Е-Б-Ф-Б
ПРЕКУ ПРОЦЕС НА ОДЛУЧУВАЊЕ ЗАСНОВАН НА ПОДАТОЦИ ДО ЗГОЛЕМЕНА ПРОФИТАБИЛНОСТ

Катерина Бошевска
Авторот е генерален директор на EOS Матрих Македонија и EOS Црна Гора

Живееме во време на брзи случувања, брзи и лесно достапни информации, кратки рокови и ограничено време за носење одлуки. Оттука потребата за носење брзи, но издржани одлуки кога станува збор за бизнисот е сè понагласена.
Едно решение е концептот на масовни податоци кој може да се искористи за да се создаде аналитички екосистем во некоја организација. Целта е да се направи придвижување од интуитивно носење одлуки кон прилагодени одлуки базирани на податоци. Ова ќе биде овозможено само преку вложување на време и на ресурси во креирање платформи кои ќе развиваат самоучечки и антиципативни алатки за носење одлуки. Како генерален директор на македонската подружница од интернационална компанија за финансиски услуги, прашањето како масовните податоци можат да ни помогнат за подобрување на нашите услуги преку подобро одлучување и подобри процеси воопшто се наметнува секојдневно.
Професорот од бизнис-школата на Харвард, Мајкл Џенсен, имал став дека делегирањето на правото за одлучување на начин кој води кон максимизирање на резултатите од работењето во една организацијата е исклучително комплицирана и контроверзна задача на менаџментот. Клучниот предизвик, според него, при поставување на процесот за одлучување е да се осигура дека вистинските одлуки се носат од вистинските луѓе. За да се постигне ова, вели тој, потребно е да постои процес на одлучување во кој:
- редовно ќе се ревидираат начините како се распределуваат одлучувачките авторитети низ организацијата;
- ќе избегнува преголема децентрализација, но и демократија;
- доделувањето на одлучувачките авторитети е јасно и недвосмислено.

Во услови кога ова функционира, организацијата мора да е свесна дека процесот на одлучување не треба да се мери според резултатот од одлучувањето и декa понекогаш и добрите одлуки даваат лоши резултати.
Во самиот процес на одлучување значајна улога имаат податоците со кои располага организацијата, но и очекувањата на менаџментот базирани на претходни искуства – интуицијата. Клучното прашање е што преовладува во процесот на носење одлуки – податоците или интуицијата.

МАСОВНИ ПОДАТОЦИ (BIG DATA) ПРЕТСТАВУВА ’СЕКОЈ СЕТ НА ПОДАТОЦИ КОЈ Е ТОЛКУ ОБЕМЕН ШТО Е КОМПЛИЦИРАНО ДА СЕ ОБРАБОТИ КОРИСТЕЈЌИ ТРАДИЦИОНАЛНИ АПЛИКАЦИИ ЗА НИВНА ОБРАБОТКА‘. ВО СИТУАЦИИ КОГА СЕ СООЧУВАМЕ СО МАСOВНИ ПОДАТОЦИ, НАМЕСТО ПРИСТАП СО КОЈ НИЕ СОБИРАМЕ ПОДАТОЦИ И ПОТОА ГИ АНАЛИЗИРАМЕ (ДОСЕГАШНАТА ПРАКТИКА НА ОБРАБОТКА НА ПОДАТОЦИТЕ), СЕГА МОРАМЕ ДА ЗБОРУВАМЕ ЗА ПРИСТАП КОЈ ОЗНАЧУВА ЕДЕН ВИД (НОВ) КОНЦЕПТ НА ДЕЈСТВУВАЊЕ ВО ПРИСТАПОТ КОН ПОДАТОЦИТЕ, А КОЈ ПОДРАЗБИРА: СОБИРАЊЕ, ИДЕНТИФИКАЦИЈА И ДЕЈСТВУВАЊЕ

 

Предизвикот на секоја организација е процесот на одлучување да биде заснован примарно на податоци и тој да води во насока на подобрување на профитабилноста на самата организација. Одлуките засновани на податоци можат да помогнат кон зголемување на профитабилноста така што ќе го забрзаат процесот на одлучување, ќе ги зголемат ефикасноста и продуктивноста со намалување на трошоците преку воведување иновации. Дополнително одлуките засновани на податоци можат да придонесат за подобрување на финансиските резлтати преку намалување на ризикот и пронаоѓање нови пристапи за деловните прашања.
Во денешно време секоја организација се соочува со предизвикот да управува со масовни податоци (big data) и да имплементира решенија за обработка на масовни податоци наспроти досегашната практика и фокус на податоците. Масовни податоци претставува ’секој сет на податоци кој е толку обемен што е комплицирано да се обработи користејќи традиционални апликации за нивна обработка‘. Во ситуации кога се соочуваме со масoвни податоци, наместо пристап со кој ние собираме податоци и потоа ги анализираме (досегашната практика на обработка на податоците), сега мораме да зборуваме за пристап кој означува еден вид (нов) концепт на дејствување во пристапот кон податоците, а кој подразбира: собирање, идентификација и дејствување.

Досегашниот пристап на собирање податоци и нивно анализирање е пристап каде што начинот на кој се собираат податоците треба да биде во корелација со целта како планираме да се анализираат и да се користат податоците. Пристапот за собирање податоци вообичаено е определен пред да се започне со собирање на податоците, а во ситуации кога се користат постоечки податоци важно е да се знае како податоците се собрани за да можат да се утврдат ограничувањата кои би произлегле од воопштувањето на резултатите и во таа насока да се имплементираат соодветни анализи. Сите податоци вообичаено се собираат преку квалитативни и квантитативни методи кои имаат цел да одговорат на тоа зошто и како ќе се користат собраните податоци.

Пристапот „собирање, идентификација и дејствување“ е пристап за обработка на масовни податоци. Станува збор за обработка која е базирана на самиот податок. Овој пристап започнува со точно утврдување што и како треба да се мери и да се анализира. Самиот пристап ни помага да не се изгубиме низ самите податоци и наместо тоа нè води да анализираме широко и длабоко; нè држи фокусирани на резултатите и ја осигурува повратната спрега со нашата стратегија; нè учи да соработуваме со нашите засегнати страни, менаџерите и тимовите во насока на разбирање на она што е значајно од применетиот пристап за анализа и кои резултати ќе нè водат кон дополнително подобрување на остварувањата и задржување на клиентите.

Една од важните придобивки од решенијата за управување со масовни податоци е слободниот проток и користењето на податоците низ целата организација. Различни сектори низ организацијата имаат достапност до податоците и можат да идентификуваат индивидуални корисности од податоците и навремената обработка на податоците, секој за сопствените процеси на работење. Така, на пример, за оперативните менаџери анализата на податоците во реално време е многу корисна за тие да носат навремени одлуки за корекции на оперативниот процес, односно да преземаат дејствија од сознанијата добиени од страна на анализите, а со цел да ги оптимизираат нивните резултати.
Притисокот кон менаџментот на организациите да носат навремени и прецизни одлуки никогаш не бил поголем. Голем број организации во самите процеси на одлучување интегрираат активности како на пример лоцирање на потребните податоци (data capture) и анализи. Поголемиот број врвни менаџери и раководители ги прошируваат своите знаења и вештини со цел да можат да интегрираат аналитички решенија и алатки во нивното секојдневно донесување деловни одлуки.
Постојат и добри примери кои потврдуваат дека организациите кои се потпираат на своите податоци во процесот на одлучување имаат подобри финансиски резултати. (Студијата на ИБМ покажува дека организациите кои користат масовни податоци во процесот на одлучување искусиле 20 пати пораст на профитот и 30 % повисок поврат на инвестираниот капитал).

Организациите за да ги користат своите податоци како основа за процесот на одлучување треба да ја имаат инкорпорирано аналитиката низ целата своја организација, да имаат постигнато свесност за своето високо ниво на аналитичка зрелост и да имаат висока транспарентност во процесот на одлучување.
Сепак, ова сè уште е реткост, па така на пример во студијата спроведена од страна на аналитичкиот центар на Харвард бизнис школата (Harvard Business Review Study) под наслов Еволуција на одлучувањето: Како водечките организации се прилагодуваат кон корпоративна култура заснована на податоците (data-driven culture), добиените резултати покажуваат дека само 11 % од испитаните организации се наоѓаат во оваа категорија.
Од сите значајни придобивки од примената на аналитика во нашето одлучување, најважна е брзото одлучување. Брзината на одлучување може да ја трансформира организацијата. Оние раководители кои имаат јасна визија каде сакаат да бидат со аналитиката можат да се движат побрзо во процесот на трансформација на својата организација.

ОРГАНИЗАЦИИТЕ ЗА ДА ГИ КОРИСТАТ СВОИТЕ ПОДАТОЦИ КАКО ОСНОВА ЗА ПРОЦЕСОТ НА ОДЛУЧУВАЊЕ ТРЕБА ДА ЈА ИМААТ ИНКОРПОРИРАНО АНАЛИТИКАТА НИЗ ЦЕЛАТА СВОЈА ОРГАНИЗАЦИЈА, ДА ИМААТ ПОСТИГНАТО СВЕСНОСТ ЗА СВОЕТО ВИСОКО НИВО НА АНАЛИТИЧКА ЗРЕЛОСТ И ДА ИМААТ ВИСОКА ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО ПРОЦЕСОТ НА ОДЛУЧУВАЊЕ

Сепак, во процесот на одлучување споменавме дека значајна улога имаат очекувањата на менаџментот базирани на претходни искуства – интуицијата. Како што се придвижуваме кон одлуки засновани на податоци, интуицијата на менаџментот добива нова улога. Сепак носењето навремени и вистински одлуки е прашање на баланс меѓу анализата на податоците и интуицијата.
Овој баланс, според веќе споменатата студија на Харвард бизнис школата (Harvard Business Review Study), организациите го постигнуваат со создавање на еден таканаречен аналитички екосистем (analytics ecosystem) кој еволуира од примената на најдобрите практики на дејствување прифатени како резултат на стратегиите имплементирани од страна на водечките корисници на аналитиката во процесот на одлучување. Според студијата, еволуцијата на аналитичкиот екосистем минува низ 5 фази:
Фаза 1. Преголема зависност на менаџерската проценка заснована на интуиција и на инстинкт, што многу често е случај дури и денес.
Фаза 2. Употреба на аналитиката во неколку оддели, главно во финансии и маркетинг. Во оваа фаза врвниот (па дури и линискиот) менаџмент сè уште има недоволни технички знаења за напредна употреба на податоците. Повеќето од менаџерите не ги разбираат можностите на аналитиката и како резултат на ова недоволно ја охрабруваат меѓусекторската соработка и развивањето на една споделена визија за организациските цели.
Фаза 3. Проширување на употребата на аналитиката во неколку сектори и зголемена меѓусекторска соработка. Се развиваат системи на знаење во одделните сектори кои балансираат меѓу секторските и организациските цели. Аналитиката веќе се препознава како основно средство, дури и на секторско ниво. Во оваа фаза се постигнува комбинација од користењето на менаџерскиот инстинкт и податоците во процесот на одлучување.
Организациите кои развиваат свој аналитички екосистем ги базираат своите одлуки на податоци и градат една соодветна корпорациска култура ориентирана кон податоци.
Фаза 4. Преку холистички пристап се распределува процесот на одлучување низ целата организација. Технологијата се внесува сè подлабоко во организацијата и тоа охрабрува повеќе менаџери да носат одлуки во секојдневните процеси кои се базираат на податоците и на инстинктот. Во оваа фаза при остварување на организациските цели се охрабруваат иновациите и независноста во преземањето на пресметани ризици во процесот на одлучување.
Фаза 5. Клучна фаза кога организацијата има способност да се прилагоди и да се развива брзо. Деловната аналитика е клучниот метод за брзо симулирање, тестирање и евалуација на идеи. Работниците се проактивни и креативни. Концептот на континуирано усовршување има ориентација кон напред преку развивање на предвидувачки модели кои се сметаат за најнапредната фаза од аналитичката еволуција.

Сепак, најчесто во компаниите сè уште поставеноста е од врвот надолу. Дури и потребата за одлуки засновани на податоци е поставена од врвот надолу. Но, кога врвните менаџери обрнуваат внимание на податоците во процесот на одлучување, тоа го забележуваат и останатите вработени, па се обидуваат истото тоа да го имплементираат во своите процеси на одлучување. Така се постигнува една промена во начинот на размислување на организацијата, на ставот и на културата. Се создава култура на организацијата која е заснована на податоци, односно се создава аналитичкиот екосистем како интегрален дел на организацијата во сите сектори. Аналитичарите во компанијата стануваат внатрешни консултанти во процесот на носење одлуки. Преку обуки се развиваат најдобри решенија и аналитички параметри. Се унапредуваат вештините за интегрирање на аналитички модели во секојдневните операции и се балансира меѓу податоците и инстинктот во процесот на одлучување.
Податоците и анализата на податоците се користат повеќе од 50 години, но дури сега сме на почетокот на развивање модели и решенија кои се антиципативни, кои предвидуваат што доаѓа и што ќе се случува. Зборуваме за аналитички центри кои се клучен фактор за успехот на организациите денес. Тие аналитички центри креираат иновативни пристапи, лесно прилагодливи решенија кон секакви ситуации и решенија кои сами од себе учат за уште подобри резултати. Во овој нов концепт аналитиката не е само една алатка или една технологија, туку е како една локомотива која вози кон дисциплинирање на процесот на одлучување и забрзува во една ера на културни промени и потреба од подобрени перформанси.

Поддржано од ЕOS Матрих 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top