Е-Б-Ф-Б
МАКЕДОНСКИ ЕКОНОМСКИ ПРИКАЗНИ

Александар Стојков

 

 

 

Македонски економски приказни е зборник од кратки статии кои беа објавувани во реномираниот месечник Економија и бизнис во периодот од 2015 до 2017 година. Поканата да пишувам за овој угледен бизнис-магазин дојде од еден од најдобрите економисти во Република Македонија, сосопственик на магазинот, м-р Зоран Јовановски. Тој успеа да го ребрендира магазинот и да собере респектабилен тим на економски истражувачи и новинари со прогресивни идеи и критички настроена тастатура. Изборот на економските теми беше слободен, со неодминливата сугестија дека би било добро да избегнуваме политички обоени анализи.

И навистина, повеќето економски дискусии во Република Македонија се толку политички поларизирани, што самата појава на говорникот или на колумнистот е сосема доволна за да се одреди неговото или нејзиното место во политичкиот спектар. Едноставно склони сме кон политичко етикетирање и градење стереотипи. Политичката поларизација во македонското општество неминовно води кон екстремна сензитивност на критика, колку и да е таа конструктивна. Држејќи се до сопствениот политички неоптоварен став, знам дека некои статии наидуваа на критики од сите засегнати страни.
Мотивот да се пишуваат кратки статии е всушност содржан во еден мој фејсбук-статус: „Се намножиле експерти како дојрански комарци среде лето. Зујат ли зујат во егоцентрични кругови. Кардиолозите почнале да зборуваат за остеопороза, а офталмолозите за бронхопневмонија. Во економиката, политологијата и правото колку сакаш самопрогласени експерти. Не е толку важна содржината на говорот, важно е дека човекот настапува на телевизија. Не е толку важно дали држат заклучоците, туку дали држи лакот за коса ставен пред неколку часа во фризерскиот салон. Неподносливата леснотија на искажаниот збор дозволува лесно ширење на социјални епидемии и манипулирање со јавноста. Наместо да се покажува знаење од страна на стручњаците, се искористува незнаењето на пошироката јавност.“
Дел од ставовите се популаризација на наоди од научни статии кои ги имам објавено во меѓународни економски списанија индексирани во базите за општествените науки, Social Sciences Citation Index и Scopus. Стилот на пишување во овие списанија е најчесто суров, студен, рационален и понекогаш здодевен. Тој е неверојатно ограничувачки за оние со поетска душа и послободен литературен стил. Оттука страниците на Економија и бизнис беа вистинското платно на кое можеше слободно и радикално да се насликаат главните проблеми, предизвици и можни решенија за македонската економија. Особено сакам да експериментирам со литературните стилови: еднаш ги следам кратките реченици на Ернест Хемингвеј, втор пат (неуспешно) се обидувам да го имитирам неспокојниот мисловен тек на Фјодор М. Достоевски, трет пат во мене пишува државниот службеник кој неволно ткае здодевен текст со стриктно зададен рок, а четврти пат од мене извира цинизмот на израелскиот сатиричар Ефраим Кишон. Најдобриот критичар на писанијата беше и остана мојата Александра која покажа неверојатно големо разбирање за творечкиот потфат, но и огромна нетолеранција кон моите долги или недоволно јасни реченици во првите верзии на статиите.
На крајот им должам посебна благодарност на моите претходни и сегашни студенти кои од мене бараа поедноставување на сложената економска стварност и слободно дебатираа за бројни актуелни настани и предизвици во светската и македонската економија. Децата на Македонија – како што ги нарекувам – ќе останат инспирација за сите нас кои низ конструктивни дебати и истражувања трагаме по толку посакуваните одговори на економските предизвици.
Книгата се наоѓа во продажба во книжарницата Авогадос.


Александар Стојков

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top