Интервјуа
УМЕТНОСТ Е ДА ЖИВЕЕМЕ СО ОВА СЕГА И СО ОНА НАПРЕД

Александар Поповски
бастион на индивидуализмот

Неговите режисерски театарски подвизи во Словенија, во Хрватска, во Турција, во Србија, во Германија отвораат теми за дискусија и долго се прераскажуваат и се паметат. Неговата естетика, поетиката, имагинацијата и принципот на работа, во кои се вљубуваат и публиката и актерите, ги „тера“ пак критичарите да го величат неговиот неуморен дух кој отсекогаш сакал да ги шири границите на она што навидум го дозволува театарот. Александар Поповски деновиве беше во Скопје, за кратко, каде што го искачивме на тврдината над Кале, во срцето на современата уметност – МСУ, каде што во еден здив го направивме овој разговор.

 

Александар, некако Ве изгубивме низ времето. Го спакувавте уште пред повеќе години својот професионален живот од земјава и сега само ни пуштате „лиги“ од регионов. Претстава по претстава, френетични овации, награди, позитивни критики кои не стивнуваат во Хрватска, во Словенија, во Турција, во Србија, во Германија... Јас сум лично и лута и тажна. Јас бев фан на Вашиот театарски јазик и бев една од многуте... Зошто нѐ отсакавте?

А. Поповски: За среќа се потребни тројца. Немам одговор кој може да дефинира период од десет години. Главно не станува збор за отсакување. Во едно време кога јас сакав многу, другите не сакаа ни малку. Потоа тие сакаа, ама јас бев многу лут. Патетична приказна без никаква можност за поука. Уморен сум да се враќам назад и одново да докажувам кој прв почна. Таа реченица, за жал, ги дефинираше изминативе дваесетина години. Само назад и назад за да докажеме кој кому прв нешто рекол, направил, навредил, почнал... Уметност е да живееме со ова сега. И со она напред. Иако знам дека имаме огромна потреба да го исправиме сето она што се случило за да можеме да почнеме да живееме нормално. Тие се две сили кои влечат во два различни правца. И затоа сме растегнати на две страни. На напред и на назад. И затоа ни бега ова сега. Мојот професор Унковски сè уште не наоѓа во себе причина да влезе во новата зграда на МНТ. Сè уште не ми е едноставно да се сретнам со некои луѓе од мојата професија, кои во ниеден момент не заштитија никого кој не беше на нивната страна. Напротив, бараа гумени куршуми. Сето тоа остава чудни лузни кои не е едноставно да зараснат. Треба да се најде начин за оние кои доаѓаат по нас да не оставиме толку големи ровови. Да не должам, првата можност кога ќе бидам слободен ќе направам претстава дома. Едноставно мислам дека нема да најдеме никаков одговор со тоа што и понатаму ќе си ги отвораме утробите.

Во 2012 година го поставивте Животот на Молиер на сцената на МНТ. Паметам медиумите напишаа „Молиер го враќа Поповски на македонската театарска сцена“ и уживавме во актерската изведба, во шармот и хуморот на Вашиот режисерски печат. И тамам ни влеавте надеж... повторно Ве снема. Ова Ви е тактика, да ни давате уметност на лажиче или навистина нѐ отпишавте?

А. Поповски: Животот на Молиер се случи како силна потреба да кажам нешто за односот на уметникот и политиката. Се сеќавам дека некои луѓе мислеа дека во обраќањето на Молиер до Владата се крие текст кој самиот сум го напишал, иако тоа беше од збор до збор Булгаков. И тоа ми беше најубаво. Таа претстава сè уште е на репертоарот на МНТ, иако не сум ја гледал веќе со години. Уметникот и политиката е прекрасна тема. Некој треба да направи анализа за овие години. Ние сме прво припадници на една политичка опција, потоа автори, уметници, хирурзи, професори, татко и мајка. Тука има голема грешка. Тој предзнак кој го менува нашиот природен предзнак е всушност нашата најголема срамота. Политиката ја сака таа исклучивост и партиска определеност, но таа во исто време значи смрт на индивидуалноста. Стадото никогаш самото не произвело ништо. Стадото секогаш чекало кога ќе дојде време да биде молзено. И потоа упатено кон најблиската зелена трева. Силни индивидуалци кои се формирани со сопствените дела и сопствените две раце се она што ме интересира. Не се согласувам да чекам да ми кажат како да бидам патриот, кому припаѓам, како се сака татковината и кого треба да мразам. Евентуално и колку деца треба да имам. Сите ние сме башка будали и никој нема право на другиот да му го наметнува сопственото лудило. Аха, не одговорив на прашањето...

На 8 март брилјиравте на сцената на Месно гледалиште љубљанско, поставувајќи ја Дантоновата смрт од Бихнер. Размислувавте како авторот, кој беше горлив заговорник на либерализмот и противник на конзервативните идеи или му фрливте инакво светло на текстот?

А. Поповски: Тој текст зборува за двата концепта на владеење со кои до денес се судираме. Робеспјер мисли дека моќта на Републиката треба да биде доблеста или моралот. Оружје на Републиката треба да биде стравот. Стравот затоа што доблеста без страв е јалова. Стравот извира од доблеста и затоа е правичен. Мислам дека јасно ќе ја препознаете страната која и денес го заговара истото тоа. Дантон се залага за нешто друго. Тој вели дека никој нема право да му наметнува на другиот каков било облик на уредување. Секој од нас е посебен и треба да дејствува во согласност со својата натура. Што е за неа добро е добро. Се разбира дека Дантоновата визија бара сериозно едуцирани луѓе. Се разбира дека стравот и моралот прават систем во кој луѓето полесно се снаоѓаат. Се надевам дека претставата ќе дојде на Скупифест бидејќи селекторот веќе беше на премиера и договараше гостување.

СТАДОТО НИКОГАШ САМОТО НЕ ПРОИЗВЕЛО НИШТО. СТАДОТО СЕКОГАШ ЧЕКАЛО КОГА ЌЕ ДОЈДЕ ВРЕМЕ ДА БИДЕ МОЛЗЕНО. И ПОТОА УПАТЕНО КОН НАЈБЛИСКАТА ЗЕЛЕНА ТРЕВА. СИЛНИ ИНДИВИДУАЛЦИ КОИ СЕ ФОРМИРАНИ СО СОПСТВЕНИТЕ ДЕЛА И СОПСТВЕНИТЕ ДВЕ РАЦЕ СЕ ОНА ШТО МЕ ИНТЕРЕСИРА

Кренавте врева поставувајќи го и Рикард Трети на сцената на Гавела во Загреб. Никако да излезе од мода Играта на троновите. И како во Ричард, најчесто бескрупулозните се исклучително фрустрирани луѓе кои не ги погалило детството. Па тој компримиран гнев и желба да му покажат на светот дека вредат во подоцнежните години го реализираат преку амбиција на покажување моќ и сила...

А. Поповски: Во новиот превод кој го направи Енди Јелчиќ, Ричард стана Рикард така што во Загреб го поставив Рикард Трети. Асоцијациите на таа драма се силни и не треба да ги преведувам никому. Токму Играта на троновите е комплетно преземена од Шекспировите драми. Она што мене ми беше интересно таму е што Рикард е еден од нив. Во таа драма нема невини. Таму во еден базен пливаат сите ајкули. И сите со иста цел. Ако Рикард не го направи она што го прави, некој друг ќе го направи истото. Да влезеш во политичката арена, а да не си подготвен на сè, и кога велам сè мислам на „све“, значи дека не си подготвен. Најинтересни се ликовите на убијците. Тие имаат задача на неколку места да убијат одредени ликови. Во нивна уста Шекспир става монолози за совеста. Убијците зборуваат за совеста. Сјајно! Во петтиот чин Шекспир го става Рикард во позиција да сонува. И во сонот доаѓаат да го измачуваат демоните. Кога се прашуваме дали некои луѓе можат мирно да спијат, одговорот кој не се гледа е скриен во овој дел од текстот. Никој не е поштеден. Светот е добро уреден и смислен простор. Универзумот има свои законитости. Сите ќе го добијат она што им следува. Имам еден пријател кој ги познава тајните на свемирот бидејќи секојдневно е во комуникација со него. Тој ме уверува дека злото ќе биде и е казнето и дека постои небеска правда. Мене ми е тоа доволно, мирно спијам.

Вашата препознатлива поетика, имагинацијата и принципот на работа, во кои се вљубуваат актерите кои досега соработувале со Вас, ги издигнавте на уште повисоко ниво. Сакате да си играте и надвор од сцената режирајќи костимирани фотосесии во пресрет на секоја премиера. Можам ли да заклучам дека визуелната естетика се движи во паралелна линија со Вашите театарски постановки?

А. Поповски: Тајмингот за сликање на претстава е во принцип погрешен. Тогаш кога им треба на луѓето од маркетинг, обично комплетната опрема не е готова. Ужасно ме нервира што во документацијата за претставите остануваат фотографии кои не зборуваат ништо. Затоа веќе некое време правам поинакви фотографирања. Сè започна со соработката со фотографот Петар Ѓодани од Словенија. Некаква асоцијација за она што претставата носи ме одведе до првото сликање надвор од театар. И морам да кажам дека многу ми се допадна. Последното такво сликање беше за Дантоновата смрт. Може да го видите целиот процес на интернет. Многу е забавно. Кога ја работев претставата Дунсинане, текст посветен на периодот по смртта на Магбет, снимавме во еден коњички клуб во потполна војничка опрема. Имав чувство дека снимам филм. Тој принцип го прифати МГЛ (Местно гледалишче Љубљана) и сега тоа е на некој начин нивен заштитен знак.

Не можам да го прескокнам прашањето за Вашиот омилен Хамлет, актерот кој недвојбено сите го сакаа... Небојша Глоговац прерано се насели меѓу ѕвездите на небото. Покрај тоа што беше Вашиот Хамлет на сцената на ЈДП, досега соработувавте со него и во Вишновата градина и во Метаморфози. Изгубивте и пријател и актер. Има ли нешто што сакавте да му кажете, а не успеавте?

А. Поповски: Во театар многу често пробаме сцени во кои некој протагонист умира. Актерот ја проба смртта на сцената и потоа ја повторува со секоја нова изведба. Смртта на сцена за нас не е страшна. Таа останува на сцената. Тешко ми е да зборувам за Небојша. Поминав многу посебен период со него работејќи на Хамлет. И претходните претстави ни беа убави, ама оваа имаше некое друго значење. Последниот монолог, разговор со духот на неговиот татко, сцената со кралицата... Многу беше интересно. Пред да почнеме да го работиме Хамлет имавме долги разговори за тоа дали е престар за таа улога. Мене ми се допаѓаше идејата да биде човек кој се сретнал со неправда неколкупати во животот. Да не му е првпат. Мојата генерација помина низ серија неправди и сè уште поминува. Хамлет за мене не е голобрадо момче кое првпат осознава дека кралот е измамник. Денес и децата во градинка знаат дека политичар е некој кој нешто „мати“. Прашање е како да се справиме со тоа. Небојша беше човек кој неверојатно реагираше на неправда. Разговорот остана недовршен, претставата ја направивме.


Уживање во театарот

Не би сакала во тажно расположение да го продолжам разговорот, па ќе се обидам со „шкрипка“ да го свртам воланот во друг правец. Ќе ја споменам само претставата Да живее Хармс на сатиричниот театар Керемпух од Загреб, која и ние имавме среќа да ја видиме во Драмскиот театар во 2014 година. Публиката си замина со болка во стомачните мускули од смеење. А Вие? Колку Вие уживате во театарската гротеска, се смеете ли со актерите за време на пробите?

А. Поповски: Еднаш, кога како млад печалбар - режисер се враќав од Љубљана за Скопје, со автобусот кој вози на релација Копар – Дебар ми се случи следниов муабет. Зима. Врне снег. Автобусот полн наши луѓе, печалбари. Си одат дома за Божик. Полека се отвора муабет кој кај работи, на кое градилиште. Едни градат ваму, други таму... доаѓа ред на мене. Велам во Драма Љубљана. Одма сум сомнителен. Објаснувам дека сум режисер, ама така некако со пола уста бидејќи меѓу сите тие конкретни професии мојава звучи несериозно. Човекот до мене ме гледа без да реагира. Потоа ме прашува: „Се заебавате Вие таму во театар?“ Не очекував такво прашање и ми требаше време да одговорам... „Се заебаваме“, одговарам искрено. Тој ми вели: „Цел живот ми помина без да се заебавам“, се врти на другата страна и заспива. Спие до Скопје. Цел пат не спијам. Ако слушнам кого било да се жали или да не ужива во театар ќе го исфрлам од проба. Театарот и пробата се мојата црква, мојот олтар и мојата рајска градина.

Следнава театарска сезона ќе режирате опера во Љубљана. Ги поставувате Хофмановите приказни од Офенбах, три приказни, нијанси на емоции проследени со алегориски фигури – љубовта, доброто и злото. А Вие сте во полн сјај кога љубовта ја сервирате во своја режија, нели?

А. Поповски: Отсекогаш сум сметал дека сум препатетичен лик. Можам да плачам на Лајн кинг (Lion King). Редовно плачам на „Never Walk Alone“ пред почеток на натпревар на Ливерпул. Плачам уште на неколку работи, ама ми е шубе да Ви ги кажам. Главно плачам од среќа. Операта е како создадена за мојата патетика. Одамна нежно кокетираме, ама никако да се споиме. Имаше еден обид да работам опера во Скопје, ама пропадна. Сега по долго време се договорив со Љубљанската опера за соработка. На есен ќе почнеме со проби, иако јас веќе почнав со работа. Имав средби со диригентот и со пејачите. За мене е сè ново и сè ми е интересно. Тие ми ја предложија токму таа опера, а мене многу ме бендиса приказната. Хофман е некако уметник чии љубовни приказни, кога е тој пијан, ги забавуваат гостите во една крчма. Искрено верувам дека нема големо уметничко дело во кое не постои љубов.

Ги отворивте едрата широко, па наскоро ќе имате премиера и во Берлин, по мотиви на Чехов ги поставувате Три сестри кои наместо за Москва сонуваат за Берлин. Вие многу добро знаете за нивните мечти по Москва, но какви се берлинските?

А. Поповски: Приказната со таа претстава е всушност неверојатна. Една група актери од Истанбул со кои веќе имав направено 3 претстави ме замолија да направам претстава која нема да е голема за да може да патува. Ги прашав со колку глумци. Рекоа 3, ама мора да бидат женски. Во тој момент работев во Загреб и ги замолив да дојдат таму за да се договориме. Нивното патување беше комплицирано, како и сите наши во оној мачен период на визи и граници. Кога некако се „дотркалаа“ до Загреб сфативме дека всушност зборуваме за трите сестри кои сонуваат да заминат за Москва. Само што денес нивниот сон е Берлин. Претставата имаше премиера на Авињонскиот фестивал. Веќе игра две години и постојано се менува и се допишува. На почетокот си рековме дека нема да се смириме додека навистина не стигнеме во Берлин. И еве нè. Во оваа верзија влегуваат и две нови актерки. Едната е родена во Истанбул, но поради еден превод на една книга нејзината мајка мора да замине така што таа е растена во едно мало село во Германија. Другата е дојдена сосема по друга работа и животот ја донел во театар. Третата девојка е од оригиналната постава и таа е носител на главната приказна. На 27 е премиерата. Претставата се игра на турски, на германски и на англиски јазик.

Искусивте различна театарска почва, пропатувавте многу, верувам имате габаритен багаж зад себе за да дијагностицирате што значи да се направи општествено одговорна и економски исплатлива театарска претстава.

А. Поповски: Мора да признаам дека не ја сакам таа помисла уметноста или театарот да имаат економска или исплатлива цена. Тоа е глупост која ја наметна неокапиталистичкото размислување кое нè убеди дека само она кое има своја економска цена е достојно за почит. Таа глупост нè доведе до тоа големите вредности како образованието, науката, медицината, уметноста да ги изгубат својата моќ и креативност. Само општества кои сакаат да се развиваат никогаш нема да ви кажат нешто такво и нема да се согласат со кратење на буџетот. Секогаш кога ќе го споменам зборот буџет ми текнува на настапот на нашите уметници кои тргнаа да го бранат буџетот. Тој момент е можеби најнискиот кој една културна средина себе си го дозволила. Секоја година треба на тој ден да се пушта видеото од тој настан за да не се заборави и да не се повтори. Економскиот театар доведува до недозволиви појави, како на пример тоа во националната ни куќа да се поставуваат комерцијални мјузикли со оправдание дека има публика. Па што ако има публика? Во ниеден национален театар не можеш да гледаш Мама миа.

УМЕТНОСТА ПРАВИ ПРИВИД ДЕКА НА ЗЕМЈАТА ПОСТОЈАТ СРЕЌА, ЉУБОВ, ЧУДА, УБАВИНА И ПРАВДИНА. НИЕ ГИ ДРЖИМЕ СЕКОЈ ДЕН ЛУЃЕТО ЗАКОВАНИ НА СТОЛЧИЊАТА ДВА ЧАСА. ВО ТОЈ ПЕРИОД ТИЕ НЕ ПЦУЈАТ, НЕ КРАДАТ, НЕ ШЛАПКААТ, НЕ ПРАВАТ ЗЛО И СЕДАТ МИРНИ. НИЕДНА ПОПРАВНА ИНСТИТУЦИЈА НЕ ГО МОЖЕ ТОА. УПОТРЕБУВАМЕ МИНИМУМ СИЛА ЗА МАКСИМУМ РЕЗУЛТАТ

Театарот е уметност, но како гледате на неговата бизнис-страна? Постои ли таа, има ли своја специфичност?

А. Поповски: Театарот и уметноста се најголеми пријатели на бизнисот. Секој бизнисмен треба со огромно задоволство да инвестира во уметноста. Уметноста прави привид дека на земјата постојат среќа, љубов, чуда, убавина и правдина. Ако ние се тргнеме и ако луѓето ја видат соголената бизнис-слика ќе ги линчуваат на плоштадите како во времето на Француската револуција. Ние ги држиме секој ден луѓето заковани на столчињата два часа. Во тој период тие не пцујат, не крадат, не шлапаат, не прават зло и седат мирни. Ниедна поправна институција не го може тоа. Употребуваме минимум сила за максимум резултат. Бизнисот во нас го има најголемиот сојузник, слушајте ме што ви велам, додека ви се главите на рамена.

Во овој контекст, кога ќе ги земете предвид сите Ваши акумулирани домашни и меѓународни искуства, што би можела да направи Република Македонија за суштинско и одржливо подобрување на функционирањето на театрите во земјава?

А. Поповски: Би направил големо проветрување на ансамблите. Сите вработени би морале да одат надвор и да се направи реаудиција за секој поединечно. Никој не треба да биде отпуштен. Треба да се направи еден пул (базен на податоци) во кој ќе влезат сите, но... на секои 4 години треба да има ново „драфтување“. Секој нов директор треба да има право да создаде сопствен тим. Не да работи со она што го затекнал, туку со она што ќе го избере или со оние кои ќе се согласат да бидат заедно со него. Би го повлекол штетниот, односно многу штетниот закон со кој се вработија режисери по театрите. Па ние кога завршувавме со студии се смеевме дека МНТ има вработен режисер. Тажно е кога идеите за кои некогаш си ги исмевал и си ги презирал стануваат реалност. Би ги отпуштил сите и би го зголемил буџетот (уметниците го бранат буџетот) за да можат да се прават повеќе претстави и истите тие режисери да можат да работат. Би донел уште пар закони со кои би забранил и би одобрил сè што ќе ми падне на памет, ама ги чувам за периодот кога ќе бидам цар на Република Македонија.

Разговараше: Ивана Тасев
фото: Александар Ивановски и Петар Ѓодани

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top