Општество
ВОЗАЧ (BABY DRIVER)

Ѓорѓи Јаневски
Авторот е културен работник

Нашиот голобрад јунак Ансел Елгорт (Ansel Elgort) е бејби драјвер (Baby Driver). Седнат е зад воланот. Во неговите слушалки започнуваат првите ноти на Белботомс (Bellbottoms) на Џон Спенсер блуз експлоужн (Jon Spencer Blues Explosion). Останатите членови на бандата излегуваат од автомобилот и се упатуваат кон банката спремна за ограбување. Фокусот на режисерот Едгар Рајт (Edgar Wright) останува во автомобилот, на главниот лик кој занесено танцува на музиката. Она што се случува во банката е помалку важно. Започнува спектакуларна сцена на автомобилска потера, почеток кој навестува возбудливо и адреналинско филмско возење.

Бејби слушалките не ги вади никогаш. Музиката е таа која постојано го диктира ритамот на неговите постапки, на неговите мисли и емоции. Поседува неколку Ipod-и, песни и музика прикладни за секаков вид ситуација. Како малечок е жртва на инцидент од кој му останува постојано зуење во ушите и ја користи музиката за да го покрие. Слушалките не ги вади никогаш бидејќи живее во ритамот на бескрајната плеј листа. Во текот на денот ги снима дијалозите што ги слуша, а потоа во својата мала музичка работилница креира рап колажи кои ги архивира на аудио касети. Ваквото креативно трансформирање/ремиксување на реалноста,

следејќи ритмови и мелодии, му овозможува да го држи под контрола надворешниот свет и да биде секогаш чекор пред другите. Замислен е како современ супер херој. Неговото тајно оружје е добрата музика. Таа за него претставува единствена можна алтернатива на суровата реалност во која е заробен.

Режисерот Едгар Рајт ја раскажува приказната низ призмата на младиот протагонист и одбира да следи една амбициозна постапка: наместо вообичаената точка на гледање (point of view) одбира точка на слушање (point of listening). Музиката е таа која го движи филмот. Кадрите, дијалозите и монтажата се во служба на песните, додека пукотниците, експлозиите, чкрипењето на гумите се своевиден „придружен бенд“. Рајт создава жанровска турлитава во која акцијата и хуморот се зачинети со романтичарската апстракција карактеристична за мјузиклот. Слично на минатогодишниот „Ла Ла Ленд“ на Дамијан Шазел и овде се провлекува потребата за ескапизам во некои магични атмосфери кои се контрапункт на реалноста. Речиси целото дејствие е конструирано врз база и во функција на одбраните песни врз кои потоа се гради флуидна визуелна кореографија. „Увидов дека песната (Neat Neat Neat на The Damned) e прекратка за сцената што ја снимивме, но не сакав да ја менувам. Затоа ја преработивме сцената на тој начин што планот за бегство во даден момент оди во несакан правец, па така Бејби мора да ја премота песната наназад, токму до истиот тој момент“. Доследното следење на оваа идеја функционира само во првата половина на филмот. Потоа започнува да тежи авторската самобендисаност и целата операција ризикува до раб да се трансформира во гигантски видео спот. Откако ќе ја апсолвираме формулата, изненадувања повеќе нема и филмот почнува предвидливо да се движи кон разводнетото финале. Ликовите се дводимензионални и карикатурални, но никој не очекува нешто повеќе.

Едгар Рајт (1974) е англиски режисер, сценарист, продуцент и актер кој работи во Холивуд. Најпознат е по таканаречената „Трилогија на корнетот“ (Shaun of the Dead, Hot Fuzz и The World's End). Во време кога поголемиот број холивудски спектакли се франшизи кои им робуваат на компјутерски генерирани слики и тридимензионална празнотија во недостаток на пристојни идеи, „Бејби драјвер“ (Baby Driver) успева барем за момент да нѐ потсети на подзаборавените и безгрижни задоволства на летните акциски филмови кои припаѓаат на некое минато време. Нешто слично на караоке верзија на оригиналот.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top