Интервјуа
ЉУБЉАНА Е ГРАД СО НАЈМНОГУ ЗЕЛЕНИ ПОВРШИНИ ПО ЖИТЕЛ ВО ЕВРОПА

Тјаша Фицко
Заменик-градоначалник на Љубљана

Во екот на предизборните кампањи и локалните избори во Република Македонија добро е да видиме како функционираат некои други, успешни градови. Љубљана ја има престижната титула Зелена престолнина на Европа. Има 560 метри квадратни зелени површини по жител. Во центарот на Љубљана моторниот сообраќај е сведен на минимум. Годишно има околу 14 илјади најразновидни културни настани и околу 1,5 милиони ноќевања на туристи. Разговорот со Тјаша Фицко ги става во вистински контекст клучните теми за успешно функционирање на една локална власт. На почетокот од ноември ќе учествува на самитот на Македонија 2025 во Скопје.  

 

Госпоѓо Фицко, на почетокот од ова интервју кажете ни малку за себе, за Вашата едукација и досегашната професионална кариера.

Т. Фицко: Имам завршено студии по комуникологија на Факултетот за општествени науки во Љубљана, а потоа и постдипломски студии по менаџмент на Економскиот факултет. Мојата професионална патека започна во Службата за односи со јавност во деловниот систем Меркатор и продолжи во Градската управа на градот Љубљана каде што го водев Отсекот за односи со јавност и до 2010 година се грижев за комуникацијата на целиот град и на јавните претпријатија и заводи под закрила на градот, а потоа станав заменик-градоначалник и советничка во Советот на градот на листата на Зоран Јанковиќ. Како заменик-градоначалник се грижам за областите култура, туризам, здравство, социјала, меѓународни односи, корпоративно комуницирање, развојни проекти. За мене беше голема чест што го водев проектот Зелена престолнина на Европа со кој Љубљана лани се проби на самиот европски врв и со тоа стана позната не само во Европа туку и пошироко.

Да започнеме со демографските движења во Љубљана. За разлика од многу други градови во регионот, на пример Скопје, Љубљана успеа да го одржи бројот на жители релативно непроменет во текот на последниве децении. Можете ли да им посочите на нашите читатели одредени податоци и да им објасните како успеавте во ова?

Т. Фицко: Во Љубљана бројот на жители се зголемува, во моментов нѐ има 288 илјади. Љубљана е град по мерка на човекот, пристапен е на сите, не е преголем, поголемиот дел од градот може да се помине пешки, а од друга страна го има сето она што го имаат големите градови. Во последниве десет години реализиравме повеќе од 1 800 проекти и со тоа го подобривме животот на нашите граѓани во сите области за што е потребна јасна визија, одличен тим на соработници и храброст зборовите да се спроведат во дело.

ВО ЉУБЉАНА БРОЈОТ НА ЖИТЕЛИ СЕ ЗГОЛЕМУВА, ВО МОМЕНТОВ НÈ ИМА 288 ИЛЈАДИ. ЉУБЉАНА Е ГРАД ПО МЕРКА НА ЧОВЕКОТ, ПРИСТАПЕН Е НА СИТЕ, НЕ Е ПРЕГОЛЕМ, ПОГОЛЕМИОТ ДЕЛ ОД ГРАДОТ МОЖЕ ДА СЕ ПОМИНЕ ПЕШКИ, А ОД ДРУГА СТРАНА ГО ИМА СЕТО ОНА ШТО ГО ИМААТ ГОЛЕМИТЕ ГРАДОВИ

Дали постојат одредени меѓународни трендови во водењето на локалната власт кои ги сметате за особено важни во управувањето со Љубљана?

Т. Фицко: Иако секое место е единствено и има своја приказна, сите се судираат со слични предизвици, на граѓаните, од најмлади до најстари, да им создадат услови за што подобар и поквалитетен живот. Значи, да набројам само некои, потребно е да се обезбеди инфраструктура: комунална, станови, градинки, училишта, здравствени и културни установи, потоа спортски, рекреациски и зелени површини, да се регулира сообраќајот, да се внимава на квалитетот на воздухот. Сите имаме иста цел, во својот град граѓанинот да се чувствува убаво, сигурно и исполнето. Со оглед на тоа што секој град е специфичен и на свој начин се справува со предизвиците, нема универзален рецепт. Но, едно е важно, градоначалниците мораат да имаат визија и јасно зацртани цели, мораат да бидат одлучни, мудри и храбри при носењето одлуки, а воедно мора да имаат и добро извежбана екипа која теоријата ќе ја спроведе во дело. За среќа, Љубљана, на чело со нашиот градоначалник Зоран Јанковиќ, сето тоа го има.

Понекогаш некои проекти бараат повеќе време за реализација од времетраењето на еден редовен политички мандат. Какво е искуството на Словенија, како се поставуваат новите локални власти во однос на долгорочните проекти што претходно биле започнати од друга политичка партија?

Т. Фицко: За жал, повеќе пати сме биле сведоци кога дошло до стагнација на некој проект затоа што локалната заедница не е компатибилна со владејачката политичка опција во државата. Тогаш доаѓаат до израз разновидни политички игри најчесто така што се менуваат закони и тоа на штета на локалната самоуправа, на пример се намалува финансирањето и сл. Се разбира, копјата се кршат на грбот на граѓаните кои поради тоа се лишени за некој проект што е неопходен и со кој тие би го олесниле и би го подобриле своето живеење. Се разбира, не е сѐ црно-бело и постојат примери на добра соработка. Ако зборувам за Љубљана морам да истакнам дека истата екипа го води градот веќе 11 години, што е предност бидејќи за имплементација на проектите е потребна стабилност и континуитет. Мошне е важно и тоа што независната листа на Зоран Јанковиќ има мнозинство и во Советот на градот со што многу полесно се потврдуваат бројни документи што се клучни за успешен развој на Љубљана.


Конгресниот плоштад во Љубљана, некогаш и денес

Дали има локални јавни претпријатија што потпаѓаат под надлежност на градот Љубљана? Доколку има, како работат тие, како стојат финансиски, како обезбедувате овие претпријатија да се однесуваат на одговорен начин?

Т. Фицко: Има четири претпријатија во Љубљана кои се грижат за комуналните услуги. Тие се поврзани во т. н. Јавен холдинг Љубљана. Тоа се Енергетика Љубљана која го снабдува градот со топлинска енергија и со природен гас; претпријатието Водовод-канализација обезбедува вода за пиење и ја обработува отпадната вода; Љубљански патнички сообраќај обезбедува јавен превоз; Јавното претпријатие Снага се грижи за прибирање и обработка на сите видови отпад и одржување на чистотата. Градот е мнозински сопственик на холдингот (87 %), додека останатите проценти на сопственост се делат на 5 околни општини. За ефикасно работење на холдингот, а со тоа и на сите јавни претпријатија, мошне е важна добрата соработка на сите основачи и меѓусебната доверба. Во изминативе 11 години сите одлуки се донесени едногласно, без надгласување. Директорката на холдингот е дел на тимот на директори на Градската управа кои се состануваат еднаш неделно и ги разгледуваат актуелните работи. Во сопственост на градот Љубљана имаме уште две претпријатија: за градските гробишта се грижи претпријатието Жале, а за јавните паркинзи и пазарите Јавното претпријатие Љубљански паркинзи и пазари кои, исто така, успешно работат. Ако има потреба градот и ги субвенционира претпријатијата, што веќе со години се прави со јавното претпријатие за сообраќај, а сѐ со цел да работат одговорно и во корист на своите граѓани на кои им обезбедуваме најквалитетна услуга по најповолна цена.

Во Љубљана речиси секојдневно се случуваат културни настани. Од каде ги црпите идеите и креативноста за културни атракции со висок квалитет за граѓаните?

Т. Фицко: Градот е основач на 11 јавни заводи од областа на културата и горди сме што за културата издвојуваме дури 10 % од Буџетот, што е повеќе и од државата. Во Љубљана годишно регистрираме околу 14 илјади културни настани за сите возрасти и вкусови од кои повеќе од 70 % се бесплатни. Така секој може да го најде она што најмногу му одговара, од најмладите кои првпат се среќаваат со светот на уметноста, па сѐ до најпребирливата публика. Во Љубљана веќе со години се одржуваат низа меѓународни фестивали од кои вреди да се издвојат барем два традиционални, Љубљана фестивал и Графичко биенале, на кои гостуваат познати имиња. Тука се уште и фестивалите Јуни во Љубљана, Дабар за најмладите, го востановивме и Музејот на кукли... Нашите театри успешно гостуваат во странство и освојуваат бројни награди. Горди сме што сме еден од 19 градови во светот со титулата Унесков град на литературата, а во 2010 година бевме Светска престолнина на книгата. Откако Љубљана минатата година го доби називот Зелена престолнина на Европа станавме препознатливи не само во Европа туку и пошироко, а со тоа и поинтересни за бројни изведувачи, инвеститори и други гости кои со задоволство доаѓаат кај нас.


„Словенска улица“ во Љубљана, некогаш и денес   фото M.Фрас, Н.Рован

Љубљана е град кој придава големо значење на животната средина. Како успевате да ја зголемите свесноста кај граѓаните за рециклирањето на отпадот и за заштита на животната средина?

Т. Фицко: Свесни сме за тоа дека мораме одговорно да се однесуваме кон околината бидејќи единствено така можеме да ја сочуваме за нашите потомци. Ако пред дваесетина години беше сосема нормално да се пие вода од славина, за тоа воопшто не ни размислувавме, денес сфаќаме дека тоа е драгоценост која не смееме туку така да ја прифаќаме и мораме да преземеме сѐ за да ја заштитиме. Во Љубљана живееме по начелата на Зелена престолнина на Европа, што значи дека во сите подрачја ги следиме принципите на одржлив развој. Иако денес можеби сѐ ни се чини едноставно и лесно достижно, на почетокот не течеше сѐ лесно. Беше потребно да се менуваат навиките на луѓето што, всушност, е најтешко. На луѓето треба да им се објасни зошто се потребни промените, да им се понудат алтернативи и за новите работи на правилен начин да ги информирате и, ако е потребно, дополнително да ги образовате. Со правилен пристап ни успеа да го зголемиме рециклирањето на отпадот така што денес сме први во Европа по сепарацијата на ѓубрето дома, а воедно сме и единствен главен европски град со стратегија „нула отпадоци“ (zero waste), што значи настојуваме во најголема можна мерка да го намалиме создавањето ѓубре, да ја зголемиме неговата повторна употреба и рециклирање. Во центарот на градот имаме поставено контејнери за ѓубре под земја и тие се вистинска атракција за туристите. Во Љубљана е сместен и најголемиот современ и технолошки довршен Регионален центар за обработка на отпадоци (РЦЕРО) и тоа дури за третина на отпадот во Словенија.

Сообраќајот во центарот на Љубљана е намален на минимум. Како реагираа граѓаните на оваа промена?

Т. Фицко: Како што веќе напоменав, најтешко е кај луѓето да се менуваат навиките. На почетокот мноштвото граѓани се плашеше дека центарот на градот ќе замре доколку во него го ограничиме сообраќајот. Денес е обратната ситуација и нема речиси никој кој би сакал работите да се вратат на старо, па дури е незамисливо дека пред десет години локалните автобуси возеа низ старото градско јадро и дека имаше автобуска станица речиси пред градската куќа. Иако такво поместување не може да се направи преку ноќ, кај нас се случи токму тоа откако во една улица пукна водоводна цевка и моравме да ја затвориме улицата, а кога ја заменивме цевката и повторно ја отворивме улицата во неа го ограничивме моторниот сообраќај. Но, се разбира, тоа беше само почеток и вложивме многу труд и енергија за да им се претстави на граѓаните на правилен начин проектот заедно со алтернативните решенија. Не можете едноставно да укинете нешто, а да не понудите друга опција. Со оглед на тоа што низ стариот дел на градот тече реката Љубљаница изградивме дополнителни мостови и така на жителите им го скративме патот до нивните домови, работни места... Под Конгресниот плоштад, кој некогаш служеше како паркинг, изградивме подземна гаража и така автомобилите ги сместивме под земја, а просторот на плоштадот го наменивме за одржување различни културни, спортски и други манифестации. Во пешачката зона воведовме 6 електрични возила, т. н. кавалери, кои бесплатно ги превезуваат граѓаните, а меѓу љубљанчани, па дури и пошироко, вистински хит е системот за изнајмување велосипеди (БицикеЉ) кој функционира во целиот град.


„Тромостовје“ во Љубљана, некогаш и денес   фото Д.Ведам, извор Љубљана туризам

Што прави локалната власт на Љубљана за привлекување туристи? Можете ли да ни посочите податоци за бројот на туристи, бројот на ноќевања во градот и големината на годишните приходи?

Т. Фицко: Со тоа што освоивме многу меѓународни признанија и награди, од кои најзначаен е називот Зелена престолнина на Европа, станавме препознатливи, а со тоа и попривлечни за странски гости. Љубљана е релативно мал град со богата историја и културно наследство, а повеќето знаменитости можете да ги поминете пешки. Нашиот најголем парк Тиволи е во самото срце на градот, а не е за занемарување ни фактот дека сме град со најмногу зелени површини по жител во Европа, дури 560 метри квадратни. Жителите се дружељубиви, пријатни и гостољубиви, затоа не изненадува тоа што нашите гости повторно ни се враќаат. Бројот на гости расте од година во година. Пред десет години имавме само 400 илјади ноќевања, а денес ги имаме околу 1,5 милиони. Освен што станавме препознатливи, мошне е важна и добрата промоција на нашиот Јавен завод Туризам Љубљана кој успешно го презентира нашиот град на бројните настани во земјата и странство и патем креира иновативни, единствени и атрактивни производи за различни групи гости. Особено внимание посветуваме на деловниот, на културниот и на спортскиот туризам, како и на регионалното поврзување.

ОТКАКО ЉУБЉАНА МИНАТАТА ГОДИНА ГО ДОБИ НАЗИВОТ ЗЕЛЕНА ПРЕСТОЛНИНА НА ЕВРОПА СТАНАВМЕ ПРЕПОЗНАТЛИВИ НЕ САМО ВО ЕВРОПА ТУКУ И ПОШИРОКО, А СО ТОА И ПОИНТЕРЕСНИ ЗА БРОЈНИ ИЗВЕДУВАЧИ, ИНВЕСТИТОРИ И ДРУГИ ГОСТИ КОИ СО ЗАДОВОЛСТВО ДОАЃААТ КАЈ НАС

Постои ли соработка меѓу Љубљана и локалните власти во Македонија?

Т. Фицко: Љубљана има мошне добри односи со сите главни градови од поранешните републики на некогашната заедничка држава, што не е необично со оглед на тоа што со години живеевме на истиот простор. Нѐ поврзуваат многу работи и имаме многу допирни точки. Секогаш сме подготвени нашите искуства да ги споделиме (со нив) и со тоа добрата соработка дополнително да ја продлабочиме.

Ќе бидете еден од говорниците на Самитот организиран од Македонија 2025 во Скопје на почетокот од ноември. За што ќе зборувате?

Т. Фицко: Ме радува тоа што ќе можам искуствата на Љубљана како Зелена престолнина на Европа, кои се темелат на одржливиот развој и повисокиот квалитет на живот, да ги споделам со учесниците на Самитот. Добредојдени сте во што поголем број!

Ви благодарам за интервјуто.

Т. Фицко: Ви благодарам и Вам и Ве очекуваме во Љубљана!

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top