Општество
НАПРЕД НАШИ!

Ивана Тасев
Авторот е новинар

Конечно созреа времето во кое македонскиот медиумски простор го преплавија ТВ-серии од домашна продукција. Социјално ангажирани ТВ-продукти со курентни теми кои длабоко задираат во секој од нас и имаат храброст да направат чесен опит и скен на нашата стварност. Ова наедно е и цврста брана врз поплавата на сапунските бесконечни серијали кои систематски години наназад го отапеа погледот на македонскиот гледач.

 

Индоктринирањето на гледачите со сапунските ТВ-серијали од турско, од шпанско, од индиско, од латиноамериканско потекло... изминативе 15 години, можеби и повеќе... е одамна бајата вест.
Капиларното разлевање на евтините ТВ-мелодрами низ медиумскиот етер се движеше правопропорционално со осиромашувањето на населението, со рапидно зголемениот процент на невработеноста, немоќта на надоаѓачките генерации да си го најдат заслуженото место во општеството и со летаргичното скромно пензионерско секојдневие. Во склад со реалните околности, најлесен начин да се хипнотизира и да се замолкне гладното, незадоволно и нереализирано население беше нивно профилирање во тромава аморфна маса – рестрикција на духот и радикална редукција на индивидуата. Овие серии беа идеален обид кој подоцна се потврди како успешна рецептура да се задоволат незадоволените копнежи и наедно да се одвлече вниманието на најголемиот дел од населението од комплетната економско, културолошко и социолошка ерозија која ни се случува години наназад. Сапунските серии дејствуваа како своевиден антидепресив за луѓето. Не изискуваат напрегање на мислата, носат со себе евтина возбуда која без исклучок има плаузибилен крај. Значи, ултимативен хедонизам за без пари.
Одговорот е многу едноставен – овие серии нудат загарантиран среќен крај. Освен тоа, тука е и силниот ефект на лесна предвидливост на дејствијата, а тоа го степенува задоволството при следењето на серијата. Понатаму гледачите по пат на страв и сочувство ги прочистуваат сопствените емоции така што донекаде говориме и за катарзичен ефект. Социолозите и психолозите тврдат дека најлесниот „кеч“ за привлекување публика е што овие серии во својата основа имаат љубовен заплет и се разбира заплетот на одмазда. Дилеми. И Хамлет со себе носи дилеми, љубовна болка, чувство на одмазда, но за него треба интелектуално да се напрегнеме. Вака, низ симплифицирана визура, во сапунските серии, потребата за искрена љубов, за добрина, триумф на правдата, надежта и верата за подобро утре добиваат силно значење во време на целосно нарушени вредности, па затоа како плацебо ефект му помагаат на гледачот да се чувствува подобро. Истакнатиот американски научник, лингвист и силен критичар на масовните медиуми Ноам Чомски вели дека сапунските серии ги „учат“ луѓето на пасивност и на апсурдност, а тоа е круцијалната стратегија за манипулација со јавноста од страна на политичкиот врв и големите корпорации.
Овој анестетик, наречен ТВ-новела, нуди бегство од реалноста и на многумина им даваше надеж дека со помош на љубовта можат да се премостат класните разлики и за тоа дека доброто секогаш го победува злото. Популарноста на овие ТВ-серијали е обратнопропорционална со бруталноста на секојдневниот живот во кој не секогаш има место за емоција така што таа празнина лесно се пополнува со плитките приказни кои се вшмукуваа со огромен апетит.
Примитивизацијата на медиумите е неопходна за секое општество кое се базира на нелогичности. Борбата против логиката и добриот вкус е најважната задача на медиумите во вакви квази системи. А телевизијата има најлесна хипнотизирачка моќ да го апсорбира вниманието на гледачот. И така со годините овие серии почнаа да го профилираат (не)вкусот на гледачите.\

Еманципација на вкусот кај гледачите
Најлесно е вината да се побара во гледачот бомбариран со турски и со шпански питки наративи. Но, дали е така?! Паралелно се поставува и прашањето по толку години на ТВ-утопија како да се еманципира вкусот на гледачот.
Ако погледнеме наназад, од осамостојувањето до денес целокупната македонска играна ТВ-продукција се сведува на четири-пет, главно неуспешни ТВ-серијали.
Изблик надеж дава што изминатиов период локалната продукција со полна пареа зема сериозен замав, со амбиција да ѝ покаже на македонската публика дека имаме посилен потенцијал од кој било увозен ТВ-продукт. Една наобразована и талентирана генерација филмски режисери храбро исчекорија нанапред со идеја да ги задоволат прегладнетите гледачи за квалитетна домашна продукција и наедно да го сменат курсот на кормилото кај оние кои се веќе инфицирани со вирусот на сапунските лимонади. Патот на изодување нема да биде лесен. Ќе има поделени мислења, период на прилагодување..., но спротивставените мислења го прават едно дело витално и жилаво, како што велеше Оскар Вајлд.
Хазардерскиот потег го преземаа режисери како Игор Иванов-Изи, Вардан Тозија, Даријан Пејовски, Дина Дума и Марија Апчевска. Зад нив исправено стојат познати македонски продуценти и плејада докажани македонски актерски имиња. Уште повеќе радува фактот дека на сцената испливува и цела една генерација млади актери и талентирани натуршчици.
Овие креативци ќе бидат ставени на сериозен тест пред домашата публика. Ќе мора да докажат дека и кај нас постои потенцијал за плодна и потентна сцена. Нам како публика ни останува да се надеваме дека нивниот квалитет ќе остави печат на едно време, слика навнатре и ќе биде забележан како уметнички тестамент за понатаму. Посакувам ова да биде манифест за македонска пролет, достоен стремеж кон посветли нешта.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top