Убава Македонија
КИТИНО КАЛЕ И КНЕЖИНО

Александар Матески

Ретко кој град може да се гордее на кале кое е толку блиску до центарот и до кое ве делат само пет минути од која било локација во централното подрачје. Кичево го има Китино кале. Горе во боровата шума се наоѓа Алејата на хероите и Спомен-костурницата на народните херои од Втората светска војна која во Кичевскиот Крај однесе голем број млади животи. Амбиент кој потсетува на Могилата на непобедените во Прилеп. Уште во самото подножје на калето се наоѓа Музејот на Западна Македонија во НОВ. Калето е уште еден од низата локалитети чие име е поврзано со Крале Марко. Слично на Пешна, Девини кули, Маркови кули во Прилеп и многу други. Легендата говори дека името „Китино“ доаѓа по кнегињата и сестра на Крал Марко, Кита. Ридот е повисок за околу дваесетина метри од централното градско подрачје, па прошетката по калето прошарано со поплочени патеки е подобно за која било возраст. Остатоците од старата тврдина се забележуваат, но не се доминантни како на другите тврдини. Плоштината на тврдината се проценува на 1,5 хектар со околу 440 метри ѕидини и околу 5 кули. Голем дел од материјалот од бедемите подоцна е користен и за градба на куќите во подножјето. За жал мора да се констатира дека состојбата на калето во минатото била многу поуредена од денес. Впечатокот може да ви го наруши и негрижата за бистите на народните херои кои денес се турнати од вандалите. Сепак, Китино кале задолжително треба да се посети. Хортикултурното уредување на просторот заедно со зголемената грижа за спомениците горе ќе го вратат сјајот на ова прекрасно место. А за тоа не треба многу.

Калето поради својата локација и доминантна позиција над градот посебно е доживувано и како трофејно место, па со секоја промена на властите на калето се менувани спомениците почнувајќи од споменикот на српскиот крал Петар I Караѓорѓевиќ, кој постоел во периодот пред Втората светска војна, споменикот на Скендербег за време на Втората светска војна и споменикот на народниот херој Олга Мицеска од Кичево, кој во 60-тите години е отстранет. Во близина на бедемите се наоѓала и кичевската Саат-кула која е уништена во пожар и, за жал, денес повеќе не постои. Обновата на калето заедно со обнова на стариот градски часовник би бил одличен проект со што калето би го добило вистинскиот лик и би станало туристичка атракција и гордост на кичевчани.

Покрај главната артерија, во градот се наоѓа и историскиот воз Ќирчо. Симпатичен воз кој сообраќал по „теснолинејката“ кон Охрид. За целосно да го доживеете возот на пареа, поранешниот неуморен воин по планинскиот регион, гледајте го документарецот „Охрид експрес“ од 1972 година. Чајничето, како уште е познат, сообраќал од Скопје до Охрид од Првата светска војна, па сѐ до средината на шеесеттите години. Илустративен податок за брзината на транспортот е дека патувањето до Охрид од Скопје траело и по 18 часа. Денес интензивно се гради патната инфраструктура која треба да го поврзе Кичево до Охрид со нов автопат. Но, железничката инфраструктура во тој дел по сѐ изгледа за подолг период ќе остане само сеќавање на постарите.

На западната страна од Кичево, на околу осум километри се селото Кнежино и кнежинскиот манастир посветен на „Свети Ѓорѓи“. Пристапот до манастирот води низ излетничкиот комплекс Крушино. Оттука почнува Бистра. Идеално место за рекреација и за спортување, но уште повеќе и за одмор во жешките денови и релаксирање. Пред селото е Куќата на уметноста. Направете пауза. Погледнете ги изложените уметнички дела. Воодушевува креативноста на авторите. Ќе останете зачудени од оваа изложба на отворено во едно изолирано место сместено во прекрасна природа. Над манастирот се наоѓаат и извори за чија вода населението смета дека е лековита. Остатоците кои веднаш се забележливи откриваат дека на местото на денешниот манастир се наоѓала ранохристијанска црква изградена уште во петтиот век од нашата ера. Континуитетот во христијанскиот живот е зачуван и сѐ уште се одржува благодарение на Македонската православна црква и на населението кое несебично се грижи за овај македонски православен храм.

Кичево е познато во регионот и како трговски центар за злато, но доколку не сте со намера да трошите многу тогаш завршете ја посетата во некоја од локалните слаткарници. Нема да згрешите.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top