Интервјуа
ЛИДЕРСТВОТО И ПРОМЕНАТА ОДАТ РАКА ПОД РАКА

Пјер Гурџијан
Филантропски партнер во RVVZ Фондацијата

Да се биде 27 години Виш Партнер во глобалниот консултантски џин Мек Кинзи и Компанија е големо професионално достигнување. Но, Пјер Гурџијан има широк спектрум на активности. Тој е филантропски партнер на RVVZ Фондацијата и претседател на Бордот на директори на Free универзитетот во Брисел. Самиот со МБА диплома од Харвард универзитетот вели дека генералниот директор мора да има интегрирачки пристап. Доаѓа во Скопје во ноември за да учествува на Самитот Македонија 2025...

МекКинзи & Компанија е една од водечките глобални консултантски компании. Вие таму бевте Виш Партнер во текот на 27 години што е големо достигнување. Во кои активности бевте вклучени и како би го опишале или сумирале вашето професионално искуство во таква компанија?

П. Гурџијан: МекКинзи беше фантастично и интензивно искуство. Во текот на 27 години што ги поминав во фирмата работев со голем број на клиенти во различни индустрии и во многу земји. Такво искуство тешко може да се редуцира на само неколку алинеи...
Со текот на годините го фокусирав моето внимание на развојот на луѓето..она што јас сакам да го наречам „хуманата страна на промената“. Во рамки на МекКинзи создадов платформа за развој на талентот и трансформација на културата. Една организација не може да функционира само со добра стратегија и добри процеси. Нејзе исто така ѝ е потребен фокус кон развојот на луѓето и организациска култура што овозможува талентот да се развие.

Вие сте експерт за лидерство на извршните директори и за управување со промени. Кои се клучните аспекти во оваа професионална област коишто би сакале да ги истакнете?

П. Гурџијан: Концептите за лидерство и промена одат рака под рака. Лидерството е способност што мора да се изгради, тоа бара внимание за да се открие нечија брилијантност и добро да се „читаат“ обрасците на животот. Успехот во лидерството оди преку самоизградување, што е патека до мудроста. Димензијата на мудроста е клучна во лидерството, па сепак често заборавена...
Промената во една организација секогаш се однесува на луѓето, но таа е запоставена и непотенцирана страна на процесот на управување со промена. Во секој контекст луѓето бараат значење на промената, чувство на смисла, едно „зошто“.
Смислата и мудроста се две димензии коишто се клучни за било кое лидерско искуство. Имам поминато значително време за развивање конкретни механизми и пристапи за да им помогнам на лидерите и нивните тимови да создадат смисла. За да го направам тоа силно верувам во моќта на разговорите за да се овозможи длабоко и суштинско испрашување за темите како да се создаде смисла и наследство. Овие конверзации можат драматично да ги збогатат персоналните патешествија.

ЕДНА ОРГАНИЗАЦИЈА НЕ МОЖЕ ДА ФУНКЦИОНИРА САМО СО ДОБРА СТРАТЕГИЈА И ДОБРИ ПРОЦЕСИ. НЕЈЗЕ ИСТО ТАКА Ѝ Е ПОТРЕБЕН ФОКУС КОН РАЗВОЈОТ НА ЛУЃЕТО И ОРГАНИЗАЦИСКА КУЛТУРА ШТО ОВОЗМОЖУВА ТАЛЕНТОТ ДА СЕ РАЗВИЕ

Исто така, вие сте филантропски партнер на RVVZ Фондацијата. Каква е оваа Фондација и каква е вашата улога во неа?

П. Гурџијан: Семејната RVVZ Фондација е создадена од две исклучителни личности, Рубен Вардањан и Вероника Зонабенд. Тие иницираа филантропски проекти од големи размери со цел постигнување голем економски развој и позитивна општествена промена во светот.
Сега веќе повеќе од 15 години го имам задоволството да ги поддржам на нивниот пат да го направат светот подобар. Во 2002 година започнавме со иницијативата Ерменија 2020, којашто беше тинк тенк што прави дијагноза за потребите и дефинира конкретни начини на работење во земјата. Со текот на годините ова прерасна во IDeA фондација (Иницијативи за Развој на Ерменија) што денеска е позната платформа за имплементација на проекти во Ерменија, секторски проекти и проекти за целата територија.
Мојата улога во Фондацијата се поврзува со трите главни аспекти на мојот професионален живот: подобрување на стратешката перспектива, привлекување и развој на таленти и подобрување на образованието на глобален план.

Фондацијата работи на високо иновативни модели за усовршување на земјата. Во Ерменија се применети пилот апликации. Можете ли да ни дадете повеќе детали за иновативните модели и досега постигнатите резултати во Ерменија?

П. Гурџијан: Од нашето искуство во Ерменија, развивме модел за општествен и економски развој во земји во подем, што е особено релевантен и применлив за група од околу 25 земји, на пример Македонија, Молдавија, Јордан, земји од централна Америка, Африка... Овој модел се базира на две клучни димензии, Просперитет и Хуманост, за да се охрабрат и економијата и луѓето. Овој модел го нарековме Приватна Агенција за Општествен и Економски Развој (PASED).
PASED е изграден преку иновативна комбинација на фундаментални принципи: прво, легитимитетот и искуството на основачите, второ, специфична гледна точка за тоа како ќе изгледа успехот за 20 години, трето, интегративен екосистем со клучни програми, мрежа и платформа (IDeA фондацијата во Ерменија) и четврто, комбинација на профитни и непрофитни иницијативи.
Како што напоменавте во вашето прашање, Ерменија е доказ за концептот на нашиот модел. Досега, IDeA Фондацијата има инвестирано повеќе од 550 милиони американски долари во проекти за трансформација и тоа ќе го илустрирам со овие три конкретни примери.
Прв пример. Во 2010 година IDeA Фондацијата го изгради најдолгиот воздушен трамвај во светот за да го поврзе манастирот Татев, кој потекнува од деветтиот век, со најблискиот град, со што се избегнува двочасовно возење по нечисти патишта. Покрај Рубен Вардањан и Вероника Зонабенд, никој не можеше да замисли развивање на ваков проект во изолирана област во Ерменија...и денес манастирот има повеќе од 120 илјади посетители годишно во споредба со не повеќе од пет илјади пред изградбата на воздушниот трамвај. Овој инфраструктурен проект, којшто е филантропски проект, произведува значајни економски ефекти за целиот регион: изградба на хотели и преноќишта, нови ресторани, сувенирници отворени од локалното население, центар за ракотворби.. целиот регион е ревитализиран.
Втор пример. Во Дилијан, град со околу 12 илјади жители во северниот дел на Ерменија, основавме меѓународен интернат за 200 ученици на возраст од 16 до 18 години. Доаѓајќи од повеќе од 70 земји, 80% од студентите се со стипендија. Училиштето е пример за успешна интеграција, толеранција и размена на различи култури и поголемата корист од овој проект е двојна: од една страна, со носење на 200 ученици во Дилијан, тие стануваат доживотни амбасадори на Ерменија заедно со своите семејства и пријатели, а од друга страна, развојот на највисоките меѓународни образовни стандарди станува аспирација за целото образовно ниво во земјата.
Третиот пример, поврзан повеќе со промена на менталитетот, е воведувањето на Аурора наградата за разбудена хуманост, којашто се доделува на исклучителни луѓе коишто го ризикувале својот живот за да спасат други. Воведена во 2016 година, наградата беше првпат доделена на Маргарита Баранктце, потоа на др Том Катена во 2017 година. Никој од нив не е ерменец. Оваа награда е подарок од Ерменија за светот. Таа покажува чувство на благодарост кон модерните херои. Се разбира, таа има силно ехо од ерменската историја и е моќна алатка за зацврстување на нацијата околу еден позитивен наратив.
Овие три примери ја демонстрираат големата посветеност на Рубен Вардањан и Вероника Зонабенд кон напредни хуманитарни цели, развој на глобалното образование и поттикнување на економскиот просперитет. PASED моделот ги структурира нашите активности во овие три полиња со главна примена во Ерменија прекуIDeA Фондацијата.

УЛОГАТА НА УНИВЕРЗИТЕТИТЕ НЕ Е ДА БАРААТ ОД СТУДЕНТИТЕ ДА МЕМОРИРААТ ТЕОРЕТСКО ЗНАЕЊЕ ТУКУ ДА РАЗВИЈАТ МИСЛОВНА РАМКА И КРИТИЧКО РАЗМИСЛУВАЊЕ И ДА ГИ ПОДГОТВАТ МЛАДИТЕ ГЕНЕРАЦИИ ДА СТАНАТ ОДГОВОРНИ ГРАЃАНИ

Вие сте претседател на Бордот на директори на Free универзитетот во Брисел. Кажете ни малку за универзитетот.

П. Гурџијан: Универзитетот нуди високи стандарди на настава и најмодерни истражувања и има повеќе од 26 илјади студенти и 1.700 докторанти. Доказ за одамна постоечката традиција на извонредност се четирите Нобелови награди, еден Филдс медал, три Вулф награди и две Марија Кири награди. Лоциран во Брисел, мултикултурен и пулсирачки град во срцето на Европа, Free универзитетот е центар за развој на таленти и прогрес.
Генерално, универзитетите имаат уникатна можност да дадат одговори на системските предизвици на нашето време, преку комбинирање на бројни фактори како што се институционален легитимитет, независност, постојано обновуваање на знаењето, голем извор на таленти....Конкретно, Free универзитетот во Брисел има суштинска катализаторска улога во научниот, економскиот и оптествениот напредок преку иницирање на екосистеми што собираат на едно место независни и комплементарни учесници.
Како претседател на универзитетот, мојата улога е да ја насочувам еволуцијата на институцијата за да го зајакнеме нашето влијание во нашите главни мисии, наставата, истражувањата и услугите кон нашето општество.

Според вас, колку се генерално успешни универзитетите во сопственото прилагодување на постојните брзи промени на пазарот на работна сила? Што треба да се направи?

П. Гурџијан: Улогата на универзитетите не е да бараат од студентите да меморираат теоретско знаење туку да развијат мисловна рамка и критичко размислување и да ги подготват младите генерации да станат одговорни граѓани. Во тој поглед, мислам дека универзитетите адекватно ја извршуваат својата мисија и убеден сум дека универзитетите ќе останат клучен играч во денешното образование.
Се разбира, ова не значи дека универзитетите не треба да се адаптираат на трендовите од 21виот век. Универзитетите треба да ги продолжат нивните напори да го зголемат пристапот до високо образование, на пример преку MOOC..исто така, односите помеѓу универзитетите и претпријатијата не треба повеќе да се гледаат како закана туку како извор на можности и развој.

Имате МБА диплома од Харвард Бизнис школата. Колку беше важен тој момент за вашата професионана кариера во МекКинзи и Компанија? Денес се придава големо значење на Ајви Лигата(IVY League), која е екстра вредноста што таа им ја дава на своите дипломци, имајќи ги предвид големите трошоци што се поврзани со неа?

П. Гурџијан: МБА дипломата од Харвард носи поврат за цел живот...оттаму, трошокот се исплати.
Оваа програма ми овозможи меѓународна мрежа на познанства, разбирање за тоа што значи извонредност на ниво на светска класа, искуство за учењето и животно искуство. Ми помогна низ сите фази од мојата кариера и убеден сум дека значењето на МБА останува, повеќе од било кога, клучно за да се биде успешен во светот.

На постдипломско ниво, на бизнис школата на Free универзитетот во Брисел вие предавате на предметот „Перспективата на генералниот директор“. Па, каква е перспективата на генералниот директор?

П. Гурџијан: Еден генерален директор мора да има интегрирачки поглед: тој/таа мора даводи сметка за контекстот и околностите, тој/таа мора да има добро разбирање за луѓето и културата на организацијата. Многу пати во мојата кариера сум видел генерални директори кои се исклучиле од организацијата. Во ваква ситуација генералниот директор мора да биде во состојба повторно да ги мобилизира луѓето околу вредностите што се споделуваат и заедничкиот наратив. Ова бара капацитет за да се предводи промената, да се креираат ефективни тимови и да се има лично лидерство.

Бевте и претседател на YouthStart Белгија. Кажете ни за концептот на оваа организација, колку е таа важна за економијата на Белгија и зошто?

П. Гурџијан: YouthStart е извонредна иницијатива што дава бесплатна обука за претприемништво на сиромашни деца и адолесценти. Целта на оваа иницијатива е да им се помогне на учесниците да ја пронајдат својата патека преку конкретна обука и менторство. Програмата е поддржана од Captains of Industry, бизнис партнери и академски институции.
Во текот на 15 годишните активности во Белгија, YouthStart оствари извонредно влијание: повеќе од 6 илјади сиромашни млади луѓе добија обуки и најголемиот дел од нив подоцна успешно започнаа сопствени бизниси.
Поттикнувањето на младите е приоритет, особено на оние во неповолни ситуации, преку давање можности да ги откријат своите таленти и давање ресурси да започнат претприемачка активност.

Ќе бидете еден од говорниците на Самитот Македонија 2025 во Скопје на почетокот од ноември. За што ќе зборувате?

П. Гурџијан: Ќе учествувам на панел за најдобрите практики во развивањето одржливи економски модели за мали земји. Во тој контекст, PASED моделот (Приватна Агенција за Општествен и Економски Развој), развиен и применет во Ерменија е еден пример за успешна иницијатива. Ќе дадам и преглед на клучните карактеристики на моделот, нашите остварувања и проектите што чекаат реализација.
Исто така, ќе повлечам паралела со Македонија, со надеж дека нашето искуство ќе биде извор на инспирација за учесниците на Самитот Македонија 2025.

Ви благодарам за интервјуто.
Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top