Е-Б-Ф-Б
ДИГИТАЛИЗАЦИЈА И КАНАЛИЗАЦИЈА

Тања Јакоби
Авторот е економски новинар од Белград, Србија

Може ли во земја во која значаен број жители и понатаму сонува за водовод и за канализација, а преку ден работи во фабрики кои се негација на Индустрија 4.0 да се направи дигитална револуција и да се скокне во возот на развиените земји на 21 век? Во Србија за ова се дебатира интензивно.
„За каква дигитализација вие зборувате кога половина Србија нема канализација“, ја праша една опозициска политичарка тогашната мандатарка Ана Брнабиќ кога таа во јуни 2017 година голем дел од својот говор во Парламентот го посвети на идејата Србија да прерасне во една од водечките дигитални сили на 21 век. Да можеа, веројатно слично ќе прашаа, додуша алудирајќи на специфичниот дефицит од инфраструктура, и: претставниците на компании што на крајот на е-даночната постапка се упатени да отпечатат уплатница и да истрчаат до првиот шалтер на банка или пошта за да ја измират својата обврска; сопствениците на е-здравствени книшки кои две години откако започна таа работа едвај добија нов документ што наликува на кредитна картичка и сега мораат да ја носат и хартиената и е-книшката со себе и, види иронија, на оваа електронската имаат и мала леплива лента на која медицинските сестри рачно го запишуваат бројот на нивниот здравствен картон; и граѓаните на кои пред некои пет години им беше кажано дека ќе можат да извадат лични документи на шалтерот на која било општина во Србија, а денес само во третина од нив тоа навистина и можат да го направат.
И покрај спомнативе дневни предизвици на животот, во текот на шесте месеци на работа на новата српска влада, дигитализацијата стана „збор на денот“. Бројни земји што значително напреднаа во дигитализацијата, а имаат деловни интереси во Србија, со помош на своите амбасади силно лобираат за тоа нивните технолошки решенија да се прифатат во процесот на унапредување на е-управата, во деловниот и банкарскиот сектор. Компаниите што се занимаваат со производство на деловни софтверски решенија и се присутни во регионот го закупија просторот во националните медиуми и организираа низа јавни и стручни случувања за да ја промовираат „дигиталната револуција“, „дигиталниот бизнис-модел“ и „кибернетската сигурност“, и на граѓаните на Србија да им ги објаснат предностите (и неопходноста) од премин од индустриски модел 2.0 и 3.0 на 4.0. Изминативе денови Српската академија на науките и бројни други научни установи посветија завидно внимание на темата на трудот во 21 век, дури и синдикатите учествуваа во поголем број донаторски поддржани иницијативи за организирање на работниците кои работат на дигитални платформи, иако не се во можност да ги заштитат ни опипливите работници кои работат во фабриките во кои им се ускратуваат работните права.

ДЕНЕС ЗА ЗЕМЈИТЕ ВО РАЗВОЈ ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА НАЈЧЕСТО СЕ ФОРМУЛИРА КАКО ОДНЕНАДЕЖ ОТВОРЕН ПРОЗОРЕЦ ВО ВРЕМЕТО, КОЈ МОЖЕ ДА ИМ ОВОЗМОЖИ БРЗО ДА ГО ПРОМЕНАТ СВОЕТО МЕСТО НА СКАЛАТА НА РАЗВИЕНОСТ И ДА ВТРЧААТ МЕЃУ ЗЕМЈИТЕ ЛИДЕРИ ВО ДИГИТАЛНАТА ЕКОНОМИЈА

Од 2000-тите години до денес, дигитализацијата во бранови беше „збор на денот“ на српските влади. Во овој најновиот бран стана волшебен збор што со невидлива рака би требало да го реши прашањето на системска корупција, нетранспарентноста на јавните набавки, неефикасноста на администрацијата, ниското ниво на технолошка развиеност на стопанството и сѐ друго што (можеби) може да се досегне со бинарен код.
Границата на дигиталното не е само српска. Таа е прифатена како еден од главните предизвици со кој во костец треба да се фатат земјите на Западниот Балкан. На Бледскиот стратешки форум 2016, оваа тема е разгледувана на настан што ја следеше конференцијата, а од состанокот во Трст во рамките на Берлинскиот процес стана израз што е прифатен од сите администрации во регионот. Судејќи по фреквенцијата на терминот, во говорите на западнобалканските политичари денес тоа е вториот најдобро рангиран збор по економските реформи.
Воведувањето на дигитализацијата во регионалниот дискурс не дојде тукутака и не е без смисла. Подемот на индустријата 4.0 и очекуваното влијание на вештачката интелигенција во промената на структурата на стопанството и промената на природата на трудот е веќе со години тема број 1 во светот, а прашањето поставено во Парламентот на Србија како избор меѓу дигитализацијата и канализацијата всушност ја претставува една од можните формулации на дилемата дали можат неразвиените земји да се дигитализираат ако немаат базична инфраструктура за таква работа, од водовод и канализација до корка леб.
Денес за земјите во развој дигитализацијата најчесто се формулира како одненадеж отворен прозорец во времето, кој може да им овозможи брзо да го променат своето место на скалата на развиеност и да втрчаат меѓу земјите лидери во дигиталната економија. На позитивната страна, дигитализацијата може да им помогне на помалку развиените земји, и посебно на нивните периферии, преку интернет на своето население да му дадат подобри здравствени услуги, да му овозможат учење од далеку и да овозможат пристап до банкарските услуги преку мобилниот телефон. Истовремено пристапот до интернет може да овозможи подобро димензионирање на производството во согласност со побарувачката, да придонесе за пофлексибилно производство наспроти она што оди на економија од обем, да овозможи масовно производство со користење на 3Д-печатачи и да го „прескокне“ проблемот на оддалеченоста на погонот од матицата. Исто така се смета дека користењето на е-услуги во администрацијата може да ги направи потранспарентни процесите на јавни набавки и борбата против корупцијата и да овозможи подобро учество на граѓаните во носењето одлуки преку онлајн портали. Наспроти тоа, дигитализацијата може да биде и карпа која оние кои нема да успеат да ја освојат можат да ја сметаат за вовед во уште поголема сиромаштија.
Како една од предностите на неразвиените земји за скокање во возот на дигитализацијата се наведува токму нивниот недостаток од развиена инфраструктура, кој овозможува нова, ултрамодерна и заснована на поинакви принципи да се воспостави речиси од никаде. Воведувањето на широкопојасен интернет се смета за базична претпоставка за какво било размислување за можноста неразвиените земји да се појават во дигиталната трка. Оттаму не е чудно тоа што една од најважните регионални иницијативи, „Balkans Digital Highway Initiative”, покрената од Светска банка, се занимава со можноста за воведување на широкопојасен интернет во најдалечните катчиња на Западниот Балкан. Студијата во која би требало да бидат изложени можностите оваа мрежа да се воспостави би требала да биде готова кон крајот на првата половина од наредната година и на носителите на јавните политики на Западниот Балкан да им го отвори патот за размислување за поврзување со користење на мрежа на оптички кабли на локалните компании за производство на струја и на телекомуникациските провајдери.
Вториот предуслов кој помалку развиените земји мора да го исполнат за да можат да скокнат на овој воз е дигиталната писменост, потоа институционалната рамка која ќе овозможи конкуренција кај интернет-провајдерите така што тој би бил евтин, а и добра заштита на приватноста.

СПОРЕД ПРОЦЕНКАТА НА СВЕТСКА БАНКА, ВО НАРЕДНИВЕ НЕКОЛКУ ДЕЦЕНИИ ДВЕ ТРЕТИНИ ОД РАБОТИТЕ ВО ЗЕМЈИТЕ ВО РАЗВОЈ ЌЕ БИДАТ ИЗГУБЕНИ ПОРАДИ ДИГИТАЛИЗАЦИЈА И АВТОМАТИЗАЦИЈА, А НА ТАКВИ ПОТРЕСИ ПОСЕБНО ЌЕ БИДАТ ИЗЛОЖЕНИ ЗЕМЈИТЕ ВО КОИ ГОЛЕМИТЕ СВЕТСКИ КОМПАНИИ, ПОРАДИ НИСКИТЕ ТРОШОЦИ НА РАБОТНАТА СИЛА, ГИ СМЕСТУВАА СВОИТЕ ПОГОНИ ВО КОИ СЕ ИЗВРШУВАНИ РАБОТИ СО ВИСОК ПРОЦЕНТ НА СЛАБО ПЛАТЕН МАНУЕЛЕН ТРУД

Истовремено силен исчекор кон дигитализација, во кој се прескокнуваат овие чекори, според кратката анализа на германската развојна банка Кфв (Kfw), може да доведе до тоа посебно ранливото население, она кое заработува во земјоделското производство или вршело едноставни трудоинтензивни работи во индустријата, да биде дополнително маргинализирано и да биде турнато во сиромаштија доколку не добие соодветна обука за посложени работи. Според проценката на Светска банка, во наредниве неколку децении две третини од работите во земјите во развој ќе бидат изгубени поради дигитализација и автоматизација, а на такви потреси посебно ќе бидат изложени земјите во кои големите светски компании, поради ниските трошоци на работната сила, ги сместуваа своите погони во кои се извршувани работи со висок процент на слабо платен мануелен труд. Земјите што својата атрактивност за инвеститорите ја засноваа на евтината работна сила се посебно изложени на ризикот од губење работи бидејќи цената на работната сила ќе стане секундарна кога голем дел од работите ќе бидат преземени од роботи, а производството ќе биде преселено во матичните земји.
Веројатно се малкумина оние кои во погорните редови на предупредување не ги препознаа земјите на Западниот Балкан кои просто се натпреваруваат која ќе понуди поевтина работна сила. Ако ја набљудуваме само Србија можеме јасно да видиме дека таа е земја на големи расчекори: на една страна се работи на унапредување на законодавната рамка и на преземање решенија што ги примениле земјите кои во оваа работа се неколку години пред Србија, во последните две или три години активно се разговара за тоа што ѝ носи на земјата Индустриската револуција 4.0 и се создаваат бизнис-сојузи што имаат интерес дигитализацијата да ја држат во врвот на политичката и економската агенда и покренуваат иницијативи што би го охрабриле развојот на стартап компании и образување на ИКТ-кадри. На другата страна, според податоците на Еуростат за Србија и ЕУ28, работите не стојат добро. Во овој момент Србија има 22 % од населението кое има помалку од основно образование, една третина од населението е функционално неписмена, пристапот на училиштата кон интернет е недоволен, доходовната нееднаквост е висока, уделот на селското население е релативно голем, продуктивноста е мала, издатоците за наука и иновации се минимални, поврзаноста на академските установи и стопанството е слаба, пенетрацијата на широкопојасниот интернет е под европскиот просек. Трошоците за пристап до интернет се високи, недоволно е учеството на населението со високо образование и ниско е нивото на електронски содржини на интернет на српски јазик. Некои од овие јазови Владата се обидува да ги реши со воведување на ИКТ-образование во повисоките одделенија на основните училишта и зголемување на бројот на места на студиите за ИКТ-инженери. Според неодамнешните истражувања, во Србија годишно се школуваат околу 1 000 информациско-технолошки стручњаци, а моментно недостасуваат околу 15 000 такви кадри. Извозот на Србија во областа на информациските технологии е официјално околу 800 милиони долари, а според мислењето на Бранко Милутиновиќ, директор на Нордеус, една од најуспешните компании во оваа област, ако земјата се фокусира на дигитализација извозот за неколку години би можел да достигне и две милијарди долари. Меѓутоа, не е јасно дали веќе постоечките кадри, и оние новите што допрва се образуваат, ќе бидат ангажирани на добро платени работи во Србија или ќе бидат аутсорсирани како евтина работна сила. Според податоците на Меѓународната организација на трудот и Светска банка, мерено по глава на жител Србија спаѓа во земјите со најбројна аутсорсирана работна сила во овој дел од светот. Она што загрижува е фактот дека мнозинството на вака вработените работи на послабо платени работи и го репродуцира кругот на сиромаштија кој се разликува од тој во Индустрија 2.0 само по тоа што е дигитален.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top