Општество
ПОДГОТОВКА ЗА СЛЕДНАТА ЕРА НА ПАРТНЕРСТВО ЧОВЕК – МАШИНА

Јован Пехчевски
Авторот е Универзитетски Професор и Бизнис Консултан

Напредните способности на денешните нови технологии ќе поттикнат нова ера на соработка и меѓусебна зависност меѓу човекот и машината. Иднината во која луѓето остваруваат партнерства со машините за надградба на нивните заемни вештини ќе овоможи подобрување на условите на секојдневното живеење. Од клучно значење ќе биде класификувањето на вештините кои се очекува да ги донесат машините, како и начинот на кој луѓето ќе можат да придонесат за тоа партнерство. Во продолжение ќе ја појасниме потребата за нова распределба на вештини, кај поединците и организациите, потребни за обезбедување напредок во новата ера на партнерство меѓу човекот и машините.

1. Поединци
Кај поединците експертизата во одредени домени на знаење, комбинацијата на искуства, заедно со контекстот и знаењето за тоа како правилно да се направат работите ќе продолжат да бидат клучни човечки особини и во текот на следнава декада. Дополнително на експертизата во домените на знаење, човечките ставови својствени за претприемништвото – визијата, упорноста, решавањето на проблеми – ќе бидат клучни фактори за сите поединци при вработувањето. Способноста да се исползува претприемачкиот дух за да се овозможи сразмерен пристап кон балансирање на организациските цели, со цел да се дизајнираат решенија и да се заобиколат ограничувањата, е она што ќе ги разликува луѓето од машините. Со други зборови, вештините традиционално користени од страна на претприемачите ќе бидат фундаментални за сите работници.
Како што подемот на репутациските алатки, визуелизацијата на податоци и паметната аналитика ги зголемуваат вештините и компетенциите за пребарување информации кај поединецот, градењето и зачувувањето на силен личен бренд ќе се смета за основна професионална хигиена во текот на следнава деценија. За да бидат барани за работи со можности за континуална професионална надградба, луѓето ќе треба да одржуваат соодветна професионална репутација во нивните социјални мрежи и контакти.


ИНДИВИДУАЛНИ ВЕШТИНИ И ОБУКИ 

• Контекстуализирана интелигенција: разумно разбирање на културата, општеството, бизнисот и луѓето.
• Претприемачки начин на размислување: примена на креативност, агилност во учењето и претприемнички став за да се изнајдат решенија и да се избегнат ограничувањата.
• Култивирање на личен бренд: достапен и поволен дигитален идентитет како основна работна хигиена.
• Автоматизирана писменост: пргава способност за интегрирање на лесно автоматизирани алатки во сопствената работа и во домашниот живот.
• Компјутеризирано расудување: способност да се извлече значење од резултатите произлезени од здружениот труд меѓу човекот и машината.


Многумина ќе зависат од машините за извршување на секојдневните активности поврзани со управување со личните брендови и професионалната репутација. Како пример за критична вештина што поединците ќе треба да ја развијат е способноста за интегрирање на лесно автоматизирани алатки во својата работа и во домашниот живот. Наместо да се спротивставуваат на капацитетите на автоматизираните алатки, можноста да ги применат нив во сопствениот живот ќе им помогне на поединците лесно да се ослободат од задачите што може да се сработат со автоматизирани алатки, како ревизии на личниот бренд, и да ги сосредоточат потребните човечки вештини во работата и дома.
На крајот, бидејќи услугите засновани на вештачка интелигенција во облак овозможуваат повеќе апликации и уреди да ги инкорпорираат способностите на вештачката интелигенција за интеракција без поголеми инвестиции во техничката инфраструктура, пристапот до информации ќе биде многу поголем отколку што е денес. Во 2030 година, вештините за квалификување и за толкување на информации ќе останат да бидат од клучно значење во работењето, како што ќе биде и новата вештина за толкување на резултати генерирани преку алгоритам (слика 1). Способноста да се најде логичен след во резултатите произлезени од комбинацијата човек – машина ќе биде клучна за постигнување успех во следната ера на партнерства меѓу човекот и машините.

2. Организации
За организациите од клучно значење ќе биде постојано надградување на технолошките капацитети. Централно внимание ќе треба да се стави на осознавањето на фактот дека заканата од тоа да се биде жртва на безбедносните пробивања веќе нема да претставува технолошки проблем, туку деловен проблем. Ова ќе ја зголеми улогата на надградување и на одржување на безбедносните системи, како и дизајнирање на ефективни стратегии за реагирање на безбедносните упади. Во текот на следнава деценија, луѓето дигитално ќе пренесуваат сè повеќе и повеќе следливи податоци, притоа во многу случаи спојувајќи го својот физички и дигитален идентитет. Како резултат на тоа, одржувањето на довербата кај потрошувачите ќе биде од витално значење. Организациите ќе треба континуално да демонстрираат екстремно висок степен на заштита на податоците за своите клиенти. Разбирањето на импликациите од безбедносните пробивања врз деловното работење ќе ги поттикнува организациите да развиваат стратегии за безбедност кои функционално ќе ги спречуваат нападите и воедно бргу ќе ги разрешуваат инцидентите откако тие ќе се појават.
Во 2030 година, исполнувањето на растечките очекувања на потрошувачите ќе биде подеднакво критично за успехот на организациите. Без разлика дали тоа е испорака на производ, извршување на услуга, па дури и идентификација на следното работно место, секое задоцнување во дадена дигитална трансакција ќе биде сè понеприфатливо за потрошувачите. Вештачката интелигенција ќе зема замав во реализацијата на сите операции така што организациите ќе можат да ги решаваат проблемите и да нудат нови услуги со многу поголема брзина, што ќе претставува континуиран циклус на подобрување. Елиминирањето на доцнења ќе биде клучна организациска компетентност заедно со реагирањето во реално време и активирањето автоматски циклус на подобрување на работните задачи.


ОРГАНИЗАЦИСКИ ВЕШТИНИ И ОСОБЕНОСТИ

• Безбедност сосредоточена на потреби на бизнисот: восприемање и имплементирање на безбедноста како деловна стратегија.
• Елиминирање на доцнења: надминување на очекувањата на потрошувачите за испорака во реално време.
• Алгоритамско брендирање: осигурување дека алгоритмите се усогласени со организациските вредности.
• Диверзификација на вредноста на работа: ресетирање на претпоставките за вредноста на работата.
• Инспирирање иновации: поттикнување на вработените да размислуваат различно од системите управувани од машини.

Особено во иднина кога луѓето ќе бараат работа, организациите ќе треба да ги тестираат и по потреба да ги ревидираат претпоставките што ги имаат вработените во поглед на вредноста на работата која ја извршуваат. Организациите ќе треба да разберат дека перцепцијата за самата вредност на работата кај луѓето ќе се менува, па согласно со тоа да проценат каква ќе биде нивната очекувана награда за времето поминато на работа. Дигиталните современици ќе очекуваат да можат да ги применат своите индивидуални вештини во дигиталното спроведување на работата и ќе ги гледаат работните места како можности за учење и за натамошно усовршување на нивните работни вештини. Организациите кои ќе ги поддржуваат ваквите аспирации ќе го привлечат и ќе го исползуваат врвот на таленти во следнава деценија.
За крај, како што сè повеќе автоматизирани системи управувани од машини ќе работат во партнерство со вработените, изнаоѓањето начини да се создадат спонтани и иновативни пристапи кон остварување на задачите ќе помогне да се инспирира креативноста на работното место. Имплементирањето на структури и процеси што ги поттикнуваат работниците да ги надминат и да ги надмудрат алгоритамските системи ќе ја намали веројатноста системите да работат врз основа на историски или на застарени претпоставки и ќе наметне атрактивни предизвици за работната сила пак да биде над машините (слика 2).

3. Партнерство човек – машина во 2030 година
Поединците и организациите веќе денес се соочуваат со дигитална трансформација и со трансформација на работната сила. Бидејќи овие трансформации се поттикнати од и се под влијание на новите технологии, во текот на следнава деценија луѓето ќе развијат нови и подлабоки односи и нови зависности со машините како во сопствениот дом, така и на работното место. Навистина, ако Ѝ пријдеме на следнава деценија како на деценија во која партнерството меѓу луѓето и машините ќе ги премости нашите ограничувања и ќе ги надгради нашите вештини, тогаш ќе можеме да почнеме да создаваме поповолна иднина за сите.
Јордан Хауард, извршен директор на GenYNot, гледа огромен потенцијал за новата ера на партнерство меѓу човекот и машините: „Многу од комплексните прашања со кои се соочува општеството денес се вкоренети во трошење неисползувано време и ресурси, неефикасност и едноставно незнаење за работите и за појавите, како на пример како да се спречи мутирање на одредени гени. Што ако можеме да ги решиме овие проблеми со поблиска соработка и заемен труд со машините и со користење на бројните податоци што тие ги генерираат за да се дојде до нови откритија со поголема брзина? Како тим можеме да целиме повисоко, да сонуваме поголеми дострели и да оствариме повеќе.“
Лиам Квин, главен директор за технологија на Дел (Dell), ги споредува новите технологии на денешното време со производството на електрична енергија пред 100 години. Квин тврди дека иако повеќе не се воодушевуваме на „механиката“ или на „чудата“ на електричната енергија, сепак на неа се заснова речиси сè што правиме во нашите животи. Слично на тоа, Квин тврди дека технологиите што ги сметаме за вистински новитети денес ќе бидат неизбежен дел од нашиот секојдневен живот во 2030 година. Како што изјавува Квин: „Замислете ги креативноста и перспективите што ќе бидат можни од гледна точка на вредностите што овие алатки ќе ги обезбедат. Во 2030 година за чудо нема да ја сметаме самата алатка, туку она што таа може да направи.“
До 2030 година веќе нема да им се поклонуваме на технологиите кои се појавуваат како новитети во денешницава. Тогаш тие ќе бидат „исчезнати“ и претопени во заднинските темелни услови на секојдневниот живот. Ако се вклучиме со вистински напори во идејата за зајакнување на партнерството меѓу човекот и машините, за таа заемна соработка да успее, нејзиното влијание врз општеството ќе нè оплемени сите во секој поглед од нашето дејствување и постоење.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top