Убава Македонија
НОВО СЕЛО

Александар Матески

Ново Село е топоним кој го носат повеќе населени места во Македонија, околу петнаесетина, па дури и една општина во Југоисточниот Регион. Сепак штипското се издвојува по своите убавини, пред сѐ по својата местоположба, зачуваната препознатлива архитектура, но и како историски центар на интелигенцијата која оставила свој белег во македонската национална историја.

Близината до Штип и лесниот пристап до Ново Село го прави атракција која не смее да се пропушти при некоја идна посета на Штипскиот Регион. Населбата по својата урбанизираност, бројот на жители кој е над 3 500, па и по поврзаноста со Штип, веќе е негов приградски дел  поради што и може да привлечепоголем број туристи. Приодот до Ново Село е по течението на реката Отиња на неполн километар од најголемата црква во Штип посветена на свети Никола. Во самото село е вливот на Отиња во Брегалница. Селото е сместено на двете страни од Брегалница со тоа што поголемиот дел е на левата страна.

Веднаш над селото се издигнува и ридот на кој е изградена штипската тврдина. Исарот, како што е познат меѓу локалното население, датира од средниот век. Одличното стратешко место овозможува контрола над целата област, а стрмните падини над Ново Село се дополнителна природна бариера од освојувачите. На падините на тој рид се наоѓа и црквата „Св. Јован Крстител“. Од далеку можете да ја забележите фреската над влезната врата во црквата.

Од левата страна на патот вашето внимание ќе го одвлече главната црква посветена на Успението на Пресвета Богородица, црква со импресивна големина чија градба е завршена во средината на XIX век. Дело е на еден од најзначајните мијачки неимари, Андреја Дамјанов од Папрадиште, Азот. Покрај црквата во Ново Село, во опусот на неговите дела се и црквата „Св. Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка и „Св. Великомаченик Пантелејмон“ во Велес. Од прекрасната резба посебно треба да се издвои балдахинот, велелепно дело на македонските мајстори. Чиста среќа е како за време на окупациите кои ги доживеал овој крај ваквите дела останале недопрени и непренесени во некоја од соседните држави. Клисарот ќе ви ја покаже и скривницата од левата страна во црквата, а ќе ви раскаже и за скривниците кои се наоѓаат на горниот кат кои служеле за засолнување на комитите. По негово кажување имале доволно простор за криење на 30 луѓе. Кога сте во црквата сфаќате дека по малку горделивото раскажување на клисарот за одличната акустичност на црквата и не е нереално.

Двокласната гимназија во Ново Село на крајот од XIX и XX век ќе прерасне во центар на македонската интелигенција од Штипско. Токму тука и Гоце Делчев ќе учителствува и ќе ја воспостави и зацврсти организациската мрежа на револуционерното движење. Оттука сосема оправдано Ректоратот на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ се наоѓа во Ново Село. Денес во состав на универзитетот влегуваат 15 единици од кои 12 факултети и 3 академии со над 100 студиски програми во трите циклуси на студии.

Низ селото тече Брегалница, најдолгата лева притока на Вардар со 225 километри. Извирајќи од Малешевско, Брегалница поминува низ повеќе котлини и клисури за вливот во Вардар да ѝ биде во близина на селото Виничани. Од сливното подрачје на Брегалница, посебно убави и со поголем потенцијал за развој на туризмот се повеќе вештачки езера од кои треба да се издвојат Беровското Езеро, Калиманци и Гратче. Во понискиот дел, посебно од Ново Село до вливот, поради конфигурацијата на теренот има голем број меандри, едни од најинтересните во Репубика Македонија.

Кога станува збор за луѓето по потекло од овој крај, неизбежно е да се споменат Емануел Чучков, Михајло Апостолски, а можеби најсветлиот лик е Методи Гогов, подоцна востоличен во поглавар на Македонската православна црква, архиепископ охридски и македонски г. г. Михаил. А секако треба да се споменат и луѓето чија улога во македонската национална историја и денес е предмет на бројни полемики и различни мислења како Тодор Александров и Иван (Ванчо) Михајлов.

При посетата на селото не можете да не ја забележите прекрасната архитектура на куќите. Еден дел се реновирани и зачувани, а дел на патот засекогаш да исчезнат. Затоа понесете фотоапарат и овековечете ги спомените од овие прекрасни градби.

Близината на Ново Село до Штип може да се искомбинира и со кафе пауза во центарот на градот и со дегустација на штипска пастрмајлија, најпрепознатливиот специјалитет на целиот регион.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top