Општество
ДРЖАВАТА И УМЕТНОСТА - ПРОТИВПРИРОДЕН БЛУД?

Горан Петревски
Авторот е редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Да се зборува за материјалната и финансиската положба во која се наоѓа уметноста во Македонија е исто како да се раскажува приказна без крај. Секоја година постојано се повторуваат тажаленките за лошата финансиска состојба, за потребата од издвојување поголеми буџетски средства итн. Интересно, уметноста е една од ретките области во која постои консензус, т. е. во принцип сите (уметниците, публиката и политичарите) се согласни дека државата треба да има повеќе слух за финансирање на уметноста. Во интерес на развојот на демократската дебата за важните општествени прашања, во оваа статија ќе ја играм улогата на „црна овца“ или „расипувач на забави“ и ќе дадам критички осврт на државното финансирање на културата и на уметноста. Се разбира, кога ладнокрвните економисти зборуваат за прашања од духовната сфера, исходот може да биде многу непријатен, но свесно го прифаќам ризикот.

Предлагам да почнеме по ред и да го разгледаме прашањето дали воопшто има потреба од државно мешање во културата и во уметноста. Во тој поглед ќе потсетам на познатата поделба што ја прават економистите кои зборуваат за приватни и јавни добра. Првите се оние чија потрошувачка може (и треба) да им се препушти на поединците зашто тоа не предизвикува никакви ефекти на околината (храна, облека итн.). Од друга страна, јавните добра или мора да се користат заеднички (на пример, реките, морињата, услугите на војската и полицијата) или нивното користење предизвикува (позитивни или негативни) ефекти врз околината. Строго зборувајќи, културните услуги се приватни добра зашто тие можат да се користат од страна на секој поединец кој сака да плати за нив. Сепак, некои тврдат дека културата може да се смета за јавно добро зашто културните луѓе имаат поинаков (подобар) поглед на светот и така му носат поволни ефекти на целото општество. Овој став е многу дискутабилен имајќи предвид дека најголемите злосторства во историјата на човештвото ги извршиле токму културните, цивилизирани луѓе и народи (на пример, на нацистичките водачи воопшто не им пречело вечерта да гледаат опера, а утредента да испратат илјадници луѓе во конц-логорите). Впрочем, на оваа тема зборува и Достоевски во „Записи од подземјето“. Да заклучам, од економска гледна точка, по сите карактеристики уметноста е чисто приватно добро. Во продолжение ќе наведам неколку проблеми што ги предизвикува државното финансирање на културата и на уметноста.

СИТЕ ГРАЃАНИ ПЛАЌААТ ДАНОЦИ ОД КОИ СЕ ФИНАНСИРА КУЛТУРАТА, А САМО МАЛ ДЕЛ ОД НИВ НАВИСТИНА ГИ КОРИСТАТ КУЛТУРНИТЕ УСЛУГИ, И ТОА ПО ЦЕНА КОЈА Е МНОГУ ПОНИСКА ОД РЕАЛНАТА. НА ПРИМЕР, ДАНОЧНИТЕ ОБВРЗНИЦИ ОД БИТОЛА, ОД ТЕТОВО ИЛИ ОД КАВАДАРЦИ ПЛАЌААТ ЗА РАБОТАТА НА МАКЕДОНСКАТА ОПЕРА И БАЛЕТ, ИАКО ТИЕ НИКОГАШ ВО ЖИВОТОТ НЕМА ДА ГЛЕДААТ НИЕДНА ПРЕТСТАВА

Поврзано со претходниот проблем, државното финансирање на културата не води сметка за индивидуалните преференции. Имено, Министерството одобрува буџетски пари за некој фестивал, изложба или драма без да ги праша граѓаните дали им се допаѓа токму таа драма или книга, а не некоја друга. Токму поради тоа се случува државата да финансира театарски претстави и филмови кои се прикажуваат пред двајца-тројца гледачи, изложби на кои присуствуваат само авторите, нивните роднини и некој политичар, книги кои фаќаат прав по подрумите на библиотеките итн. На тој начин, државното финансирање на културата се покажува како недемократски институт бидејќи не тргнува од волјата на слободните граѓани кои имаат право на избор, туку напротив, некој бирократ (макар колку и да бил паметен или културно воздигнат) одлучува за тоа какви уметнички дела треба да „трошат“ даночните обврзници. Впрочем, чест е случајот политичарите и бирократите да прогласуваат одредени манифестации и проекти за „национален интерес“, иако тој интерес е одреден на чисто бирократски начин, а не како израз на волјата на граѓаните.
Буџетскиот механизам на финансирање, исто така, е неправеден затоа што културните активности и институции се финансираат на товар на сите даночни обврзници без разлика дали тие ги користат културните услуги или не. Имено, сите граѓани плаќаат даноци од кои се финансира културата, а само мал дел од нив навистина ги користат културните услуги, и тоа по цена која е многу пониска од реалната. На пример, даночните обврзници од Битола, од Тетово или од Кавадарци плаќаат за работата на Македонската опера и балет, иако тие никогаш во животот нема да гледаат ниедна претстава. Всушност, даночните обврзници во Македонија плаќаат за љубителите на балетот во Скопје да можат да гледаат претстави по повластена цена. Не е ли поправедно оној кој ја сака операта самиот да си ја плати цената на своето духовно уживање?

Понатаму, државното финансирање на културата не е засновано врз економски принципи во алокацијата на ресурсите така што, често, тоа се покажува како економски нерационално. Така на даночните обврзници им се одзема дел од доходот кој се употребува за намена која можеби носи помала полза од онаа што луѓето и фирмите би ја оствариле доколку самостојно би одлучувале за употребата на остварениот доход. Со други зборови, средствата кои ги плаќаат за културата, граѓаните и фирмите би можеле да ги искористат поефикасно доколку ги употребат за некоја друга намена. Во таа смисла, државата никогаш не прави пресметки кои би покажале дали е покорисно ограничените ресурси наместо во културата да се вложат во друга област која можеби ќе донесе поголема полза за општеството. Еве еден свеж пример: сите сме горди на новата зграда на Македонскиот народен театар заборавајќи дека оние 40 милиони евра потрошени за нејзината изградба можеа да послужат за финансирање на некое училиште, болница или пат. Навистина, добро е да имаме нова театарска зграда, но не е ли подобро да имаме нов пат или нов студентски дом.

БУЏЕТСКИТЕ ПАРИ СЕ НАСОЧУВААТ НЕПОВРАТНО КОН КУЛТУРНИТЕ УСТАНОВИ ВО ВИД НА ДОНАЦИИ ТАКА ШТО НЕ ПОСТОЈАТ НИКАКВИ ВГРАДЕНИ МЕХАНИЗМИ ЗА НИВНА ЕФИКАСНА УПОТРЕБА. ИМЕНО, КУЛТУРНИТЕ (НЕПРОФИТНИ) УСТАНОВИ НЕМААТ ОБВРСКА ДА ГИ ВРАТАТ ДОДЕЛЕНИТЕ СРЕДСТВА СО ШТО ТИЕ НЕ МОРА ДА СЕ ГРИЖАТ ЗА НАЧИНОТ НА КОЈ ГИ ТРОШАТ РЕСУРСИТЕ

Исто така, буџетските пари се насочуваат неповратно кон културните установи во вид на донации така што не постојат никакви вградени механизми за нивна ефикасна употреба. Имено, културните (непрофитни) установи немаат обврска да ги вратат доделените средства со што тие не мора да се грижат за начинот на кој ги трошат ресурсите. Напротив, културните установи се стимулирани вештачки да ги „надуваат“ трошоците за некој проект со цел да извлечат повеќе пари од државата. Како последица на тоа одвреме-навреме сме сведоци на мегаломански културни проекти или на недомаќинско трошење на доделените буџетски средства.

Најпосле, државното финансирање на културата е нераскинливо поврзано со дејството на одредени интересни групи, конфликтот на интересите, како и корупцијата. Така, во делбата на буџетскиот колач наменет за културата, оние институции кои имаат поблиски односи со власта можат да оттргнат поголем дел за себе во споредба со оние кои немаат блиски односи со високите функционери, како и оние чие дејствување се оценува како политички субверзивно. Впрочем, секоја година при донесувањето на буџетот најголемите поплаки од страна на уметничката фела се однесуваат на тоа дека државата е најдарежлива кон институциите или уметниците кои се блиски до власта. Повеќе од очигледно е дека секоја власт си има свои омилени уметници за кои воопшто не штеди, а истовремено постојат уметници кои се целосно исклучени од поделбата на буџетскиот колач.

Горните аргументи неизбежно водат до заклучокот дека државното финансирање на културата треба да биде заменето со систем кој почива на приватните културни институции кои дејствуваат на пазарот. На тој начин ќе бидат обезбедени повеќе придобивки: граѓаните нема да бидат присилени да плаќаат за нешто што не го користат и наместо тоа слободно ќе располагаат со својот доход; оние граѓани кои ги користат културните услуги ќе ја плаќаат нивната полна цена без да бидат субвенционирани на сметка на останатите; институциите од областа на културата ќе водат сметка за контрола на трошоците во работењето; и на пазарот ќе останат само оние институции кои даваат услуги во согласност со барањата на публиката и кои ќе можат самостојно да обезбедат извори за финансирање.

СИТЕ СМЕ ГОРДИ НА НОВАТА ЗГРАДА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОДЕН ТЕАТАР ЗАБОРАВАЈЌИ ДЕКА ОНИЕ 40 МИЛИОНИ ЕВРА ПОТРОШЕНИ ЗА НЕЈЗИНАТА ИЗГРАДБА МОЖЕА ДА ПОСЛУЖАТ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА НЕКОЕ УЧИЛИШТЕ, БОЛНИЦА ИЛИ ПАТ. НАВИСТИНА, ДОБРО Е ДА ИМАМЕ НОВА ТЕАТАРСКА ЗГРАДА, НО НЕ Е ЛИ ПОДОБРО ДА ИМАМЕ НОВ ПАТ ИЛИ НОВ СТУДЕНТСКИ ДОМ

Некој ќе рече дека претворањето на културните институции во самостојни, пазарно ориентирани фирми ќе доведе до доминација на кич-културата која е способна да обезбеди најбројна публика, а со тоа и да обезбеди најголем профит на инвестираните (во овој случај приватни) средства. Против оваа забелешка можат да се наведат неколку аргументи: прво, досегашното искуство многу добро покажува дека државното финансирање не ги направи луѓето „културни супермени“. Така, наспроти милионските суми потрошени на „високата“ уметност, сè уште најголем дел од луѓето се палат на петпарачки книги, евтини холивудски филмови и турбо-фолк ѕвезди. Второ, историјата ни покажува дека најкреативните автори, најзначајните пробиви во уметноста и најпрогресивните уметнички дела се појавиле без никаква финансиска поддршка од државата. На пример, сетете се на: Моцарт, Шопен, Мајлс Дејвис, Достоевски, Чехов, Кафка, Ван Гог, Пикасо, Џексон Полок итн. Исто така не треба да заборавиме дека уметноста е производ на дарбата, на инспирацијата и на креативноста, а тоа се нешта кои не можат да се создадат со државна програма или декрет. Наспроти тоа, најстерилните дела во историјата на уметноста (оние од времето на соцреализмот) беа директен производ на државната поддршка.

За да ги илустрирам тезите наведени во оваа статија, деновиве направив мала анкета. Моите студенти ги прашав дали слушнале за три победнички песни од фестивалот „Макфест“ и дали гледале четири македонски филма. Притоа студентите (значи млади и образовани луѓе од кои очекуваме дека слушаат музика и гледаат филмови) одговориле вака. Во однос на трите победнички песни на „Макфест“ (финансирани од државата), меѓу 73 % и 93 % од студентите никогаш не слушнале за нив, а од 93 % до 100 % не знаат кој ги пее песните. Понатаму, меѓу 70 % и 97 % од студентите не само што не ги гледале туку и никогаш не слушнале за филмовите финансирани од државата. Значи простата математика е ваква: државата им одзела пари на граѓаните (преку даноците), тие пари им ги дала на уметниците, а тие пак си направиле културни „производи“ (песни, филмови, книги итн.) кои граѓаните воопшто не ги користат. Зарем за уметноста не треба да важат принципите на рационалност, на одговорност, на економичност и на ефективност?

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top