Е-Б-Ф-Б
РАЗГОВОРИ ЗА НАЈАВЕНИТЕ ДАНОЧНИ ИЗМЕНИ

Павле Гацов
Авторот е Претседател на Собранието на Сојуз на сметководители на Република Македонија

Вовед во разговорите

За даноците зборуваат сите, насекаде и во секоја прилика. Малубројни тоа го прават тивко, употребувајќи го говорот на бројките, споредбите и трендовите, други пак за тоа ја користат интуицијата и својата лична позиционираност во однос на најавените даночни измени, па затоа нивното „изразување“ е за октава повисоко од првите. Сепак, како и за сѐ друго и за најавените даночни измени најгласни се политичарите, нивните поддржувачи, но и нивните критичари во улога на поддржувачи на други политичари. Надолу по текс виспр (tax whisper) скалата се редат сопствениците на претпријатија и работниците кои работат кај нив, па потоа станоиздавачите и кираџиите, програмерите и авторите, штедачите и пензионерите..., познавачите и непознавачите.

Кога се разговара за промени кај даноците дискусијата секогаш станува интересна. Впрочем, даноците ги засегаат сите. Помал данок му носи поголема заработувачка на даночниот обврзник. Со нула данок, целата заработувачка му останува на обврзникот! Даночен перпетуум мобиле. Никој да не плаќа данок, а државата да функционира?! Еј, фискални убавини ..., но нереални.

Освен нискиот, односно „нула данокот“ како измислена форма на даночна утопија, постои и друга, алтернативна и незаконска патека за намалување на даночната обврска – патека без плаќање „патарина“. Имено, кога обврзникот нема да го евидентира предметот на оданочување – направениот приход или промет, незаконски ќе заштеди цели педесетина проценти од приходот, односно во овој случај буџетот ќе биде пократок за 18 % ДДВ, 10 % персонален данок, 10 % данок на добивка и за еден дел од придонесите за социјално осигурување што би биле платени при исплата на платите на вработените. Целиот приход ќе му остане како заработувачка на сопственикот – „фискален комунизам“ – економија без даноци.

Неиздавањето фискални сметки е црната опција на ваквиот фискален комунизам. Поради општествената штетност, овие појави треба да се санкционираат: робусно, неселективно, секаде и за сите. Тие го дерогираат даночниот, финансискиот, економскиот, но и општествениот систем.

Освен самото неиздавање фискални сметки, праксата покажа дека се користи и лажна фискална опрема (старата термална фискална опрема што не е повлечена од провајдерите), потоа компјутерски софтвер за двојна евиденција, како и издавањето сметки кои се слични на фискалните, но не се... Токму деновиве даночниот орган објави во јавноста вакви незаконски постапувања што беа санкционирани...

За ваквите појави засега е доволно. Кои се решенијата? Треба да се продолжи со контролите, зачестено, ненајавено и насекаде. Дополнителна опција е да се воведе задолжително плаќање преку банкарски сметки, со картички и сл. за да се избегне, односно да се минимизира употребата на готовината во прометот. Евентуалното враќање на ДДВ-то би било форма на стимулирање самите даночни обврзници да не заминуваат од продажните објекти без да добијат уредна фискална сметка. Ова се идеи, а фискалните авторитети имаат можност за нивна реализација.

„Шема“ за водење дискусија за даноците

Во продолжение ќе направиме обид за унифицирање на секојдневните разговори за даноците во „Шема за дискусија за даноците“.

Почеток. „Правилно“ е разговорот да започне со констатации за актуелната состојба: многу е, малку е, рамно да е, се намали евазијата, имаат – нека платат повеќе, зошто пак мене, ќе избегаат странците, никој нема да инвестира...  

Напредок. Откако ќе се заврши со констатациите за состојбата со даноците и со даночниот товар се преоѓа на поинтересни делови од разговорот поврзан со начинот на трошењето на собраните даночни приходи... Нерационално се троши, нема пари за здравството и образованието, улиците се „крш“..., а Фондот за ПИО...

Крешчендо. По споменувањето на трансферите од Буџетот кон Фондот за ПИО обично настанува молк зашто дискусијата очигледно оди во ќорсокак и се фаќаат други поинтересни теми...

Крај. Дискусијата е завршена со претходната фаза. Ова е само констатација на фазата „Крај“.

Висина на даночниот товар споредба на даночните стапки

Откако ја зададовме „Шемата за дискусија за даноците“, во продолжение ќе презентираме некои факти за актуелниот даночен товар во Македонија, кај нашите соседи и кај неколку интересни земји мерено преку висината на даночните стапки.

Прегледот може да се користи во рамките на „Шемата за дискусија за даноците“ во делот „Напредок“.

Познавачите знаат дека даночната стапка е само еден сегмент кој ја определува висината на даночниот товар, тука се и начинот (широчината) на формирање на даночната основа, даночните ослободувања и сл. Табелата ја изготвивме користејќи повеќе извори покрај главниот – официјалните интернет-страници на даночните управи на секоја одделна држава. 

 

Преглед за висината на даночните стапки на данокот на добивка, персоналниот данок и ДДВ по одделни земји

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top