Интервјуа
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СЕ СООЧУВА СО НЕОДРЖЛИВА ПЕНЗИСКА ДИНАМИКА

Џесмин Рахман
Шеф на Мисијата на ММФ за Република Македонија

Секоја година мисии на на Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ),составени од тимови на експерти од седиштето во Вашингтон, ги посетуваат сите земји членки и разговараат за економските и финансиските политики на земјитесо претставници на владата и на централната банка. Тоа е обврска што произлегува од Статутот на ММФ и е позната како „Консултации според членот IV од Статутот“. Како резултат на ваквата посета мисиите изготвуваат документ во кој е скенирана и оценета состојбата во која се наоѓаат економиите на земјите. Ваквиот документ за секоја земја потоа е презентиран и усвоен од страна на Бордот на Директори на ММФ, а подоцна и објавен од страна на ММФ.

Мисија на ММФ ја посети и Република Македонија во втората половина од годинава, беше изготвен документот што потоа беше усвоен од Бордот на Директори. Кога ваков документ потоа станува достапен на јавноста во нашата земја тој по правило е парцијално толкуван согласно преференците и интересите на толкувачите. Со цел да осигураме максимална објективност во презентацијата на документот направивме ексклузивно интервју со госпоѓата Џесмин Рахман, шеф на Мисијата на ММФ за Република Македонија.

 

Извештајот што произлезе од Консултациите според членот IV за 2017 година е усвоен од Бордот на директори на ММФ во ноември. Кои се клучните ризици што се идентификувани за македонската економија?

Џ Рахман: Македонската економија само што излезе од пролонгирана и длабока политичка криза. Со обновување на стабилноста, ризиците се намалија.
Во однос на идните случувања гледаме два главни предизвици. Едниот се однесува на структурните реформи. Има големи очекувања во земјава во врска со способноста на новата влада да продолжи со реформите кои ќе го подобрат институционалниот квалитет, социјалната инклузија и растот. Ова се вистинските цели, но ќе биде потребно време за нивна реализација. Доколку реформите не се движат со добра брзина и не се добро дизајнирани, постојат одредени ризици дека сегашниот момент и позитивната енергија ќе ѝ го отстапат местото на летаргијата. Вториот ризик произлегува од високиот степен на финансиска евроизација и ограничените извори на девизни резерви, што претставува предизвик за финансискиот сектор.
Но, исто така постојат и значајни можности во иднина. Едно решително придвижување кај структурните реформи и нивниот успех би можеле значително да ги подобрат изгледите за пристап во ЕУ. Ова, од своја страна, може да поттикне многу поголеми инвестиции, особено ако закрепнувањето продолжи да се засилува во Европа.


ЗА ДА ОСТАНЕ КОНКУРЕНТНА И ДА ПРИВЛЕЧЕ ВИСОКОКВАЛИТЕТНИ ИНВЕСТИЦИИ, РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ТРЕБА ДА ВЛОЖИ РЕСУРСИ И НАПОРИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ОБРАЗОВАНИЕТО И НА ВЕШТИНИТЕ, КАКО И ДА ОБЕЗБЕДИ ПОДОБРА ЛОГИСТИЧКА ПОДДРШКА ЗА ТРГОВИЈАТА И ЗА ИНВЕСТИЦИИТЕ

Фер е да се каже дека растот на македонската економија во последно време е слаб. ММФ е со поголем оптимизам за годините што доаѓаат, за 2018 година е проектиран реален раст на БДП од 3,2 % и се очекува тој да се забрза и да достигне 3,8 % во 2022 година. Дали е ова доволно брзо? Има ли некои чекори што би можеле да го направат побрз?

Џ. Рахман: Навистина, растот во последно време беше слаб, чисто поради слабите инвестиции, на што без сомнение влијаеше политичката криза, додека потрошувачката и извозот останаа многу силни. Имавме проектирано раст од 1,9 % за 2017 година, што можеби ќе треба да се ревидира со оглед на континуираните слабости во инвестициите и покрај враќањето на политичката стабилност.
На среден рок планираме растот да се зајакне на околу 3,5 %, претпоставувајќи поголем извоз заради проширувањето на капацитетите во слободните трговски зони и претпоставувајќи ги планираните инвестиции во инфраструктурата.
И покрај солидното закрепнување од глобалната финансиска криза наваму, точно е дека во последниве две децении, споредено со сличните економии, земјава доживеа една од најспорите конвергенции на приходите со оние на напредната Европа. Со стапка на раст од околу 3 – 3,5 %, изгледите за конвергенција нема значително да се подобрат. За да се смени тоа и да се оствари значително повисок раст, на економијата ќе ѝ треба многу посилен придонес како од работната сила така и од продуктивноста. Ова ќе бара подобрување на вештините, на ефикасноста на пазарот на труд, на инфраструктурата и на трговската логистика притоа зачувувајќи ја фискалната одржливост и неодамнешните придобивки кај конкурентноста.

Какво е гледиштето на ММФ за конкурентноста на македонската економија?

Џ. Рахман: Во споредба со останатите земји од Западен Балкан, Република Македонија добро напредуваше како во поглед на зголемување на уделот на извозниот пазар, така и во поглед на поврзувањето со европските синџири на вредност. Умерените трошоци за работна сила и пријателскиот однос кон инвеститорите се клучните работи. Во таа смисла може да се каже дека економијата е конкурентна.
Сепак, конкурентноста на подолг рок не може да дојде од нискоквалификуваната евтина работна сила за земја која се соочува со опаѓање на бројот на работоспособното население. Додека извозот добро оди, тој не придонел значително за растот поради ниската додадена вредност. За да остане конкурентна и да привлече висококвалитетни инвестиции, Република Македонија ќе треба да вложи ресурси и напори за подобрување на образованието и на вештините, како и да обезбеди подобра логистичка поддршка за трговијата и за инвестициите.

Еден од клучните елементи на документот за Консултациите според членот IV е фискалната политика. Одлично е тоа што фокусот е ставен на одржливоста на долг рок. Вашата оценка е дека фискалната консолидација треба да започне без одлагање. Зошто ја сметате толку ургентна?

Џ. Рахман: Фискалната консолидација ја сметаме за итна од три причини. Прво, јавниот долг речиси двојно се зголеми од 2008 година наваму, што укажува на намалување на просторот на фискалната политика што беше толку важен за Република Македонија во спротивставувањето на негативните влијанија од глобалната финансиска криза. Второ, економијата се соочува со високи фискални финансиски потреби, што ја прави ранлива во однос на идни зголемувања на трошоците за позајмување од страна на државата, имајќи ги предвид нивните сегашни ниски нивоа. Трето, Република Македонија се соочува со неодржлива пензиска динамика и големи инвестициски потреби во социјалниот сектор.

Постои клучна разлика меѓу ММФ и македонските власти кога станува збор за среднорочните фискални резултати од владината економска политика. Документот на ММФ посочува дека, тргнувајќи од очекуваниот буџетски дефицит од 3 % од БДП како почетна точка, има две можни патеки. Економското сценарио на Владата би резултирало со буџетски дефицит од 3,8 % од БДП и јавен долг повисок од 53 % во 2022 година, додека ММФ сугерира алтернативно сценарио што би го намалило буџетскиот дефицит на 2 % од БДП во 2022 година, а јавниот долг би бил под 50 %. Зошто постои толкава разлика? Кои се мерките што ММФ ги сугерира како алтернативно економско сценарио?

Џ. Рахман: Немавме можност темелно да разговараме за ова со властите бидејќи Буџетот беше објавен по нашата посета на Скопје. Сепак би рекла дека разликите меѓу нашите проекции и проекциите во нацрт-буџетот се должат на две причини.
На страната на приходите, буџетот од 2018 година предвидува многу висок номинален раст кај повеќето даночни категории, како и 25 % зголемување на неданочните приходи. Сметаме дека овие проекции се премногу оптимистички. Второ, среднорочната стратегија предвидува замрзнување на номиналниот износ за исплата на плати, проследена со мал пораст во буџетот од 2018 година. Ние не сме сигурни дали тоа е реално со оглед на големите планирани зголемувања на минималната плата, кои најверојатно ќе влијаат врз платите во целата економија, вклучително и во јавниот сектор.
Сепак, сметаме дека фискалните цели на Владата се остварливи и во голема мерка се во согласност со нашите препораки. Меѓутоа, тие ќе бараат дополнителни мерки и на страната на приходите и на страната на расходите. Особено нашиот совет би бил фискалната консолидација да се заснова на поефикасно собирање на данокот на додадена вредност, намалување на ненаменските субвенции, зголемување на оданочувањето на имот и гориво и спроведување на пензиските реформи.

Можете ли да ни кажете повеќе детали за мерките што се однесуваат на пензискиот систем? Каков е Вашиот став во однос на возраста за пензионирање во Македонија и која е логиката за тој став?

Џ. Рахман: Во висина од околу 4,5 % од БДП, тековниот пензиски дефицит на Република Македонија е значителен и, според проценките на Светската банка, се предвидува да достигне до 10,5 проценти до 2030 година бидејќи општеството се соочува со брзо стареење. Ова е образложението.
Како што беше кажано во нашиот извештај, големиот дефицит ги рефлектира релативно дарежливите бенефиции, ниската ефективна возраст на пензионирање, релативно ниските просечни стапки на придонеси и ниските стапки на учество кај работната сила. За да се обезбеди долгорочна одржливост, препорачуваме законски утврдената возраст за пензионирање да се зголеми до просекот на земјите од ЕУ, да се затегнат можностите за предвремено пензионирање, пензиите да се индексираат само според инфлацијата и да има воздржување од какви било ад хок зголемувања на пензиите.

Каква е Вашата оценка за екстерната позиција на македонската економија?

Џ. Рахман: За ова зборувавме и порано кога разговараме за конкурентноста на економијата. Гледаме дека дефицитот на тековната сметка е во согласност со економските фундаменти и нивоата на девизните резерви се соодветни според различни индикатори. Ниските дефицити на тековната сметка беа поддржани од ниските цени на нафтата, солидното остварување на извозот, како и на стабилниот прилив на дознаки.

Постојат ли во основа два извозни сектори, еден во технолошките и инвестициските зони и еден што го претставува остатокот од економијата? Доколку ова не се земе предвид, постои ли ризик од можна погрешна перцепција за остварувањата на целата економија?

Џ. Рахман: Ние немаме податоци да ги анализираме и да ги споредиме извозните остварувања на компаниите кои се во технолошките и инвестициски зони со оние кои се надвор од зоните или врските и прелевањата меѓу двете групи. Проценките на Народна банка на Република Македонија покажуваат дека технолошките зони значително придонесоа за извозот и за вработувањето. Значи, овие зони беа корисни за економијата. На среден рок, подобрувањето на врските на домашната економија со компаниите во зоните ќе создаде позитивни прелевања и ќе придонесе за уште повеќе странски инвестиции во Република Македонија. Ова е искуството во централно-европските економии кои со текот на времето создадоа кластери во производството на автомобили со значајни придонеси од домашните доставувачи.

Според документот на ММФ изгледа дека предизвиците во монетарната област и банкарскиот сектор се помали во споредба со фискалната политика. На што упатува Вашата оценка?

Џ. Рахман: Големото внимание и проактивните дејства од страна на централната банка ѝ помогнаа на Република Македонија да управува со шоковите во финансискиот сектор во последниве години. Иако финансискиот систем е цврст и стабилен, ние гледаме два можни извори на ризици. Како што беше споменато погоре, високиот степен на финансиска евроизација создава ризици за билансот на состојба, особено за необезбедените должници. Дополнително, постојат одредени ризици од раздолжување од страна на мајки банки на македонските банки, со седиште во ЕУ, доколку се зголемат каматните стапки во еврозоната. Оттука ги охрабруваме властите да продолжат со нивната комбинација на монетарни и на прудентни политики за намалување на евроизацијата и управување со овие ризици.

ПРОЦЕНКИТЕ НА НАРОДНА БАНКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ПОКАЖУВААТ ДЕКА ТЕХНОЛОШКИТЕ ЗОНИ ЗНАЧИТЕЛНО ПРИДОНЕСОА ЗА ИЗВОЗОТ И ЗА ВРАБОТУВАЊЕТО. ЗНАЧИ, ОВИЕ ЗОНИ БЕА КОРИСНИ ЗА ЕКОНОМИЈАТА

Какви се погледите на ММФ во однос на структурните реформи? Имате конкретни укажувања во однос на случувањата кај минималната плата.

Џ. Рахман: Структурните реформи треба да се фокусираат на две области. Прво, на пазарот на труд политиките треба да ја намалат високата структурна невработеност и да го зголемат учеството на жените во работната сила, кое во моментов е меѓу најниските во Европа. За тоа е потребно поефикасно користење на активните политики на пазарот на труд, намалување на даночното оптоварување за лицата со ниски примања преку пониски придонеси за социјално осигурување, зголемен пристап кон квалитетна и достапна грижа за децата и поголема флексибилност за мајките и за татковците при земање на отсуство за грижа за децата. Второ, во однос на институциите, политиките треба да го подобрат управувањето и функционирањето на судството, транспарентноста на јавните институции и предвидливоста на прописите со кои се соочува приватниот сектор.
Во однос на минималната плата, нашиот совет е порастот на биде во линија со случувањата кај продуктивноста. Во Република Македонија, минималната плата во последниве години брзо се зголеми и сега изнесува приближно 60 проценти од БДП по жител и над 50 проценти од просечната плата, што е повисоко отколку во сличните земји во Европа. Сметаме дека натамошните зголемувања кои во моментов се планираат без да бидат придружени од придобивки кај продуктивноста носат ризик од губење на конкурентноста, особено во секторите каде што голем дел од вработените добиваат надоместоци на ниво на минимална плата. Ова, исто така, би можело да предизвика миграција на повеќе работници во неформалната економија.

Има долга историја на силна поддршка од ММФ за македонската економија во облик на техничка помош. Што се планира за 2018 година?

Џ. Рахман: Планираме да ја продолжиме нашата техничка помош во областите на даночната администрација, управувањето со готовината и управувањето со јавните финансии, како и статистиката на јавните финансии. Покрај тоа, по барање на властите, следнава година ММФ планира да изврши проверка на „здравствената состојба“ на финансискиот сектор позната како Програма за оценка на финансискиот сектор (FSAP).

На крајот од ова интервју, како резиме, кои се најважните мерки што македонските власти треба да ги преземат до наредната мисија на ММФ во 2018 година за Консултации според членот IV?

Џ. Рахман: Ги поздравуваме енергичноста и намерите на новата влада да им даде нов поттик на реформите. Постојат две клучни области каде што посакуваме да видиме напредок. Прво, не постои сомнеж дека фискалната политика бара да се изготви сет на трајни мерки што ќе создадат простор кај фискалната политика без да го загрозат растот и конкурентноста. Второ, конкретни чекори што ќе сигнализираат подобрување во судството и владеење на правото би го подобриле имиџот на Република Македонија како место за инвестирање и работа.

Ви благодарам за интервјуто.
Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top