Општество
ИДНИНАТА НА ОСНОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА НАШИТЕ ДЕЦА

Јован Пехчевски
Авторот е Универзитетски Професор и Бизнис Консултант

„Образованието денес е голем предизвик. Ако не го смениме начинот на којшто ги учиме нашите деца, 30 години од сега ќе бидеме во неволја. Начинот на кој ги учиме децата, односно работите што ги учат нашите деца денес, се работи од изминатите 200 години кои се базирани на знаење. Не можеме да ги учиме нашите деца да се натпреваруваат со машините – тие се попаметни – мораме да ги учиме нешто уникатно така што машината никогаш нема да може да нѐ достигне.“

Џек Ма, Алибаба групација


Како универзитетски професор многу размислувам за иднината на образованието – како за моите две 9-годишни момчиња и за нивните соученици во интернационалното училиште НОВА, така и за секое друго дете кое оди во основно училиште. Почнав да се прашувам, со оглед на тоа што повеќето основни училишта не се промениле со децении (можеби и подолго), што сакаме нашите деца да научат за успешно да се носат со предизвиците на 21 век. Како би замислиле едно модерно основно училиште за време на постоечкава ера на експоненцијални и брзорастечки технологии?
Неодамна Бил Гејтс го објави својот план да инвестира речиси 1.7 милијарди долари во реформирањето на американското јавно образование во следните пет години. Од тој износ тој одвои 25 % на т.н. големи облози – иновации со потенцијал да го сменат правецот на образованието во текот на следните 10 до 15 години.
Како дел од онлајн футуристичката група предводена од Питер Дијамандис (Peter Diamandis), еден од основачите на Универзитетот за Сингуларитет (Singularity University), активно учествувам во дискусии чии интереси се теми/области кои ќе имаат неминовен и трансформативен ефект врз нашето општество како целина. Како резултат на една таква дискусија, минатата година Питер објави статија во која се опишуваат пет начела според кои основното образование може да се трансформира за светот на експоненцијални технологии.
1. Пет проблеми поврзани со денешните основни училишта
2. Пет водечки принципи за идното основно образование
3. Наставна програма за основно образование за иднината
4. Експоненцијални технологии во нашите училници
5. Промена на начинот на размислување за 21 век
Во овој текст ќе се задржиме на првите три од вкупно петте начела поврзани со трансформацијата на основното образование.


1 Пет проблеми поврзани со денешните основни училишта
Има веројатно многу проблеми со денешните традиционални основни училишта, и тоа не само кај нас во Македонија, но еве ќе избереме неколку за кои промената е неминовна.
1. Оценување. Во традиционалниот образовен систем децата очекуваат (или им се наметнува очекување) да добијат оцена 5-ка при што секој пат кога ќе направат нешто погрешно, нивната оцена се намалува. Во најдобар случај ова е демотивирачки за децата, додека во најлош случај ова нема никаква врска со светот во кој ќе бидат вклучени како возрасни. Во светот на игрите, на пример кај Лутите птици (Angry birds), се случува токму спротивното. Ќе почнете од нула и секој пат кога ќе направите нешто правилно добивате сѐ повисока и повисока оцена.
2. Потхранување со лажичка. Повеќето училници имаат наставник кој обично стои пред целото одделение и ги изведува предавањата на учениците од кои најчесто на едната половина им е здодевно, додека другата половина се чувствува изгубено. Овој т.н. модел на потхранување со лажичка од еден наставник кон повеќе ученици доаѓа од ерата на недостиг каде што одлични наставници и репутабилни училишта беа ретки.
3. Релевантност. Кога ќе се присетам на моето основно и средно училиште сфаќам дека од сето она што го научив таму многу мал дел ми беше суштински корисен подоцна во животот (не знам за вас, но јас до сега никогаш во мојот возрасен живот не сум сретнал деловен предизвик за чие успешно совладување е потребно да решам полиномијална равенка).
4. Имагинација. Најверојатно најголемата загриженост за мене е тоа што потеклото на денешните основни училишта датира од времето на остручување работници за фабрика во индустриската ера, односно програми кои се до таа мера структурирани со памтење на фактите преку повторување, што комплетно ја уништуваат оригиналноста кај повеќето деца. Во стартап светот постојано се потсетувам на тоа дека „нешто пред навистина да биде револуционерно звучи како луда идеја“. Како да ги поттикнеме учениците да ги следат нивните „луди“ идеи во нашите училишта? Како да ја поттикнеме имагинацијата кај нашите деца?
5. Досада. Ако процесот на учење во училиштето е здодевен, со недостаток на емоции, тогаш најважниот двигател на учењето, страста, нема да постои. Поттикнувајќи ги нашите деца само да ги паметат фактите и бројките, да седат пасивно во одделението и да решаваат обични стандардизирани тестови целосно ја победува страста и комплетно ја промашува целта на самиот образовен процес.
На светско ниво, во просек 7 200 ученици секој ден се отпишуваат од средно училиште, што би значело во просек годишно околу 1 милион ученици. Исто така само 69 % од учениците кои се запишуваат во средно училиште завршуваат по четири години. Но, она што е интересно е дека над 50 % од оние што се откажале ја идентификуваат досадата како најважна причина зошто го напуштиле средното училиште.

2 Пет водечки принципи за идното основно образование
Предвидувам релативно краткорочна иднина во која роботиката и вештачката интелигенција ќе му дозволат на секој од нас, на возраст од 8 до 108 години, брзо и лесно да најде одговори, но и едноставно да создаде производи или да извршува задачи само преку изразување на нашите желби. На кратко, ќе можеме да направиме и да создадеме речиси сѐ што ќе посакаме.
Во оваа иднина кои принципи ќе бидат критични за нашите деца да ги научат за да бидат успешни во нивниот возрасен живот? Што е најважно да ги едуцираме нашите деца денес за подобро утре?
За мене тука станува збор за страст, за љубопитност, за имагинација, за критичко размислување и за упорност.
1. Страст: Ќе бидете изненадени од тоа колку луѓе немаат сопствена мисија во животот, некој повик, нешто што буквално би ги дигнало од кревет секое утро. Можеби еден од највредните ресурси за човештвото е постојаниот и страстен човечки ум, па така создавањето иднина на страсни деца е од непроценлива важност.
Моите 9-годишни момчиња сакам да ги поддржам во изнаоѓање на нивната страст или цел, односно нешто што е уникатно нивно на ист начин како што програмата Аполо и Стар трек (Star Trek) ја поттикнаа мојата рана љубов за сите нешта поврзани со универзумот за таквата страст понатаму да ме мотивира да истражувам и постојано да учам и да дејствувам.
2. Љубопитност: Љубопитноста е нешто вродено кај децата, но сепак нешто што повеќето возрасни лица го губат во текот на нивниот живот. Зошто?
Во светот на Гугл, роботи и вештачка интелигенција, воспитување на дете кое постојано поставува прашања и експериментира е исклучително важно. Во времето на машинско учење, масивни податоци и трилиони сензори, квалитетот на вашите прашања е она што ќе биде најважно за наоѓање смисла на работите околу вас.
3. Имагинација: Претприемачите и визионерите најпрво го замислуваат светот (и иднината) во која сакаат да живеат, а потоа него го создаваат. Децата се чини дека се едни од најимагинативните луѓе околу нас, па затоа критично е да знаат колку имагинацијата може да биде важна и ослободувачка. Како што кажа еден вонвременски ум: Имагинацијата е поважна од самото знаење!
4. Критичко мислење: Во еден свет поплавен со често конфликтни идеи, неосновани тврдења, погрешни (fake) наслови, негативни вести и дезинформации, учењето на вештината на критичко размислување помага да се пронајде сигналот во бучавата. Оваа вештина, поради нашите субјективни предиспозиции како родители, можеби е најтешко да ја научат децата, но секако не и невозможно.
5. Упорност: Упорноста се дефинира како „страст и истрајност во потрага по долгорочни цели“, а неодамна беше широко призната како една од најважните претскажувачи и придонесувачи кон успехот.
Учењето на нашите деца да не се откажат, да продолжат да се обидуваат, како и да продолжат да пробуваат нови идеи за нешто во што навистина страсно веруваат дека ќе го постигнат е исклучително важно. Голем дел од моите лични успеси доаѓаат од една таква тврдоглавост, па честопати се шегувам дека моите најголеми завршени проекти успеаја преку ноќ по 10 години напорна работа.

ВО ЕРАТА НА ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ ЧОВЕКОТ И МАШИНАТА СЕ ПРЕДВИДУВА ДЕКА ДО 2030 ГОДИНА РОБОТИТЕ БИ МОЖЕЛЕ ДА ЗАМЕНАТ 800 МИЛИОНИ РАБОТНИ МЕСТА. ЗАТОА, УШТЕ ОД СЕГА, МОРАМЕ ДА ГО СМЕНИМЕ НАЧИНОТ НА КОЈ ГИ УЧИМЕ ДЕЦАТА, ОДНОСНО ДА СЕ ЗАМЕНИ УЧЕЊЕТО БАЗИРАНО НА МЕМОРИРАЊЕ НА ФАКТИ (НЕШТО ВО ШТО МАШИНИТЕ СЕ МНОГУ ПОДОБРИ) СО УЧЕЊЕ БАЗИРАНО НА РАЗВОЈ НА МЕКИ И ПРЕТПРИЕМАЧКИ ВЕШТИНИ КОИ НÈ ПРАВАТ УНИКАТНО СВОИ И РАЗЛИЧНИ ОД МАШИНИТЕ

3 Наставна програма за основно образование за иднината
Земајќи ги предвид петте горенаведени водечки принципи, во продолжение ќе погледнеме како би изгледала една наставна програма за идното основно образование.
1. Уметност на раскажување приказни и комуникации
Замислете предмет каде што, година за година, нашите деца ќе учат за уметноста и практиката на формулирање и презентирање на своите идеи преку усвојување на најдобрите практики на ораторството и раскажувањето приказни.
2. Страст
Замислете предмет каде што децата секој месец можат да ги споделат своите најнови страсти преку споделување видео клипови (или искуства преку виртуелна реалност) за објаснување на она што најмногу го сакаат и успеале да го научат.
3. Љубопитност
Замислете предмет кој во децата ја разгорува љубопитноста и им дава дозвола да кажат: „Ова не го знам, ајде да пробаме да го дознаеме“.
4. Упорност и експериментирање
Замислете предмет кој кај децата ги комбинира упорноста и експериментирањето во игра, каде што учениците од 4-то одделение (и погоре) истражуваат проблем од реалниот живот, поврзан на пример со безбедноста на храната, рециклирањето или енергијата, и каде што тие се предизвикани да развијат решение за дадениот проблем.
5. Изложеност на технологија
Замислете да ги учиме децата (соодветно на нивната возраст) преку игра и преку демо презентации, односно да го задржиме нивниот фокус преку интерактивни демоа кои користат најнови технолошки концепти и кои би им овозможиле на децата непречено да ги ослободат своите имагинации.
6. Емпатија
Замислете предмет кој во децата би развил чувство на емпатија во училиште дефинирана како „способност да се разберат и да се споделат чувствата на другите“, но и кој би ја интензивирал неа преку користење нови алатки за виртуелна реалност.
7. Етика и морални дилеми
Замислете предмет кој ги обогатува децата со морален компас преку разговор за етика и морал. Разговорот би се манифестирал преку дебата за сценарија од реалниот живот со кои нашите деца еден ден би можеле да се сретнат.
8. Читање, пишување и математика
Замислете предмет кој го користи концептот на свртена училница (flipped classroom) да ги научи децата со основните концепти на читање, на пишување и на математика.
9. Креативно изразување и импровизација
Замислете да им ги покажеме на децата многуте различни начини на кои креативноста се изразува – од уметност преку инженеринг и музика до математика – и потоа да ги водиме кон нивен избор на областа (или областите) за кои тие се најмногу заинтересирани.
10. Кодирање
Замислете предмет кој развива алгоритамско размислување за да им овозможи на децата лесно да ги усвојат концептите на алгоритам, на рекурзија и на хеуристика без тие да мора да ги разберат овие концепти.
11. Претприемништво и продажба
Замислете предмет кој кај децата развива претприемачки и продажни вештини за да идентификуваат проблем (можност), да развијат визија за тоа како проблемот да се реши, да работат во тим за да ја претворат таа визија во реалност и, на крај, да ја продадат својата идеја.
12. Јазик
Замислете предмет кој ќе ги учи децата нови јазици преку игри и технологии за виртуелна реалност.
Во ерата на партнерство меѓу човекот и машината се предвидува дека до 2030 година роботите би можеле да заменат 800 милиони работни места. Затоа, уште од сега, мораме да го смениме начинот на кој ги учиме децата, односно да се замени учењето базирано на меморирање на факти (нешто во што машините се многу подобри) со учење базирано на развој на меки и претприемачки вештини кои нѐ прават уникатно свои и различни од машините.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top