Е-Б-Ф-Б
ФИНАНСИСКА АМАЛГАМАЦИЈА

Дејан Јанчевски
Авторот е економски истражувач

Кога економистите би можеле да се најдат во ситуација да експериментираат, како што тоа го прават хемичарите во нивните лаборатории, само бујната фантазија може да ни открие какви појави и продукти би се создале. Иако и носителите на економските политики понекогаш знаат да го вклучат барабанот во кој сите ние имаме улога на експериментални глувци, сепак светот на финансиите никогаш нема да биде изолирана средина во која ќе може да се прават спектакуларни експерименти. Правната регулатива, економските процедури и законитости, како и општествената и морална одговорност имаат функција на регулатори и на стабилизатори на финансиските процеси и не дозволуваат процесите да излезат од контрола.

Номенклатурскиот спој меѓу хемијата и економијата може да се анализира преку процесот на амалгамација. Со хемиски речник, терминот амалгамација е процес на спојување на жива со метали (односно живата се соединува со честички на злато (или други елементи во траги)) и нивниот продукт - амалгам понатаму се прочистува при што на крај се добива чисто злато. Во економијата терминот амалгамација означува метода преку која две или повеќе компании се спојуваат во една нова.

СИТЕ КОМПАНИИ БЕЗ РАЗЛИКА НА НИВОТО НА РАЗВОЈ ДО КОЈ СЕ СТИГНАТИ, ВО СВОИТЕ ИДНИ НАЦРТИ ТРЕБА ДА ЈА ИМААТ ПРЕДВИД АМАЛГАМАЦИЈАТА БИДЕЈЌИ КОРИСТА КОЈА МОЖЕ ДА СЕ ИЗВЛЕЧЕ ЌЕ БИДЕ ОБОСТРАНА

Финансиската амалгамација се одвива кога една голема и финансиски моќна компанија се спојува најчесто со една или повеќе компании кои имаат потешкотии во финансирањето или кај кои деловните процеси стагнираат одреден период, но спојувањето, исто така, може да биде и поради стратешки цели. Обично амалгамацијата се одвива на два начина: преку апсорпција или преку консолидација. Апсорпција е процес во кој една или повеќе компании се припојуваат кон една компанија (апсорбер-носител на новиот „амалгам“), додека консолидацијата означува процес во кој две или повеќе компании се спојуваат во нова компанија. Видовите амалгамација произлегуваат од потребата за спојување и притоа разликуваме:

1. Хоризонтална амалгамација - кога две компании кои имаат иста или слична производствена линија и делат ист пазар се спојуваат за да избегнат меѓусебна конкуренција.
2. Вертикална амалгамација - кога две компании кои работат на различни нивоа од еден производствен процес се спојуваат (на пример производител и дистрибутер) со цел да го отежнат пристапот на конкуренцијата до одреден продукт или до одреден канал на дистрибуција.
3. Амалгамација заради проширување на пазар - кога две компании кои произведуваат ист производ, но на различни пазари се спојуваат со цел географска дисперзија и поголема побарувачка (на пример производители на леб).
4. Амалгамација заради надградба на производ - кога две компании кои произведуваат различни, но поврзани производи се спојуваат со цел нудење комплетна услуга и зголемена продажба (на пример производител на леб и производител на кеси за пакување леб).
5. Конгломерат како производ на амалгамација - кога две компании кои дејствуваат во сосема различни области се спојуваат со цел да го намалат ризикот во работењето (на пример банка и осигурителна компанија).

Тоа што го одвојува процесот на амалгамација од сите останати видови спојувања е фактот што на крај се добива сосема нова компанија, а компаниите што ја формирале згаснуваат. Во новата компанија со одлука на бордот на директори, кој го води процесот на спојување, се прераспределуваат акционерските удели сразмерно на првичното учество и се припојуваат сметководствата на учесниците во амалгамацијата.

Придобивките кои ги има новата компанија најмногу ќе добијат значење во тоа што веќе нема да постои конкуренција на пазарот (или нејзиното влијание ќе биде помало), ќе се зголемат капацитетите за истражување и развој, ќе се намалат оперативните трошоци и на среден рок ќе се постигне стабилност на цените. Од друга страна, новата компанија може да предизвика низа негативности кои доколку не бидат соодветно третирани можат да го загрозат нејзиниот опстанок. Особено внимание треба да се обрне на следење на светските трендови бидејќи на домашна сцена ќе недостига здрава конкуренција, а исто така доколку со спојувањето се создаде монопол во националната економија, на повидок е отежнато функционирање и негирање. Исто така новата компанија може од старт да се соочи со негативни биланси, односно доколку една од компаниите имала долгови, автоматски тие се пренесуваат на новата компанија. При вакви аквизиции треба да се направи добра проценка за идната вредност на новата компанија и нејзините можности за развој бидејќи компаниите кои ја создаваат се откажуваат од стекнатиот идентитет и гудвил (goodwill).

Доколку го анализираме периодот од распадот на Југославија до денес, единственото прашање кое се наметнува е дали креаторите на економски политики во Македонија и генералните и извршни директори на индустриските објекти не слушнале за терминот амалгамација. Се чини дека трансформацијата на сопственоста од државна во приватна, како и натамошниот развој на новоформираните македонски компании би можел да има многу поинаков тек и да буди посреќни сеќавања доколку се применеше методот на амалгамација. Но, никогаш не треба да жалиме за тоа што поминало, туку да гледаме напред во иднината и да учиме од историјата. За жал, во нашиов случај од сопствените грешки. По тој повод сите компании без разлика на нивото на развој до кој се стигнати, во своите идни нацрти треба да ја имаат предвид амалгамацијата бидејќи користа која може да се извлече ќе биде обострана. Од поново време најпознати за македонски услови беа спојувањата на
телекомуникациските партнери ВИП и ОНЕ, како и повторното групирање на Телеком и Т-мобиле. Иако ваквите одлуки поминаа со голем број на контроверзии, мора да го прифатиме фактот дека живееме во време на модерен капитализам каде што ваквите аквизиции се темел за иден раст и просперитет како на компаниите, така и на државата. А кога сме кај државата, таа сите овие изминати години од нејзиното осамостојување како да се оградуваше од овие процеси. Единствено поволни ветрови дуваат од страна на Стопанската комора која мора да биде носител на сите бизнис-процеси во Република Македонија преку вмрежување на бизнисмените, како и активностите кои ги презема македонската берза, а кои се во насока на дигитализирање и на глобализирање на пазарниот амбиент.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top