Интервјуа
Виолета Булц: ОДНЕСУВАЈТЕ СЕ КАКО ЧЛЕНКА НА ЕУ УШТЕ ПРЕД ОФИЦИЈАЛНО ДА СТАНЕТЕ ТОА

Еврокомесар за транспорт

Виолета Булц е еврокомесар за транспорт со јасна визија за својата работа.  Себеси се гледа како личност што поврзува луѓе, детектира проблеми и предлага решенија. Со неа разговаравме за дигитализацијата на транспортот, за европските фондови и механизми за инфраструктурни проекти, за стратегијата на ЕУ за Западниот Балкан во однос на транспортот. Но, Виолета Булц е и исклучителна личност. Претходно претприемач фокусиран на стратегии за избалансиран одржлив развој, членка на Советодавниот Борд на истражувачкиот центар за иновации и комуникации на Стенфорд универзитетот во САД,  авторка на бизнис книги, но и едуциран шаман, и носител на црн појас во таеквондо..... На средината на октомври доаѓа во Скопје и ќе се обрати на ексклузивниот регионален собир САМИТ 100.

 

Вие сте еврокомесар за транспорт. Како би ја опишале вашата работа, вашите одговорности и надлежности?

В.Булц: Транспортот е суштински двигател на нашата економија којашто за раст и работни места се потпира на комуникација и размена. Транспортот не се однесува само на инфраструктурата и возилата, туку тој првенствено и најмногу се однесува на луѓето. Мојата работа е да обезбедам транспортот да биде колку што е можно поефикасен, тој да ја движи економијата. Транспортот треба да не ја загадува животната средина, треба да биде конкурентен и да биде инклузивен. Мојата визија за транспортот е јасна. Тој се базира на 4 двигатели (намалување на јаглерод диоксидот, дигитализација, инвестиции и иновации) и сето тоа со силна мотивација да се искористат можностите за раст и да се создадат услови за работни места со висока вредност, вклучително и нови работни места. Со цел да се остварат нашите цели, моја задача е да се среќавам со заинтересираните страни, експертите и јавноста и да подготвувам релевантни предлози што ќе бидат од корист за граѓаните на Европа и пошироко, а исто така и за економијата. Не се гледам себеси само како еврокомесар, отсекогаш сум била личност што поврзува луѓе, детектира проблеми и предлага решенија.

Ми се допаѓа делот од изјавата за мисијата од стратешкиот план за периодот 2016 – 2020 година на вашиот директорат за мобилност и транспорт, каде што се вели: „...Транспортот е персонален. Тој директно влијае на секого....“. Ова е мошне јасно и директногледиште за тоа колку е значајно да се подобри транспортот во Европа. Дали е ова широко распространето гледиште на сите заинтересирани страни во процесот за потребата од правење сериозни инвестиции во оваа област? Дали тоа се рефлектира во проектите што се дизајнираат и договараат?

В.Булц: Точно е дека транспортот е многу персонален. Сите знаеме како изгледа да се патува. Меѓутоа, транспортот исто така е од суштинско значење за трговијата и економијата во целина. Ако луѓето и стоките не се во можност да патуваат од точката А до точката Б, тогаш економијата исто така не се движи напред. Во сечиј интерес е мобилност којашто е ефикасна, сигурна, безбедна и којашто не ја загадува животната средина. Верувам дека секоја заинтересирана страна вклучена во транспортот ги препознава овие цели.
Со цел да можат да се квалификуваат за финансирање од ЕУ, проектите мора да придонесуваат за една или повеќе од овие цели. Нашето искуство покажува дека за повиците за ЕУ финансирање согласно Механизмот за поврзување на Европа (МПЕ) – (Connecting Europe Facility - CEF) интересот беше поголем од понуденото и имаше силен интерес на приватни инвеститори да се придружат на проекти поддржани од ЕУ. На пример, на повикот за МПЕ во 2016 година беа примени 349 апликации од кои 152 беа избрани за финансирање. Оттаму, можам со сигурност да кажам дека постои силен интерес за подобрување на транспортот во Европа.

ТРАНСПОРТОТ НЕ СЕ ОДНЕСУВА САМО НА ИНФРАСТРУКТУРАТА И ВОЗИЛАТА, ТУКУ ТОЈ ПРВЕНСТВЕНО И НАЈМНОГУ СЕ ОДНЕСУВА НА ЛУЃЕТО. МОЈАТА РАБОТА Е ДА ОБЕЗБЕДАМ ТРАНСПОРТОТ ДА БИДЕ КОЛКУ ШТО Е МОЖНО ПОЕФИКАСЕН

Стратешкиот план спомнува и дигитализација на транспортот. Можете ли да ни објасните малку повеќе за тоа што точно таа значи и кои активности се планирани и преземени?

В.Булц: Новите технологии нудат безброј можности, помислете, на пример, што сè можете да направите денес со само едно притискање на копче на смартфон. Истото важи и за транспортот. Дигитализацијата има огромен потенцијал да го направи транспортот почист и побезбеден и со подобра услуга за потребите на луѓето. На пример, помислете на некој кој во даден момент не може да вози автомобил или да пешачи до железничка станица. Во иднина тој може да биде мобилен, бидејќи автоматизиран автомобил ќе го земе него или неа од дома.
Се разбира, треба да сме сигурни дека се справуваме исто така и со предизвиците што доаѓаат со новите технологии. Луѓето треба да бидат сигурни дека нивните податоци се користат само со нивно одобрение, новите системи треба да издржат сајбер напади, пришто не сакаме технологијата да го дели општеството на тие што можат и тие што не можат да си ја дозволат. Секој би требало да има корист од неа.
Правиме добар прогрес со дигитализацијата на транспортот. Три примери: работиме на рамка за дронови наречена “U-space”, за да овозможиме безбедно користење на дроновите и да овозможиме општеството да има полза од новите услуги и бизнис модели што тие ги носат. Благодарение на нашата стратегија за користење на интелигентни транспортни системи што соработуваат (C-ITS), што овозможува автомобилите да разговараат меѓу себе и со патната инфраструктура, на пример семафорите, автомобилите опремени со C-ITS чип ќе се појават на пазарот во 2019 година. Ова ќе помогне да се избегнуваат несреќи и ќе овозможи подобро управување со сообраќајот. Да не заборавимедека сообраќајот сè уште придонесува со 24% за CO2 и е одговорен за загадувањето на воздухот во нашите градови! Но, C-ITS е само првиот чекор кон целосно поврзан и сè поавтоматизиран транспортен систем. Трет пример: интеграцијата на различни транспортни средства, без оглед дали е железница, споделуван велосипед, споделуван автомобил или трамвај, во едно патување од А до Б. На крајот, на потрошувачите не им е гајле како патуваат сè додека тоа им овозможува да пристигнат на нивната дестинација на време и безбедно. Размената на информации за возниот ред, цените, расположливите седишта, итн. во иднина ќе им овозможат на компаниите да му нудат една услуга на клиентот наместо да треба тој сам да си го организира патувањето. Овој пристап што овозможува повеќе модалитети не самошто ќе биде прикладен туку ќе овозможи и подобра искористеност на нашите ресурси, за транспортот не само на патници туку и на стоки. Затоа ги посветуваме 2018 и 2019 година на мултимодалитетниот транспорт, а дигитализацијата ќе игра клучна улога во тоа.

Секогаш постои сериозен апетит од страна на земјите кога станува збор за регионални инфраструктурни проекти поврзани со транспортот. Како успевате да одредите и усвоите приоритети во процесот на селекција на проектите?

В.Булц: TEN-T е мастер план за транспортната инфраструктура за цела Европа, дизајниран да ги задоволи потребите на граѓаните и економските оператори во главните економски центри како и во подалечните региони. Логиката на TEN-T обезбедува да имаме пристап за цела ЕУ при планирањето и развојот на инфраструктурата со заеднички стандарди и координиран пристап особено за врските што недостасуваат и прекуграничните проекти. Тој ги комбинира главните меѓурегионални и национални транспортни оски со инфраструктурата што обезбедува пристапност на сите региони во ЕУ. Секој инфраструктурен проект што придонесува за комплетирање на TEN-T е важен и препознаен како „проект од заеднички интерес“. Неговата имплементација треба да е обезбедена од земјите членки и други актери од јавниот и приватниот сектор. ЕУ во голема мера го поддржува финансирањето на вакви проекти, особено прекуфондовите CEF и EFSI, а за проекти кои се со висок регионален приоритет, исто така и од структурни фондови и други релевантни извори.
Приоритетите за повиците за финансирање се дадени во работната програма што е усвоена од Комисијата. Врз таа основа повиците се објавуваат и сите поднесени предлози соодветно се вреднуваат и оценуваат од независни екстерни експерти. Резултатот од процесот на екстерна евалуација е листа на предлози што се предложени за финансирање и тогаш Комисијата носи конечна одлука којашто подлежи на согласност од земјите членки.
Чисто информативно, CEF е ефективен инструмент со висок капацитет на апсорпција и брза испорака. Во транспортниот сектор, 22,4 милијарди евра (за кои е преземена обврска до крајот на 2017 година) ќе мобилизираат околу 46,7 милијарди евра вкупни инвестиции во ЕУ, искористувајќи 96% од CEF буџетот за грантовиза транспорт за периодот 2014-2020 година.
За првпат, 11 милијарди евра од буџетот за кохезија беа директно управувани во рамки на средствата одCEF: 100% беа алоцирани за половина од периодот 2014-2020 година за кој се однесуваше финансиската рамка, при што побарувачката беше 5-6 пати поголема од износот што беше на располагање.

ОДРЖЛИВА СТРАТЕГИЈА ТРЕБА ДА ГО ВКЛУЧУВА КОНЦЕПТОТ НА ЕКО СИСТЕМ. ТОА ЗНАЧИ ДЕКА ТАА ТРЕБА ДА ПРОИЗЛЕГУВА ОД ПОТРЕБИТЕ НА СИТЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ СТРАНИ, А НЕ САМО НА ЕДНА ЗАИНТЕРЕСИРАНА ГРУПА. ГЛАВНАТА ПОРАКА Е ДЕКА АКО САКАТЕ ДА БИДЕТЕ ОДРЖЛИВИ МОРАТЕ ДА БИДЕТЕ ИНКЛУЗИВНИ

Доаѓате во Скопје за да учествувате на мошне значајниот регионален САМИТ 100 што ќе се одржи кон средината на октомври. На што ќе се фокусирате во вашето обраќање на САМИТОТ?

В.Булц: Со нетрпение го очекувам овој важен настан. Прво, ќе зборувам за приоритетите, целите и визијата за транспортот на ниво на ЕУ која значи движење во насока на вистинска транспортна унија. Има толку многу возбудливи случувања што сакам да ги споделам со бизнис заедницата и нашите партнери од Западен Балкан. Второ, сакам да ги поттикнам сите внимателно да ги следат овие случувања и да се ангажираат.
Ова е пораката што ја испраќам од почетокот на мојот мандат на сите лидери од Западен Балкан со кои сум се сретнала: Однесувајте се како членка на ЕУ уште пред официјално да станете тоа! Прифатете ги и активно применувајте ги не само правилата и регулативите туку и стандардите и добрите практики. Со тоа, јазот помеѓу ЕУ и овие земји континуирано ќе се намалува што е добро за нивната конкурентност и економија. Не мораме да чекаме на официјалното проширување за тоа да се случи.
Од моја страна, јас тоа го правам постојано. Лидерите на Западниот Балкан се вклучени на некои од клучните состаноци што ги имаме со нашите земји членки, како што се инвестициски конференции и неодамна исто така голема конференција на Малта за безбедноста на патиштата.

Која е стратегијата на ЕУ за овој дел од Европа кога станува збор за транспортот?

В.Булц: Неодамна усвоениот Договор на Заедницата за Транспортотќе игра значајна улога во придвижувањето на нашите партнери од Западен Балкан кон нивоата на ЕУ во однос на ефикасноста на транспортниот систем. Тоа ќе го трасира патот кон подобрување на транспортната инфраструктура и ќе води кон подобар квалитет на услуги ширум регионот, со зголемена поврзаност со ЕУ преку екстензија на TEN-T мрежата. Тоа ќе ја помогне имплементацијата на реформи како што се безбедноста на патиштата којашто влијае на секојдневниот живот на граѓаните. Стабилноста што ја дава новиот договор исто така ќе помогне за привлекување нови инвеститори ворегионот, што ќе придонесе за негов економски раст. Конечно, овој Договор претставува клучна алатка за поддршка на пренесување на законот на ЕУ во националната легислатива на сите земји од Западниот Балкан, притоа придонесувајќи за градење добри меѓусоседски односи, за промовирање мир и помирување во регионот и за правење исчекор во преговорите за приклучување кон ЕУ.
Поддршката за Здружување, обезбедена од Инвестициската Рамка за Западниот Балкан поддржува транспортни инфраструктурни проекти во регионот, со користење на ЕУ фондови (IPA) и позајмици од EIB, EBRD и други финансиски институции. Досега се поддржани 42 транспортни проекти со грантови во вкупен износ од 289 милиони евра кои донесоа инвестиции од 6,2 милијарди евра.

Да се свртиме сега кон прашања што не се поврзани со вашата улога на еврокомесар. Во времето кога се придруживте на политичката партија предводена од господинот Церар во Словенија немавте никакво претходно политичко искуство. Што ве мотивираше да преземете таков чекор?

В.Булц: Да, навистина е така, немав никакво искуство во професионална политика пред да се придружам на владата предводена од др. Миро Церар. Но, бев активна во граѓанскиот сектор, што подоцна се трансформираше во политичка партија. Чувствував големо незадоволство од насоката во која се движеше Словенија и открив дека моите чувства ги споделуваат моите пријатели и познаници. Нашите заеднички разговори резултираа со формирање мала група од граѓанскиот сектор во која ги дискутиравме општествените и економските проблеми на Словенија. Кога беа свикани предвремени избори во 2014 година одлучивме да ја претвориме таа група во политичка партија. Еден месец откако политичката партија беше формирана таа го доби најголемиот број парламентарни места во историјата на нашата млада демократија и ѝ беше дадена одговорноста да ја води следната влада.

Во однос на вашата професионална кариера пред да станете еврокомесар, сте биле претприемач фокусиран на стратегии за рамнотеженодржлив развој, еко системи за иновации, итн. Кои се, според вас, клучните елементи на добра стратегија за одржлив развој?

В.Булц: Една стратегија за одржлив развој треба да им служи на потребите на граѓаните. Денес произведуваме негативни ефекти за нашата планета, со нашиот индустриски развој и начинот на кој нашите општества се организирани. Се разбира, секој одржлив развој мора да има и многу силна стратегија за зачувување и соработка со природата и тоа на многу подобар начин одошто тоа беше случај досега. Друг елемент е тоа дека одржлива стратегија треба да го вклучува концептот на еко систем. Тоа значи дека таа треба да произлегува од потребите на сите заинтересирани страни, а не само на една заинтересирана група. Она што го мислиме во политичка смисла е дека кога ги земаме предвид општествено-економските ефекти треба да ги вклучиме потребите на граѓаните, индустријата, демократскиот развој и потребите за креирање вредност. Само преку моделот на учество и само преку вистински ангажман со заинтересираните страни, коишто соработуваат при изработката на таква развојна стратегија, можеме да имаме таков систематизиран пристап, пристап што е дизајниран со чувство за капацитетот на апсорпција и има доволно отпорност за да биде одржлив на долг рок. Главната порака е дека ако сакате да бидете одржливи морате да бидете инклузивни.

ВЕРУВАМ ДЕКА АКО ИМАТЕ ПОЗИТИВЕН ПРИСТАП МОЖЕТЕ ДА ВИДИТЕ И ПОЧУВСТВУВАТЕ ПОВЕЌЕ И СТЕ МНОГУ ПОИНКЛУЗИВНИ. СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ОВОЈ ВИД НА ФИЛОЗОФИЈА ЌЕ ПРЕОВЛАДА НА ОВАА ПЛАНЕТА ЗЕМЈА

Во одреден момент исто така бевте член на Советодавниот Борд на Стенфорд Истражувачкиот центар за иновации и комуникации при Стенфорд Универзитетот во САД. Иновациите привлекуваат голем дел од вашиот професионален интерес. Кои би биле карактеристиките на еден ефикасен еко систем за иновации на една земја?

В.Булц: Тие пет години беа неверојатно креативни и продуктивни и беше одлично да се биде дел од еден нов глобален субјект. Што се однесува до највиталните елементи на било кој вид иновација, најпрвин треба да знаете дека иновацијата е последната фаза на иновативниот циклус. Треба да сме свесни за три клучни компоненти. Првата фаза е генерирањето идеја, кога треба да се отвориме и буквално секоја идеја се зема предвид. Во општеството треба да креираме инспиративен однос и почит кон циркулацијата на различни идеи. Но, тоа е само почетокот. Понатаму, треба да имаме доволно ресурси со цел да го поддржиме креирањето на пронајдоци, што обично во животниот циклус на еден производ е нивото на прототип. Тоа е само вториот чекор што го создавате, нешто што функционира и, како што реков претходно, комплетно други ресурси се потребни за втората фаза. Дури потоа доаѓа иновација,а иновацијата е нова идеја што функционира и некој би платил за неа. Многу пати, во многу организации, но и во земји, забораваме за последната фаза. Можете да видите дека во секоја фаза ни треба различен тип на ресурси и различен тип на финансирање, бидејќи ни се потребни различни типови на организациски структури и сѐ повеќе стануваме свесни за тоа. На ниво на ЕУ го поместуваме процесот кон иновација. Ги следиме овие три фази и креираме различни финансиски алатки за различните фази. Се надевам дека ова наскоро ќе резултира со подобар успех во сите три фази, особено во фазата на иновации, бидејќи тоа беше слабата точка на ЕУ, пазарност и способност за справување со растечката димензија на иновациите.

Пред неколку години напишавте популарна бизнис книга со наслов „Ритмите на еволуцијата на бизнисот“. Дали ви недостасува пишувањето или треба да очекуваме нешто во иднина?

В.Булц: Книгата произлезе од реалнатапотреба да се објасни зошто иновациите се толку важни и да се објасни чувствителноста на пристапот на животен циклус и да се разбере разликата помеѓу планирање на времето и цврстината на самосвесното планирање. Низ практичната работа дојдов до заклучок дека не е временскиот притисок тој што ги прави проектите успешни или имплементирани туку тоа е нивото на знаење и искуство што луѓето можат да го генерираат. Кога е достигнат нивниот врв, резултатите следат. Книгата е посветена на тоа да се разбере како работат системите и за мене тоа беше мошне важна професионална алатка. Сум напишала и многу статии, научни дискусии и уште една книга со наслов „Магијата на придонесувањето“. Книгата низ многу практични примери и проекти ги опишува богатите искуства што се случиле во Словенија или на глобално ниво, поддржувајќи го концептот на системски, еволутивен и холистички пристап кон проектите. Да, можам да се видам себеси како пишувам повторно во иднина.

Во моментите кога станавте еврокомесар бевте перципирани како неконвенционална личност. Една од причините беше и тоа што сте обучена да чекорите по жар и сте едуцираншаман, верувате во позитивна енергија, итн. Колку ви користи тоа знаење во вашиот професионален живот?

В.Булц: Јас многу го вреднувам сето она што може да ми користи во мојот професионален развој. Целиот мој живот, со тешки и помалку тешки искуства, со разновидно знаење и разновидни компетенции, ме направи она што сум денес. Јас сум благодарна за сѐ што сум искусила досега. Да, во право сте, имам позитивен пристап кон животот и јас сум таа која чашата што има 50% вода секогаш ја гледам како полна, никогаш како половина празна или половина полна. Верувам дека ако имате позитивен пристап можете да видите и почувствувате повеќе и сте многу поинклузивни. Се надевам дека овој вид на филозофија ќе преовлада на оваа планета Земја.
Се воодушевив од сознанието дека имате и црн појас во таеквондо. Каква е вредноста од поседување таква вештина во животот?

В.Булц: Боречките вештини ме научија како да се фокусирам, како да бидам претпазлива и ми овозможија да го искусам секој момент од животот. Сè уште се обидувам да го правам тоа во мојот секојдневен живот. Тоа е уште една димензија што многу придонесе за мојот професионален развој и за мојот пристап кон животот.

Ви благодарам многу за интервјуто.


Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top