Е-Б-Ф-Б
ЕФЕКТИТЕ ОД НАЈВАЖНАТА СПОРЕДНА РАБОТА НА СВЕТОТ ВРЗ РУСКАТА ЕКОНОМИЈА

Кирко Бошкоски

Светско фудбалско првенство – РУСИЈА 2018

 

Од 14 јуни до 15 јули оваа година Русија ќе биде домаќин на 21. светско фудбалско првенство. Ова ќе биде прво Светско првенство што ќе се одржи во Европа по турнирот во Германија во 2006 година и прво Светско првенство воопшто одржано во Источна Европа. Исто така ова ќе биде трето последователно Светско првенство одржано во една од земјите на БРИКС (Јужна Африка 2010 и Бразил 2014 беа претходните две).

Русија ја поднесе својата кандидатура на почетокот на 2009 година и беше избрана од Извршниот комитет на ФИФА во Цирих на 2 декември 2010 година победувајќи ги Англија и заедничките понуди од Португалија / Шпанија и Белгија / Холандија.
Претседателот Владимир Путин се надева дека ќе го искористи Светското првенство за да ја покаже Русија како глобална суперсила и дека преку приливот на туристи и нивното трошење ќе ги заживее областите во земјата каде што економијата стагнираше. Повеќе од 1,5 милиони странски туристи се очекува да ја посетат Русија за време на Светското првенство. Според шефот на руската Федерална агенција за туризам, Олег Сафонов, оваа бројка веројатно ќе се ревидира нагоре по добиените информации од продажбата на авионски билети на крајот од мај. Тој исто така верува дека Светското првенство ќе има долгорочен позитивен ефект врз туризмот во Русија и може позитивно да влијае и врз руската економија.

Според организаторите Светското првенство би можело да има вкупно влијание врз руската економија од речиси 31 милијарда американски долари. Во нивниот последен извештај за економското влијание на турнирот се вели дека зголемувањето на БДП на земјата би можело да изнесува од 26 до 30,8 милијарди американски долари во периодот од 2013 до 2023 година. Тука најмногу ќе придонесат зголемениот туризам и зголемените трошоците за изградбата на нова инфраструктура поврзана со турнирот. Во извештајот се наведува и дека Светското првенство ќе ги охрабри Русите повеќе да вежбаат со што би земале помалку слободни денови за боледување. Според заменик-премиерот Аркадиј Дворкович кој воедно е и заменик-претседател на Надзорниот одбор на Локалниот организациски комитет на Светското првенство, турнирот има значителен економски ефект поради тоа што веќе го зголемил економскиот развој на регионите – домаќини на натпревари.

Вкупните трошоци за турнирот ќе изнесуваат околу 11 милијарди американски долари, што е речиси половина од првично предвидените 20 милијарди американски долари. Сепак треба да се нагласи дека тука не се влезени дел од трошоците за инфраструктура, како и трошоците за реновирање и за изградба на стадионите кои, според руските власти, ќе се случеле и без да се одржи Светското првенство. Според извештајот се очекува да се создадат околу 220 000 работни места поврзани со турнирот.

Централната банка на Русија во изјава за медиумите соопшти дека трошењата поврзани со Светското првенство веќе ѝ помогнале на економијата која забележа раст минатата година, по двегодишната криза. Позитивно влијание врз руската економија ќе имаат и зголемувањето на работните места и зголемената побарувачката на стоки и услуги со што цените на одредени стоки и услуги (храна, забава, хотели) ќе се зголемат и ќе доведат до зголемен профит на некои компании.

Од 32 екипи што ќе настапат, 20 екипи настапија и на последниот турнир во Бразил во 2014 година. Бранител на титулата е Германија, додека Исланд и Панама се дебитанти на светските првенства. Вкупно 64 натпревари ќе се одиграат на 12 стадиони, лоцирани во 11 градови. Москва, Санкт Петербург, Калининград, Волгоград, Казан, Нижњи Новгород, Самара, Саранск, Ростов на Дон, Екатеринбург и Сочи ќе бидат домаќини на натпреварите. Од 12-те стадиони што ќе се користат за турнирот, 3 беа реновирани (Лужники, Екатеринбург и Сочи), а останатите 9 се сосема нови. За тоа биле потрошени околу 11,8 милијарди американски долари. Наградниот фонд објавен во октомври 2017 година изнесува 400 милиони американски долари. Шампионот ќе добие 38 милиони. Второпласираната екипа 28, третопласираната и четвртопласираната ќе добијат 24, односно 22 милиони. Од 5. до 8. место ќе поделат по 16 милиони, од 9. до 16. место по 12 милиони и од 17. до 32. место ќе поделат по 8 милиони американски долари. Финалето ќе се одржи на 15 јули на реновираниот стадионот Лужники во Москва.

Завршните подготовки финишираат. Стартот на првенството се ближи. Наше е да уживаме во магијата што ќе ни ја понудат големите фудбалски ѕвезди.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top