Општество
ЕУФОРИЈА БЕЗ ПОКРИТИЕ

Ивана Тасев
Авторот е новинар

Пречекот на Новата година е преценет и префорсиран. Вештачки издизајнирана еуфорија. И сето тоа за трошка ефемерна страст, ефемерно чувство на исполнетост, трошење за ефемерни материјални вредности, ефемерна халуцинација дека тоа е она што нѐ прави среќни. Бруталната вистина е дека повеќето луѓе со нетрпение ја пречекуваат Новата година како нов почеток на старите навики. Сепак, може да има промени во човекот. Не треба сосема да го амнестираме минатото и да ги дилетираме спомените, ама целта на Новата година не е дека треба да имаме Нова година, и толку. Секој од нас си посакува нов почеток. Поубав. Посреќен. Попродуктивен. Пољубовен. Подарежлив. Доволно ли е само посакувањето? Или мислата треба да продуцира дела? Доволна ли е само вербата? Или треба да се засукаат ракавите и да се запоти задникот за да се успее?
 

Секоја година компримирано е во нас големо количество надеж во деновите за Новата година. Тоа е таа единствена вечер кога една мисла ги соединува луѓето на полноќ - надежта. И потоа – бенг. Простете доколку сум дефетист и ви ја расипувам целата забава, но нели секој од нас таа вечер има во себе наталожено надежи и желби кои најчесто следната календарска година стануваат големо разочарување и чиста утопија поради преголемите очекувања.
Но, да се вратиме на вештачки дизајнираната новогодишна еуфорија, на максимата „сите желби да ти се исполнат“, на непримерното трошење пари, на светкавите фустани и високите потпетици кои на моменти ви создаваат болно чувство дека сакате да се самозапалите. Сепак, зацртаната агенда дека тоа е најлудата ноќ и морате да издржите јуначки до крајот мора во целост да се исполни... пресликани маскари под очите, запотени пазуви, забревтани лица.... да се потсетиме за момент и во чест на сите руски салати, испечените и крцкави прасиња, кифлички, алкохол, дроги, недолично однесување, префорсирани екстази на среќа со повремени налети на дискретна хистерија како последица на флоскулата „најлудата ноќ“... на сите илјадници испукани педарди... за кои имате кредит и оправдување дека сѐ е дозволено бидејќи.... едноставно е Нова година.
Постојат повеќе причини зошто Новата година е преценета и префорсирана ноќ.
Прво, стресно е каде ќе ја дочекате и со кого. Повеќето од нас се чувствуваат „фалични“ како стока со грешка доколку не ја доживеат во поголемо опкружување на луѓе, галама, музика, јадење... кафеана, домашна забава, диско.... на ова се надоврзува здодевното прашање: „Каде за Нова година?“ Сето ова му прави притисок на мозокот. Со оглед на тоа дека живееме во потрошувачко општество следуваат донкихотовски дилеми. Што ќе облечете? Колку пари ќе „фрлите“ на добро палто или светкав фустан и високи потпетици...? Има и такви кои деновите пред најлудата ноќ ангажирано и посветено посетуваат козметички салони, стилисти, фризери, виткаат „сарми“ на глава, ставаат „печени“ нокти... иако не размислуваме дека најголем дел од нас ќе ја започне Новата година на 1 јануари со силна мигренозна болка, нагони на лошење, подуен стомак, киселини и немоќ во стапалата. За што?! (For what?!)
Редиците во супермаркетите се бескрајни како да следува крајот на светот, сите се исплашени дека ќе останат недојадени и недопиени. На полноќ морате да најдете некого да бакнете за да не се почувствувате отфрлено, изолирано, осамено... Повторно притисок. За што?! За 10 секудни одбројување!

Децата од Сирија

Ова ми е омилен дел. Следниот ден додека во мамурна дисфункционална атмосфера во која не знаете дали спиете или сте будни – бладате, почнува да вибрира мобилниот телефон со циркуларни пораки. Отсекогаш сум се прашувала како не им е здодевно и во што наоѓаат задоволство некои луѓе на 1 јануари да седнат и да пишуваат воопштена порака и тоа до десетици, понекогаш и стотици луѓе и да им ја испраќаат. Порака во која нема искрена автентична емоција, стерилно скроена за да се фати за сите.
Но, да не ги заборавиме децата бидејќи тие најискрено се радуваат на осветлениот град, на колоритните елки, на насмеаните лица на сите дедо мразовци, на дооолгите списоци за посакувани подароци кои со нетрпение ги очекуваат под елките, на тинејџерите кои имаат сочни желби до родителите и кои, без трошка сочувство, сакаат да им го исцедат и последниот денар... посакувајќи брендирана облека, најновиот ајфон, патики кои ги носат нивните супер херои од поп музичката сцена... Повторно дефетистички ми дивергира мислата и ви го нарушувам целиот комфорен и новогодишен концепт со прашањето: Дали и децата од Сирија, од Ирак, од Мјанмар, од Нигерија... се деца? Или тие не се деца за нас личните, дотерани, западни образовани и модерни луѓе?! Да, тоа сме истите тие кои замижуваме пред видеата од геноцид за да не нѐ потресат, особено не вака, празнично, напукани со позитивна енергија. Се прашувам дали и тие имаат долги списоци до родителите (доколку не се убиени) и што им поминува низ главата на преживеаните родители во нивните молитви и желби.
Ајде само за момент, потоа ќе продолжиме со списоците за најлудата ноќ. Да се потсетиме на дечињата од „фабриките за деца“ од Бангладеш, кои се злоупотребувани деноноќно со своите рачиња да ја прават облеката која ние потоа ја претплатуваме и тоа не само за најлудата ноќ. Или оваа информација и видеа, кои „кружат“ по интернет, не се кул? Ох, простете, и покрај сѐ, сепак, ова е најлудата ноќ.


Бруталната вистина е дека повеќето луѓе со нетрпение ја пречекуваат Новата година како нов почеток на старите навики. Тука е целиот кеч. Новогодишната вечер е како и секоја друга вечер, нема пауза во маршот на универзумот, Земјата на полноќ не престанува да се врти, нема моменти на – без здив и тишина. Но, сепак, може да има промени во човекот. Убаво би било кога секој од нас би се родил повторно на први јануари. Се занесувам, знам. Ама замислете си старт и нова свежа страница, со лицето свртено нанапред, со стишан интерес за работите кои се веќе зад нас. Не велам дека треба сосема да го амнестираме минатото и да ги дилетираме спомените како што тоа го направија Кери и Винслет во „Вечното сонце на беспрекорниот ум“, ама целта на Новата година не е дека треба да имаме нова година, и толку. Секој од нас си посакува нов почеток. Поубав. Посреќен. Попродуктивен. Пољубовен. Подарежлив. Доволно ли е само посакувањето? Или мислата треба да продуцира дела? Доволна ли е само вербата? Или треба да се засукаат ракавите и да се запоти задникот за да се успее? Стрелките ќе се стопат една во друга и во целата усилена еуфорија и размена на бакнежи барем тројца ќе ви шепнат: „Среќна Нова година и сите желби да ти се исполнат“. На прва, оваа фантазмагорична новогодишна честитка изгледа зашеметувачки добро, ама на втора подразмислете... Замислете си сите желби да ви се исполнат... како би изгледал светот тогаш.... ама внимавајте, да им се исполнат сите желби и на оние дрчните, и на оние алчните, и на оние посамобендисаните, и на оние кои сакаат да војуваат, и на оние кои сакаат да силуваат и да тепаат... и на садистите, и на некрофилите, и на педофилите... и да не продолжувам понатаму... Кога некој така механички без да биде свесен за смислата на оваа синтагма ќе ми посака среќа во Новата година (верувам со добра намера), во себе секогаш, а понекогаш и на глас велам „Барем една да ми се исполни ќе бидам пресреќна“ бидејќи на човекот му е потребно толку малку за да биде среќен, а понекогаш и тоа малку недостасува. На крајот од секој час по јога ги сплетувавме во молитва дланките и ги доближувавме до срцето... ги затворавме очите и ги насочувавме нашите позитивни мисли кон целата планета. Нашата менторка секогаш ни велеше: „Обидете се да ја визуелизирате целата планета и со чиста и благородна мисла замислете дека ја прегрнувате“. Длабоко вдишувавме и посакувавме светот да се втопи во поголема духовна свесност. Ете, тоа е мојата желба за 2018 година. Само се прашувам дали и јас барам премногу, иако си замислив само една единствена желба?!

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top