Е-Б-Ф-Б
„MACEDONIA MEGALOPOLIS – МАКЕДОНИЈА МЕГАЛОПОЛИС“

Марјан Бојаџиев
Aвторот е ректор на Универзитет Американ Колеџ Скопје

Се однесуваме како од дрвјата да не ја гледаме шумата. А шумата е многу едноставна и се состои од две реченици. Едната е: Македонија исчезнува! Другата, пак, е: Борбата за спас од исчезнување ќе биде тешка, но не и невозможна

За да излезе од маѓепсаниот круг потребни се политики со кои Македонија ќе функционира како мегалополис, област со центар во Скопје и десет регионални центри, со одлична сообраќајна инфраструктура, соодветна регионализација и дисперзија на потрошувачката, како и дисперзија на јавната администрација во десетте регионални центри

За почеток неколку куси појаснувања: Македонија мегалополис e скромен придонес во  решавање на проблемот на Македонија која исчезнува. Така, „Насловот 1“ („Македонија мегалополис“ или „Macedonia Megalopolis“) е едно од можните решенија на „Насловот 2“ („Македонија исчезнува“ или „Macedonia fades out“). Терминот фејд аут (FADE OUT – to disappear or die gradually1) се однесува на музички израз. Во музиката постојат нумери, поточно постоеја (денес се многу ретки2) каде што музиката едноставно се придушува, се стишува и на крајот ја нема. Слично е значењето и во филмската продукција, фотографијата... Според таа аналогија фејд аут (FADE OUT) за држава би значел нејзино постепено исчезнување.

 

Овој текст почнав да го пишувам во 2017 година. На Илинден 2017 година кога Македонија се соочуваше со бројни предизвици: дали министерот Таравари ќе смени осум или триесет директори во здравството, дали Договорот за добрососедство со Бугарија е добар 50 % или 75 %, или 100 %, или е лош 50 %, или 75 %, или 100 %?
Во мај 2018 година предизвиците се слични: дали реконструкцијата на Владата ќе ги опфаќа министрите и директорите или само директорите; дали претседателот Иванов ќе го пречека претседателот на Бугарија Радев и заедно ќе присуствуваат на одбележување на Денот на бугарската армија или не...
И по сите тие дилеми се однесуваме како од дрвјата да не ја гледаме шумата. А шумата е многу едноставна и се состои од две реченици. Едната е проста: Македонија исчезнува! Другата, пак, е простопроширена: Борбата за спас од исчезнување ќе биде тешка, но не и невозможна.

Табела 1

Како знаеме дека Македонија исчезнува?
Честопати слушаме дека Источна Македонија се празни (или веќе се испразни) или дека Западна Македонија е веќе отселена и затоа партиите на етничките Албанци инсистираат пописот да се спроведе според некои други критериуми!
Да речеме дека е сето точно и покрај недостигот на егзактни податоци. Немањето попис ја прави ситуацијата прилично несигурна и нестабилна.
Доколку се обидеме да го анализираме трендот на бројот на деца во основни и средни училишта, резултат е следен: БРОЈОТ НА УЧЕНИЦИ ВО ОСНОВНИ УЧИЛИШТА ВО ПЕРИОДОТ 2005/2006 – 2015/2016 СЕ НАМАЛУВАЛ ВО ПРОСЕК ЗА 2,9 % ГОДИШНО И ДЕНЕС ИЗНЕСУВА 78,91 % ВО ОДНОС НА БРОЈОТ ПРЕД 10 години.
Со други зборови – ПОПУЛАЦИЈАТА НА УЧЕНИЦИ СЕ НАМАЛИЛА ЗА 21,19%3, односно секое петто дете од училниците го нема.
Да го пресликаме истиот тренд на вкупното население на Македонија. Според Пописот на населението и домаќинствата од 2002 година,4 Македонија имала 2 022 547 жители. Доколку се примени истата аналогија, денес Македонија би требало да има само 1 596 062 жители (табела бр. 1).
Критичарите на овој концепт ќе речат дека не може да се аплицира истиот тренд од училиштата на вкупната популација бидејќи постои тренд на стареење на населението (што е точно); како и дека не може да се аплицира истиот тренд од училиштата на вкупната популација ако не се земат предвид наталитетот, емиграцијата, имиграцијата (што исто така е точно).
Од друга страна, оние кои ја поддржуваат тезата на авторот ќе речат дека дури и да не е во право денес – ќе биде во право за 20 години кога основците и средношколците ќе бидат дел од активната популација постара од 18 години; како и дека во ситуација кога не сме во ЕУ, емиграцијата се интензивира. А што ќе биде за 20 години кога веројатно ќе бидеме во ЕУ и нема да постојат речиси никакви пречки за работа во други земји? Последно, но не и најмалку важно – Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) перманентно објавува бројки за намалување на невработеноста, а притоа не се зголемува вработеноста. Дали можеби намалувањето на населението не е „факторот икс“ во оваа равенка?
За сите оние кои мислат дека исчезнување на државата е невозможно, веројатно е доволно да погледнат кои се ТОП 10 земји кои престанале да постојат во 20 век5; да се обидат да набројат повеќе од пет држави кои постојат во континуитет од 1 000 години; и да го погледнат интервјуто нa г-ѓа Латинка Перовиќ, историчар од Србија, која говори за „биолошко и историско пропаѓање“ и која вели дека „историјата е гробница на пропаднати народи“6.

Република Македонија или Република Скопје
Честопати бевме фрустрирани со ословувањето од страна на јужниот сосед како „Скопје“. Прашање е колку Македонија е само Скопје. Уште повеќе, што ќе се случува во иднината? Еве што покажуваат податоците (табела бр. 2).
Како што се гледа од табелата, сите региони имаат понизок, па дури и неколкупати понизок БДП пер капита од Скопскиот, а исто така и платите се пониски за повеќе од 20 процентни поени.
И податоците за културниот живот9 не се разликуваат многу од оние за економијата. По сите основи културниот живот е сконцентриран во Скопје каде што бројот на културни активности на 1 000 жители е два до трипати повисок во однос на просекот на Македонија. Исклучок (табела бр. 3) е само Пелагонискиот Регион по основ на посета на театар10 кој е дури и повисок од Скопскиот (195,2).
Природниот прираст е исклучително важен показател за севкупниот развој и за иднината на секоја држава. Како што се гледа од приложениот графикон објавен во публикацијата на Државниот завод за статистика, „Регионите во РМ 2016“, само Скопскиот Регион има позитивен природен прираст.
Сето ова лесно води кон едно сценарио (да го наречеме Иднина 2) според кое поради намалената популација Македонија ќе влезе во маѓепсан круг.
Односно, во период од 20 години населението во Македонија ќе се намали за најмалку 20 %; второ, учеството на Градот Скопје во вкупната популација пропорционално ќе се зголемува; трето, учеството на Градот Скопје во вкупната економска и културна активност ќе се зголемува и сигурно ќе премине 50 % веќе во оваа декада за се приближи до 67 % во период од 20 години; и конечно, населението во внатрешноста ќе се иселува, делумно во Скопје делумно во странство пред сѐ поради неможноста да се најде работа во местото на живеење.
Од друга страна, намалувањето на бројот на жители надвор од Скопје значи и намален интерес на бизнисите за присуство надвор од Скопје поради нискиот пазарен потенцијал, ниската куповна моќ, но и недостигот од работна сила.
На тој начин Македонија ќе влезе во магичен круг (Circulus Vitiosus).

Граф. бр. 1 - Иднина 1: Само Скопскиот Регион има позитивен природен прираст

Како да излеземе од маѓепсаниот круг
Се разбира, клучно е прашањето како да излеземе од маѓепсаниот круг. Сметам дека решението е во следниве три политики: прво, Македонија како мегалополис област со центар во Скопје и десет регионални центри, но со одлична сообраќајна инфраструктура;второ, соодветен регионален развој. Под ова подразбирам активна улога на државата преку регионализација и дисперзија. Потрошувачката се поттикнува секаде каде што се создава; и трето, дисперзија на јавната администрација во десетте регионални центри – пропорционално на бројот на население. Па така би имале (на пример): Министерство за финансии во Битола, Министерство за економија во Тетово, Министерство за заштита на човековата околина во Гостивар, Министерство за култура во Охрид итн.12

Македонија мегалополис13 – споредба со некои други метрополис области
Претходно видовме дека Скопје е единствен регион кој има одржлив развој. Ако ја гледаме цела Македонија како мегалополис, тогаш има шанси идејата за одржлив развој, креирање работни места, зачувување на животната средина и овозможување на сите граѓани да живеат во метропола. Македонија е мегалополис и Македонија треба да се гледа како мегалополис ако се спореди со следниве градови или области (табела бр. 4).
Како што може да се види, дефиницијата за метрополис област (Metropolitan Area) ги опфаќа централното градско средиште и повеќе урбани населби. Така, на пример, метрополис областа Париз опфаќа дури 1 798 општини. Метрополис областа Канзас сити опфаќа повеќе градови поголеми од 100 000 жители (Kansas City, KА, Overland Park MS) кои некогаш се наоѓаат во две и повеќе држави (Канзас и Мисури)…
Респективно, предлогот е Македонија да се третира како мегалополис – МЕТРОПОЛИТЕН ОБЛАСТ со десет урбани центри (по околу 100 000 жители) и 85 општини. Десетте урбани центри се градовите кои имаат потенцијал да станат регионални центри, односно21: Тетово, Гостивар, Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Штип, Кочани, Струмица, Куманово. Второ, метрополата (урбан центар) Скопје, да не преминува 40% од населението. Третиот сегмент се однесува на транспортот кој одговара на метропола (метрополитен транспорт). Тоа значи поврзување со брзи автопати и брзи возови меѓу Скопје и 10-те градови – регионални центри, како и на регионалите центри и на помалите населени места со магистрални патишта.

Сообраќајно поврзување во рамките на мегалополис област
Се наметнува прашањето зошто 10 градови? Одбрани се градовите што можат да станат регионални центри. Така, на пример, Тетово и Гостивар веќе функционираат како мегалополис. Охрид може да стане регионален центар за Струга, за Дебар, за Кичево и за Ресен, особено доколку се изгради патна инфрастуктура која би овозможила за 30 минути да се стигне од наведените места до Охрид (ќе треба да се заврши Коридорот 8 кој исто така има меѓудржавен карактер). Во однос на Битола, на Прилеп и на Велес, тие би биле регионални центри за селата во околина. Потребно е да се интензивира изградбата на автопат Велес – Прилеп. Штип како регионален центар би ги опфатил и Св. Николе и Радовиш, додека Кочани би бил регионален центар до границата со Бугарија (Берово, Делчево). Потребна е инвестиција во патната инфраструктура, а патот е исто така меѓудржавен. Струмица би ги опфатила сите населени места во околината до Радовиш. Потребно би било комплетно реновирање и изградба на автопат Штип – Струмица – бугарска граница (меѓународен пат). Куманово би ги опфатил Крива Паланка и Кратово при што исто така е потребна инвестиција во патната инфраструктура, а патот е и меѓудржавен.
На овој начин сметам дека ќе се овозможи подобрување на комуникацијата меѓу Скопје и регионалните центри, како и подобрување на комуникацијата регионален центар – околни места.
Десетте регионални центри би биле поврзани со Скопје, но исто така во голема мерка и меѓу себе (All wheel communication channel22), (графикон. бр. 2).
Во неколку наврати беше потенцирано дека за дел од делниците станува збор за меѓународен пат. Идејата е дека за „меѓународен пат“ може да се добие финансирање од меѓународни донатори.
Се разбира, клучно е прашањето дали е возможно финансирање на патната инфраструктура? Одговорот е: Да!
Со ваква проекција МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА ОДИ НА БУЏЕТСКА ПОЛИТИКА НА НУЛТИ ДЕФИЦИТ НА ТЕКОВНИОТ БИЛАНС, А СЕГАШНОТО НИВО НА БУЏЕТСКИ ДЕФИЦИТ ОД ОКОЛУ 300 милиони евра годишно ДА СЕ ТРОШИ САМО ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ИНФРАСТРУКТУРАТА!

Ваков мега проект би се завршил за период од неполни 8 години. Доколку се успее дел да се даде под концесија – износот може да биде и помал.
Во 2025 година би можеле да стасаме од Скопје до Охрид за 1,5 час, од Битола до Охрид преку автопат, од Скопје до Крива Паланка за 1 час, а од Скопје до Струмица за 1 час и 15 минути (табела бр. 5).
Во наредното продолжение ќе се осврнам поопширно на економските ефекти на дисперзијата на јавната администрација врз развојот на одделните региони, како и на можноста за развој на средната класа.

(Продолжува во наредниот број)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top