Е-Б-Ф-Б
ПЕНЗИОНЕРСКИ ГЛАВОБОЛКИ

Александар Стојков
Авторот е Вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје

Вовед
Кога некој Црногорец ја добил првата пензија на својата трансакциска сметка револтирано коментирал: „Каква мизерија! Иста работа, а половина плата!“ Стереотипот за навидум мрзеливите Црногорци е само една илустрација на шокот поврзан со завршувањето на работната кариера. Некои луѓе со години психички се подготвуваат да заминат во пензија. Понекогаш добиваат поддршка од колегите кои веќе ги имаат отпишано од работните тимови и планови и упорно ги потсетуваат дека имаат уште три или четири години до пензионирање. Со годините некако и нивното зборување станува неважно, предолго, излишно... Како што се наближува моментот на пензионирање, сѐ потешко доаѓаат до внимателни слушатели или соговорници! Се навикнуваат на куртоазната насмевка и поздравот во разминување. Се разбира, има и луѓе кои не можат да се помират со фактот дека ќе бидат пензионирани, па продолжуваат да работат со многу пожестоко темпо.
Пензиите и воопшто финансирањето на повеќестолбниот пензиски систем се тема што би требало да ги засега и сегашните и идните пензионери. Пензионерите се националната меморија, биосот на едно општество, чуварот на колективната мудрост и националниот идентитет. Многу пензионери имаат неспокојни пензионерски денови од едноставна причина што првата пензија е тажен потсетник на перманентниот пад на личните примања. Ниските пензиски примања се должат на редица фактори: стапката на вработеност, која се пресликува во недоволен број осигуреници; бавниот пораст на платите и продуктивноста на вработените; стареењето на популацијата; сомнителното стекнување инвалидски пензии во подалечното минато и други социоекономски и политички фактори. Иако најголем дел од пензиите се ниски, сепак исплатата на пензиите предизвикува главоболка за креаторите на економската политика. Зошто?


Графикон бр. 1. Споредба на трансферот од Централниот буџет до Фондот за ПИОМ со одбрани даночни приходи

Пукнатината во првиот столб
Според ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2017 година, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување оваа година ќе управува со 1,04 милијарди евра (63 934 697 000 денари). Кој ли управува со оваа милијарда евра, односно 10 % од БДП на Република Македонија? Какви квалификации има и колку голема одговорност носи првиот човек на оваа институција? Дали е доволно компетентен? Овие прашања одамна не си ги поставуваме затоа што ги знаеме одговорите.
Структурно гледано 56,4 % од приходите на Фондот се изворни приходи (даночни, неданочни и капитални приходи), додека 43,6 % се помош или трансфер од Централниот буџет на РМ. Признале или не, Република Македонија има де факто комбиниран систем на финансирање на задолжителното државно пензиско осигурување („pay-as-you-go“ или прв столб). Комбинацијата се состои од дестинирани придонеси за пензиско осигурување и општ трансфер од Буџетот на Република Македонија.
За да добиеме претстава за големината на трансферот би можеле да го споредиме со некои даночни приходи или со кумулативниот износ на нето-средствата во приватните пензиски друштва:

1. Трансферот кој пристигнува од Централниот буџет на РМ се очекува да биде 27,8 милијарди денари во 2017 година, што е еквивалентно на 56,7 % од проектираните нето-приходи од данокот на додадена вредност (ДДВ) во 2017 година. Со други зборови, над половина од прибраниот ДДВ преку Буџетот се враќа назад во економијата - кон пензионерите. Ама, ако! Заслужиле, нека се здрави и живи. Освен тоа, пензионерите издржуваат и други членови на семејството.

2. Трансферот од Централниот буџет до Фондот за ПИОМ е дури поголем и од збирот на годишните даночни приходи од персонален данок на доход и данок на добивка! Сите приходи по основ на персонален данок на доход и данок на добивка веќе ги замислувам како заминуваат кон пензионерските паричници. Колоквијално би можеле да ги наречеме „пензионерски даноци“.

3. Овој трансфер од Централниот буџет до Фондот за ПИОМ е малку над половина (51.09 %) од кумулативниот износ на нето-средствата во приватните пензиски друштва, со состојба на 30.9.2017 година. Годишниот дефицит во ПИОМ е 452,7 милиони евра, а во системот на задолжително капитално финансирано пензиско осигурување досега се собрани 797,6 милиони евра. Кога креаторите на макроекономската политика би се инспирирале да ги национализираат пензиските фондови, тогаш приближно би го покриле дефицитот во ПИОМ во две последователни години. Тоа би била страшна, непопуларна и неразумна одлука.
Според експертите на ММФ ваквата финансиска позиција на Фондот на ПИОМ укажува на сериозна финансиска неодржливост на задолжителниот државен систем на тековно пензиско осигурување. Сепак мерките кои тие ги предлагаат се премногу радикални и неприфатливи за типичниот хомо Балканикус (човек од Балканот).


Табела бр. 1. Приходи, трошоци и дефицит на Фондот за ПИОМ (2017 година)

Прво, зголемувањето на старосната граница за пензионирање на 67 години е можеби економски корисна, но политички исклучително непопуларна мерка. Во фрапантно многу случаи македонските работници се експлоатирани и се понижени. Тие ги немаат пријатните работни услови во европските фабрики и не уживаат достоинствена синдикална заштита. Оттука тие не заслужуваат дополнителна двегодишна експлоатација во име на финансиската одржливост на Фондот за ПИОМ. Исто така продолжувањето на работниот стаж за уште две години ги подзатвора портите за младите генерации македонски граѓани и за кадровско подмладување на приватниот и јавниот сектор.
Второ, дел од дефицитот на Фондот за ПИОМ е од „транзицискa“ природа поради воведувањето на вториот столб или т.н. задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Вториот столб претставува форма на задолжително дополнително штедење во форма на приватно капитално финансирано пензиско осигурување. Менувањето на соодносот на распределба на придонесот за задолжителното државно и задолжителното приватно осигурување во корист на првиот столб на тековно финансирано пензиско осигурување би значело чекор назад и негација на најкрупната пензиска реформа. Тоа би значело помалку средства за и онака малиот кумулативен износ на нето-средствата во приватните пензиски друштва. Да потсетиме дека во вториот столб учествуваат 450 391 осигуреник или над 76 % од вкупниот број осигуреници во Фондот за ПИОМ со просечна возраст на членовите од 35 години. Несомнено водењето макроекономска политика би било многу поедноставно доколку не треба да се размислува за политичката популарност и политичката изводливост на реформите.

Бизмарк или Бевериџ?
Системите на социјално осигурување вообичаено се класификуваат во две пошироки групи: Бизмарков систем и систем на Бевериџ. Бизмарковиот систем ги влече корените од далекусежните реформски чекори на прускиот канцелар Ото фон Бизмарк кој ги поставил темелите на благосостојба на државата при обединувањето на Германија во XIX век. Овој систем на социјално ‒ во случајов пензиско ‒ осигурување се финансира првенствено преку придонесите за пензиско осигурување. Системот на Бевериџ се финансира првенствено преку даноци. Неговата генеза се поврзува со реформите во здравствената сфера во Британија во 1942 година.
Де факто Република Македонија има задолжителен прв столб на тековно пензиско осигурување, кој е комбинација на Бизмарковиот систем (56 %) и системот на Бевериџ (44 %). Трансферот на 27,8 милијарди денари од Централниот буџет на РМ до Фондот на ПИОМ е во согласност со членот 35 од Годишниот закон за извршување на Буџетот на Република Македонија. Овој износ се менува од година во година (читај: од буџет до буџет и од ребаланс до ребаланс) во зависност од доставената пресметка од Фондот за ПИОМ до Министерството за труд и социјална политика.
На графиконот бр. 2 е прикажан годишниот трансфер од Централниот буџет на РМ до Фондот за ПИОМ во периодот од 1994 до 2016 година. Очигледно е дека системот цврсто и непоколебливо чекори кон комбиниран модел на финансирање и дека учеството се зголемува и во апсолутен износ и во релативен износ (како процент од БДП).


Графикон бр. 2. Годишен трансфер од Централниот буџет на РМ до Фондот за ПИОМ 1994 – 2016 година (проценти од БДП)

Можни решенија
Системот на тековно финансирано пензиско осигурување („pay-as-you-go“ системот) бара поголема финансиска стабилност - или подобро, помала финансиска нестабилност - и правна сигурност.
Едно од можните решенија е утврдување на процент од прибраните нето-приходи од данокот на додадена вредност во претходната фискална година, кој ќе биде законски утврден и дотиран до Фондот за ПИОМ. Да потсетиме дека според истиот принцип функционира и општата дотација од Централниот буџет до единиците на локалната самоуправа, регулирана со член 9 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Така, на пример, во Законот за пензиското и инвалидското осигурување би се обезбедила правна сигурност и би можело да се утврди дека 45 % од прибраните приходи од данокот на додадена вредност во претходната фискална година ќе бидат во форма на општа дотација до Фондот за ПИОМ. Преостанатиот дел ќе биде променлив трансфер од Централниот буџет, кој ќе се менува во зависност од „доставената пресметка од Фондот за ПИОМ“. Така финансиски разнишаниот Фонд за ПИОМ ќе се прицврсти до Централниот буџет. Прашањето за неговата финансиска позиција ќе се анализира во рамките на вкупната фискална одржливост на консолидираниот Централен буџет и генералната политика на даночното оптоварување. Во контекст на можните продажби на сребрениот „накит“ на македонското општество (приватизацијата на акционерските друштва во државна сопственост: „Електрани на Македонија“ и „Македонска пошта“), препорачливо е да се утврди поголем процент од акциите, кој при приватизацијата ќе му припадне на Фондот за ПИОМ.
Иако е потешка задача, подобро е да изградиме попродуктивна економија која ќе отвора нови работни места и ќе ги зголемува платите на вработените отколку да го продолжуваме работниот век на сегашните осигуреници. Според речникот на Светскиот економски форум, системското решение е во премин од економија придвижувана од ефикасноста кон економија придвижувана од иновации. Секако, полесно е да се каже отколку да се спроведе. Но, многу избор не преостанува, туку напротив, силна волја и решителност во чекорите напред.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top