Општество
ШИ ЏИНПИН - ЛИДЕРОТ СО АМБИЦИЈА ДА ЈА НАПРАВИ КИНА ПОВТОРНО ГОЛЕМА

Мирослав Саздовски
@MirkoSlav

„Да обезбедиме решителна победа во изградбата на умерено прогресивно општество во сите аспекти и стремеж за големиот успех на социјализмот со кинески карактеристики во новата ера.“
Ши Џинпинг, 17 октомври 2017 година , Пекинг

 

Големата народна сала во Пекинг, веројатно една од најголемите затворени простории изградени од човекот, едно од т.н. Десетте големи градби изградени во 1959 година, на 10 години од постоењето на новата современа кинеска држава. Во салата присутни преку две илјади делегати на Комунистичката партија на Кина (КПК), следени од најмалку илјада новинарски претставници од над 100 земји, бројни гости, угледни општествени дејци на кинеската држава. А таму, во совршена тишина, сите очи се вперени на централната бина каде што, во својот говор во времетраење над три часа (205 минути), Ши Џинпинг ја претставува неговата замисла за кинескиот сон - подготвеноста на кинеската држава да влезе во новата ера на развој на социјализмот со кинески карактеристики, нешто што треба да му обезбеди премостување на уставното ограничување за владеење со кинеската држава повеќе од два мандата, и преку 68 години старост. И додека деведесет и едногодишниот Џијанг Цемин, поранешниот врховен лидер на Кина од т.н. трета генерација, со нескриена нестрпливост погледнува на часовникот во знак на неверување од должината на говорот на Ши, останатите делегати, со смрзната сериозност и неприродно висока концентрација на внимание, трпеливо чекаат да заврши говорот фокусирани секако за стартот на ритмичкиот аплауз за чија ритмична точност, естетска грациозност и коректна интензивност веројатно најдолго се подготвувале. На овој конгрес Ши Џинпинг ја оствари целта – неговите зборови, мисли и визии за развојот на кинеската држава, како и неговото име влегоа во партискиот устав рамо до рамо со единствените култни кинески лидери - Мао Ѕетунг и Денг Шјаопинг.
Ши Џинпинг не е случаен човек во кинеската политика. Тој е претставник на т.н. „кнесчиња“ или „партиски принцови“, пејоративен израз за кликата привилегирана група политичари од т.н. петта генерација, чии политички кариери се смета дека почиваат на авторитетот на нивните родители, најчесто татковци кои потекнуваат од првата генерација политички лидери, учесници во Втората светска војна, Граѓанската војна и оние кои ја поставиле новата современа кинеска држава (најблизок термин кај нас се децата на борците од НОБ). Сепак, за разлика од кај нас и од повеќето држави, среќата да припаѓаш на семејствата од високата класа политичари на почетокот од развојот на модерната кинеска држава со себе носи и сериозни ризици, нешто што семејството Ши го има директно почувствувано на своја кожа и нешто што во голема мера ги одредува животниот тек и политичката филозофија на Ши Џинпинг.


Ши Жонгшун е еден од поважните претставници на првата генерација политичари. Учесник во Граѓанската војна, поради чија прагматичност и ефикасност историчарите го поврзуваат со успехот на т.н. „Долг марш“, една од главните пресвртни точки на Кинеската револуција, и по чија успешност Мао Ѕетунг ја зацврстува својата позиција како неприкосновен лидер. По војната, Ши Жонгшун повторно ја демонстрира успешноста на својот прагматичен пристап во решавање на некои од посериозните безбедносно-политички кризни жаришта во Кина како што се тибетското прашање и муслиманскиот бунт. Но, слично како и Денг Шјаопинг, политичкиот прагматизам на Ши Жонгшун станува и негова најголема закана, особено во периодот на бесмислената доктрина „големиот скок напред“, а уште повеќе и во периодот на кинеската Културна револуција.

Ши Џинпинг уште многу мал директно во својата фамилија ја почувствувал долгата рака на Мао. Уште на негова 10-годишна возраст неговиот татко Ши Жонгшун е тргнат од сите партиски функции и испратен во Луојанг да работи во фабрика. Неговото средно образование го прекинува Културната револуција кога од учениците и од студентите се очекува интелектуално, но и физички да ги нападнат своите професори како израз на одбивност и презир кон „лажниот“ интелектуализам и просвета. Неколку години подоцна Ши Жонгшун е ставен во затвор како предавник на Револуцијата, а Ши Џинпинг ја доживува судбината на поголемиот број урбани младинци од времето на Културната револуција да бидат депортирани во селата и во планините за да научат како е да се биде работник и селанец. Кога во 1975 година олабавуваат стегите на Културната револуција, Жонгшун излегува од затвор, а Џинпинг почнува со студиите по хемиско инженерство. Во 1976 година умира Мао Ѕетунг, а во 1978 година, на Третата пленарна сесија на 11 Централен комитет на КПМ, под водство на Денг Шјаопинг, Ши Жонгшун е целосно рехабилитиран и повторно реинсталиран во политичкиот живот на Кина. Една година подоцна, на 26-годишна возраст, својата политичка кариера ја започнува и Ши Џинпинг како секретар на тогашниот заменик-премиер и генерален секретар на Централната воена комисија, Генг Бијао. Во наредните 10 години, Ши Жонгшун ќе биде еден од водечките политичари на т.н. втора генерација лидери кои, предводени од Денг Шјаопинг, ќе ја спроведат првата транзиција на современото социјалистичко општество со кинески карактеристики, т. е. економскиот плурализам во прегратките на политичкиот монотеизам.

Во овој период, иако во сенка на политичката кариера на неговиот татко, сепак, како еден од најистакнатите претставници на младата прогресивна клика наречени „партиски принцови“, Ши Џинпинг ја гради својата регионална политичка кариера (тоа не би можело да се поистовети со нашата локална самоуправа, но сепак се работи за едно ниво под републичкото) и го гради својот политички хабитус. Во 1983 година тој станува партиски секретар на областа Женгдинг, највисоката партиска функција во една регија, каде што останува до 1985 година. Истата година, веќе 32-годишниот Ши Џинпинг, како дел од кинеската делегација за запознавање со американското земјоделие, две недели престојува во Мускатин, Ајова, каде што е сместен во американска фамилија. Ова негово искуство се смета дека има извршено големо влијание врз развојот на неговата политичка мисла и неговото поимање за „американскиот сон“ како форма за индивидуално остварување во интерес и насока на општествениот развој. Во 1988 година, по една препирка и несогласување со Денг Шјаопинг за примената на либералниот концепт во кинеската политика, Жонгшун се повлекува од политичките позиции и се пензионира, нешто што остава простор за автентичен развој на политичката кариера на Ши Џинпинг. А неговата партиска кариера непрестајно напредува, па така тој ја претставува областа Фуџијан до 2002 година, потоа Жеџијанг до 2007 година кога станува претставник на Шангај, една од најважните кинески области.

Напредокот во регионалната партиска структура паралелно му носи напредок и на национално ниво каде што во 2002 година е избран за полноправен член на XVI Централен комитет на КПК и од каде што почнува неговата национална политичка кариера. Уште како претставник на регионите, особено на регионот Жеџијанг, Ши води бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, особено меѓу високите партиски претставници. Оваа негова бескомпромисност почнува да добива симпатии меѓу прогресивната кинеска интелигенција и медиумите што, пак, веднаш го запалува и црвеното светло кај највисоките кинески политички претставници. Тоа се совпаѓа со неговото назначување како највисок партиски и областен претставник за Шангај кој во тој период е познат по раширената корупција. Интересно, иако воведува цврсто владеење во Шангај, тој на почетокот се обврзува дека нема да ги нападне партиските функционери и успева целосно да ја обедини партиската структура во Шангај зад себе. Во овој период Кина остварува значајни успеси на економски, на општествен и на политички план, а во голем дел овој политички тренд се должи и на работата и прагматизмот на Ши Џинпинг. Тој, на пример, е одговорен за успешната подготовка на Олимпските игри во 2008 година во Пекинг, еден од главните политички идеолози при решавањето на отворените политички прашања со Макао и Хонг Конг, како и бројни успеси на надворешен план, посетувајќи бројни земји со кои Кина остварува напредок во меѓусебните односи. Овој успех, како и симпатиите кои ги освојува кај интелектуалците и прогресивната јавност, неприкосновената борба против корупцијата, како и неговиот успех да обезбеди раст секаде каде што му е доверена највисоката партиска и политичка функција му носат огромен скок во кариерата, па во 2007 година не само што е избран за член на Постојаниот комитет на Политбирото на Комунистичката партија на Кина, тела каде што членуваат само највисоките политички лидери на Кина, туку неговата позиција се смета за повисока од онаа на Ли Кеќијан, дотогаш најголемиот претендент за наследник на Џу Џинтао, со што на Ши Џинпинг му се отвора патот до највисоката функција во кинеската политика, генерален секретар на Централниот комитет на КПК. Ли Кеќијан, од друга страна, станува негов верен премиер до ден денешен.



На 15 ноември 2012 година, на XVIII национален конгрес на Комунистичката партија на Кина, Ши Џинпинг е избран за генерален секретар на Централниот комитет на КПК, што претставува највисока политичка партиска функција, како и за претседавач на Централната воена комисија на КПК, што претставува највисоката воена партиска функција. Со тоа Ши Џинпинг станува и т.н. „Парамаунт“ лидер на Кина или лидерско јадро, како што неформално се нарекува идеологот на партијата. Тој е првиот претставник на т.н. петта генерација лидери и првиот „Парамаунт“ лидер кој е роден по Револуцијата, т. е. во современата кинеска држава. Како неформален лидер, тој во своите обраќања сè почесто ја употребува синтагмата „кинески сон“ кога ги опишува напредокот и реформите кои кинеската држава треба да ги оствари. Полека овој негов патерн станува основа на идеологијата на КПК за наредниот период, инкорпорирајќи ги во себе сите амбиции на политичкото лидерство за напредок и развој на економијата, државата и општеството. Но, Ши Џинпинг во „кинескиот сон“ ја проектира и индивидуалната амбиција за напредок и развој на секој поединец во Кина, слично на терминот „американски сон“, што како влијание се смета дека го има стекнато при неговиот одамнешен престој во Ајова кога директно се запознава со американскиот начин на живот.

Во својот прв петгодишен мандат, Ши Џинпинг ги отвори кинеската економија и политика за надворешниот свет, спроведувајќи економски реформи кои ја предводат глобализацијата, но спроведувајќи и економско-политички проекти како формирањето на групацијата БРИКС со сите нејзини институции, банки за поддршка на развојот, економски тела за помош итн., но и иницијативата „Еден појас, еден пат“ - која претставува една од најголемите инфраструктурни иницијативи за инфраструктурно и комуникациско поврзување на Далечниот Исток (Кина) со Африка и Европа. Првиот мандат уште повеќе ќе биде запаметен по неговата отворена борба против криминалот и корупцијата, нешто што силно ја зацврстува неговата позиција, но и политика која е обременета со контроверзии и обвинувања за злоупотреба на оваа кампања во насока на елиминација на неговите политички ривали. За да ги прескокне формалните функции кои во кинеското општество традиционално се разделени токму за разбивање на концентрацијата на моќта која ја носат, Ши Џинпинг формира нови тела преку кои ја спроведува својата политичка замисла. Такви тела се Националната комисија за безбедност - како супранационално тело во чија надлежност е севкупната безбедност; потоа Централно тело за длабоки реформи, кое претставува уште една ад хок група која треба да координира, а всушност контролира бројни функции во извршната власт; потоа реформа на Централната комисија за дисциплина и инспекција, како главно тело преку кое Ши Џинпинг ја спроведува борбата против корупцијата итн. Овие политички „скратени патчиња“ на Ши Џинпинг му обезбедуваат ефикасност во спроведувањето на политичките замисли, но претставуваат концентрација на моќ каква што претходно имал само основачот на модерната кинеска држава, Мао Ѕетунг. По неодамнешниот Национален конгрес на КПК, оваа концентрација на моќ Ши Џинпинг ја демонстрираше на дело издигнувајќи се себе за основач на новата ера на кинеската држава, идеолог на новата политичка доктрина, култ на кинеската политика врежан во нејзиниот устав со име и презиме. Оваа политичка ароганција претходно не си ја дозволил ни големиот Денг Шјаопинг, реформаторот, под чија палка, но и со учество на таткото на Џинпинг, Ши Жонгшун, Кина го трасираше новиот прогресивен кинески систем, а чии мудрости беа запишани во партискиот устав дури по неговата смрт.

Идеологијата на Ши Џинпинг е јасна. Тој има намера навистина да ја направи Кина повторно голема, инспирирајќи се за оваа амбиција во кинеското античко минато кога земјата, во согласност со тогашните стандарди, претставувала светски хегемон. Неговата замисла за „новата ера“ тој ја демонстрира во двете 100-годишнини кои ѝ следуваат на кинеската држава. Едната е во 2021 година кога се навршуваат 100 години од создавањето на Комунистичката партија на Кина, година до која Кина треба да го постигне т.н. „умерен развој“. Иако се работи за описна категорија која никаде не е прецизно одредена, сепак се заокружува мислењето дека, барем економски, Кина би требало во 2021 година да го дуплира својот БДП од 2010 година. Во 2049 година доаѓа 100-годишнината од формирањето на современата кинеска држава, година во која Ши Џинпинг го најавува остварувањето на „кинескиот сон“ за модерна, современа, социјалистичка, силна држава која треба да претставува успешна приказна на социјализмот од кинески стил. Но, заедно со амбицијата на Ши Џинпинг доаѓаат и неговите методи на цврсто владеење, постојано зголемување на својата моќ, константно намалување на основните човекови права, но и преголемо задолжување на кинеската економија, нестабилност на финансиите, нараснатиот национализам кон соседите итн. Премногу е неблагодарно да се предвиди движењето на кинеската политика во наредниот период, но секако, што и да се случува со најголемата економија во светот, таа ќе има силно влијание врз сите останати светски општествени текови.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top