Е-Б-Ф-Б
УТЕШЕНИЕ ГРЕШНИМ

Горан Петревски
Авторот е Редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

За некако да ја ублажам мрачната слика за македонскиот јавен сектор, илустрирана во претходниот број со помош на повеќе прости примери, за оваа статија го позајмив насловот на една книга од нашиот голем преродбеник, Кирил Пејчинович. Само за потсетување, во претходната статија наведов неколку примери на крајно недомаќинско однесување и грубо кршење на основните економски принципи во јавниот сектор. Во оваа статија ќе им дадеме можност на грешниците да се поправат.
За да нема недоразбирање, веднаш ќе нагласам дека министерствата, државните агенции, јавните претпријатија и другите организации од јавниот сектор не се профитни економски единици. Поради тоа од нив не може да се очекува да го достигнат идеалот на економската ефикасност. Впрочем, во бројни случаи, покрај економските функции, јавниот сектор извршува и други функции од пошироко општествено значење така што не може механички да го споредуваме со приватниот сектор. Меѓутоа, тоа никако не значи дека за јавниот сектор воопшто не важат основните принципи во работењето што се присутни во приватните фирми. Напротив, самиот факт дека државата извршува економски функции е доволна причина дека и таа мора да води сметка за ефикасноста во употребата на ресурсите што ги присвоила од приватниот сектор преку оданочувањето. Токму ова е темата со која ќе се позанимаваме во оваа статија.
Кога размислуваме за јавниот сектор сигурно најголемиот проблем е отсуството на систем што ќе обезбеди рационална употреба на ресурсите. Ако организациите од јавниот сектор не се профитни, сепак постојат начини да се измерат ресурсите што ги потрошиле и тие да се споредат со остварените резултати. Кога веќе сме кај ова прашање, иако државните службеници не се индустриски работници, тоа никако не значи дека нивните резултати не се мерливи. Напротив, многу лесно може да се следи колку часови одржал наставникот, колку операции направил хирургот, колку трудови објавил научникот, колку пресуди донесол судијата, а колку пресуди му биле поништени од апелациониот суд, колку лични карти издал службеникот, колку студенти нашле работа откако дипломирале на некој факултет итн. Мерењето на резултатите е можно, и тоа на сите нивоа: за секој поединечен државен службеник, за секоја подрачна единица на секое министерство, за секое министерство, за секое јавно претпријатие, за секое училиште, за секоја болница, за секоја општина итн.
Одговорот на горниве прашањa ги даваат концептите познати како „мерење на остварувањето“ (performance measurement) и „вредност за парите“ (value-for-money) кои се однесуваат на воспоставување сеопфатен систем на следење на резултатите во работењето на јавниот сектор заедно со контрола на степенот на почитување на трите основни економски принципи: економичноста, ефикасноста и ефективноста.
Првиот принцип се однесува на минимизирање на трошоците за извршување на јавните услуги, се разбира, при определен квалитет на услугите. Просто кажано тоа би значело следново: ако ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ има потреба од службено возило, тоа не значи дека возилото мора да биде „мерцедес“, туку може да се набави некое друго возило што ќе биде подеднакво удобно, но многу поевтино; ако Министерството за финансии има потреба од нова зграда, тоа не значи дека треба да потроши милиони евра само за неокласична или барокна фасада итн. Ако продолжам да набројувам примери во кои јавниот сектор потрошил многу повеќе пари за нешто што можело да се набави поевтино, се плашам дека нема да ни стигнат сите броеви на Економија и бизнис до крајот на годинава.

САМИОТ ФАКТ ДЕКА ДРЖАВАТА ИЗВРШУВА ЕКОНОМСКИ ФУНКЦИИ Е ДОВОЛНА ПРИЧИНА ДЕКА И ТАА МОРА ДА ВОДИ СМЕТКА ЗА ЕФИКАСНОСТА ВО УПОТРЕБАТА НА РЕСУРСИТЕ ШТО ГИ ПРИСВОИЛА ОД ПРИВАТНИОТ СЕКТОР ПРЕКУ ОДАНОЧУВАЊЕТО

Вториот принцип се однесува на односот меѓу потрошените ресурси и резултатите (производите или услугите) што се добиени со нив. Всушност, овде станува збор за оној општопознат, универзален економски принцип што порачува дека секој производ треба да се направи со што помалку потрошени ресурси (труд, материјали, енергија). На пример, воопшто не е сеедно дали за еден километар автопат ќе потрошите три или пет милиони евра; дали железничката пруга кон Бугарија ќе ја правите 10 или 20 години; дали автопатот до Штип или до Охрид ќе го направите во предвидениот рок или пак ќе излезат дополнитетни „непредвидени“ работи што ќе ја зголемат цената; дали во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор ќе „се сончаат“ 200, 600 или 1 600 државни „паразити“; дали пациентот ќе лежи во болницата пет или седум дена; дали судскиот предмет ќе заврши во две или во пет рочишта, дали за чистење на паркот ќе ангажирате еден работник или тројца од кои пак само еден ќе чисти, а другите двајца ќе го гледаат итн. Кога размислувам за овој принцип веднаш ми паѓа на памет нешто што секоја зима се случува на мојот факултет (а верувам дека тоа е случај и во безброј други организации): иако наставата завршува во 14 или 16 часот, централното греење продолжува да грее до ноќта, и тоа во сите кабинети (се разбира, празни), во сите училници (се разбира, празни). И секоја зима си го поставувам прашањето: Како е можно факултет што ги учи децата за основните економски принципи, самиот тој да не ги применува нив?
Третиот принцип дава одговор на прашањето: Дали определена инвестиција, државна агенција или активност ги даваат очекуваните ефекти? Овде е корисно да се присетиме на примерите од минатата статија што се однесуваат на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор и на Антикорупциската комисија, иако тие никако не се единствените случаи. Во таа смисла повторно ќе ја претставам мојата проста логика што упорно ми вели: Ако од некоја државна агенција нема никакви ефекти, зошто воопшто постои таа? Или сетете се колку тениски игралишта сте виделе што „зјапаат“ празни. Зошто Владата потрошила ресурси да ги изгради кога тие не се користат? Зошто Владата изгради нов Археолошки музеј, а стариот го остави да пропаѓа? Има ли потреба од посебен Универзитет за информатички науки во Охрид? Има ли потреба од два универзитета за Албанците? А каде се оние 100 000 компјутери во училиштата? Лежат зафрлени во некој магацин или заклучени во некоја витрина, т. е. не се користат, а за нив се потрошени ресурси. Овој принцип е од огромна важност зашто тој непосредно е поврзан со основните лекции што им ги предаваме на студентите на економските факултети – дека производните ресурси се ограничени и дека тие секогаш имаат ограничена употреба.

АКО ПРЕД ЈАВНИТЕ СЛУЖБИ И ПРЕД ЈАВНИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ СЕ ПОСТАВАТ ЈАСНИ И МЕРЛИВИ СТАНДАРДИ И КРИТЕРИУМИ, ТОГАШ ЛЕСНО ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ СЛЕДАТ ЕФЕКТИТЕ (РЕЗУЛТАТИТЕ) ШТО ГИ ДАВААТ ТИЕ И РЕСУРСИТЕ (ТРОШОЦИТЕ) ШТО ГИ НАПРАВИЛЕ ЗА ИЗВРШУВАЊЕТО НА НИВНИТЕ ФУНКЦИИ

Оттука еден од најважните приоритети на оваа и на секоја идна влада треба да биде воспоставувањето на горните концепти во сите организации од јавните сектор, и тоа како на централно, така и на локално ниво. Ако пред јавните служби и пред јавните службеници се постават јасни и мерливи стандарди и критериуми, тогаш лесно ќе може да се следат ефектите (резултатите) што ги даваат тие и ресурсите (трошоците) што ги направиле за извршувањето на нивните функции. Од една страна, тоа ќе овозможи подобра контрола на јавната потрошувачка, а истовремено ќе придонесе за зголемување на отчетот и на одговорноста во јавниот сектор. Се разбира, најголемите добитници ќе бидат граѓаните кои ќе добијат повеќе и подобри јавни услуги за цената (даноците) што ја плаќаат.
Меѓутоа, за да може да заживеат концептите на мерење на резултатите и вредност за парите потребни се два услова: прво, во јавниот сектор да постојат вградени механизми што ќе ги стимулираат државните службеници, градоначалниците и министрите да се грижат за економичноста и за ефикасноста. Тоа значи добрите јавни службеници да бидат наградени и побрзо да напредуваат во хиерархијата, успешните министерства и агенции да добијат повеќе буџетски пари во следната година итн.; второ, Државниот завод за ревизија да има многу поголема улога, т. е. доколку ревизорските извештаи утврдат случаи на драстично отстапување од принципите на економичност, на ефикасност и на ефективност по автоматизам тоа да биде основа за политичка и кривична одговорност на државните службеници и на политичарите. За крај, веројатно читателите ќе помислат дека примената на овие концепти во Македонија е утопија. Точно, можеби тоа е утопија денес, но лесно може да биде стварност утре. Впрочем демократијата е процес што трае и во себе вклучува учење, и тоа како од страна на политичарите, така и од страна на гласачите.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top