на војникот. Софи била многу фасцинирана од приказната и заклучила дека штом некој би можел да го жртвува својот живот за математиката, тогаш мора да е многу привлечна наука.
Од тој момент Жерман сама почнала да учи математика. Но, во нејзиното време, во општеството во кое растела, да учат математика им било дозволено само на аристократските жени кои морале да бидат информирани за сите области кои можеле да се споменат во дискусија на некој од нивните настани. Проблемот бил што Софи припаѓала на високата средна класа каде што, за жал, сè уште не било поддржано образованието на жените. Нејзините родители строго се придржувале до општествените норми и штом дознале дека нивната ќерка тајно учи ѝ забраниле да продолжи да го прави тоа. Кога виделе дека сепак таа не ги послушала, почнале да преземаат драстични мерки – ѝ ја одземале облеката штом ќе легнела во кревет, ѝ исклучувале светло и топлина – само за да бидат сигурни дека не останувала навечер да учи. И покрај сè, Софи наоѓала начини да продолжи да го прави она што го сака. Наместо да спие, таа се виткала во чаршафи и палела свеќи кои претходно ги имала сокриено, сè со цел да може уште да чита. Едно утро, кога нејзините родители ја нашле заспана на своето биро со перото замрзнато во тушот поради студот, сфатиле дека нејзината пасија кон математиката е „неизлечлива“ и одлучиле да ѝ дозволат да продолжи да учи. Жерман тогаш ги научила грчкиот и латинскиот јазик за да биде во можност да разбира дела на познати научници како Исак Њутон, Леонар Ојлер и други. Ги научила и тешките нивоа на калкулус без помош од никаков тутор.
Кога Софи имала 18 години во Париз се отворило политехничкото училиште (École Polytechnique), чија цел била да ги подготви идните научници да ѝ служат на својата нација. Но, како и сите други училишта во тоа време, било забрането жени да ја следат наставата. Сепак Жерман нашла начин да добива белешки од часовите преку пријатели кои биле ученици во училиштето и така таа учела од врвни математичари. Софи била особено заинтересирана за предавањата на Лагранж и затоа му пратила нејзини анализи на негови истражувања под псевдонимот М. Ле Блан (поранешен ученик на Лагранж). Таа решила да го сокрие својот идентитет бидејќи не сакала да ризикува нејзините истражувања да не бидат земени предвид само поради фактот дека е жена. Кога ги прочитал Лагранж анализите бил целосно фасциниран и сакал да го запознае човекот кој ги напишал. Секако, бил многу изненаден кога видел дека Ле Блан е всушност жена, но го препознал нејзиниот начин на размислување и се уверил во нејзините способности, што довело до тоа да ѝ стане ментор и да ја запознава со славни научници и математичари.


Значителен дел од животот Жерман работела на Теоријата на бројките (the number theory) и многу соработувала со германскиот математичар Гаус кој специјализирал во таа теорија. Исто како на Лагранж, на Гаус Софи му испратила нејзини истражувања под истиот псевдоним и, очекувано, неговата реакција била идентична како онаа на Лагранж. За жал, по кратко време Гаус ја прекинал соработката со Жерман бидејќи загубил интерес за теоријата и бил поканет да предава на универзитетот во Готинген. За да ѝ се оддолжи, тој го убедил универзитетот да ѝ додели почесен докторат, но таа починала пред да успее да го прими.
Во 1808 година, Француската Академија на науки организирала натпревар финансиран од страна на Наполеон во кој требало да се докаже математичкиот дел во Законот за вибрацијата на еластични површини во физиката. Така Софи навлегла во темата на еластичност (elasticity). Првиот пат таа била единствената која пријавила труд, но ѝ бил одбиен од страна на комисијата бидејќи било очигледно дека не поседувала формално образование. Потоа Жерман повторно стапила во контакт со Лагранж, кој работел со неа за да ги поправат нејзините грешки во трудот и таа да може да аплицира по вторпат. И покрај тоа што вложувала многу труд и време во истражувањата за натпреварот, не победила сè до третиот пат кога испратила труд.
Жерман била свесна дека наградата ќе ѝ овозможи да создава пријателски односи со влијателни личности во нејзината област и затоа толку била решена да победи. Така таа станала првата жена која присуствувала на состаноци на Академијата самостојно, без да биде сопруга на некој член. Исто така била и поканета да присуствува на настани на Францускиот институт (Institut de France).
Иако Софи Жерман не пораснала во аристократско семејство и всушност никогаш немала вистинска работа ни професија, таа ги надминала сите пречки и предизвици што ѝ се поставиле на патот. Не многу луѓе, а особено не жени, имале таква пасија во која што би вложувале толку време колку што вложувала Софи. Таа неуморно работела за да ја постигне својата цел, при тоа прекршувајќи ги општествените правила. Смелоста на Жерман ѝ овозможила да биде препознаена уште во нејзиниот животен век, што е вистинска реткост, и е доста значајна, бидејќи таа го пробила патот за други жени кои можеби не биле доволно храбри да се изборат самите за себе по своја иницијатива.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top