Е-Б-Ф-Б
ПОДОБРА РАМНОТЕЖА

Александар Стојков
Авторот е Вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје

НЕВРАБОТЕНОСТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Е СÈ УШТЕ НА МНОГУ ВИСОКО НИВО, НО СЕ СЛУЧУВААТ ДРАМАТИЧНИ ПРОМЕНИ НА ПОДОБРО. МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА СЕ ОТТРГНУВА ОД ЛОШАТА РАМНОТЕЖА И ПОКРАЈ МНОГУТЕ ОПСТРУКЦИИ НА ДОМАШЕН И НА МЕЃУНАРОДЕН ПЛАН. ТРЕНДОТ НА НАМАЛУВАЊЕ Е ОДРЖЛИВ И ВЕТУВА ПОДОБРИ ДЕНОВИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ. ЦИНИЦИТЕ БИ РЕКЛЕ: БАРЕМ ЗА ОНИЕ КОИ ЌЕ ОСТАНАТ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

МАКЛУ ИСТОРИЈА
За момент да заборавиме на методолошките разлики во пресметувањето на официјалната стапка на невработеност во социјалистичкиот период и периодот на транзицијата. Да ја погледнеме динамиката на стапката на невработеност во Република Македонија во периодот од 1952 до третиот квартал од 2015 година.
Графиконот бр. 1. прикажува долгорочен пораст на стапката на невработеност до 1997 година. Од 1952 година до 1997 година повеќе луѓе губат работа отколку што наоѓаат. Се разбира, ако се погледне статистиката на вработени и на невработени, сосема е јасно дека ваквиот приод за Република Македонија е несоодветен. Имено, за сите кои барем малку го анализирале пазарот на работна сила во Република Македонија е очигледно дека тој не е стабилизиран. Во Република Македонија има истовремено зголемување на бројот на вработените и на бројот на невработените.
Во социјалистичкиот период оваа појава се должи на две идеолошки компоненти, кои си го пронашле патот во официјалната статистика. Од идеолошки причини се форсирала тезата дека невработеноста во социјализмот е неможна. Појавата на невработени лица, од друга страна, била објаснувана со фрикциски проблеми на социјалистичкото стопанство. Токму затоа и првите невработени се регистрирани во 1952 година. Потоа идеологијата полека попушта пред реалноста и се прифаќа заклучокот дека ако не се признае невработеноста како факт, тогаш не ќе може ниту да се најде модел на развој кој ќе го ублажи овој проблем.
Постојаниот пораст на бројот на вработени и на невработени се должи повторно на идеолошкиот став, кој не го смета земјоделското население ниту за вработено ниту за невработено. Оттука претежно земјоделска земја како Социјалистичка Република Македонија имала значително население на село, кое не е регистрирано ниту како вработено ниту како невработено. Миграцијата од село во град наеднаш го открива тој резервоар кој ги полни двете групи: вработени или невработени. Оваа појава е значаен фактор за објаснување на динамиката на пазарот на труд сѐ до осумдесеттите години на XX век кога земјоделското население надминува 10% и миграциските движења почнуваат да ослабуваат.
Кон средината на осумдесеттите години на минатиот век почнува нов бран кој повторно покажува дека Македонија го нема стабилизирано пазарот на работна сила. Тој е поврзан со постојаниот пораст на стапката на партиципација кој, пред сѐ, се должи на фактот што доаѓаат нови генерации со повисок степен на образование (првенствено женска популација).
Во периодот 1985-2009 година се јавува пораст како на бројот на вработени, така и на бројот на невработени, со тоа што порастот на бројот на невработени е првенствено резултат на неправедната и лошо спроведената приватизација во 90-тите години на минатиот век. Преку визуелна инспекција на Графиконот бр. 1. може да се издвојат приближно девет до десет бранови или т.н. структурни премини. Секој бран почнува со пораст на невработеноста, нејзин врв, опаѓање и достигнување минимум. Неспорен факт е дека официјалната статистика за толку долг период, во кој се менувале политичкиот и економскиот систем, но и статистичките дефиниции, понекогаш и од идеолошки причини, има ограничена моќ да ги преслика вистинските движења во стопанството. Сепак, тие се единствената врска со движењата во стопанството и со промените кои тоа ги доживува.


Уважувајќи ги методолошките разлики, интересно е дека сегашната стапка на невработеност последен пат е регистрирана во 1993 година.

ЛОША И ДОБРА РАМНОТЕЖА
За разлика од развиените пазарни стопанства, концептот на природна стапка на невработеност е едноставно неприменлив за некои транзициски економии како Република Македонија. Тие се соочуваа со многу високи и опстојувачки стапки на невработеност, кои во никој случај не би можеле да се наречат „природни“. Решението на оваа замка се бараше во напуштање на концептот на единствена рамнотежа (или природна стапка на невработеност) и развивање модели за постоење повеќе рамнотежи на пазарот на работна сила, кои се конзистентни со концептот на хистерезис на невработеноста. Така, на пример, се создаде идејата за постоење „добра“ и „лоша“ рамнотежа на пазарот на работна сила со забелешка дека поради многуте структурни шокови и пазарни несовршености транзициската економија може да „заглави“ во рамнотежа со висока стапка на невработеност. Во овој случај тоа би значело дека стапката на невработеност во подолг период ќе осцилира околу некоја одржлива, но висока стапка на невработеност, сѐ додека некој силен шок не ја оттурне економијата кон нова рамнотежа. Емпириските студии откриваат дека повеќе транзициски економии искусиле преместување од една во друга рамнотежа на пазарот на работна сила, а по промената остануваат „заглавени“ подолг период во новата рамнотежа.

Интересно е дека во независната економска историја на Република Македонија во однос на невработеноста се забележани неколку сериозни обиди да се излезе од лошата рамнотежа. Станува збор за намалување на стапката на невработеност во периодите од 1998 до 2001 година и од 2004 година до денес. На што се должи тоа? Академската литература разграничува неколку канали или механизми преку кои општеството се справува со проблемот на невработеноста: (1) миграција на работната сила; (2) приспособување на платите и (3) економски растеж и активни владини политики.

КАНАЛ БР. 1.: МИГРАЦИЈА НА ТРУДОТ ИЛИ ИСЕЛУВАЊЕ
Низ електронските и социјалните медиуми редовно провејува тезата дека Република Македонија има многу помалку граѓани, отколку што тоа го проценува официјалната статистика. За момент да заборавиме на хипокризијата, која обично ја демонстрираат токму оние кои остро се спротивставуваат на гласачкото право на македонската дијаспора. Секое трајно заминување на македонските граѓани е трагична загуба за Република Македонија, која само делумно може да се компензира преку негување на контактите и почитување на иселениците. Континуираното иселување е реалност со која, за жал, се соочуваат и многу други земји од Југоисточна Европа. Но, тоа не смее да биде нашата утеха. Дополнително нервира фактот дека иселувањето се злоупотребува за дневнополитички цели и тоа се „продава“ како македонски рецепт за намалување на невработеноста. Грубо кажано, идејата е дека Република Македонија ја намалува стапката на невработеноста преку бесплатен извоз на дотогаш невработените лица. Се разбира, невозвратената љубов не е причина за емиграцијата. Стандардните модели на гравитација разликуваат повеќе фактори кои ја движат работната сила: фактори кои ги отсликуваат економските услови во земјата-дестинација и земјата од која се заминува, заеднички или сличен јазик, бројност (фонд) на иселеници во конкретна држава, далечината и ред други политички фактори. Вистината е дека ова е само еден од механизмите преку кои се справуваме со невработеноста како гигантски проблем.

КАНАЛ БР. 2.: ПРИСПОСОБУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ
Во потрага по странски инвестиции, редовно се споменува дека Република Македонија нуди евтина работна сила. Платите се на релативно ниско ниво не само во европски туку и во светски рамки. Според проценките на Евростат, платите во Македонија и во Албанија се најниските во регионот на Источна Европа. Со други зборови, македонските граѓани немаат голем избор и прифаќаат пониски плати, што е еден од факторите на нашата атрактивна понуда како инвестициска дестинација.

КАНАЛ БР. 3.: ЕКОНОМСКИ РАСТЕЖ И АКТИВНИ ВЛАДИНИ ПОЛИТИКИ
Признале или не, постои и трет силен механизам преку кој се намалува невработеноста. Позитивните стапки на економски растеж и активните политики на пазарот на работна сила во изминатава деценија генерираа нови работни места и ја придвижија невработеноста подалеку од лошата рамнотежа (Графикон бр. 2.).

Се оддалечуваме од лошата рамнотежа, но каде се движиме? Грегори Менкју ја дефинира природната стапка на невработеност како просечна стапка на невработеност околу која економијата флуктуира на долг рок и на која влијаат сите пазарни недостатоци кои ги спречуваат оние кои активно бараат работа неа да ја најдат. Ако се обидеме да ги примениме дефинициите на природната стапка на невработеност, кои се валидни за развиените економии, на случајот на Република Македонија, резултатите кои ги добиваме, во најмала рака, се апсурдни. Зарем е природно да се има стапка на невработеност од 25%? Здравиот разум налага да ја нарекуваме одржлива, а не природна стапка на невработеност. Според тоа се движиме кон нова, подобра рамнотежа.
Важна улога во намалувањето на невработеноста има економскиот растеж, која ја определува просечната брзина на конвергенција на актуелната кон непознатата „природна“ или „одржлива“ стапка на невработеност. Симплифицираното истражување го спроведувам на примерок од девет европски транзициски економии (Албанија, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Македонија, Полска, Романија, Србија и Турција) во периодот од 1995 до 2015 година. Едноставниот макроекономски модел за динамиката на актуелната стапка на невработеност во транзициските економии содржи две објаснувачки варијабли: (1) стапката на невработеност во претходниот период и (2) стапката на реален пораст на БДП.
Емпириските резултати укажуваат дека стапката на невработеност е под многу силно влијание на минатите движења. Ова оди во прилог на хипотезата за хистерезис на невработеноста, имајќи предвид дека минатогодишната стапка на невработеност силно влијае и значително ја зголемува веројатноста од остварување на слична стапка и во тековната година. Реалниот пораст на БДП, исто така, е важна детерминанта на актуелната стапка на невработеност. Во просек била потребна реална стапка на растеж на БДП од 8,6% за да се намали стапката на невработеност за 1 процентен поен при ceteris paribus (Табела бр. 1.). Наведениот резултат укажува дека е потребен многу силен пораст на бруто домашниот производ за да се намали актуелната стапка на невработеност во земјите во транзиција. Растот на БДП е сѐ уште доминиран од промени во вкупната факторска продуктивност, а компонентата од агрегатната побарувачка која е поврзана со вработеноста е сѐ уште ниска за да може значително да ја намали стапката на невработеност.


ЗАКЛУЧОЦИ
Современите теоретски модели претпоставуваат повеќе можни рамнотежи на пазарот на работна сила при што се воведува дистинкција меѓу „добра рамнотежа“ (пандан на природната стапка на невработеност) и „лоша рамнотежа“ која се карактеризира со извонредно висока и опстојувачка стапка на невработеност. Повеќето транзициски економии имаат искусено преместување од едната во другата рамнотежа на пазарот на работна сила благодарение на некој силен шок, но по промената остануваат повторно „заглавени“ во новата рамнотежа. Тоа е и една од причините за откриената бавна конвергенција на актуелната стапка на невработеност кон онаа која би преовладувала кога економијата би била на патеката на долгорочната тенденција на фактичкиот БДП.

Потребен е силен реален пораст на БДП за да продолжи намалувањето на актуелната стапка на невработеност во наведените транзициски економии. Во просек, во европските земји во транзиција е потребна реална стапка на растеж на БДП од 8,6% за да се намали стапката на невработеност за 1 процентен поен во изминативе две децении. Преку комбинација на континуиран економски растеж, активни владини политики, ниски плати и, за жал, привремена или трајна емиграција, Македонија се оддалечува од лошата рамнотежа. Доаѓаат подобри денови за оние кои сакаат да живеат на оваа грутка земја. А критичари имало и ќе има. На крајот на денот сѐ ќе стивне, а кучињата ќе лаат по друга кочија бидејќи друго не се ни способни да смислат или да направат.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top