Е-Б-Ф-Б
ПЕТ РАБОТИ КОИ НЕМА ДА ВИ ГИ КАЖАТ ЛУЃЕТО КОИ СЕ ЗАНИМАВААТ СО ДИГИТАЛЕН МАРКЕТИНГ

Дарко Булдиоски
@darko156 newmedia.mk


Поставете јасни бизнис-цели и доколку маркетинг луѓето не умеат да ги поврзат нив со нивните цели – воопшто не си го трошете времето.

Во минатото, кога пишувавме повеќе на komunikacii.net, од време на време чувствуваме потреба да подзастанеме малку, да се сконцентрираме и да напишеме текст со основни правила, принципи или дефиниции за работиве кои ги работиме секојдневно. Се разбира, во доменот на дигитален маркетинг и медиуми. По малку уморен и повеќе неконцентриран, во последно време ретко можам да соберам сила за еден таков текст. За среќа има други луѓе кои успеаваат да го направат тоа и тоа сосема добро.

Токму затоа овој текст ќе биде адаптација на еден скорешен текст напишан од колега (по професија) од соседна Србија – Иван Билди. Инспириран од комплетното согласување со неговите изнесени ставови од кои за некои сум пишувал и зборувал и јас лично во минатото, следуваат пет работи кои нема да ви ги кажат луѓето кои се занимаваат или кои имаат допирна точка со дигитален маркетинг или во овој случај малку поконкретно со маркетинг на социјални медиуми.

1. Настапот на социјалните медиуми не е евтин!

Една од главните причини поради кои се форсираат социјалните медиуми е токму тој, дека ова е евтин маркетинг. Не дека е скап, да се разбереме, ама ставот дека е евтин е погрешен. Поевтин е од некои други канали, но одамна е поминато времето кога можеше со навистина скромни ресурси да се издоминира на Фејсбук или сл. А од друга страна помина и времето кога можевте да бидете забележани и со просечна содржина. Денес, за да постигнете сериозен ефект, ви треба сериозна содржина која воопшто не е евтина и секако ви треба буџет за промоција затоа што без тоа ништо не правите.

2. За добар резултат на социјалните медиуми е потребно време

Ако започнувате од нула, имајте на ум дека ќе ви треба најмалку една година, а може и повеќе за да ги осетите првите сериозни резултати. Секако веќе првите месеци ќе видите резултати, но тие само ќе треба да ви помогнат за понатамошната оптимизација на своите кампањи и настапот и секако нема значително да влијаат на самата продажба или сл.

Настапот на социјалните медиуми не е магична алатка со која преку ноќ ќе го спасите или ќе го препородите вашиот бизнис. Тие се само продолжена рака на вашиот бизнис.

3. Секој може да се занимава со маркетинг на социјални медиуми

Има и полошо, дека со ова треба да се занимаваат ИТ-луѓе. Нема потреба да појаснувам зошто не треба ИТ-луѓе да работат маркетинг, така? Нормално немам ништо против нив и не мислам дека ова важи за сите, ама...

Ако сакате резултати од маркетинг на социјалните медиуми мора со тоа да се занимаваат луѓе кои имаат врска со маркетинг, луѓе кои ја знаат разликата меѓу маркетинг и продажба, огласување и промоција и сл. Тоа што некој добива многу лајкови на слики и знае да „скоцка” добар пост не значи дека ќе ѝ донесе корист на вашата компанија. Таквите луѓе се супер, ама екстремно малку придонесуваат за вклопување на целата комуникација во вашиот маркетинг план и егзекуција со цел остварување на вашите бизнис-цели.

4. Сѐ може да се објасни на лесен начин

Ако се расфрлаат со термини, сленгови и разноразни зборови кои не ви значат ништо, имајте на им дека е голема веројатноста дека тоа го прават намерно за да изгледаат дека многу се разбираат во тематиката. Контекстот на бројките и на сите тие актуелни фрази е она што е многу поважно од самите алатки, техники и сл.  

5. Бидете сопственик на своите сметки и профили

Често компаниите се доведуваат во ситуација кога немаат пристап до својот сајт, својот профил на некој сервис дали да е социјален медиум или алатка за аналитика или сл. Не сакам воопшто ни да ја отворам темата за намерно прикривање на податоци или ефект од одредени активности, тоа не би требало ни да се случува, но она што е важно е да не оставите некои надворешни лица да ве условуваат и да ве контролираат затоа што доменот или акаунтот го закупиле или го креирале тие, а вие немате пристап. Имајте контрола за да можете утре да донесете соодветна одлука кога ќе треба нешто да промените или да надградите.

Ризикувам да звучам излитено и политички празно, ама следниот пат кога ќе треба да донесете некоја одлука прегледајте ја оваа листа и уште некои слични и размислете стратешки. Поставете јасни бизнис-цели и доколку маркетинг луѓето не умеат да ги поврзат нив со нивните цели за настап на социјални медиуми или сл. воопшто не си го трошете времето, барајте други вработени или соработници.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top