Општество
ГАСТРОНОМИЈА

Лидија Георгиева
Авторката е дизајнер, редовен професор

Париз во изминативе години доживува една мини густативна експлозија. Покрај познатите храмови на сетилата се појавуваат нови пријатни катчиња кои, доколку немате пријател инсајдер, можете да ги откриете преку една од петте одлични апликации за мобилни телефони (Lе fooding, La fourchette итн.) – таа ќе ве доведе директно кон откривање на места со прекрасни концепти од светската кујна, некои од нив однадвор можеби немаат претензија, но внатре откриваат изненадувачки амбиенти.



За сите фанови на француската кулинарска традиција го препорачувам храмот на специјалитети од патка - Контоар де ла гастрономи (Comptoir de la gastronomie). Непретенциозно место, во центарот на Париз, со љубезна услуга и мајсторски подготвени и дизајнирани чинии, врвно гастрономско уживање.

 

Вистински театар беше и ручекот во ресторанот на Елен Дароз, моментално една од најпознатите париски шефови со две Мишелин ѕвезди. Во нејзиниот талент можете да уживате во Лондон, во Москва и во Париз, па штом ќе го поминете прагот постојано некој од екипата ја игра својата добро извежбана угостителска улога за доживувањето да биде комплетно. Елен е навистина креативна, но и секако има и бизнис-талент – тимот постојано се грижи за задоволството на гостите, храната од почеток до крај е мајсторски подготвена, а мое мислење е дека нејзината силна страна се десертите.

 

Петпати повеќе (Cinq fois plus) е екстремно пријатен ресторан-галерија, кој можеби и поради својата локација (во Маре – кварт со галерии) честопати организира уметнички настани. Основана од шефот господин Ченг, добитник на бројни признанија, акцентот е на кинеска кујна од провинцијата Сечуан. Декорот е модерен и софистициран, лежерност и прозирност во дрво и во стакло, светлина од сите страни. Успешно се поставени предмети од азиската култура, внимателно одбрани во функција на чувството на опуштен комфор. Овој микс на модерно и на традиционалното е прекрасно доживување не само во декорот туку и во јадењата кои се креативни, егзотични, незаборавно вкусни и со суптилни ароми.

 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top