Општество
ПРЕДИЗВИК

Ѓорѓи Јаневски
Авторот е културен работник

Осмото издание на МакеДокс фестивал на креативен документарен филм се одржа под мотото „расприкажани слики“. Во неговиот тематски фокус беше визуелната нарација.

...

С. Л: Дали си ти „перверзњак“?
Т. О: Не. Всушност, јас сум филмаџија, документарист.
С. Л: Ох, мислиш нешто како Вештерката од Блер (Blair Witch Project).

Доколку е точна изреката дека во секоја шега има половина вистина, во овој дијалог позајмен од филмот Раскажување(Storytelling) на Тод Солонѕ (Todd Solondz) вагата уште повеќе натежнува налево, на страната на вистината. Документаристот како манијакален воајер, спремен со години и со истрајност да го следи, да го опсервира и да го снима предметот на сопствениот интерес наспроти перцепцијата на пошироката публика за овој вид филмско творештво, која останува речиси непроменета. Но, секое зло за добро.

Документарните филмови немаат широка дистрибуција и видливост. Нивното место е резервирано за филмските фестивали, за мала, одбрана и едуцирана публика. Следствено и нивното финансирање и продуцирање е долго и комплицирано како бирократските лавиринти на Европската Унија. Премногу често тој е алатка во рацете на богатиот и развиен западен свет кој преку овој медиум и под превезот на „вистината“ и на „политички коректното“ ни ја сервира сопствената визија на другоста. Сиромавите, обесправените и маргинализираните едноставно го немаат гласот ниту пак ги поседуваат алатките. А филмаџијата документарист, веќе изморен и прегладнет, е тука за да удоволи и да се допадне. За среќа, постојат и автори кои едрат спроти брановите прифаќајќи ја сопствената маргинална позиција и од недостатокот успеваат да направат доблест. Документарниот филм го третираат како идеален простор за експеримент, за истражување на лимитите на медиумот и за нивно рушење/надминување.

Предизвик (The Challenge) е првиот долгометражен филм на италијанскиот режисер и визуелен уметник Јури Анкарани (Yuri Ancarani). Се одвива во Катар за време на еден пустински викенд во кој се одржува турнир во соколарство, вештина стара повеќе од 40 векови, која

сѐ уште има престижен статус во арапската современа култура. Неговите протагонисти се млади шеици со изобилство на слободно време и уште повеќе пари за трошење. Повеќето од кадрите во филмот ги претставуваат и си играат со симболите на богатството: златни моторцикли и ајфони, приватни авиони за транспорт на припитомени птици, царски резиденции и оној кој можеби највпечатливо го сумира целото искуство: човекот кој го вози својот ламборџини додека на совозачкото место е неговиот домашен миленик – гепардот. Во овој контекст луксузот и најмодерните техонологии природно коегзистираат со античките традиции. Камилите се заменети со џипови, а шаторите се претворени во модерни живеалишта. Пустината е припитомена и се претвора во полигон за континуирани машки игри, кој поприма имплицитна хомоеротична димензија. Единствената жена во филмот е странска туристка на камила: моќна индикација на маргините од кадарот.

Во филмот речиси и да нема дијалози ниту пак наратор кој го објаснува дејствието. Започнува со спорогоречко движење, во епски манир, налик на некој американски трилер сместен во Лас Вегас, Невада. Фотографијата го одзема здивот, додека креативниот амбиентален дизајн на звук дополнително ја надоградува сугестивната и загадочна атмосфера. Кога заведувањето е завршена работа режисерот пристапува кон бескомпромисна стилска апстракција, наративно лимбо, кое прераснува во комедија на апсурдот. Спас и утеха наоѓаме во немата и црна одјавна шпица. Долго по проекцијата која се доживува како физичко искуство не сме сигурни што сме гледале. Остануваат дразбите и горчливиот вкус во устата. Филмот прераснува во мистериозен објект тежок за дешифрирање. Отвора прашања наместо да дава одговори.

Предизвикот од насловот на филмот повеќе се однесува на самиот креативен процес (сниман е во период од три години) отколку на неговата содржина. Предизвикот е да се создаде дело кое нема да се прилагодува на контекстот, туку обратно. Контекстот е оној кој се прилагодува на авторската визија. 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top