Општество
„НА ТЕРАПИЈА“ ДОЖИВЕА ПЛАНЕТАРЕН УСПЕХ

Ивана Тасев
Авторот е новинар

 

„На терапија“ е првата македонска ТВ-серија снимена според странска лиценца, во продукција на Кино око. Во македонската верзија на хит серијата игра исклучителна актерска екипа предводена од Никола Ристановски во улогата на психотерапевт заедно со Јелена Јованова, Амернис Нокшиќи, Тони Наумовски, Ангела Димитрова, Драгана Костадиновска, Висар Вишка и Бедија Беговска. Оригиналната серија „На терапија“ потекнува од Израел и е креирана од Нир Бергман, Ори Сиван и Хагаи Леви. Леви е познат и по работата на серијата „The Affair“ наградена со неколку златни глобуси. Во 2008 година лиценцата за серијата ја откупи американската мрежа ХБО (HBO). Во улога на психотерапевтот е познатиот холивудски актер Гебриел Брн, а епизодните улоги ги играат популарните актери Мишел Форбс, Дајен Вест, Мија Васиковска, Мелиса Џорџ, Дебра Вингер... Серијата веднаш се здоби со популарност, ласкави критики и неколку високи признанија, вклучувајќи ги наградите ЕМИ за најдобар актер и актерка, наградата „Златен глобус“ за најдобар актер и наградата за нова серија на Синдикатот на писателите на Америка (Writers Guild of America). Концептот на серијата доживеа планетарен успех и се снимаат посебни верзии за: Канада, Аргентина, Бразил, Јапонија, Чешка, Полска и Италија. Во Балканскиот Регион досега се снимени романска верзија (HBO Central Europe), словенечка верзија (POP Brio) со Игор Самобор во главната улога, српска верзија (Fox Television) со Мики Манојловиќ во главната улога и хрватска верзија (HTV). Дејствието се одвива околу приватниот и професионалниот живот на психотерапевт кој во текот на петте работни дена работи со своите пациенти на нивните проблеми за во слободното време и самиот да побара стручна психијатриска помош.  Маестрално изградени карактери со чии уникатни животни приказни може да се идентификува секој гледач. Низ призма на личното, „На терапија“ ги отсликува колективните потешкотии со кои се справуваат македонските граѓани во секојдневниот живот. Се обработуваат низа теми, од граѓански активизам и човекови права, полова нееднаквост, семејно насилство, ксенофобија, корупција, слобода на медиуми, право на сексуална ориентација, однос кон децата и тинејџерите во општеството, традиционален наспроти модерен начин на живот... 
Драгана Костадиновска и Висар Вишка во „На терапија“


Бедија Беговска во „На терапија“

 


 Вардан Тозија, режисер на ТВ-серијата „На терапија“

ДОЛГО БЕШЕ ПОТЦЕНУВАНА ИНТЕЛИГЕНЦИЈАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ГЛЕДАЧ

„На терапија“ е приказна за психотерапевт чиј приватен живот започнува да се распаѓа поради неговата преголема инволвираност во судбините на сопствените пациенти. Уште со првото читање на оригиналните сценарија ми стана јасно дека станува збор за приказна која е драматуршки супериорна во однос на поголемиот број телевизиски продукти од регионов. Беше вистински предизвик да се реализира ваква серија, во услови кога целиот наратив е проткаен низ дијалози на неколку ликови, главно „заробени“ меѓу четирите ѕида на психијатриската ординација. Пред сѐ, двигател на развојната линија и на конфликтите се скриените, премолчени лични приказни и вистини кај секого од протагонистите. Сепак, и надвиснатото бреме од проблемите на денешнината неминовно влијае врз нивните ставови, расудувања и постапки. Се надевам дека е возможно да се подигне и „улови“ нивото на гледачите, но и да се задржи нивното внимание. Сметам дека доволно долго беше потценувана интелигенцијата на македонскиот гледач и доволно долго беа стимулирани неговиот ескапизам и инертност.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top