Општество
ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА ВО ВРСКА СО ОСИГУРУВАЊЕТО НА ЖИВОТ

Никола Главинче
Авторот е адвокат

Осигурувањето на живот и осигурувањето од несреќен случај се актуелни институти и во теоријата и во практиката, особено денес кога осигурителните компании континуирано ги информираат граѓаните за придобивките од склучување договор за осигурување на живот. Во Република Македонија овој вид осигурување е регулиран со Законот за облигационите односи (ЗОО) кој во членовите од 953 до 979 и од 998 до 1021 прецизно ги регулира правата и обврските на договорачот на осигурувањето и друштвото за осигурување, како и со општите и посебните услови на осигурителните компании.

Договорот за осигурување е таков договор со кој договарачот на осигурувањето се обврзува врз начелата на заемност и на солидарност да здружува определен износ во друштвото за осигурување, односно во друштвото за ризици (осигурувач), а друштвото се обврзува ако дојде до настан кој претставува осигурен случај да му го исплати на осигуреникот или на некое трето лице надоместокот, односно договорената сума. Притоа настанот со оглед на кој се склучува осигурувањето (осигурениот случај) мора да биде иден, неизвесен и независен од исклучивата волја на договарачот. Договорот за осигурување е ништовен ако во моментот на неговото склучување осигурениот случај бил во настапување или било извесно дека ќе настапи.

Договорот се смета за склучен кога договарачите ќе ја потпишат полисата за осигурување. Покрај елементите што мора да ги има секоја полиса, во полисата за осигурување на животот мораат да бидат назначени: името и презимето на лицето на кого се однесува осигурувањето на живот, датумот на неговото раѓање и настанот или рокот од кој зависи настанувањето на правото да се бара исплата на осигурената сума. Полисата за осигурување на живот може да гласи на определено лице или по наредба, но не може да гласи на доносител.

Во овој вид договори висината на осигурената сума што осигурувачот е должен да ја исплати кога ќе настане осигурениот случај се утврдува во полисата според спогодбата на договорните страни.
Во согласност со Законот, во однос на последиците од неточни пријави и премолчување на околностите од значење за оцена на ризикот, за неточна пријава на староста во договорите за осигурување на живот важат следниве правила:
1.  Договорот за осигурување на живот е ништовен и осигурувачот е должен во секој случај да ги врати сите примени премии ако при неговото склучување неточно е пријавена староста на осигуреникот, а неговата вистинска граница ја преминува границата на староста до која осигурувачот, според своите услови и тарифи, врши осигурување на живот;
2.  Ако е неточно пријавено дека осигуреникот има помалку години, а неговата вистинска старост не ја преминува границата до која осигурувачот врши осигурување на живот, договорот е полноважен, а осигурената сума се намалува во сразмер со договорената премија и со премијата предвидена за осигурување на живот на лицата кои се на возраст како осигуреникот и
3.  Кога осигуреникот има помалку години отколку што е пријавено при склучувањето на договорот, премијата се намалува на соодветен износ, а осигурувачот е должен да ја врати разликата меѓу премиите примени и премиите на кои има право.
Ако договарачот на осигурувањето на животот не плати некоја премија во рокот на стасаноста, осигурувачот нема право нејзината исплата да ја бара по судски пат. Ако договарачот на осигурувањето, по покана од осигурувачот, што мора да му биде доставена со препорачано писмо, не ја исплати стасаната премија во рокот определен во тоа писмо, а кој не може да биде покус од еден месец сметајќи од денот кога му е врачено писмото, ниту тоа ќе го стори некое друго заинтересирано лице, осигурувачот може само, ако дотогаш се платени барем три годишни премии, да му изјави на договарачот на осигурувањето дека ја намалува осигурената сума на износот на откупената вредност на осигурувањето, а во спротивен случај дека го раскинува договорот.

Ако осигурениот случај настапил пред раскинувањето на договорот или пред намалувањето на осигурената сума, ќе се смета како да е намалена осигурената сума, односно дека договорот е раскинат според тоа дали премиите биле платени барем за три години или не.

Осигурувањето на живот може да се однесува на животот на договарачот на осигурувањето, а може да се однесува и на животот на некој трет. Истото важи и за осигурувањето од несреќен случај. Ако осигурувањето се однесува на случај на смрт на некој трет, за полноважноста на договорот е потребна негова писмена согласност дадена во полисата или во издвоено писмо, при потпишувањето на полисата, со назначување на осигурената сума.

Со договорот за осигурување за случај на смрт не е опфатен ризикот од самоубиство на осигуреникот ако тоа се случило во првата година од осигурувањето. Во случај самоубиството да се случило во рок од три години од денот на склучувањето на договорот, осигурувачот не е должен да му ја исплати на корисникот осигурената сума, туку само математичката резерва од договорот.

Осигурувачот се ослободува од обврската да му ја исплати на корисникот осигурената сума ако овој намерно предизвикал смрт на осигуреникот, но е должен ако дотогаш биле уплатени барем три годишни премии да му ја исплати математичката резерва од договорот на договарачот на осигурувањето, а ако е тој осигуреник, на неговите наследници.

КАРАКТЕРИСТИЧНО ЗА ДОГОВОРОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ Е И УЧЕСТВОТО ВО ДОБИВКАТА НА ОСИГУРИТЕЛНАТА КОМПАНИЈА. ОВАА ОБВРСКА НА ОСИГУРУВАЧОТ Е РЕГУЛИРАНА ВО ОПШТИТЕ И ПОСЕБНИТЕ УСЛОВИ НА ОСИГУРИТЕЛНИТЕ ДРУШТВА

Осигурувачот се ослободува од обврската од договорот за осигурување од несреќен случај и ако осигуреникот намерно го предизвикал несреќниот случај. Ако смртта на осигуреникот е причинета со воени операции, осигурувачот, ако нешто друго не е договорено, не е должен да му ја исплати на корисникот осигурената сума, но е должен да му ја исплати математичката резерва од договорот.

Ако не е договорено нешто друго, осигурувачот се ослободува од обврската од договорот за осигурување од несреќен случај ако несреќниот случај е причинет со воени операции. По барање од договарачот на осигурувањето на живот склучено за целиот живот на осигуреникот, осигурувачот е должен да му ја исплати откупната вредност на полисата ако дотогаш се платени барем три годишни премии.

По барање од договарачот на осигурувањето на живот склучено за целиот живот на осигуреникот, осигурувачот може да му исплати однапред дел од осигурената сума до висината на откупната вредност на полисата што договарачот на осигурувањето може да го врати подоцна. На примениот аванс договарачот на осигурувањето е должен да плаќа определена камата. Ако договарачот на осигурувањето задоцни со плаќањето на стасаната камата, ќе се постапи како да барал откуп. Притоа во полисата на осигурувањето мора да бидат наведени условите за давање аванс, можноста да му се врати на осигурувачот износот примен на име аванс, висината на каматната стапка, последиците од неплаќањето на стасаната камата како што е определено со условите на осигурувањето.

Полисата за осигурување на живот може да биде дадена и во залог, а во однос на правото да се бара откуп тоа не можат да го вршат доверителите на договарачот на осигурувањето, како ни корисникот на осигурувањето, но откупната вредност ќе му биде исплатена на корисникот, по негово барање, ако определувањето на корисникот е неотповикливо.
Карактеристично за договорот за осигурување на живот е и учеството во добивката на осигурителната компанија. Оваа обврска на осигурувачот е регулирана во општите и посебните услови на осигурителните друштва. Во зависност од видот на договорот според ризикот што се осигурува во случај на доживување, уделот во добивката се исплаќа заедно со осигурената сума, а во случај на смрт на осигуреникот му се исплаќа прoпишаниот удел во добивката остварен до моментот на смртта заедно со осигурената сума.

Во согласност со наведеното во општите и посебните услови на осигурителните друштва, страните на договорот можат да предвидат обврска на осигурувачот да му ја исплатат осигурената сума за случај на доживување (во случај на истек на договореното траење на осигурувањето); да исплатат осигурена сума без оглед на траењето на осигурувањето во случај на смрт на осигуреникот; да исплатат двојна осигурена сума ако смртта на осигуреникот настапила поради несреќен случај; да исплатат половина од осигурената сума при осигурување на живот договорено без лекарски преглед, ако настапила смрт на осигуреникот како последица на болест во првата година од траењето на осигурувањето, а по истек на тој рок целата осигурена сума и слично.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top