Интервјуа
НА МУЗИКАТА НЕ Ѝ ТРЕБА ЗБОРОТ ЗА ДА ДОПРЕ

Дуке Бојаџиев
музичар и композитор

На 11 и 12 мај нашиот ценет музичар и композитор, кој живее и работи во Њујорк, Дуке Бојаџиев ќе одржи два концертни настапи во Македонската филхармонија. Во рамките на целовечерниот концерт со наслов „СОН ВЕРБА ЉУБОВ“, Бојаџиев ќе настапи во придружба на познати музичари и вокалисти со авторски материјал освежен со нови нумери од албумското издание Сон-Верба-Љубов, како и дел од неговото поново филмско творештво. 

 

Не се откажувате од возењето на бранот на љубовта, на вербата и на сонот, Дуке. Имам чувство дека нешто многу подлабоко сакате нам како публика да ни соопштите преку овие толку секојдневни зборови.

Д. Бојаџиев: За мене во тие три збора се состои една цела животна филозофија. Љубовта природно извира во нас и може да ја канализира секој од нас. Стравовите и суровоста на кои наидуваме низ животот уште од најраното детство полека тежнеат да го затворат тој канал. Вербата тука се јавува како главен фактор кој може да ја поттикне љубовта и да го прочисти нејзиниот канал. Кога велам верба мислам на верба во себе, во универзумот, во животот. Сè започнува од еден голем Сон за кој треба многу Љубов која веќе природно ја имаме, но и многу Верба за да го поттикнеме нејзиниот извор во нас. Сонот е целта, Љубовта е патот, Вербата е енергијата потребна за реализација. Овие три можат секому да му го осмислат животот и да му дадат патоказ за позитивен развој на свеста.

Сепак, за да постои сонот мора да ја искусиме несоницата, за да триумфира љубовта таа мора претходно да го победи злото, за да постои вербата потребно е да ставиме крај на сомнежите. Ќе се сложите ли?

Д. Бојаџиев: Љубовта се бори на еден начин, само со љубов. Ако се борите со исто оружје против злото, никогаш нема вистински победник. Фактот дека влегувате во борба е веќе погубен за душата и за вашиот извор на чиста енергија. Најголемата борба треба да е во самите нас. Да ги победиме стравот и сомнежот, да се дадеме на животот со отворени гради и ПОДИГНАТА глава и да сфатиме и да прифатиме дека состојбата на љубов ни е најприродна и најздрава како за себе, така и за околината. Мислам дека во иднина, во едно совршено општество, сите ќе бидат константно во таа состојба на свеста.

ДУКЕ (ПИЈАНО И ВОКАЛ) ВО СКОПЈЕ ЌЕ НАСТАПИ СО ТИМ ОД ВРВНИ МУЗИЧАРИ. ПОКРАЈ НЕГО, СПЕЦИЈАЛЕН ГОСТИН ЌЕ БИДЕ ТИЈАНА ДАПЧЕВИЌ, ПОНАТАМУ АКТЕРКАТА НАТАША ПЕТРОВИЌ – ВОКАЛ И НАРАЦИЈА, НА КЛАРИНЕТ ИСМАИЛ ЛУМАНОВСКИ, КОСТАС АНАСТАСИАДИС НА ТАПАНИ, МАРТИН ЃАКОНОВСКИ НА КОНТРАБАС И СТРИНГ КВАРТЕТОТ ВО СОСТАВ: ВЛАДИМИР КРСТЕВ КАКО ВИОЛИНА 1, МАЈА ЕФРЕМОВА-ШЕЌЕРОВА КАКО ВИОЛИНА 2, МАРКО ВИДЕНОВИЌ НА ВИОЛА И МАРИЈА МИХАЈЛОВСКА НА ВИОЛОНЧЕЛО

Во Скопје ни се враќате со две концерти изведби на 11 и 12 мај во Ваша режија во новиот објект на Македонската филхармонија. Концепциски, како замисливте да ѝ се претставите на домашната публика?

Д. Бојаџиев: Ќе има многу нови композиции од истоимениот албум и од филмското творештво кое го работев минативе години. Интересен факт за проектот Сон-Верба-Љубов е што иако го немав завршено албумското издание, дел од песните веќе почнав да ги изведувам на концертите во 2015 и 2016 година. Низ тие настапи црпев дополнителни инспирации на секоја посета во Македонија, па дури пред 4 месеци конечно го завршив албумското издание кое ќе го чуеме во целост на концертите во мај.


Настап во Античкиот театар во Охрид (2015)

Сакате да го аранжирате класичниот звук со призвук на македонската традиционална музика, сето тоа умеете понекогаш да го зачините и со електро бит и малку поезија...

Д. Бојаџиев: Овие настапи ќе бидат како и минатите години, акустична изведба, филмска оркестрација зачинета со поезија. Имам нов електроакустичен материјал кој премиерно ќе го изведам ова лето како гостин на Д-фест во Дојран, тоа е фузија на филмска и електронска музика. Иако сум повеќе посветен на оркестарската музика минативе години, мојата пасија кон електронската музика која трае уште од самите почетоци на мојата кариера никогаш не ме напушти.

А и кога концертирате во Македонија преферирате да мобилизирате на сцената со Вас музичари кои се Ваши долгогодишни соработници, блиски пријатели... Дали тоа значи дека сте носталгичар по дефиниција, дека Ве фаќа понекогаш копнеж за дома?

Д. Бојаџиев: По дефиниција сум неносталгичар. Секаде се чуствувам дома. Можеби долгите години поминати во Њујорк живеејќи помешан со сите цивилизации и култури на планетава го направија тоа, но мислам дека отсекогаш го имав чувството на планетарна припадност. Си ја сакам својата земја безмерно, но не се чувствувам физички приврзан, туку само мотивиран да ја негувам и да ја промовирам нејзината култура и традиција која е највредното нешто што го имаме. Што се однесува на мојот избор музичари, тоа зависи од проектот на кој работам, не само од нивниот талент и квалитет. Некои се совршени за едно, други за друго. Тоа е како кога снимаш филм и правиш кастинг. Добар кастинг е еден од многу битните фактори за добар филм.

ПО ДЕФИНИЦИЈА СУМ НЕНОСТАЛГИЧАР. СЕКАДЕ СЕ ЧУВСТВУВАМ ДОМА. МОЖЕБИ ДОЛГИТЕ ГОДИНИ ПОМИНАТИ ВО ЊУЈОРК ЖИВЕЕЈЌИ ПОМЕШАН СО СИТЕ ЦИВИЛИЗАЦИИ И КУЛТУРИ НА ПЛАНЕТАВА ГО НАПРАВИЈА ТОА, НО МИСЛАМ ДЕКА ОТСЕКОГАШ ГО ИМАВ ЧУВСТВОТО НА ПЛАНЕТАРНА ПРИПАДНОСТ

Онаму каде што зборот станува тесен да изрази некои деликатни емоции продолжува музиката... Која е таа линија меѓу зборот и музиката, каде запира едното, а продолжува другото?

Д. Бојаџиев: На музиката не ѝ треба збор за да допре и до најдлабокото место, таа сама по себе може да каже многу повеќе од кој било пишан збор. Кога се работи за филмската музика тоа е посебно важно. Најважна улога на филмската музика е да го пренесе она што најтешко може да се каже со зборови, а тоа се емоциите. Емоциите се секогаш деликатни за објаснување и за вербализирање. Колку што се посилни, толку потешко може вербално да се изразат.


Дуке Бојаџиев со Македонската филхармонија (2015)

Музиката е природниот јазик на планетава

Дали уметноста генерално произлегува од незадоволените копнежи на луѓето?

Д. Бојаџиев: Уметноста, или воопшто истото важи за креативноста од секој вид, е природна состојба на свеста кај сите нас. Пикасо вели: „Секое дете е родено како уметник, трикот е да останеш таков и кога ќе пораснеш“. Детето како што расте започнува да го рационализира животот, а рационалноста е обратнопропорционална од креативноста која бара спонтаност и честопати нерационалност.
Низ животот кога е човек во зона на комфор и на благосостојба, кога нема многу предизвици, креативноста исто така се намалува. Од друга страна, состојбата на помал или на поголем дискомфорт и секојдневна борба со предизвици се покажува секогаш како многу стимулирачки фактор. Преку процесот на креативно надминување на предизвиците низ животот најбрзо еволуираме, созреваме и одиме напред.

Да, и Андриќ честопати велеше: „Кога не сум очаен, јас не вредам ништо“. И историјата на уметноста кажува дека најмоќните дела се создадени како резултат на болка, на гнев, на револт... Погледнете ја само Герника на Пикасо, сликите на Бројгел, Кало, поезијата на Рембо, Силвија Плат, Пијанистот на Полански... Кои емоции Вам Ви ја придвижуваат креативноста?

Д. Бојаџиев: Во уметноста многу големи дела се напишани во состојба на фрустрации, на незадоволство и на патење кои многу ја поттикнуваат кративноста, но тоа не е единствен начин. Многу е битно да им верувате на инстинктите и на природата во вас, да се дадете безрезервно на непознатото. Kога работам на филм толку многу се отворам емотивно и се соживувам со филмот и со карактерите, до ниво на лично искуство, како мене да ми се случила нивната приказна. Кога работам на авторска музика канализирам емоции од секојдневието, кои многу полесно ги изразувам во музика, отколку да ги искажам во зборови. На некој начин се ослободувам од нивната тежина наедно претворајќи ги во нешто што има своја убавина и останува. Музиката ми е најприроден начин на емотивно изразување и тоа го правам од раното детство. Не можам да предвидам кога ќе ми дојде наплив на инспирација, но секогаш сум подготвен да ја преточам во нешто креативно.

Имате интригантно музичко филмско портфолио. Сте работеле музика за холивудски оскаровци, за режисери кои се столбови на балканската кинематографија... Од постоечките слики добивате инспирација да создавате музика или да работите на слепо, по интуиција?

Д. Бојаџиев: Имав среќа низ кариерата да работам со навистина врвни режисери, мајстори на својот занает, чии дела беа сами по себе многу инспиративни. На секој филмски проект процесот е различен. За последните два филма, на Рајко Грлиќ и на Вељко Булајиќ, голем дел од музиката напишав пред да се сними филмот инспириран од нивните сценарија кои беа мајсторски напишани. Потоа, кога ќе ја добијам сликата, ја адаптирам напишаната музика и пишувам по потреба нова сѐ додека не профункционира со сликата до точка на заемно задоволство меѓу мене и режисерот. До балчак почнав да го работам кога филмот беше речиси во финален едит. Така е најидеално бидејќи и самата слика е дополнителна инспирација при процесот на креирање на музиката.


Настап на Бојаџиев во Карнеги хол (2011)

Има филмови чии челични приказни по години и години сѐ уште живеат во сеќавањето најмногу поради нивните музички саундтраци, како музиката на Преиснер во Синото на Кишловски или Зимер во сите филмови на Нолан, Ескот во филмовите на Меквин, тандемот Џон Вилијамс и Спилберг, Рота и Копола... Имате ли Вие омилен филмски саундтрак кој Ви го враќа филмот во сеќавање?

Д. Бојаџиев: Мои два најомилени филмски саундтрака кои имаа големо влијание во мојот развој како филмски композитор се Блејд ранер (Blade Runner) на Вангелис и Еднаш многу одамна во Америка (Once upon a time in America) на Енио Мориконе. Кога го гледав првпат Еднаш многу одамна во Америка имав 12 години. Толку бев фасциниран од музиката што утредента отидов повторно во кино на истиот филм и само ја слушав и ја впивав музиката со затворени очи.

Ако политиката и религијата ги раздвојуваат луѓето, тогаш уметноста, говорам за онаа чесна и добра уметност, може многу лесно да воспостави единство меѓу луѓето. Особено музиката, таа лесно комуницира, дури и кога не го разбираме јазикот. Во што се состои нејзината есенција според Вас?

Д. Бојаџиев: Музиката е природниот јазик на планетава, јазикот со кој духовното во нас директно комуницира. Енергијата што се шири кога има искрена уметничка комуникација е божја, вонвременска, ја чисти и ја лекува душата. Често велам дека на моите концерти јас уживам во најмала рака исто колку и публиката бидејќи во процесот на искрена изведба уживаат еднакво и изведувачот и публиката, сите кои ја примаат таа енергетска дразба што се ослободува при изведбата. Има нешто многу исконско и природно во сето тоа. Музиката ги крши бариерите на времето и на просторот, на религиите и на културите и нѐ пренесува на едно друго ниво на универзална свест.

ЕМОЦИИТЕ СЕ СЕКОГАШ ДЕЛИКАТНИ ЗА ОБЈАСНУВАЊЕ И ЗА ВЕРБАЛИЗИРАЊЕ. КОЛКУ ШТО СЕ ПОСИЛНИ, ТОЛКУ ПОТЕШКО МОЖЕ ВЕРБАЛНО ДА СЕ ИЗРАЗАТ

Американската рецептура го инфицираше светот со фуриозниот начин на живеење, потрагата по вечна младост, товарот да се биде постојано успешен и на врвот, биди фит, биди среќен, биди млад, биди пожелен, биди модерен, биди онлајн... сето ова му прави константен притисок на срцето, а Вие живеете во центарот на Големото јаболко, соработувате со луѓе од филмската индустрија... од шоу-бизнисот. Како се справувате со овие предизвици?

Д. Бојаџиев: Јас не живеам по индустриските трендови, не сум во потрага по вечната младост ниту пак носам товар да бидам успешен. Не следам модни трендови, имам изградено свој стил на облекување кој, пред сѐ, ме прави да се чувствувам удобно и комфорно. Живеам инстинктивно, го следам внатрешниот порив и сум максимално фокусиран на она што го работам. Во Њујорк постојат многу паралелни димензии на живеење и секој наоѓа различни предизвици кои го движат напред. Јас континуирано го канализирам во музика сето она што ми доаѓа и на различни начини го споделувам со светот. Тоа е мојата животна мисија.


Разговараше: Ивана Тасев
фото: Стивен Крафорд и приватна архива

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top