Интервјуа
ГОРДИ СМЕ НА ПРИДОНЕСОТ НА ПИВАРА СКОПЈЕ ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА И ОПШТЕСТВО

Јован Радосављевиќ
Генерален директор на Пивара Скопје

 

Студијата за социоекономското влијание на Пивара Скопје предизвика голем интерес во јавноста. Објективноста на студијата е неспорна, таа е изработена во соработка со Deloitte Sustainability Consulting за Централна Европа. Која беше мотивацијата за ваква студија, дали е таа вообичаена активност во рамките на Coca-Cola системот?

Ј. Радосављевиќ: Според достапните информации, Студијата за социоекономското влијание на Пивара Скопје е прв документ од ваков вид во земјава. Таа има големо значење за нас затоа што за првпат во Македонија една компанија на транспарентен, на независен и на објективен начин го претставува пред целокупната јавност своето работење, а пред сѐ ги става на увид своето влијание и значењето што таа го има за домашната економија и за пошироката заедница. Тоа е воeдно и нашиот главен мотив за изработка и за публикување на оваа студија. Инаку, точно е тоа дека вакви документи редовно се изработуваат во рамките на системите на Coca-Cola и на HEINEKEN каде што припаѓа и Пивара Скопје. Нивната цел е, со примена на научно верификуван пристап, да се прикаже целокупното директно, индиректно и индуцирано влијание на компаниите што ги сочинуваат овие системи врз националните економии и локални заедници, како и врз глобалната економија воопшто.

Студијата ги прикажува социоекономските ефекти од работењето на Пивара Скопје за една година, за 2016 година. Ефектите се импресивни. За почеток, што покажуваат податоците и нивното значење во поглед на инвестициите, додадената вредност, влијанието на пазарот на трудот и сл.?

Ј. Радосављевиќ: Студијата јасно и прецизно ги идентификува и ги квантификува клучните параметри од деловните операции на Пивара Скопје кои имаат влијание врз развојот на македонската економија. Еден од тие параметри секако се капиталните инвестиции, кои само за последниве 10 години надминаа 40 милиони евра. Најголемиот дел од нив се вложувања во модернизација на производството и иновации. Тие ни овозможуваат годишно да создаваме и до 45 милиони евра бруто додадена вредност за македонската економија. Понатаму, секое работно место во Пивара Скопје придонесува за одржување на дополнителни 4 работни места во земјава или, со други зборови, околу 6 000 лица во земјава целосно или делумно зависат од генерираниот личен доход во целиот синџир на создавање вредности на Пивара Скопје. Компанијата годишно обезбедува 13,7 милиони евра личен доход измерен преку платите, додатоците, придонесите и даноците на плати за своите вработени, како и за вработените во компаниите со кои соработува, што е еднакво на просечната месечна плата на 25 000 лица во земјава. Сметам дека овие бројки се доволно илустративен индикатор за позитивното влијание и за значењето на Пивара Скопје за развојот на македонската економија, како и за благосостојбата на голем број семејства во земјава.

ГОДИШНО СОЗДАВАМЕ И ДО 45 МИЛИОНИ ЕВРА БРУТО ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

Пивара Скопје е дел од глобалните системи на Coca-Cola и на HEINEKEN, но има воспоставено добра соработка со домашните доставувачи и ефектите од таа соработка се претставени во студијата. Така, презентирана е пресметка за тоа колку би била пониска бруто додадената вредност кога наместо да набавува од домашни дoставувачи Пивара Скопје би користела само увозни производи и услуги. Во такво сценарио, колку би загубила македонската економија и кои би биле најпогодените сектори?

Ј. Радосављевиќ: Пивара Скопје годишно обезбедува работа за околу 1 000 доставувачи од земјава, од кои набавува стоки и услуги во износ од 33,6 милиони евра. За илустрација, доколку ваквиот износ на набавки би се инвестирал, на пример во изградба на спортски објекти, би добиле уште 66 нови спортски сали во земјава. Исто така соработуваме со повеќе од 13000 домашни бизнис-ентитети од 15 витални сектори од домашната економија меѓу кои: земјоделството, трговијата на големо и мало, угостителството и туризмот, како и во секторот на стручни, научни и технички услуги, со што во голема мера влијаеме врз заживувањето на целокупната економска активност во земјава. Доколку компанијата би ги увезувала сите материјали и услуги, тогаш тоа би значело загуба во бруто додадената вредност на домашната економија од околу 15,5 милиони евра годишно, а пазарот на труд би претрпел загуба од најмалку 1 000 работни места. Секако, погодени би биле и секторите од домашната економија и тоа најмногу оние со кои Пивара Скопје интензивно соработува. На пример, домашното земјоделство годишно би загубило над 4 милиони евра. Но, за вакви сценарија во Пивара Скопје воопшто не се размислува. Таа веќе 93 години е силно интегрирана во ова општество и економијата на земјава и така ќе остане и во иднина.

Импресивен е податокот дека само во 2016 година Пивара Скопје платила даноци и други давачки на државава во износ од 21,1 милион евра. Каква е структурата на тој износ?

Ј. Радосављевиќ: Вкупниот годишен придонес на Пивара Скопје во Буџетот на земјава надминува 21 милион евра, што претставува 12 % од целокупниот данок од добивка во државава за 2016 година. Најголем дел од овој наш придонес во Буџетот произлегува од платени акцизи, и тоа над 10 милиони евра годишно, потоа следува ДДВ со над 6 милиони евра по што следуваат даноците што ги плаќаме за нашите вработени, како и данокот од добивка и останатите даноци кои вкупно надминуваат 5 милиони евра годишно. Сакам да истакнам дека ние како компанија сме горди на нашето значајно учество и придонес во Буџетот на државава затоа што со тоа ние позитивно влијаеме во остварување на функциите на државава и унапредување на квалитетот на животот на граѓаните на оваа земја.

Имајќи го предвид ваквото значење на Вашата компанија, имате ли одредени сугестии за креаторите на економските политики на Владата, особено во делот на даночната политика?

Ј. Радосављевиќ: Пивара Скопје е домашна компанија. Да, таа припаѓа кон групациите Coca-Cola HBC и HEINEKEN, но ние работиме според законодавството и правилата на оваа земја, кое важи за сите останати домашни компании. Ние сме горди на нашето влијание врз македонската економија и општество и сакаме тоа влијание да го одржуваме на високо ниво и во иднина. Секако за тоа од голема полза е позитивната бизнис-клима за која сите ние со своето однесување даваме свој придонес. Што се однесува до даночната политика, ние ги делиме ставовите на оние економски експерти кои сметаат дека со ниски даночни стапки се стимулира и се поттикнува развојот на економијата и се охрабруваат инвеститорите, што на крајот на денот донесува поголемо производство, зголемени перспективи за отворање нови работни места и зголемен прилив на средства во државната каса.

ВКУПНИОТ ГОДИШЕН ПРИДОНЕС НА ПИВАРА СКОПЈЕ ВО БУЏЕТОТ НА ЗЕМЈАВА НАДМИНУВА 21 МИЛИОН ЕВРА, ШТО ПРЕТСТАВУВА 12 % ОД ЦЕЛОКУПНИОТ ДАНОК ОД ДОБИВКА ВО ДРЖАВАВА ЗА 2016 ГОДИНА

Познато е дека Пивара Скопје посветува големо внимание на корпоративната одговорност. Студијата посочува низа активности.

Ј. Радосављевиќ: Добрите деловни резултати не се единственото мерило за успехот на една компанија. Вистински успешни компании се оние што одат чекор понатаму, поставувајќи повиски стандарди на одговорно работење, промовирајќи и залагајќи се за вистинските вредности и менувајќи ги работите во заедницата кон подобро. Пивара Скопје е благодарна на големата доверба и на угледот што го има во македонското општество и затоа чувствуваме голема потреба континуирано да возвраќаме на таа доверба преку посветена работа и реализација на голем број општествено одговорни платформи во области како што се: здравјето и безбедноста, активниот животен стил, умерената и одговорна консумација, обезбедување чиста животна средина и заштита на водните ресурси. На пример, вработените во Пивара Скопје во изминативе четири години, на волонтерска основа, едуцираа над 18 500 ученици во земјава на теми поврзани со здравјето и со безбедноста. Паралелно со ова бевме активни и во едукацијата на најмладите за потребата од рециклирање и соодветен третман на отпадот, а организираме и спортски и забавни игри со кои успеавме да „придвижиме“ над 6 000 млади луѓе. Во соработка со локалните институции, компанијата изгради и десетици активни зони и паркиралишта за велосипеди од што директна придобивка имаат над 60 000 лица. Во целиот овој временски период една од нашите стратешки заложби беше и останува давањето помош на оние на кои им е најмногу потребна. Сето ова докажува дека одржливиот развој на заедницата на која припаѓа е основниот принцип на дејствување на Пивара Скопје и нејзините вработени.

Пивара Скопје го поддржува и развојот на младите преку својот Едукативен центар. Кажете ни повеќе за тоа.

Ј. Радосављевиќ: Едукативниот центар на Пивара Скопје постои веќе две децении. На почетокот бил замислен како место за доедукација на вработените, но набрзо прераснал во еден од најреномираните едукативни центри за развој и за поддршка на млади во земјава. Еден од проектите на Едукативниот центар кој ни е особено важен е програмата „Вештини за успех“ што ја започнавме во 2016 година. Програмата се состои од бесплатни обуки кои треба да им овозможат на младите невработени луѓе, особено од општествено ранливите категории, да стекнат вештини со кои полесно ќе ги надминат пречките при вработување или ќе започнат сопствен бизнис. Покрај менаџерите на Пивара Скопје, во предавањата се вклучени и други истакнати претставници од деловната заедница, универзитетски експерти, од јавните институции, како и угледни меѓународни организации. Досега преку Едукативниот центар поминале над 4 300 млади луѓе. Една третина од нив успеале да најдат работа уште првата година по обуката, а 4 % развиле сопствен бизнис. Ова се евидентни резултати на овој наш Едукативен центар и наша конкретна поддршка на мерките и на напорите на надлежните државни органи за намалување на стапката на невработеност во земјава.

Компанијата е активна и во заштитата на животната средина. Какви активности спроведувате во оваа сфера и какви се ефектите од нив?

Ј. Радосављевиќ: Во глобалното рангирање кое го спроведува Дау Џонс индекси за одржливост (The Dow Jones Sustainability Indices) Пивара Скопје, заедно со останатите членки на Coca-Cola HBC групацијата, четири години по ред го освојува првото место во светската индустрија за пијалаци според остварените резултати и заложбите за одржливост и за заштитата на животната средина. Ваквото постигнување не е случајно. Тоа е резултат на голем број активности и вложувања во реализација на проекти кои овозможуваат зголемување на топлинската ефикасност и заштеда на енергија, рециклирање и заштеда на водата која се користи во процесот на производството за што изградивме и најсовремена пречистителна станица за биотретман на води, како и редукција на тежината на пластичната (ПЕТ) амбалажа со што значително се намалува нејзиното влијание врз животната средина. Во сите овие значајни сегменти постигнати се навистина импресивни резултати. Во изминативе шест години Пивара Скопје заедно со останатите компаниите во состав на Coca-Cola HBC групацијата успеаја за 50 % да ги намалат јаглеродните емииси во атмосферата, да остварат вкупна заштеда на вода од 30 %, како и вкупно намалување од 47 % на енергијата што се користи во производство на пијалаци. Покрај директното влијание за унапредување на животната средина, вложуваме и во едукацијата и во развојот на повисока јавна свест за потребата од селекција и од рециклирање на отпадот. Дополнително, Пивара Скопје е и еден од иницијаторите и основачите на првата организација за управување со отпадот од пакување во Македонија, Пакомак. Заедно со нив и голем број други наши партнери спроведуваме еколошки акции како што беше чистењето на кејот на реката Вардар и езерото Матка со кои придонесуваме за одржување здрава и чиста животна средина и постигнување на националните цели и таргети за собирање и за рециклирање на амбалажниот отпад во земјава. Сето ова придонесе компанијата да биде признаена како еден од лидерите во заедницата во доменот на заштитата на животната средина за што го добивме и националното признание за животна средина, а треба да се спомене и фактот дека компанијата поседува А-интегрирана еколошка дозвола што е дополнителна гаранција дека во своето работење ги применува највисоките стандарди за заштита на животната средина.

Студијата за социоекономските ефекти од работењето на Пивара Скопје има широк опфат. Што уште би издвоиле Вие покрај она што досега го дискутиравме?

Ј. Радосављевиќ: Студијата претставува сеопфатна слика за успехот на Пивара Скопје измерен преку нејзиното влијание и значење за македонската економија и општество. Формулата за тој успех не е никаква тајна. Тој е резултат на работата и на залагањата на генерации посветени вработени. Тука е и квалитетот и интегритетот на нашите производи што секогаш е наш врвен приоритет. Во нивното одржување на највисок можен степен, многу ни помага целокупната поддршка што ја добиваме од двете глобални групации на кои припаѓаме – Coca-Cola HBC и HEINEKEN. И секако тука е долгата традиција. Веќе 93 години Пивара Скопје им ги нуди на потрошувачите најомилените безалкохолни пијалаци и пива. Се разбира, досегашниот успех на Пивара Скопје се должи и на силното партнерство и соработка со сите општествени чинители – бизнис-секторот, институциите на државно и на локално ниво, научните и образовните установи и секако организациите од граѓанскиот сектор. Очекуваме дека таа соработка и дијалог ќе продолжат и во иднина затоа што сите ние имаме ист интерес – натамошен развој на земјава и просперитет на сите нејзини граѓани.

Кои се идните планови на Пивара Скопје? Што очекувате од 2018 година и понатаму?

Ј. Радосављевиќ: За плановите на Пивара Скопје и нашите очекувања би можел да зборувам многу долго. Сепак, накратко – продолжуваме со инвестициите во сегменти од нашите деловни операции. Па така, во 2018 година планираме да ја заокружиме новата инвестиција која ќе ни овозможи натамошно проширување на капацитетите за производство на пиво. Продолжуваме и со вложувањата во производството на безалкохолни пијалаци, особено во делот на одржување на високиот квалитет, во иновации и нови пакувања кои ќе овозможат нашите брендови да останат најомилени пијалаци кај потрошувачите. Секако ќе продолжиме и со вложувањата во заедницата. На големата доверба што ја има заедницата во нас ќе возвратиме со уште повеќе енергија и посветеност. За возврат, не очекуваме посебен третман. Го сакаме она што е добро за сите инвеститори и деловни субјекти во земјава, а тоа е стабилна и поволна бизнис-клима која ќе го поттикува развојот, правична и предвидлива регулатива која би се менувала и дополнувала низ дијалог и соработка со бизнис-секторот и, се разбира, општа стабилност на земјава која е предуслов за натамошен просперитет и благосостојба на сите нејзини граѓани.

Сега и едно лично прашање. Работењето за големи меѓународни корпорации како Coca-Cola или HEINEKEN значи и релативно честа промена на местото на работење и на живеење. Како се справувате со тоа? И, во тој контекст, во Македонија што најмногу, а што најмалку Ви се допаѓа?

Ј. Радосављевиќ: Работата во глобални корпорации како Coca-Cola и HEINEKEN носи голем број придобивки. И двете корпорации го темелат својот развој врз високи корпоративни вредности, на почитување на човекот, како и на различните култури и традиции. Истовремено нудат безброј можности за постојано професионално и лично усовршување. Токму можноста што ја нудат овие корпорации за работа во компании во различни земји за мене и за моето семејство беше една од позитивните придобивки од работата во овој систем. Тоа ни овозможи да ја запознаеме уште подобро Македонија, нејзината култура и луѓето овде кои ги чувствувам многу блиски, срдечни и пријателски настроени. Да бидам искрен, тоа и го очекував кога дојдов на оваа позиција со оглед на тоа што потекнувам од соседна земја и народ кој негува добри односи и традиција на соработка со луѓето во Македонија. Се разбира, како и другите земји и Македонија има свои предизвици на кои треба да се посвети поголемо внимание. Еден од нив се разбира е животната средина која бара од сите нас што живееме овде и ја сакаме оваа земја многу повеќе личен труд и енергија за да ја заштитиме и да ја унапредиме.

За крајот на ова интервју, ќе оставите ли во новогодишната вечер до елката едно шише Coca-Cola за Дедо Мраз?

Ј. Радосављевиќ: Се разбира, Coca-Cola и Дедо Мраз се нераздвоен тандем кој придонесува новогодишните празници да бидат со вистински сјај и со шарм. Но, за оваа година планираме под елката да ставиме и по некое Скопско и HEINEKEN затоа што секој од нас треба да го пронајде својот фаворит за добра забава и за уживање.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top