Општество
Ексклузивно од Париз: РЕТРОСПЕКТИВНА ИЗЛОЖБА НА ДИОР

Лидија Георгиева
Авторката е дизајнер, вонреден професор

Септември во Париз – модна недела и недела на дизајн

Иако секое време е добро за посета на Париз, септември е многу интересен и интензивен период исполнет со настани кои нема да ви дозволат да мирувате на едно место. Покрај светски реномираниот салон Мезон е Обже (Maison&Objet) кој има статус на информатор и бизнис-платформа за најновите тенденции во домашното уредување, а потоа и ревиите и презентациите на најновите колекции, на огромна површина од мали и големи независни простори се одвиваат бизнис-договори и проток на информации кои ќе влијаат подоцна на визуелната култура што ќе нѐ опкружува во иднината. Доколку наскоро планирате да патувате, задоволство ми е да бидам вашиот Париз инсајдер – некои од содржините кои ги предлагам сѐ уште ќе имате можност да ги посетите. 

 

МОДА

Доколку ја видите оваа врата (во центарот на Париз), слободно заѕвонете и препуштете се на необичниот свет дизајниран како амбиент на софистицирана готика. Играта на тронови тука се игра веќе добри дваесетина години. Еклелер е култен простор за презентирање на кремот на авангардата во модата, концептот и апстракцијата се тука клучни зборови, а во овој универзум гравитираат клиентите кои секој дизајнер би ги посакал.

 

Меѓу приоритетните активности кои ги предлагам до крајот на годинава, незаобиколна е изложбата на куќата ДИОР. Музејот на декоративните уметности го слави 70-тиот роденден од креацијата на оваа легендарна модна институција, со акцент на животот на Кристијан Диор, историската важност, мајсторската изработка, како и на сите дизајнери кои потоа ја наследиле раководната палка – Сен Лорен, Марк Боан, Џанфранко Фере, Џон Галијано, Раф Симонс и сега аткуелната Марија Грација Кејури (Yves Saint Laurent, Marc Bohan, Gianfranco Ferré, John Galliano, Raf Simons, Maria Grazia Chiuri). Изложбата е грандиозен момент на емоции, патување во историјата, фасцинантно е да се биде сведок на архивите на куќата, но моето срце затрепери особено пред историскиот коктел ансамбл БАР од 1948 година, кој одбележал значаен период во модата. 

 

Нова тенденција во париските бутици е и сѐ почестото организирање на попап сторови. Тоа им овозможува на независните дизајнери директен пристап кон клиентелата во ограничено време кое сами ќе го одлучат. Оваа нова динамика е одлична во време кога сѐ повеќе производи се пласираат на инернет, а бутиците сѐ потешко се одлучуваат да инвестираат во независни и мали брендови.

 

Од изложбата посветена на накит во Пале де Токио (PALAIS DE TOKYO)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top