Интервјуа
ФИНАНСИСКИТЕ ИНОВАЦИИ ВО МАЛОПРОДАЖБАТА НОСАТ КОРИСТ ЗА ИЛЈАДНИЦИ ПОТРОШУВАЧИ

Игор Давков
Директор за организација и развој, НЕПТУН

Нептун е една од компаниите пионери во воведувањето картички за своите потрошувачи. Позната е т.н. Нептун хепи (Neptun Happy) картичката. Какви се досегашните резултати во тој поглед?

И. Давков: Водени од идејата да креираме организиран систем на бенефиции со кои ќе се валоризира и ќе се награди лојалноста на нашата потрошувачка заедница, пред приближно 3,5 години ја креиравме Програмата за лојалност Нептун хепи. Денес со задоволство можеме да констатираме дека оваа Програма за лојалност е една од најраспространетите програми за лојалност на пазарот со преку 200 000 членови во Македонија, од кои над 75 % со купувања направени во 2017 година. Програмата под истиот бренд е присутна и во Нептун Албанија и Нептун Косово и на сите три пазари брои над 500 000 членови.

Неодамна Неп лојалити, сестринска компанија на Нептун, промовираше нов производ, кредитна картичка со гарантиран т.н. кешбек (cashback). За што конкретно станува збор?

И. Давков: Искуството кое во изминатиов период го стекнавме во управувањето со Програмата за лојалност на Нептун сакавме да го преточиме во еден нов производ кој ќе ги помине границите на Нептун. Овој нов производ е кешбек картичката која на имателите на картичката им овозможува при секое плаќање во рамките на партнерската мрежа да добијат до 10 % поврат на средства. Се работи за кредитна картичка во издание на НЛБ Банка ад Скопје со интегрирана програма за лојалност, која ја управува компанијата Неп лојалити.

ПРОГРАМА ЗА ЛОЈАЛНОСТ НЕПТУН ХЕПИ Е ЕДНА ОД НАЈРАСПРОСТРАНЕТИТЕ ПРОГРАМИ ЗА ЛОЈАЛНОСТ НА ПАЗАРОТ СО ПРЕКУ 200 000 ЧЛЕНОВИ ВО МАКЕДОНИЈА, ОД КОИ НАД 75 % СО КУПУВАЊА НАПРАВЕНИ ВО 2017 ГОДИНА

Која беше мотивацијата Програмата за лојалност Хепи (Happy) да стане мултипартнерска програма за лојалност?

И. Давков: Мотиви има повеќе. Сепак водечки мотив за нас беше да бидеме прва Програма за лојалност на пазарот која успеала да воведе картичен продукт кој во себе ќе ги интегрира најголемите и најмоќните малопродажни синџири во државава. Почетокот е повеќе од ветувачки, партнерската мрежа веќе брои над 100 трговци со над 500 продажни места на територијата на државава. Партнерската мрежа е диверзифицирана низ повеќе од 30 сектори во малопродажбата и овозможува имателите на картичката да ги уживаат бенефициите на програмата користејќи ја картичката за плаќање на секојдневните купувања. Она што посебно радува е дека по лансирањето на продуктот сѐ повеќе трговци се заинтересирани да му се приклучат на кругот на партнерите на програмата.

Од каде потекнува идејата за овој производ?

И. Давков: Идејата е стара колку што е стара и идејата за Нептун хепи. Имено, кога почнавме да го развиваме концептот за лојалната програма на Нептун наша цел беше да создадеме програма за лојалност која ќе ги обедини најмоќните брендови на македонскиот пазар по примерот Нектар (Nectar) во Велика Британија, која во моментов обединува над 500 малопродажни синџири. Притоа идејата од самиот старт беше наместо сечење купони или бар кодови на паметни телефони и слично, на потрошувачот да му обезбедиме поврат на парични средства без притоа да го ограничиме каде, како и на што ќе го потроши повратот на средства кој го добива директно на својата сметка по завршувањето на пресметковниот циклус.

Што го прави производот уникатен на пазарот?

И. Давков: Потрошувачите денес имаат можност да добијат повеќе за своите парични средства. Имено, колку и да звучи веќе кажано, овој финансиски производ навистина ја наградува лојалноста на потрошувачите. Картичката, покрај со кредитен лимит, може да се добие и како дебитна картичка, односно без кредитен лимит, па потрошувачите и без дополнително да се задолжуваат можат да ги користат кешбек бенефициите. Картичката нуди кешбек и на плаќање надвор од партнерската мрежа, плаќања преку интернет, како и на плаќања во странство во висина од 0,6% кои ги исплаќа издавачот на картичката НЛБ Банка ад Скопје. Процесот на аплицирање е брз и едноставен, а потрошувачите можат да аплицираат на преку 75 локации во земјава, односно преку малопродажната мрежа на Нептун и на банката. При аплицирање за картичката во Нептун, потрошувачите имаат опција за плаќање со картичката во рамките на одобрениот кредитен лимит пред неа физички да ја добијат, што е сосема нова функционалност која за првпат се промовира на нашиот пазар.

Кои се бенефициите за потрошувачите и за партнерите на програмата?

И. Давков: Покрај поврат на парични средства, картичката доаѓа со стандардна опција која им овозможува на потрошувачите 45 дена грејс период и минимална отплата од само 5 % од доспеаниот износ. Дополнително на тоа картичката овозможува потрошувачите да купуваат на рати без камата кај сите трговци со кои банката има склучено договор за ваков начин на плаќање. Бенефициите за партнерите на програмата се многубројни. Имено, покрај тоа што Програмата за лојалност ја насочува својата потрошувачка заедница кон партнерите на програмата, Неп лојалити веќе има изработено решение преку кое ќе им овозможи на партнерите на програмата интегрирани маркетинг услуги, како и анонимизирани аналитички податоци за активноста на имателите на картичката на нивните продажни места. Сметаме дека маркетинг поддршката и аналитиката поврзана со користењето на картичката на нивните продажни места се солидни бенефиции за трговците кои, доколку соодветно се искористат, ќе им овозможат создавање солидна основа за унапредување на продажбата.

ПРЕКУ МАЛОПРОДАЖНАТА МРЕЖА НА НЕПТУН, КАКО КРЕДИТЕН ПОСРЕДНИК НА НЛБ БАНКА, ПРОДАДОВМЕ ПРЕКУ 55 000 ПОТРОШУВАЧКИ КРЕДИТИ И ПРЕКУ 50 000 ПОЛИСИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ТЕХНИЧКА ОПРЕМА ОД СИТЕ РИЗИЦИ ЗА УНИКА ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ

Кои се плановите поврзани со понатамошното ширење на програмата?

И. Давков: Во моментов тимот на Неп лојалити преговара со неколку национални малопродажни синџири во земјава и доколку овие преговори завршат успешно очекуваме до крајот на првиот квартал идната година бројот на продажни места каде што потрошувачите добиваат кешбек да се зголеми на над 700 локации. Паралелно со овие активности, наш фокус сега стануваат малите трговци како во Скопје, така и во другите градови во Македонија. Нашата цел е картичката да биде т.н. „top of the wallet“ картичка, односно да биде прв избор при плаќањето на потрошувачите. За да стигнеме до таа цел, на среден рок од 3 години планираме да бидеме присутни како опција за плаќање најмалку во 50 % од малопродажната мрежа во државава.

Нептун станува синџир за потрошувачка електроника каде што веќе можат да се купат гама на финансиски производи поврзани со финансирањето и осигурувањето на техничката стока. Кажете ни повеќе за тоа.

И. Давков: Горди сме кога ќе кажеме дека во изминативе нецели 3 години преку малопродажната мрежа на Нептун, како кредитен посредник на НЛБ Банка, продадовме преку 55 000 потрошувачки кредити и преку 50 000 полиси за осигурување на техничка опрема од сите ризици за Уника осигурување АД Скопје. Денес сме сведоци дека на пазарот сѐ повеќе малопродажни компании се трудат да го следат нашиот пример, некои помалку некои повеќе успешно. Со воведувањето на кобрендираната картичка НЛБ Хепи, гамата на финансиски производи ставени во функција на потрошувачите дополнително се зголеми за уште еден финансиски производ достапен преку малопродажната мрежа на Нептун. Но, не застануваме овде, на средината на ноември Нептун промовираше уште еден финансиски производ, дополнително гаранциско осигурување „Сигурност+“. Отсега, освен основната гаранција на производите, потрошувачите инстантно во продажните салони на Нептун можат да добијат и дополнително гаранциско осигурување на производите до 3 години. Овој производ Нептун го лансираше во соработка со Сава осигурување АД Скопје.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top