Убава Македонија
СТОБИ

Александар Матески

На устието на Црна Река во Вардар, на едно од најстратешките места во центарот на државава, се наоѓа еден од најактивните градови од антиката во Македонија. Градот остави силен белег во минатото и е град на чии остатоци сѐ уште можеме да бидеме горди. И денес во близина на овој антички центар на Македонија поминуваат најзначајните сообраќајни крстосници низ државава, патот Е-75 и железничката пруга кон Република Грција. Градот се наоѓа на околу 80 км од Скопје во близина на Градско. Близината до автопатот што поминува само на неколку метри од ѕидините на градот го прави локалитетот исклучително атрактивен и едноставен за посета. Потенцијалот за посетеност на овој локалитет од страна на странските туристи е огромен.

Градот е на источната страна, додека на западната преку патот се наоѓа познатата Базилика надвор од градските ѕидини. Аналогно на Ерусалим каде што најпознатите порти се Јафа и Дамаск наречени според насоките кон кои водат патиштата, во Стоби една од главните порти е наречена Порта Хераклеја. Најголемата и најимпресивна градба по своите димензии е секако театарот. Капацитетот е 7 600 гледачи. Дури и за денешни услови одличен капацитет. Вистинско богатство претставува објектот кој и денес се користи за изведување музички настани и театарски претстави. Еден од најдобрите начини да се доживее безвременската убавина на овој локалитет е преку посета на Фестивалот на античка драма (ФАД) Стоби. Еден од концертите кој долго ќе се памети на овој антички локалитет е оној на Бодан Арсовски и Езгија од 2000 година, што е доказ дека театарот во Стоби има сѐ уште одличен потенцијал и уште долго време може да биде жив и активен.
Кога сте во локалитетот погледнете ја и градската чешма која се наоѓа во центарот. Во близина е и Теодосиевата палата. Токму во тој објект се претпоставува дека престојувал императорот Теодосиј I на крајот на четвртиот век од новата ера, последниот римски император кој владеел со целата Римска Империја. Императорот е познат во историјата и како човекот кој доследно ја применува забраната за други религии во Империјата и во целост го фаворизира христијанството. А кога се споменува христијанството, тогаш задолжителна е посетата на епископската базилика и најрепрезентативниот дел – крстилницата. Подот во крстилницата е декориран со прекрасни мозаици на кои се претставени пауни и елени. Не пропуштајте да ги посетите и големата бања, малата бања, синагога базиликата, северната базилика, коцкарницата, затворот... Посебно интересна е Via sacra или Светата улица, една од најубавите улици во Стоби која поминува покрај полукружниот плоштад. Плоштадот е со полукружна колонада во чиј центар стоел голем споменик.


По посетата на овој македонски археолошки бисер задолжително посетете некоја од винариите кои ги има многу во овој регион. Во непосредна близина на локалитетот се Тиквеш, Вила Марија, Попова кула, Стоби, Бовин... Секоја со посебна историја, со посебна приказна. Тиквеш, најстарата винарија основана уште во далечната 1885 година, е и најголемата винарска визба во државава. Вила Марија е изградена пред околу 9 децении од српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Винаријата Стоби и локациски е најповрзана со локалитетот и со право мозаичната претстава на паунот, кој патем се наоѓа и на банкнотата од 10 денари, ја има регистрирано и како своја трговска марка со што се врши непосредна промоција и на археолошкиот локалитет. Попова кула нуди извонредено уживање во ресторанот со еден од најубавите погледи над плантажите со грозје.
Како и да е, посетата на Стоби е нецелосна без посета и на некоја од локалните винарии. Македонија е винска држава, земја која мора да продолжи на патот на промоцијата на виното и на развојот на винскиот туризам. Природата нуди одлични услови за одгледување грозје со најдобар квалитет, а и новите капацитети кои последниве децении се изградени ветуваат посилна промоција на државава на пребирливиот светски пазар на вино. Февруари е месецот кога на празникот посветен на св. Трифун се врши закројување на лозјето, дополнителна причина за посета на регионот.

 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top