Е-Б-Ф-Б
ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА ВО ПАРИЗ, ВО ПРЕСРЕТ НА РЕГИОНАЛЕН САМИТ

Лидија Георгиева
Авторката е дизајнер, вонреден професор

 


По самитот во Берлин во 2014 и во Виена во 2015 година, летово во Париз ќе се одржи трет самит за земјите од западен Балкан. Досега се одобрени или се во тек значајни проекти за приоритетни инвестиции, односно 5 милијарди евра од 2014 до 2018 година, во областа на транспортот, енергијата, управувањето со вода и отпадоци, развој на туризмот и инафрастуктури во образованието и во здравството.

Активностите за овој настан се интензивираат, а за нас како земја од особена важност беше настанот кој се одржа неодамна во Париз, во просториите на „Бизнис Франс“. Со цел да се сензибилизираат француските инвеститори, Македонија беше презентирана како мала, но динамична економија, бисер на Балканот кој допрва треба да се открие.
Со носечки сектори како текстилната и автомобилската индустрија и 14 слободни економски зони, беше истакнато дека според рангирањето на Светската банка за 2016 година се наоѓаме на 12 место за бизнис (doing business). Имав можност да разговарам со главните актери на оваа презентација.


Жан-Мари Деманж, министер, советник за економски и финансиски прашања, како и шеф на Економската регионална служба Дунав-Балкан

ПРЕТПРИЕМАЧКАТА АКТИВНОСТ Е РЕШАВАЧКА ВО НАМАЛУВАЊЕТОНА ТРГОВСКИОТ ДЕФИЦИТ И КРЕИРАЊЕТО НОВИ РАБОТНИ МЕСТА 

Каква е Вашата оценка за бизнис амбиентот во регионот што го покривате во однос на атрактивноста за странски инвестиции?
Што се однесува до атрактивноста, во текот на изминативе години македонската влада започна доста активна политика за да ги привлече странските инвестиции. Со подобрување на бизнис климата, креирање слободни зони, овозможување даночно ослободување на 10 години, како и субвенции за конструкција на инфраструктури, оваа политика резултираше со позитивни резултати. Нето-приливите од директните странски инвестиции постојано растат од 2012 година наваму, поминувајќи од 1,5% од бруто домашниот производ на 3,1% од бруто домашниот производ во 2015 година. Констатираме влез на големите интернационални групации - американската „Џонсон Мети“ (Johnson Matthey), германската „Дрекслмајер“ (Draexlmaier) и белгиската „Ван Хул“ (Van Hool) за автомобили и за автобуси, како и руската фармацевтска група „Протек груп“ (Protek Group). Извештајот на „Дуинг бизнис 2016“ (Doing Business 2016) на Светската банка ја рангираше Македонија на 12 место меѓу 189 земји, истакнувајќи ги бројните мерки кои беа преземени со цел да се стимулира претприемачката активност, која е фундаментална и решавачка во намалувањето на трговскиот дефицит на земјата и креирањето нови работни места.Светската банка смета дека земјата е особено ефикасна што се однесува до основање компании и плаќање такси и даноци. Покрај привлечната фискална политика, вреди да се спомене и креирањето на зони за технолошки и за индустриски развој (слободни економски зони).

Според досегашното иксуство, кои се Вашите заклучоци за силните страни и слабостите на Македонија?
И покрај развиената политика на атрактивност која ги цели интернационалните инвеститори, треба да се направи голем чекор напред за да може Македонија да влезе на европскиот пазар. Потребно е да се зацврсти правната држава, да се подобри судството, за да се овозможи поголема правна сигурност на економските оператори и да се зголеми довербата на инвеститорите. Од друга страна, треба да се преземат и мерки за следниве области:
1 Реформа на образовниот сектор - во основното и во гимназиско образование, но и на универзитетскиот сектор, главната цел е да се задоволат потребите на приватниот сектор и на странските инвеститори;
2 Подобрување на мрежата на транспорт -Овие мерки се однесуваат на патната мрежа (Коридор 8 Албанија-Македонија и Коридор 10 Австрија –Турција), како и на железничката мрежа која треба да ги отвори границите на земјата и да ја подобри нејзината атрактивност;
3 Зацврстување и обезбедување на енергетскиот сектор преку создавање интерконекции со Србија и со Албанија - обновување и модернизација на мрежата на електричен транспорт, зацврстување на гасоводот и развој на обновливи енергии.

Нејзината екселенција, амбасадорката на Франција Лоренс Оер

ПОДГОТВЕНИ СМЕ ДА ПРИДОНЕСУВАМЕ ВО ПОМОШТА ЗА СЕКОЈ ПРОЕКТ

По самитот во Берлин во 2014 година и во Виена во 2015 година, Франција ја презема организацијата на третата конференција на државите на западен Балкан, кои ќе ги примиме во Париз ова лето. Тоа ќе подразбира, меѓу другото, и значајно поглавје за економијата и за копаниите. Токму поради тоа беше важно да се започне со мобилизација на француските компании заедно со „Бизнис Франс“ (Business France). На 19 февруари, на состанокот во Париз се појавија повеќе од педесетина фирми од сите сектори на активност, со силно присуство на новите технологии, инфраструктурата, околината, но не само тоа. Идејата е да се направи серија од ателјеа заедно со другите земји од регионот, а потоа наесен да се организираат возвратни посети во Македонија. Самитот во Париз ќе ги насочи рефлекторите врз регионот и неговиот економски потенцијал.
Во амбасадата сметаме дека две фирми неделно го посетуваат Скопје или поради тоа што се во развојна фаза на некој проект или затоа што се во конкуренција за тендер. Но, тие не секогаш ги познаваат правната и административната состојба, која им овозможува да ги најдат потребните информации и гаранции потребни за нивните договори и влез.
 

Пјер Лињо, директор на „Бизнис Франс“ за Балкан

МАКЕДОНИЈА Е ЕДЕН ВИД МАЛ СКАПОЦЕН КАМЕН КОЈ ДОПРВА ТРЕБА ДА СЕ ОТКРИЕ И ДА СЕ ИСПОЛИРА

Кои се главните активности на „Бизнис Франс“?
„Бизнис Франс Балкан“ е балканска филијала на „Бизнис Франс“ која е француска владина агенција. Има три цели - да им помогне на француските извозници да извезуваат во странство, да им помогне на странските инвеститори да инвестираат во Франција и третата мисија е да комуницира за економскиот имиџ на Франција во странство.
БФБ е екипа од дванаесет луѓе, базирана во Атина и во Софија, односно имаме две канцеларии во регионот на Балканот. Следиме вкупно осум земји – Хрватска, Србија, Бугарија, Албанија, Македонија, Црна Гора, Грција и Кипар. Организирани сме во приближно четири сектори, односно агропрехрана, индустрија, сѐ што опфаќа животен стил и здравје, како и новите технологии, информациите и комуникацијата. Секој сектор ја покрива целата зона, се трудиме да ги информираме француските компании за активностите во секој сектор на оваа зона и потоа да им предложиме да дојдат, да се сретнат со идните клиенти или комерцијални партнери, увозници, дистрибутери.

Дали има план за отворање слична канцеларија во Македонија и како сте организирани во активностите за земјава од Софиската канцеларија?
Ние ја покриваме Македонија од Софија и од Атина, преку секторска организација, сега засега немаме план за отворање канцеларија во Скопје, но работиме на лице место со посредник, тоа е консултантот Оливие Далонжвил од фирмата „Балкан бизнис консалтинг“. Ако, на пример, треба да организираме мисија на проспект за француска компанија, ќе му се обратиме нему, да ги идентификува соодветните контакти, да ги закаже потребните состаноци и да ги придружува француските фирми на состаноците.

Кое е Вашето мислење за можностите за бизнис во регионов?
Македонија е мал пазар, јас ја нарекувам бисер на Балканот, како еден вид мал скапоцен камен кој допрва треба да се открие, да се исполира. Тоа е мала, но динамична економија, со стабилна економска база, владата вложува напори странскиот инвеститор да биде добро третиран, значи доста предности. Сепак ова е мал и непознат пазар, доста треба да се работи, а „Бизнис Франс“ тоа го работи преку презентации каква што беше оваа денес, но тоа е исто и улога и работа на Владата на Македонија, да работи на маркетингот на земјата. Потоа ако зборуваме за можностите, тука се агропрехранбената индустрија, туризмот, подизведувањето во автомобилската и во текстилната индустрија, потоа има големи проекти во секторот на третман на водата, а за нашите компании секако се интересни и енергијата, инфраструктурата на патиштата и железницата.


Игор Николов, комерцијален советник, претставник на париската канцеларија на „Инвест ин Маседониа“ (Invest in Macedonia)

МНОГУ Е ВАЖНО ДА НАПРАВИМЕ СТРАТЕГИЈА ЗА РАЗВОЈ

Како е покриена Франција од страна на „Инвест ин Маседониа“ (Invest in Macedonia)? Колку канцеларии има и колку промотори?
„Инвест ин Маседониа“ (Invest in Macedonia) во Франција има еден промотор и канцеларија, сместена во просториите на Амбасадата на Република Македонија во Париз. Ако споредиме со Германија каде што имаме 5 промотори, во Америка 5, а Франција е земја со 66 милиони жители, се работи за мала покриеност. Нашата задача тука е малку различна бидејќи, пред сѐ, работиме на сензибилизација, односно го промовираме името затоа што не нѐ знаат. Не сме во ситуација како во Турција, во Германија или во Грција каде што добро ја знаат Македонија. За жал, овде не е така и привлекувањето на инвестиции е во втора фаза. Настојуваме да направиме што е можно повеќе настани кои се одржуваат во амбасадата. Како еден од најрепрезентативните објекти на македонската дипломатија, таа е многу добро позиционирана и ни служи како база за промоции. Има многу убава сала со резба во длабок рез од Охрид, специјално изработен. Организиравме група бизнисмени со македонско потекло, еден вид бизнис клуб кој се собира на состаноци. Идејата беше да организираме тематски средби за да ги привлечеме инвеститорите, на пример за текстил, за автомобили итн. Минатата година организиравме и два форума на кои беа присутни стотина француски компании. Денес заедно со „Бизнис Франс“ правиме напор да ја зголемиме свесноста за РМ. „Бизнис Франс“ е важна институција за француските компании, тие со самото регистрирање автоматски влегуваат во таа структура. Минатиот декември сличен настан направивме со МЕДЕФ, тоа е Асоцијација на француски мултинационални компании, тоа се практично џинови како „Пежо“, „Ситроен“, „Алстом“, „Декатлон“.

Какви се резултатите од досегашните активности?
Сѐ уште сме во фаза на сензибилизација и не можеме да се пофалиме со големи успеси, но постои зголемен интерес на француски компании кои особено последнава година, по форумите, доаѓаат во Македонија во посета на локалните компании. Еве на пример денес имаме состаноци, секој од нас од Македонија има по 6 компании со кои ќе се сретнеме попладнево. Минатата година беа луѓе од филмската индустрија, се снимаше филм во околината на Скопје, во моментов има уште една заинтересирана филмска компанија. Заинтересирани се и компании од текстилната индустрија бидејќи имаме квалитетно производство. На пример, идејата на „Декатлон“ е во Македонија да се произведуваат спортски производи. За нив тоа е проект во фаза на изработка, но тие се присутни во регионов и имаат зголемен интерес за нас.

Што ги интересира најмногу француските инвеститори во Македонија?
Досега во Франција немало реклами за Македонија, во споредба со кампањите што ги имаме во Америка. Имаме една маркетинг агенција која ни помага, заедно со Агенцијата за туризам. Тие соработуваат и го развиваат туризмот, минатата година носеа новинари, па беа напишани повеќе написи во францускиот печат. За да инвестираат кај нас, претприемачите треба да нѐ знаат, во спротивно не може да има инвестиција.
Во моментов има три компании кои ја разгледуваат можноста за инсталирање во земјава, многу е важно да направиме стратегија за развој, особено за Франција бидејќи францускиот и англосаксонскиот начин на функционирање се сосема различни. Културната и јазичната бариера постојат особено поради отоманскиот начин на кој ние сме навикнати, тоа е главниот проблем кој го споменавме на форумот. Тие бариери се надминуваат, но мора да постои стратегија. На пример, сите нѐ прашуваат дали има француско училиште за нивните деца поради тоа што кога ќе дојдат нивните менаџери, ќе сакаат да ги запишат. Поради тоа ним им е полесно во Белград или во Софија каде што има признаена гимназија од Министерството за образование. Србија и Бугарија ни се голема конкуренција, тие имаат традиционално добри врски со Франција. Французите сметаат дека се културно и ментално поблиски со нив и тоа е бариера која треба да се надмине.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top