Е-Б-Ф-Б
СУДСКА ПРАКТИКА ОД ОБЛАСТА НА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ

Никола Главинче
Авторот е адвокат

Имајќи го предвид постојаниот интерес на работодавачите и на работниците во однос на определени прашања кои се регулирани со Законот за работните односи, како и ставот на судовите по однос на практичната примена на некои одредби, во оваа прилика издвојуваме неколку ставови од судовите во Република Македонија кои ги разработуваат законските решенија и ги применуваат на конкретен правен однос од областа на работните спорови.

Задолжително писмено предупредување пред отказ
Во согласност со член 73 од Законот за работните односи (ЗРО), пред откажување на договорот за вработување од причина поради вина на работникот под условите од членот 80 од ЗРО, работодавачот мора писмено да го предупреди работникот за неисполнувањето на обврските и можноста на отказ во случај на нивни натамошни кршења.
Во согласност со Пресуда на Апелациониот суд Штип РОЖ-162/15 од 3.4.2015 г., доколку како причина за престанок на работниот однос е кршење на работниот ред и дисципина или неисполнување на обврските утврдени со закон од страна на работникот, работодавачот во согласност со чл. 73 и чл. 81, став 1, точка 4 од Законот за работните односи бил должен писмено да го предупреди работникот за неисполнување на обврските и можноста од отказ во случај на нивни натамошни кршења, а кое нешто тужениот работодавач го нема сторено поради што неспорно произлегува дека тужениот со вака донесеното решение не ја докажал основаноста на причината која го оправдува изречениот отказ на тужителот.

Доказ за оправдано отсуство поради болест
Врховниот суд на Република Македонија со Пресуда Рев3. бр. 134/2014 од 10.9.2015 г. заклучува дека лекарската потврда не е соодветна медицинска документација која вработениот треба да ја достави заради регулирање на боледувањето, туку доказ за оправдано отсуство од работа поради болест е Извештај за привремена спреченост за работа издаден според Правилникот за начинот, постапките и поблиските критериуми за утврдување на привремена спреченост за работа поради болест и повреда или потреба за нега на болен член на потесното семејство и времетрање на привремената спреченост за работа, во зависност од видот на болеста и повредата (Службен весник на РМ бр. 95 од 14.7.2011 г.).

ВО СОГЛАСНОСТ СО ЧЛЕН 73 ОД ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ (ЗРО), ПРЕД ОТКАЖУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ОД ПРИЧИНА ПОРАДИ ВИНА НА РАБОТНИКОТ ПОД УСЛОВИТЕ ОД ЧЛЕНОТ 80 ОД ЗРО, РАБОТОДАВАЧОТ МОРА ПИСМЕНО ДА ГО ПРЕДУПРЕДИ РАБОТНИКОТ ЗА НЕИСПОЛНУВАЊЕТО НА ОБВРСКИТЕ И МОЖНОСТА НА ОТКАЗ ВО СЛУЧАЈ НА НИВНИ НАТАМОШНИ КРШЕЊА

За последиците од користење неодобрен годишен одмор
Врз основа на чл. 144, ст. 1, годишниот одмор се користи земајќи ги предвид потребите на работниот процес, како и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни обврски.
Според Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3. бр. 91/2015 од 1.4.2015 г. работодавачот не бил должен да му издаде решение врз основа на барањето на работникот за користење на годишен одмор, туку правилно постапил кога во согласност со потребите и обемот на работите и работниот процес писмено го известил дека неговото барање не може да се одобри поради што работникот бил должен да се јави на работното место каде што бил распореден, а бидејќи не се јавил на работа и не го оправдал своето недоаѓање подолго од три дена правилно постапил работодавецот кога врз основа на чл. 82, ст. 1, т. 1 од Законот за работните односи донел решение за престанок на работниот однос за откажување на договорот за вработување без отказен рок со кое на тужителот му престанал работниот однос.

За формата на одлуката за откажување на договор за вработување
Законот за работни однос во чл. 85, ст. 1 определува дека одлуката за откажување на договорот за вработување, односно одлуката за изрекување парична казна задолжително се дава во писмена форма со образложение на основот и причината за откажување на договорот за вработување, односно причината за изрекување на паричната казна со правна поука.
Во согласност со Пресудата на Врховниот суд на Република Македонија Рев3. бр. 152/2014 од 18.2.2015 г., решението за откажување на договорот за вработување е нецелосно и од него не може да произлезе основаноста на отказот, посебно по однос на точката 3 од членот 81, став 1 од Законот за работните односи која се однесува на тоа дека тужениот како работодавач може да му го откаже договорот за вработување на тужителот како работник доколку тој не се придржува кон прописите што важат за вршењето на работите на работното место така што таквото решение е незаконито доколку го содржи само основот за отказот, а тоа е член 81, став 1, точка 1 и 3 од Законот за работните односи и член 44, став 1 од Законот за јавни службеници, додека пак отсуствуваат дејствијата со кои тужителот го сторил дисциплинскиот престап, начинот на кој тој ги сторил повредите на работниот ред и дисциплина и прописите кои не ги почитувал при извршување на работните обврски.

За правото на надоместок од неискористен годишен одмор
Ова прашање е регулирано во член 145, ст. 1 од ЗРО според кој работникот има право на надоместок на неискористениот дел од годишниот одмор пред престанок на работниот однос ако претходно побарал користење на годишен одмор, а не му било овозможено користење на годишен одмор, а работниот однос му престанал не по негова вина и волја.
Во согласност со Пресуда на Апелациониот суд Штип РОЖ-218/15 од 28.4.2015 г., во случај кога на работникот му престанал работниот однос поради исполнување на услови за остварување на правото на пензија, за да оствари право на надоместок на штета поради неискористен годишен одмор потребно е претходно работникот (пред престанокот на работниот однос) до работодавачот да поднесе барање за искористување на неискористениот годишен одмор за наведените години, па ако тоа не му било овозможено од страна на работодавачот, тогаш има право на надоместок на штета.

Отказ поради деловни причини
Законот за работните односи со повеќе одредби го регулира прашањето за откажување на договорот за вработување од деловни причини (технолошки, економски, организациски и слични промени). Во согласност со Пресуда на Апелационен суд Гостивар РОЖ бр. 1/15 од 6.2.2015 г., во случај кога работодавачот му го откажува договорот за вработување на тужителот бидејќи престанала потребата од вршење на неговата работа поради економски, организациски, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот, работодавачот е должен да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот, односно дека работниот однос на тужителот му престанал на начин и под услови утврдени со закон и со колективен договор.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top