Интервјуа
ДИГИТАЛНИТЕ БИЗНИСИ ЌЕ ГИ НАДВЛАДЕАТ ПОСТОЕЧКИТЕ БИЗНИС МОДЕЛИ

Хеимо Хамер
Сопственик на агенцијата за дигитален маркетинг Крафтверк

Во пресрет на шестото издание на маркетинг конференцијата AllWeb разговаравме со еден од овогодинешните говорници, Австриецот Хеимо Хамер. Хеимо е ветеран во полето на дигиталниот маркетинг, зад себе има огромно искуство и голем број проекти и компании. Тој бил професор по маркетинг на Универзитетот во Виена, работел и уште работи за компании како Сименс, Меккен Ериксон и д-р Патнер и Бејтс (Siemens, McCann Erickson and Dr. Puttner & Bates). Уште во 1990 година ја создал својата Агенција за дигитален маркетинг Крафтверк. Со неа сега е лидер во својот сегмент од австрискиот пазар со обрт од 58 милиони евра во 2016 година. Хеимо со својот тим досега има имплементирано над 2 000 рекламни кампањи и повеќе од 2 500 дигитални проекти за клиенти како Ред бул, Кока-Кола, Јуни кредит, Луфтханза, Дојче Борсе, Доминос пица, Опел (Redbull, Coca-Cola, Unicredit, Lufthansa, Deutsche Börse, Domino’s Pizza, Opel) и други. 

 

Како изгледа од денешен агол кога се присеќавате на Вашите почетоци? Сега сите знаеме дека се случија значителни промени во однос на технологијата и начинот на кој се користи, но што вели Вашето искуство? Дали бевте во можност да ги предвидите овие промени и да ги искористите за остварување позитивни ефекти?

Х. Хамер: Во раните деведесетти Европа спиеше. Првите луѓе кои зборуваа за нешто што се нарекуваше интернет беа во Калифорнија. Во последнава деценија интернет-бизнисот и дигиталниот маркетинг променија буквално сѐ. Сега сме „дигитални домородци“ и постојано сме онлајн. Спиеме со нашите смартфони до нас и се чувствуваме изгубено без нашата дигитална папочна врвка. Да бидам искрен, моите соништа се остварија. Јас сум среќен човек бидејќи ја имав привилегијата да бидам дел од дигиталната револуција од самите нејзини почетоци.

Каде се слеваат големите пари од буџетите за дигитален маркетинг во моментов, на глобално и на локално ниво? Каде Вашата агенција Крафтверк го става главниот фокус?

Х. Хамер: Буџетите за дигитален маркетинг во Германија, во Австрија и во Швајцарија во последниов период експлодираа. Имаме зголемување на буџетите меѓу 20 и 30 % годишно. Главните пласмани ќе бидат во делот на programmatic media, video streaming, content marketing и business intelligence. Крафтверк ги пласира своите услуги на интернационален план бидејќи нашата експертиза и знаењето можат лесно да се прошират насекаде низ светот. Имаме интернационални кампањи во над 70 земји.

ДЕНЕС ДИГИТАЛНОТО БРЕНДИРАЊЕ Е КЛУЧОТ НА УСПЕХОТ ЗА ЦЕЛИОТ БРЕНД И ЗА КОМПАНИЈАТА. ВО ДИГИТАЛНАТА ЕРА БРЕНДОТ ИМ ПРИПАЃА НА СИТЕ И ТОЈ НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ КОНТРОЛИРАН ИЛИ ЗАШТИТЕН ВО ТАА МЕРА КАКО ПОРАНО ОД СТРАНА НА МАРКЕТАРИТЕ. ЈАС ИМАМ ЕДНА ИЗРЕКА ЗА ТОА: „ДО ВЧЕРА ИМАВМЕ БРЕНД ДИКТАТУРА, ДЕНЕС ИМАМЕ БРЕНД ДЕМОКРАТИЈА“

Агенцијата што ја водите нуди комплетен спектар на услуги во областа на маркетингот. Каде сметате дека ќе се придвижи следниот глобален тред, дали кон големите глобални фул сервис (full service) агенции или кон помалите, специјализирани агенции кои можат да испорачаат одлична услуга, но само во еден сегмент за клиентот?

Х. Хамер: Ова е добро прашање. Мое мислење е дека кај пазарите во развој постои потреба од различни играчи со различни пристапи и вештини. Не постои унифициран пристап, таков што ќе биде апликабилен на целиот пазар.
Може да се каже дека ова е период на трансформација на агенциите за дигитален маркетинг. Мрежите за огласување ги купуваат дигиталните агенции, консултантските компании ги купуваат дигиталните агенции, софтверските компании ги купуваат дигиталните агенции и така натаму. Спојувања и аквизиции се случуваат секој ден.
Крафтверк е повеќе како Астерикс бидејќи сакаме да бидеме слободни и први да ги испробаме новите работи со клиентите кои се проактивни. Ние секоја година работиме на нови стратегии поради што се шегуваме дека мораме да го основаме Крафтверк одново и одново. Нашите услуги и вештини од 2015 година веќе денес се застарени.

Според Ваше мислење, што е она што е најважно за еден бренд да биде успешен во своите активности во дигиталниот маркетинг? Кој тип дигитална промена е главниот услов и од каде треба да се почне во таа промена?

Х. Хамер: Во минатото постоечките брендови доаѓаа од офлајн светот. Таму владееше еден поинаков стил кој подразбираше тотална контрола на сите активности поврзани со брендот. Денес дигиталното брендирање е клучот на успехот за целиот бренд и за компанијата. Во дигиталната ера брендот им припаѓа на сите и тој не може да биде контролиран или заштитен во таа мера како порано од страна на маркетарите. Јас имам една изрека за тоа: „До вчера имавме бренд диктатура, денес имаме бренд демократија“.

ДУРИ 80 % ОД ОНЛАЈН ПРОДАВНИЦИТЕ НЕ ОСТВАРУВААТ ПРОФИТ. ПОСТАВУВАЊЕТО НА ОЧЕКУВАЊАТА ПОНЕКОГАШ Е ГЛАВНИОТ ПРОБЛЕМ. АКО E-ПРОДАЖБАТА Е ДЕЛ ОД СТРАТЕГИЈАТА ЗА НАРЕДНИТЕ ГОДИНИ, ТОГАШ ПОТРОШУВАЧИТЕ И ПРОФИТОТ ЌЕ СИ ДОЈДАТ. ГУБЕЊЕТО ПАРИ ДЕНЕС ЗА ДА ЗАРАБОТИШ ПОВЕЌЕ УТРЕ Е ДОБРО, НО ОД ДРУГА СТРАНА, КОГА ДОАЃА ТОА УТРЕ?

Дали сметате дека во мошне блиска иднина електронската продажба (e-commerce) ќе биде задолжителна за сите компании што се занимаваат со продажба? Ако сметате дека тоа е така, која е временската рамка во која тоа ќе се случи? Дали можеме да кажеме дека компаниите ќе загубат многу голем дел од пазарот ако не продаваат на интернет?

Х. Хамер: Зависи од пазарите, од брендот и од стратегијата. Во моментов, кога зборуваме за e-продажба, повеќе станува збор за e-инвестиции. Дури 80 % од онлајн продавниците не остваруваат профит. Поставувањето на очекувањата понекогаш е главниот проблем. Ако e-продажбата е дел од стратегијата за наредните години, тогаш потрошувачите и профитот ќе си дојдат. Губењето пари денес за да заработиш повеќе утре е добро, но од друга страна, кога доаѓа тоа утре? Во наредната декада дигиталните бизниси ќе ги надвладеат сите постоечки бизнис-модели.

Една од Вашите компании е лоцирана во Србија. Како гледате на развојот на овие пазари, дали тие ќе служат како полигон за аутсорс или ќе можат да развијат свои независни пазари?

Х. Хамер: Србија е на добар пат да стане развиен дигитален пазар во иднина. Во 2011 година Крафтверк дојде во Србија бидејќи бевме во потрага по млади и амбициозни девелопери. Додека пак во 2017 година веќе сме во потрага по клиенти во регионот. Крафтверк интернешнл (Kraftwerk International) е отворен за соработка со клиенти од Србија или од каде било од регионот.

Минатиот месец бевте дел од вторata AllWeb конференција за дигитален маркетинг во Албанија. Какви се Вашите впечатоци од таму и што можеме да очекуваме од Вашиот настап во Скопје на 17 ноември?

Х. Хамер: Конференцијата во Тирана беше мошне професионално организиран настан со супер говорници. Целиот ден беше исполнет со нови работи, со забава и со вмрежување. Во Скопје очекувам да отидеме еден чекор понапред. Ќе навлеземе подлабоко во performance, стратегија и студии на случај на реални проекти.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top