Општество
ТРАНСФОРМАЦИЈА НА РАБОТНАТА СИЛА И ОПКРУЖУВАЊЕ

Јован Пехчевски
Авторот е Универзитетски Професор и Бизнис Консултант

Не се најсилните ниту пак најинтелигентните кои ќе преживеат, туку оние кои најдобро ќе можат да се адаптираат на промени.“   Чарлс Дарвин

 

Во дигиталната економија луѓето носат супер компјутери во своите џебови. Оваа постојано достапна поврзаност претставува одлична можност за бизнисите да им понудат на клиентите нешто што некогаш се чинело невозможно: модернизирање на технологиите за крајниот корисник со убави, иновативни уреди специјално дизајнирани за нивниот животен стил, како и поттикнување на културата на иновации преку увиди во податоците што до неодамна изгледаа невозможни, а сè ова преку интуитивни апликации.

Компјутерот е сè уште примарен уред на кој се завршува поголемиот дел од работата, но сè друго се менува. Работната сила се менува пред сè затоа што технологијата се развива со многу забрзано темпо. Како резултат на тоа барањата на крајните корисници се зголемуваат, ИТ-секторите се соочуваат со зголемени безбедносни закани и предизвици за можноста за управување со апликациите и со услугите, а и процесот на купување се промени поради појавата на т. н. функционален купувач.

Што кажуваат податоците? Неодамнешниот извештај од истражувањето именувано како „Подготвеност за иднината“ (од 2016 г.), нарачано од страна на Дел (Dell) и на Интел (Intel), покажа дека работењето не е веќе сместено во интервал од 9 часот наутро до 5 часот попладне бидејќи повеќе од 60 % од вработените работат и по стандардното работно време. Работата стана и активност, а не локација бидејќи повеќе од 66 % од работниците на глобално ниво сработуваат барем некои деловни активности од дома. Крајните корисници бараат сè повеќе и нивните очекувања постојано се зголемуваат: 44 % сметаат дека нивниот работен простор не е доволно технолошки „паметен“, 42 % би се откажале од работното место доколку применува слаба технологија на работа, 82 % велат дека технологијата влијае на тоа каков избор на работно место ќе направат, а 58 % велат дека интернетот на нештата (Internet of Things) и надградената реалност (Augmented Reality)/ виртуелната реалност (Virtual Reality) се доходовни елементи во работењето. Исто така за крајниот корисник постои зголемен ризик по безбедноста кој доаѓа со користење на уредите поради фактот што 95 % од нарушувањата на сигурноста потекнуваат од крајната точка на користење.

Не само што постои промена на работната сила туку и се сменија и барањата и навиките на купувачите. Одлуките за избор на технологии сè повеќе се донесуваат од страна на т. н. функционални купувачи. Имено, одделите како што се човечки ресурси, операции, ИТ, маркетинг и други имаат силно влијание врз изборот на типовите уреди потребни за работата на нивните тимови. Раководителите на деловните единици во компаниите имаат удел и до 50 % во одлуките за купување компјутери во рамките на една организација. Според Гартнер, одделот за човечки ресурси како донесувач на одлуки за ИТ-опрема тројно го зголемил своето влијание во последниве неколку години.

Сепак, многу малку компании денес ги прифаќаат овие трансформации на работната сила и опкружувањето. Според истражувањето „Подготвеност за иднината“, повеќе од 66 % од носителите на клучни деловни одлуки во компаниите одговориле дека конкуренцијата од дигитални стартапи ги мотивира да инвестираат во својата ИТ-инфраструктура и во развојот на лидерски вештини потребни за дигиталниот свет. Исто така речиси 50 % од компаниите дури и не знаат дали ќе бидат воопшто присутни на пазарот за 3 до 5 години.

Тоа е разбирливо. Може да се каже дека, во најмала рака, последниве неколку години беа бурни во секој поглед. Но, во услови на вакви радикални промени се раѓаат и најголемите можности – поголеми од кога било. Следуваат седум значајни трендови поврзани со трансформацијата на работната сила за 2017 година, а и понатаму. Нема сомневање дека некои од овие ќе го променат начинот на кој работат компаниите.

Тренд 1: Извонредната креативност станува доминантна

Оваа 2017 година ја означи демократизацијата на извонредната креативност. Многу наскоро создавачите на содржина ќе можат да ја проткаат својата магија преку некои супер моќни технологии кои, пак, со текот на времето ќе бидат усвоени и применувани од страна на пошироката популација. Во иднина работниот простор ќе биде многу поинтуитивен и целосно дигитализиран. На пример, градежниците и архитектите ќе одат по градилиштата и ќе ги користат своите уреди за да имаат увид во комплетните макети на објектите пред градежната работа дури и да биде започната.

Дигиталниот канвас на Дел (Dell) технологии (слика 1) е еден пример за радикално дигитално работно решение кое овозможува изразување на извонредна креативност во работните околини.

 
Слика 1. Дигитален канвас уред на Дел


Тренд 2: Надградена и виртуелна реалност

Во текот на следниве неколку години, уредите за надградена реалност (АР)/виртуелна реалност (ВР) ќе стигнат до точка на вриење. Овие уреди ќе ги носат луѓето во паралелни светови во кои ограничување ќе биде само нивната имагинација. Тие ќе научат нови вештини, ќе обезбедуваат услуги и во нив ќе ги вклучат и луѓето без притоа да бидат притеснети од ограничувањата во поглед на времето и на трошоците потребни за физичките медиуми. АР играта Покемон гоу (Pokemon Go) денес може да донесе околу 700 000 нови играчи на ден, но надградената и виртуелната реалност се веќе зрели за многу повеќе отколку само за игри (слика 2).

 
Слика 2. Примена на надградената и виртуелната реалност на работните места со Дел

 

Тренд 3: Заштитете го вашиот мобилен уред

Дали неодамна сте слушнале од вашиот механичар дека на вашиот автомобил му е потребна надградба на софтвер? Да, сте слушнале правилно. Во денешново време на целосно поврзан свет, практично сè што има IP адреса може да се пробие. Очекувајте периметарот на нападите да се прошири оваа година и да посегне и по други области на бизнисот кои се надвор од ИТ-мрежата. Имањето предвид дека не се само податоците оние кои треба да бидат заштитени, туку исто така и компаниските уреди (како што се инфраструктурата на грејните тела, вентилацијата и климатизацијата) ќе биде критична точка на будење за бизнисите да се одржат и да напредуваат.

Тренд 4: Забрзување на темпото на технолошките иновации

Крајните корисници бараат зголемување на иновациите, а технологијата држи темпо. Ова се генерации на корисници кои не прифаќаат нешто помалку од најдоброто. Истражувачките тимови на компаниите работат максимално за постојано да ги изненадат и да ги воодушеват своите корисници. Навистина, кога луѓето мислеа дека 5K резолуцијата ќе ја замени 4K како следен индустриски стандард, озборувањата за големи екрани со двојно поголема резолуција веќе почнуваат да циркулираат. Од 2017 година искуствата на луѓето со живеење во техниколор и понатаму ќе се надградуваат сè додека реалниот свет не почне да изгледа „бледо“ во споредба со иновациите што даваат засилено сетилно искуство (слика 3).


Слика 3. Портфолио на продукти и на технолошки иновации на Дел

Тренд 5: Главен менаџер за интернет на нештата (IoT)

Менаџерите за дигитални операции беа главните „фаци“ во сè, но сега се појавуваат нови деца на сцената, а тоа се менаџерите за интернет на нештата (IoT). А зошто ни се потребни? Затоа што компаниите ќе доживеат голем притисок при премостување на јазот меѓу операциите и ИТ-потребите. Во обид за подобрување на рентабилноста и на ефикасноста, менаџерите за интернет на нештата ќе работат со сите, почнувајќи од менаџерите на објекти и фабрики сè до директорите на информатички компании и извршните директори. Тие ќе бидат носечките агенти на промените, одговорни за вовлекување на нивните фирми во четвртата индустриска револуција, свет кој пулсира во ритамот на осум милијарди уреди поврзани на планетата денес (до 2031 година прогнозата е дека оваа бројка ќе се зголеми на повеќе од 200 милијарди уреди или повеќе, што е 25 пати повеќе од бројот на жителите на Земјата).

Тренд 6: Превенцијата е подобра од лекување

Секој лекар ќе ви каже дека превенцијата е подобра од лекувањето. Сега, благодарение на машинското учење, можеме да препознаеме кога некое парче технологија ќе се расипе и пред да се случи тоа за да можеме да изреагираме брзо. Со технологија која самата се поправа, компаниите ќе можат да распоредуваат таленти на други стратешки ИТ-проекти наместо да трошат време за поправка на уреди. ИДЦ (IDC) предвидува дека до 2020 година речиси 20 % од оперативните апликации и процеси ќе се поправаат и ќе учат самите.

Тренд 7: Машините и нивните кристални топки

Не е тајна дека компаниите (а и поединците) се борат да се справат со огромните количини на онлајн податоци што се достапни во денешницава. Но, подгответе се – огромниот обем на податоци наскоро ќе помогне машините да почнат да ги разбираат работите на сосема нови начини. На пример, МИТ (MIT) прави некои навистина фантастични работи за перцепција на визијата стекната преку сетилото за вид. Конкретно, преку изложување на машините на гледање популарни ТВ-емисии, како на пример „Канцеларијата“ и „Очајни домаќинки“, тие учат да предвидуваат како луѓето ќе се однесуваат или како ќе реагираат на одредени ситуации. Истражувачите на МИТ веруваат дека перцепцијата на машините ќе ги револуционизира индустриите во кои може да се добијат увиди и заклучоци со користење на обемни (large-scale) податоци. На пример, компјутерската визија може да обезбеди поевтина и поточна процедура за снимање/скенирање на луѓе за потребите на решавање на медицински и на здравствени проблеми. Со текот на времето машините ќе почнат да го применуваат своето стекнато знаење низ разни домени, што ќе овозможи брзо учење од текст или од виртуелни светови.

На крајот, компаниите кои ги разбираат и ги прифаќаат овие трендови ќе можат да ги преобразат своите лични технологии во конкурентна предност. Тие делотворно ги урамнотежуваат потребите на бизнисот со оние на крајните корисници и на ИТ-секторите за да ги остварат следниве цели:
• Привлекување и задржување на најдобрите таленти;
• Максимално зголемување на продуктивноста на крајниот корисник во текот на работата од кое било место и на секаков можен начин;
• Ефикасно и навремено справување со безбедносните закани било од периферните уреди било во податочниот центар;
• Минимизирање на предизвиците и пречките во процесот на менаџирање на деловните апликации и услуги и
• Намалување на вкупните капитални и оперативни трошоци.

Ерата на трансформација на работната сила и опкружување започнува денес!

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top