Интервјуа
СО ОСИГУРУВАЊЕ НА СВОИТЕ ПОБАРУВАЊА КОМПАНИИТЕ ЌЕ БИДАТ ЗАШТИТЕНИ, ЌЕ ГО СТАБИЛИЗИРААТ СВОЕТО ФИНАНСИСКО РАБОТЕЊЕ И ЌЕ ЈА ПОДОБРАТ КОНКУРЕНТНОСТА

Ѓорѓе Војновиќ
Триглав Осигурување

Триглав Осигурување АД Скопје воведе нов производ – осигурување на побарувања. Имајќи ги предвид проблемите што бизнис-секторот во Република Македонија ги има со наплата на своите побарувања, овој производ би можел да биде навистина многу важен. Што покажаа подготвителните анализи за овој производ?

Ѓ. Војновиќ: Имајќи предвид дека клиентите и нивните потреби се примарен фокус на Триглав Осигурување, развивме производ кој одговара на барањата на пазарот. Имено, Триглав е првата осигурителна компанија во Македонија која во својата понуда го вклучи и производот осигурување на побарувања – кредитно осигурување.
Нашите компании најголем дел од своите производи и услуги ги продаваат во земјава и во странство, овозможувајќи им на купувачите одложена исплата, што беше основна причина да направиме производ со кој ќе им помогнеме на нашите клиенти да се осигурат дека своите побарувања ќе ги добијат навремено и во целост како од домашните, така и од странските купувачи. Ова осигурување дополнително е и алатка која придонесува кон зголемување на соработката меѓу компаниите, а со тоа и кон зголемување на продажбата.
Осигурувањето на побарувањата во основа ги штити добавувачите од ризикот неплаќање на нивните побарувања. Во согласност со анализите, 60 % од активата на една компанија ги сочинуваат материјалните средства (градежни објекти, опрема, земјиште, залиха на суровини и стока), додека пак останатите 40 % од активата припаѓаат на нејзините побарувања од трети лица. Компаниите во најголем дел го осигуруваат својот имот, додека пак побарувањата од трети лица остануваат неосигурени.

Кои ризици ги покрива осигурувањето на побарувања и за кого е првенствено наменет новиот производ?

Ѓ. Војновиќ: Овој продукт е наменет за сите компании регистрирани во Република Македонија, кои вршат продажба на производи и услуги како на домашниот, така и на странските пазари.
Производот го штити осигуреникот од ризици како банкрот или стечај на купувачот, т. е. во ситуации кога купувачот ќе стане несолвентен во согласност со законите во земјата каде што е регистриран. Ова осигурување исто така го штити осигуреникот во случај кога купувачот нема да изврши навремено плаќање во дефинираниот рок на доспевање на фактурата.

ВО СЛУЧАЈ КОГА ОСИГУРЕНИКОТ НЕМА ДА УСПЕЕ ДА НАПЛАТИ СВОЕ ПОБАРУВАЊЕ, ДОСТАВУВА ДО ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ БАРАЊЕ ЗА ИСПЛАТА НА ШТЕТА СО ПРИДРУЖНА ДОКУМЕНТАЦИЈА. ПО КОМПЛЕТИРАЊЕ НА ДОКУМЕНТАЦИЈАТА, ШТЕТАТА МУ СЕ ИСПЛАЌА НА ОСИГУРЕНИКОТ, А ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ГО ПРЕЗЕМА ПОБАРУВАЊЕТО

Кои се главните поволности за клиентите од користењето на Вашиот нов производ?

Ѓ. Војновиќ: Осигурувањето на побарувања има влијание врз многу сегменти од работењето на една компанија. Покрај основната заштитна улога, тоа овозможува и подобрување на перформансите во работењето.
Овој производ, пред сѐ, претставува заштита од ненаплатени побарувања кои во принцип значат загуба за една компанија. Секое ненавремено наплатено побарување може да предизвика неликвидност, проблеми со планираните парични текови, пролонгирање во остварувањето на зацртаните планови, како и финансиски импликации од можни кредитни линии за привремен излез од таа состојба. Тоа ја подобрува заштитата на паричните текови, овозможува остварување на финансиските планови и буџети, воопшто придонесува кон подобрување на финансиските показатели на компанијата.
Осигурувањето на побарувања има позитивно влијание и врз продажните резултати бидејќи овозможува излез на нови пазари, како и обезбедување нови купувачи на постоечките пазари. Ја подобрува конкурентноста бидејќи овозможува продажба со одложено плаќање без банкарски гаранции, без акредитиви и сл.
Дополнително осигурувањето на побарувања овозможува поповолно задолжување кај банките имајќи предвид дека осигурените побарувања можат да се користат како колатерал, а со тоа и да се добијат подобри услови на задолжување на пазарот на капитал.
Триглав Осигурување на клиентите кои го користат овој производ им овозможува адекватна информираност за пазарот и пристап до широка мрежа на информации за деловни субјекти на различни пазари. Исто така се овозможува и превенција по пат на анализа на постоечките и на потенцијалните купувачи од страна на експерти во таа област.
И самиот купувач има одредени придобивки во овој случај затоа што добива производи или услуги на одложено плаќање, го унапредува протокот на средства преку подолги рокови за плаќање кон доставувачите и не ги користи своите кредитни линии кај комерцијалните банки.

ОСИГУРУВАЊЕТО НА ПОБАРУВАЊА ОВОЗМОЖУВА ПОПОВОЛНО ЗАДОЛЖУВАЊЕ КАЈ БАНКИТЕ ИМАЈЌИ ПРЕДВИД ДЕКА ОСИГУРЕНИТЕ ПОБАРУВАЊА МОЖАТ ДА СЕ КОРИСТАТ КАКО КОЛАТЕРАЛ, А СО ТОА И ДА СЕ ДОБИЈАТ ПОДОБРИ УСЛОВИ НА ЗАДОЛЖУВАЊЕ НА ПАЗАРОТ НА КАПИТАЛ

Дали е комплицирано аплицирањето за осигурување на побарувања? Кои чекори ги вклучува тој процес?

Ѓ. Војновиќ: Еден од приоритетите на Триглав Осигурување секако е поедноставување на процесите, сѐ со цел да им излеземе во пресрет на клиентите. Осигурувањето на побарувања сепак е комплексен производ и од голема важност се информациите кои потенцијалниот клиент иницијално ги доставува. Во овој случај, клиентот доставува пополнет образец –апликација за осигурување на побарувања, која содржи податоци за обемот на продажба, земјите каде што се врши продажбата, купувачи каде што продавачот учествува во сопственичката структура, ненаплатени побарувања во последните 3 години, како и називите на купувачите кои доцнат со подмирување на обврските повеќе од 60 дена.

Дали осигурувањето на побарувања е ограничено само за побарувања од фирми во Република Македонија? Која е постапката кога некоја фирма продавач, која е Ваш клиент и корисник на осигурувањето на побарување, нема да успее да го наплати своето побарување од купувачот во предвидениот рок или пак купувачот влегол во банкрот или стечај, па Вашиот клиент треба кај Триглав Осигурување да ја активира полисата за осигурување на побарувањата и да си ја наплати штетата?

Ѓ. Војновиќ: Осигурувањето на побарување може да се склучи за купувачи од целиот свет. По пополнета апликација од страна на клиентот, Триглав Осигурување го известува клиентот за обемот на можното покритие. Висината на премиската стапка зависи од неколку фактори како ризикот на земјата каде што се наоѓа купувачот, бројот на купувачите кои ги осигурува осигуреникот и рокот на плаќање.
Во случај кога осигуреникот нема да успее да наплати свое побарување, доставува до Триглав Осигурување барање за исплата на штета со придружна документација. По комплетирање на документацијата, штетата му се исплаќа на осигуреникот, а Триглав Осигурување го презема побарувањето.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top