Општество
СВЕТЛАТА СТРАНА Е НОВИОТ РОКЕНРОЛ

Борјан Зафировски
двигател на среќата

Филмскиот режисер Борјан Зафировски го сними својот прв долгометражен игран филм со наслов Ефектот на среќата. Филмот веќе беше претставен на маркетот на Канскиот филмски фестивал пред респектабилни странски дистрибутери, агенти и продуценти од целиот свет и доби високи оценки. Филмот е во последна фаза на постпродукција, а светската премиера ќе зависи од заедничката стартегија на дистрибутерот на филмот, продуцентската куќа Ново македонско видео и копродуцентите Њу момент. Приказната ги поставува вистинските прашања за тоа како и со кого го трошиме времето што ни е дадено за овој живот, оставаме ли трага од своето постоење, кому и зошто му значиме, кој тагува по нас откако ќе нѐ нема и конечно дали присуството на еден човек, на неговата енергија, неговата индивидуалност води кон позитивна промена или не.

 

Неодамна филмот имаше затворена проекција на филмскиот маркет на Канскиот фестивал пред голем број странски дистрибутери, реномирани агенти и продуценти од целиот свет. Кои беа првите реакции?

Реакците беа онакви какви што се надевавме и посакувавме да бидат, но ако сме навистина искрени можеби поминавме и малку подобро отколку што се надевавме. Сепак, и за мене и за продуцентите, ова е прв долгометражен, игран филм, а канската сцена е грандиозна, фестивалот е извонреден. Задоволни сме што успеавме да се подготвиме во многу кус рок. Иако филмот се води под категоријата „work in progress“, значи не беше комплетно завршен во поглед на колор корекцијата, тонот и визуелните ефекти, а и проекцијата беше во термин кој се смета за рано утро во филмската индустрија, салата беше полна. Во одреден дел претпоставувам дека тоа беше резултат на контактите кои ги имавме претходните денови со различни професионалци од филмската индустрија, темата за потрага по среќата е универзална, луѓето ја препознаваат, ги интригира бидејќи нуди милиони перспективи за толкување. Верувам ги интересираше која беше нашата позиција. Притоа мислам дека помалку беа и изненадени дека конечно од Балканот доаѓа филм кој е модерен, кој не зборува за трауми од војните, не покрива конфликти, не претставува само сиромаштија, туку едноставно студира проблем на современо семејство во голем, модерен град и се обидува да одговори на прашања врзани со вечниот страв од смртта и со малите животни радости. Веднаш по проекцијата добивме покани за претставување на неколку реномирани европски фестивали, а веќе сме во преговори со неколку дистрибутери и агенти за продажба. Не би сакале да избрзуваме со проценките, сепак филмот е деликатен во својата суштина, и јасно ни е дека реакциите во филмската индустрија и оние на публиката во киносалите можат да бидат и различни, но задоволен сум за можноста да го реализирам онака како што го замислував.

Како што кажавте, филмот е речиси комплетно спакуван и ја чека својата премиера. На кој град го забодевте Вашето пикадо?

Филмот е во последната фаза на постпродукција, а светската премиера ќе зависи и од заедничката стратегија која ќе ја направиме со дистрибутерот на филмот, продуцентската куќа Ново македонско видео и копродуцентите Њу момент. Засега приоритетни фестивали за премиера ни се Берлин, Санденс или Ротердам. Учеството на такви големи и реномирани филмски сцени ќе претставуваат и потврда дека поддршката која ја добивме, пред сѐ од Агенцијата за филм на Република Македонија, но и агенциите за филм од Србија, од Црна Гора и од Косово, се базирала на добра проценка која ќе се врати на сите со успешна промоција и квалитетен производ.

ПРОДУКЦИЈАТА НА ФИЛМОТ Е НА НОВО МАКЕДОНСКО ВИДЕО, А НАЈГОЛЕМИОТ ДЕЛ ОД БУЏЕТОТ Е ОБЕЗБЕДЕН ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. КОПРОДУЦЕНТИ СЕ ЊУ МОМЕНТ И НАЦИОНАЛНИТЕ ФИЛМСКИ ФОНДОВИ НА СРБИЈА, НА КОСОВО И НА ЦРНА ГОРА. ГЛАВНИТЕ ЛИКОВИ ВО ОВА ОСТВАРУВАЊЕ ГИ ТОЛКУВААТ: ДЕЈАНА ПОПОСКА, САШКО КОЦЕВ И АНА СТОЈАНОВСКА, ДОДЕКА ВО ОСТАНАТИТЕ УЛОГИ СЕ ПОЈАВУВААТ САРА АНАСТАСОВСКА, ЈОВИЦА МИХАЈЛОВСКИ, ПЕТАР АРСОВСКИ И МИМИ ТАНЕВСКА. ПОКРАЈ ТОА ШТО Е РЕЖИСЕР, ЗАФИРОВСКИ ГО НАПИША И СЦЕНАРИОТО ВО СОРАБОТКА СО ПОЗНАТИОТ МАКЕДОНСКИ ДРАМАТУРГ И ПИСАТЕЛ ДЕЈАН ДУКОВСКИ

Филмот ја следи приказната на младата Леа која се бори за своето здравје и преиспитувајќи го својот живот почнува невообичаена потрага по среќата, ефектите од неа врз другите луѓе и можноста од нејзино ширење и мултиплицирање. Филмот отвора прашања за смислата на животот и потрагата по среќа или успева да даде и одговори?

Ликот на Леа соочен со смртта минува низ тешки моменти на самоспознавање и себепреиспитување кои ја доведуваат до состојба на еден вид трауматско просветлување. Филмот, преку ликот на Леа, можеби не ги дава сите одговори за тоа каква е и каде е среќата, но сигурно ги поставува вистинските прашања за тоа како и со кого го трошиме времето што ни е дадено за овој живот, оставаме ли трага од своето постоење, кому и зошто му значиме, кој тагува по нас откако ќе нѐ нема и конечно дали присуството на еден човек, на неговата енергија, неговата индивидуалност води кон позитивна промена или не.

„Стигнавме до Месечината, но сѐ уште не научивме да бидеме среќни“ е нагласената максима која ја води приказната низ филмот. Морам да Ви поставам едно амбициозно прашање. Што е среќа според Вас, Борјан, и постои ли универзален одговор? Кога веќе се занимавате со оваа исклучително комплексна тема...

„Се качивме на Месечината, а сѐ уште не научивме како да бидеме среќни“ укажува на тоа дека човештвото не се занимава со суштинските работи кои се во нас, туку многу повеќе им придава значење на екстерните појави кои се помалку битни. Според мене елементите кои се клучни за нашата среќа и здравје треба да се учат уште во основно училиште каде што би требало да има часови по јога, нутриционизам и позитивно размислување. Човечкото тело е дизајнирано да биде среќно и да биде здраво, но треба да знаеме како да го одржуваме такво. За она што е среќа за мене би можел да напишам цела книга, но накусо тоа е состојба на хармонија и на вортекс на позитивни мисли кои се многу блиски до љубовта.

Среќата е многу релативна работа во зависност од психолошкиот пресек на човекот. Да не заборавиме, некои луѓе ги прави среќни правењето војна, други пљачкосувањето, трети затскривајќи ги своите перверзни искуства се претставуваат како духовни и исполнети... Мислам дека по домашното воспитување, егото игра главна ролја во креирањето среќа кај најголем број од луѓето. Што мислите Вие?

Егото е вечна тема на психолозите и на спиритуалистите, но мислам дека често е погрешно интерпретирана и разбрана. За мене егото разбрано како чувство на високо себевреднување е сосема во ред доколку доаѓа од изворот на искрена себељубов која е резултат на себекултивирање. Таа искрена љубов се манифестира и како љубов кон другите. Доколку се одразува со омраза и со омаловажување на другите, тогаш тоа е заблуда и лажна самодоверба која трае кратко и се руши како кула од карти.

Сценариото за филмот го напишавте Вие во соработка со драматургот Дејан Дуковски. Се сеќавам дека уште пред да почнете да го пишувате правевте истражување меѓу луѓето што претставува среќата за нив. До какви заклучоци дојдовте тогаш?

Тоа можеби беше една од најинтересните фази во создавањето на сценариото и на проектот. Резултатите беа комплетно неочекувани, од околу 50 испитаници ниедна приказна не се совпаѓаше со другата. Сите имаа уникатно искусување на среќата на различни нивоа и начини, кај некои среќата била искусена преку визуелни случувања, кај други тактилно, аудитивно, дигестивно, мисловно, хемиски. Од една страна, тешко е да се претстави на филм нешто што не е дефинирано прецизно, но од друга, пак, токму тука лежи уметничката слобода, да се најде аголот кој, во еден случај, за една личност, има смисла и функционира. Се секој следен човек правилата се менуваат. Малку филозофски ќе звучи, но среќата е во секој од нас, ние треба да направиме лични напори за да ја лоцираме и да го селектираме најдобриот процес за себе.

Главните улоги им ги доделивте на искусниот Сашко Коцев, понатаму на Дејана Попоска и на Јана Стојановска. На кој принцип ги кастиравте актерите, што Вам Ви беше пресудно во изборот?

Кастингот на Сашко Коцев и на Ана Стојановска беше лесен и без многу двоумење поради нивниот природен талент за филмска глума и психофизички сличности со ликовите кои требаа да ги играат. Кастингот за главниот лик Лео траеше речиси една година, поминаа многу кастинг сесии и многу актери, но никако не можев да го видам Лео во никого поради специфичноста на неговиот лик и неговиот карактер. На последната кастинг сесија се пријави Дејана Попоска која дојде на пробно снимање за еден од споредните женски ликови. Веднаш забележав дека иако таа е девојка поседува квалитети кои се потребни за ликот на Лео. Тогаш се одлучив за една неочекувана варијанта, а тоа е Лео да биде Леа без да биде ништо променето во сценариото. Како режисер секогаш ми бил побитен карактерот на ликот отколку неговиот пол.

Идејата за среќен живот

Животот е фузија, калеидоскопски спектар од емоции, микс од болка, радост, гнев, среќа, револт, спокој, тага, еуфорија... Ќе го цитирам Вуди Ален кој вели дека е важно да се смеете, но мора и да страдате малку, во спротивно се губи целата поента на животот. Па затоа Ве прашувам, верувате во когнитивноста на луѓето кои конзистентно сеат гугл статуси по рецептура на Коељо за константна среќа, мир, духовност и спокој?

За мене е многу подобро да се споделуваат празни статуси за мир, за среќа и за хармонија, отколку празно хејтање. Убавината на животот е секако во неговиот спектар на искуства и емоции, но мислам дека во Македонија заглавивме во некои ниски емоции од спектарот и вртиме во луп. По некои истражувања Македонија е на претпоследно место во Европа по индексот на среќа, па мислам дека манифестирање на позитивизам на кое било ниво не е на одмет.

Се сеќавате на Мерил Стрип во филмот Часови кога зборува за почетокот на среќата и вели: „Се разбудив едно утро во мугрите и почувствував дека ова е почетокот на среќата, тука таа почнува и се разбира ќе има уште повеќе од неа, но никогаш не сфатив дека тоа беше моментот на среќата...“. Ќе се согласите дека среќата е момент, а не дурација?

Среќата секогаш варира и не е предвидена да трае вечно како некоја константа. Но, идејата за среќен живот е да се создадат низа од среќни моменти.

ГЛАВНАТА МИСИЈА Е ДА СЕ ЗАСАКАМЕ СЕБЕСИ, САМО ТОГАШ САКАЊЕТО НА ДРУГИТЕ ЌЕ БИДЕ ВИСТИНСКО. ТОГАШ БЛАГОДАРНОСТА И ЕМПАТИЈАТА СЕ МНОГУ ПОДЛАБОКИ.

Современата култура на живеење го форсира концептот да бидеме постојано среќни. Тоа се очекува од нас. Невозможно е некој постојано да е среќен, среќата раѓа многу често плиткост. Зарем не мислите дека болката е таа која нѐ созрева и самите искуства?

Можете да бидете среќен како мудрец и можете да бидете среќен како глупак, но вредноста на тие две среќи не е иста. Болката и тагата се сосема во ред, но не би ги ставал на некаков интелектуален пиедестал. Како режисер нив ги користам во филмот само како емотивна катарза по која треба да се дојде до поголемо вреднување и благодарност кон животот. Мислам дека интелектуалците имаат склоност кон преголемо естетско вреднување на негативните емоции. Сите знаат дека Данте го напишал Пеколот, но ретко кој го знае и го читал Рајот. Мислам дека идните интелектуалци ќе имаат поголемо разбирање и светла страна. За мене светлата страна е кул, светлата страна е новиот рокенрол.

И на крајот, дали среќата е преценета? Кога не би биле во постојана потрага по неа, можеби би биле посреќни и би знаеле да уживаме во нејзиниот момент. Сите сме егоистично свртени кон себе. Зарем среќата не е во изразувањето благодарност кон тие кои ги љубиме, кон животот генерално? Можеби доколку бидеме поемпатични во тоа е тајната на среќата, доколку се свртиме повеќе надвор, а помалку кон себе?

Можеме искрено да сакаме нанадвор само доколку прво искрено сакаме навнатре, т. е. себеси. Е, сега прашањето е колку сме како луѓе, како цивилизација на 21 век подготвени малку да се помачиме во себеспознавањето за потоа да бидеме од корист и за останатите околу нас. Дали му влегуваме на секој нов ден со ентузијазам, со план, со листа од мали задоволства или му оставаме на календарот само да врти страници, на празни моменти. Мислам дека главната мисија е да се засакаме себеси, само тогаш сакањето на другите ќе биде вистинско. Тогаш благодарноста и емпатијата се многу подлабоки.

Разговараше: Ивана Тасев
фото: Александар Ивановски
и приватна архива

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top